АМБИЦИЈА

Од поетската збирка „Отпадник“ – трет дел, „ Трагање по вистината “, едиција „Алфа“, Книжевна младина на Македонија (КММ), Скопје 1990)

Бариери, бариери, бариери!

Каде и да тргнам,

на која страна да се свртам,

што и да започнам.

Co напор ги рушам

прашини се дигаат се гушам.

Некој рамнодушен

во сопствена игра внесен,

некој шегобиец

во смеа се тресе.

Лицемери ме жалат

бедни подлеци

без милост ме палат,

силен метеж се створил

тешко ќе се снајдам

потешко патот

во мешаница ќе го најдам.

Скитник сум станал

во светот сум се стегнал

пат барам или живот

или себе си

некаде да се најдам

по хоризонти трагам.

Исто сонце, исто небо,

реки, мостови, шуми

и патишта многу,

мојот го нема.

Да одберам еден

и да го следам ми велат

пред мене чист да бидам

пред светот вреден

сепак од далечини мамен

останувам скитник

вечно осамен.