ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“ ВО СЕЛОТО КРСТЕЦ, ПРИЛЕПСКО – КАКО СПОМЕНИК НА БУРНИТЕ ВРЕМИЊА И ПРКОСОТ НА ДЕСТРУКТИВНИТЕ НАСТАНИ

АРХИТЕКТОНСКАТА СКЛАДНОСТ И КУЛТУРНАТА ПОВЕЌЕСЛОЈНОСТ НА ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“ ВО СЕЛОТО КРСТЕЦ, ПРИЛЕПСКО

 

На околу 13 км североисточно од Прилеп, вгнездено во една заветна долина меѓу ограноците на планината Бабуна, со врвот Козјак (1776 мнв) од југоисток, делот од планината наречен Роман со врвот Орлов Камен од север, како и врвот Ќаве (1203 мнв) од северозапад, се наоѓа селото Крстец. Денес тоа е, речиси, иселено, но неколкумина од поранешните негови жители постојано навраќаат во него стопанисувајќи со помали земјоделски површини, пчели или слична дејност. Не се ретки ниту посетителите и викендашите, кои одмараат во неколкуте објекти изградени последниве години. Нам, вниманието ни го привлече црквата „Св. Никола“, која се наоѓа на долниот дел од селото, на левиот брег од реката, во близина на убавата и богата со вода селска чешма. Таа до денес се оддржала со привлечна архитектонска градба, благодарение на грижата на извесна група поранешни жители, како и на поголем број други добронамерници, кои се грижат за оддржување на овој христијански храм.

Црквата со тренот 2
Црквата со тренот 2

Може да се каже дека црквата „Св. Никола“ во Крстец особено го привлекува вниманието со својата складна архитектура, како на самата црковна градба, така и на камбанаријата и оградниот ѕид, кои се целосно од домороден камен со светлокафеникава боја, кој зрачи со особена естетика и топлина. Тоа не наведува на помисла дека иницијаторите и градителите имале особено чувство за материјалот од кој ги изградиле градбите, а покажале и мајстроство во нивната изградба. Веројатно е дека црквата преживеала голем број трауматични времиња, времиња со многу насилност, трагичност и погубност, какви што се немирните настани од турскиот период, кои кулминирале со Илинденското востание од 1903 година, потоа Балканските и Првата светска војна, како и Втората светска војна, односно Народно-ослободителната војна. На повеќе места на градбата на црквата, на градбата на камбанаријата или на живописот стојат натписи со датуми кои не потсетуваат на овие бурни времиња. Бурни, но и трагични. Жителите на селото Крстец раскажуваат за нив. Во далечната 1996 година, лично ми раскажуваше, денес покојната, Васка Кочоска за времето и траумите од првата Балканска војна. Во меморијата на ова село се содржат главните моменти од овие настани.

Црквата со тренот
Црквата со тренот

Токму во такви бурни времиња се градела, доградувала или украсувала црквата Св. Никола во Крстец. Жителите на селото Крстец како да им пркоселе деструктивните настани, кои не го поштедиле и ова село. Многу од нив овде посебно дошле до израз. Сепак, токму во вакви моменти се граделе делови од црквата, се доградувала и украсувала.  Градбата била подигната во 1881 година, а се зборува дека на тоа место имало црква и со постар датум. На неколку икони може да се забележи натпис за приложување во 1883 година.

Црквата со тремот - поглед од камбанаријата 2
Црквата со тремот – поглед од камбанаријата 2

Турскиот период е застапен на два натписи. Едниот е на влезот во тремот на црквата, и тоа, од 1904 година, а тоа значи дека од тогаш потекнува неговата изградба. Другиот е над влезот во камбанаријата, на десната страна однадвор и на него стои натпис со 1905 година. Потоа следи натпис од времето на Втората балканска војна на една мермерна плоча во тремот на црквата на кој стои 1913 година. Значи повторно во бурна година се обновувал некој дел од црквата, веројатно нејзиниот трем. Од такво бурно време потекнува и еден од поголемите зафати во црквата. Најголемиот дел од живописот потекнува од 1943 година, односно од времето кога беснеела Втората светска војна и Народно-ослободителната борба во Македонија. Тоа го дознаваме од натписот во внатрешниот простор на црквата, над вратата на западниот ѕид. На него стои датумот 29.03.1943 година кога браќата Доневи од селото Гари работеле на живописот на црквата. Зографите Доневи од селото Гари се потомци на познато зографско семејство од 19 век. Тие се потомци на Андреј Петров Ангелков, кој е родоначалник на оваа зографска тајфа од селото Гари. Негови синови се Димитар, Георги и Нестор Доневи, со кои работи на многу места низ Македнија и пошироко на Балканот. Нивните имиња ги среќаваме во црквата „Св. Спас“ во селото Кален, Прилепско, во црквата „Св. Троица“, во селото Ропотово, општина Долнени и на други места. Веројатно е дека зографите на црквата „Св. Никола“ во селото Крстец се нивни потомци. Од литературата се познати Андон (Доне) Георгиев Донев и неговиот братучед Илија Димитров Донев, кои како живописци ги среќаваме во 1938 година каде го изработуваат живописот во црквата „Св, Димитрија“ во селото Атишта и во други села од Кичевско. Веруваме дека токму тие се и мајсторите од црквата во селото Крстец. Фактот што на натписот од црквата „Св. Никола“ во ова село се споменуваат „браќата Г. Доневи од село Гари Дебарско“ не доближува до ооваа констатација, односно, можно е братучедите да се потпишале како браќа. Од друга страна, нивното средно име обележано со „Г.“ упатува на тоа дека се работи за синови на Георги Донев, за кои немаме соодветни информации.

Црквата од западната страна
Црквата од западната страна

Во црквата се среќаваме со фрескосликарство со различни датуми. Ако се погледаат иконите од иконостасот, од потписите за подарување се гледа дека тие биле поставени приближно со датумот на изградбата на црквата, односно, 1883 година. На повеќе икони, во долниот дел има натписи со имиња на жители од селото од тоа време, односно од 1883 година. Веројатно е дека од тоа време се живописани и ѕидовите, но во 1943 година живописот бил целосно обновен од страна на погореспоменатите зографи од селото Гари. Ако се обидеме да направиме споредба помеѓу мајсторите од Крстец и нивните постари предци од селата Кален и Ропотово, забележливи се содржински и естетски разлики. Додека фрескосликарството на нивните постари предци се одликува со богат колорит и изразени бои, живописот од црквата „Св. Никола“ во Крстец се одликува со послаб колорит, со слабо изразени бои и особено присуство на црната и белата боја и бледосиви површини на живописот. Може да се каже дека со ваквиот израз сликите од живописот потсетуваат на збирка од своевидни цртежи, иако со тоа не сакаме да кажеме дека овој живопис нема своја вредност. Естетиката која е застапена на овој живопис е со своја специфика и на свој начин успева да го привлече вниманието. Забележливо е дека авторот успеал да постигне извесна импресивност и свеченост на изгледот на композициите и ликовите. Некои од композициите се со нагласена содржајност и складност на елементите, па привлекуваат посебно внимание. Овде ќе ги споменеме „Судењето Христово од Пилат“, каде се забележува блага драматика и извесна психолошка димензија, „Вознесението Христово“, каде се забележува своевидна раздвиженост на ликовите и др.

Црквата со тремот - поглед од камбанаријата
Црквата со тремот – поглед од камбанаријата

Што се однесува до содржините застапени на овој живопис забалежливо е дека на западниот ѕид, за разлика од селата Кален и Ропотово, каде имаме богато наслиикани ѕиидови со сцени од „Второто доаѓање на Исус Христос“, овде се среќаваме со неколку композиции и ликови, меѓу кои и композициите „Раѓањето на Исус Христос“ и „Воскресението Христово“.

Натписот на влезот во тремот
Натписот на влезот во тремот

Кога станува збор за уметничкиот израз и квалитет, далеку се поквалитетни иконите од иконостасот, кои потекнуваат од 1883 година. Со особена ликовност се одликуваат иконите „Св. Архистратиг Михаил“ од вратничката на левата страна на иконостасот за влез во олтарниот простор, „Св. Никола“, „Св. Богородица со Исус Христос“, „Исус Христос Седржител“, „Св. Јован Крстител“, „Св, Пророк Илија“, како и ликовните содржини на портикот на иконостасот, на кој ги среќаваме ликовите на цар Соломон, цар Давид и Благовештението. На овие икони се соочуваме со вистински колорит, со хармонично распоредени бои, како и со комплексен психолошки израз на ликовите. За жал не ни е познат авторот на овие христијански ликовни дела.

Натписот од камбанаријата
Натписот од камбанаријата

Мораме посебн да нагласиме еден посебен момент од вкупниот живопис во црквата во Крстец. За нас тоа е патронската фреска на надворешната страна на западниот ѕид, веднаш над влезот. Овде се среќаваме со ликовно дело со нагласени естетски вредности. Тоа по малку не става во дилема, од кое време потекнува и кој е неговиот мајстор. Со ликовниот израз потсетува на делата од постарите мајстори. Дали црквата „Св. Никола“ има постари делови на кои се надградиле поновите? На споменатата фреска, портретот на св. Никола не пречекува со сериозен поглед во кој се забележува своевидна загриженост и нагаласен психолошки набој од кој зрачи длабоко изразена благост. Авторот навистина постигнал длабок психолошки ефект, кој нè потсетува каде се наоѓаме и во каков објект влегуваме. Всушност, овој лик нè воведува во божјиот храм и поттикнува божествено чувство. Сето ова не наведува да истакнеме дека фреската од западниот ѕид заслужува посебно внимание.

Натписот со зографите од Гари
Натписот со зографите од Гари
Селото Крстец
Селото Крстец