УРНА СО ПОГРЕБУВАЊЕ НА ОСТАНКИ ОД ЖЕНА ОД БРОНЗЕНИОТ ПЕРИОД НА ЛОКАЛИТЕТОТ, „СВЕТЕЦОТ“ ВО БЛИЗИНА НА ВАРОШ КАЈ ПРИЛЕП – ПРИМЕР ЗА ЖРТВУВАЊЕ ИЛИ СВЕШТЕНИЧКА НА ДРЕВНО СВЕТИЛИШТЕ ВО КАРПИ
ПОРАКИ ОД ДРЕВНА ЦИВИЛИЗАЦИЈА ВО ГРАНИТНИ КАРПИ ПОД МАНАСТИРОТ СВ. АРХАНГЕЛ МИХАИЛ
Кога би знаеле да ги читаме и толкуваме безбројните пораки од различен вид, оставени од нашите предци, веројатно, ќе имаме и појасен поглед кон нашата иднина. Нив ги има на секој чекор во македонскиот простор во кој се кријат безброј стари населби придружени со комплексни содржини на општествениот и културниот живот на луѓето од минатите времиња. Локалитетот, Маркови Кули, кај Прилеп е преполн со содржини со мистично зрачење, но и со јасни податоци за минато постоење на култура. Тие во себе кријат бројни мистерии за начинот на живеење, формите на општествените заедници, за религијата, митологијата и култовите на некогашните луѓе на овој простор, кој по силата на природата морале да ни го отстапат нам, на денешните потомци на општото човеково движење низ времето кое, се чини, е апсолутен господар на универзумот со својата моќ за минливост.

На еден комплекс од хоризонтални и вертикални карпи педесетина метри источно од манастирот Св. Архангел Михаил се среќаваат многубројни делкани и длабени форми по гранитните површини на карпите. Некои од нив претставуваат вистинска мистерија. Такви се, пред се, малите кружни длабнатинки со кои се правени специфични облици распоредени по хоризонталните површини меѓу две високи карпи. Под едната од нив која се наоѓа од северната страна на комплексот се среќаваат две форми направени со такви длабнатинки од кои едната претставува круг од девет кружни дупки и една во неговиот центар. Пречникот на кругот е околу 20-тина cm. Другата форма од слични длабнатинки е формирана на дното од еден елипсовидно издлабен сад во исто така, елипсовидна форма и повторно со една длабнатинка во центарот. И оваа форма е со мали димензии. Во околината на двете слики се наоѓаат и други кружни длабнатинки со слични или поголеми димензии. Додека некои од кружните длабнатини би можеле да се протолкуваат како остатоци од древно живеалиште или сличен објект, можеби од култна природа, наведените форми, круг и елипса, е многу потешко да се протолкуваат како основа за слична конструкција. Тие повеќе потсетуваат на некакви мистериозни пораки или знаци оставени од жителите на овој простор во некое древно време. Дали претставуваат некакви небесни симболи и знаци, кои им користеле за ориентација или култни процесии, тешко е да се каже. Во секој случај, тие биле само дел од покомплексните содржини што ги крие самиот комплекс од гранитни монолити, зашто тие, освен со археолошките истражувања се констатираат и со обично набљудување на гранитните површини. На нив денес има голем број помали и поголеми делкани форми како што се правоаголни корита кои служеле како гробови, разни помали форми кои служеле како основа за столбови и греди, разни ниши со поголеми и помали димензии и сл. Сето тоа покажува дека овој простор, заедно со карпите, бил дел од некогашна конструкција на градба во која биле вклопени и, самите, карпи.

НЕКРОПОЛА ОД БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ, УРНА СО ОСТАНКИ ОД ЖЕНА – СВЕШТЕНИЧКА, МАНАСТИР, „СВ. ДВАНАЕСЕТ АПОСТОЛИ“ ОД 11 ВЕК Н.Е. И УЧЕНИК НА СВ. КЛИМЕНТ
Тргнувајќи од фактот за големиот број содржини присутни на просторот на карпестиот комплекс, „Светецот“, за кој овде станува збор, речиси, со сигурност може да се констатира дека тој има милениумски континуитет на присуство на човекот, кој го користел овој простор за општествени, култно-религиски и културни цели. Бронзеното време, кое траело од 2600 до 1200 година п.н.е., археолошки е потврдено на повеќе места во Варош и Маркови Кули, како и во блискиот Заград. Ваквата потврда доаѓа од ископувањето на неколку места на просторот на Маркови Кули, Варош, и нивната блиска околина. За една некропола од бронзената ера, која била расположена во близина на карпите на ридот, Маркови Кули, на улицата, „Нил Армстронг“, пишува археологот Б. Китаноски.1 Биле истражени шест гробови од типот циста (градени со камени плочи) во кои покојниците биле положувани во згрчена положба, а според формата и внатрешните прилози се датирани во раната бронзена ера. Слични погребувања, според археолозите, се познати уште во неолитот (новото камено време) во Југоисточна Европа.2
Можеби најинтересен наод, кој е пронајден со истражувањата во овој простор е една урна со остатоци од покојник, всушност, покојничка, која се наоѓала длабоко меѓу карпите со длабените знаци, во една мала пештера во која се пронајдени и други наоди, од повеќе периоди, кои упатуваат на тоа дека, овој карпест простор, особено, заградениот со една висока карпа, издигната како, своевиден, менхир бил дел од градба за живеење или градба за други намени, а притоа биле користени вертикалните површинина исправените карпи, како и зарамнетите, хоризонтални површини во, природно, заградените простори. Урната претставува поинаков начин на погребување од оној во гробови од типот циста, со спалување на телото на мртвиот. Таа е земјен сад со погруба изработка и е рачно поставена во малата пештера, прицврстена со неколку камења. Според археологот Б. Китаноски, таа датира во периодот од средината до крајот на бронзеното време.3 Археологот, Драги Митревски, како и претходно споменатата некропола ја сместува во преодниот период, односно, периодот меѓу бронзеното и железното време.4

Самото пронаоѓање на урната со кремирани останки на покојник во малата пештера во комплексот од гранитни карпи има асоцијација на користењето на овој простор за култна намена. И самиот Китаноски, обидувајќи се да го објасни ова ретко погребување, објаснува дека слични погребувања на други места се објаснуваат како своевидно жртвување.5 Ние, овде, ќе го поставиме прашањето дали покојничката од споменатата урна не била своевидна жртва, односно, жителка на населба од овој простор, жртвувана според тогашните религиски верувања, односно, дали не била ритуална жртва, која била направена во чест на боговите? Уште посмело, ќе го поставиме и прашањето, дали ова покојничка не била извесна свештеничка на некои од тогашните божества, па затоа и била погребана во малата пештера под високата карпа – менхир, кој го обележувал праисториското светилиште. Оваа висока карпа, не само што го обележува карпестиот локалитет, „Светецот“, туку доминира со својата големина и форма во поширокиот простор и, веројатно била објект на извесно верување и обожување. Таквата нејзина улога и третман, се чини, продолжил и во следните векови. Потврда за тоа, денес, е големиот живопис на нејзината вертикална страна, која гледа кон исток, како и остатоците од христијанскиот живопис, кој се среќава во своевидни природни ниши на вертикалните површини на карпите од блиската околина. Сликата, која ја среќаваме на централната карпа – менхир е од христијанството и датира од XIV век на нашата ера потврдувајќи ја нејзината култна традиција на овој простор и во средниот век. Заедно со остатоците од живопис по карпите од непосредна близина, упатуваат на древно светилиште во комплекс од впечатливи форми на карпи. Првоспоменатата слика го претставува св. Ѓорѓи во големина од околу 1,5 х 1 m., но денес е значително избледена. Од западната страна на вертикалната карпа на која се наоѓа фрескоживопис на св. Ѓорѓи се наоѓа еден гроб издлабен во карпа со дополнителни длабени форми кои укажуваат на поголема конструкција која одела заедно со гробот.

Археологот Б. Бабиќ претпоставува дека тоа е гроб на некој ученик на Климент и Наум кој овде дошол во христијанска мисија и престојувал во градбата вклопена меѓу карпите.6 Неговите претпоставки продолжуваат со размислувањето дека токму на овој простор постоел извесен манастир, „Св. Дванаесет Апостоли“, кој се споменува на еден ерменски натпис пронајден на мермерна плоча во црквата Св. Димитрија на која има и постар натпис со потекло од антиката.4 Според Бабиќ, гробот на споменатата карпа потсетува на сличните гробови на Климент и Наум во нивните цркви во Охрид. Културните остатоци на просторот на гранитниот комплекс под манастирот Св. Архангел се во преголем број што покажува дека не треба да има сомневања околу неговата милениумска традиција на користење од страна на голем број генерации на човекот на овој дел на Балканот. Во прилог на ваквата констатација е и фактот што на поширокиот простор на Маркови Кули се среќаваат бројни остатоци на древната култура што укажуваат на долгата традиција на користење на целиот простор на ридот и неговата околина за населување и градење населби. Од двете страни на патот, кој води кон манастирот, „Св. Архангел Михаил“ и минува крај комплексот од гранитни карпи, за кој овде станува збор, се среќаваат, исто така, голем број древни остатоци, пред сè, оформени делови по карпите, своевидни остатоци од простории на стари градби, тераси, скалести форми, разни садови и сл. Посебно внимание привлекуваат големите резервоари длабени во кружна форма со потесни отвори, а со проширен внатрешен дел. Неколку такви има на една камена тераса североисточно од л. „Светецот“, со површина од стотина квадратни метри на чиј источен крај вниманието го привлекува една чудна форма од две слепени карпи, со антропоморфни карактеристики. Заедно личат на две прегрнати со бакнеж антропоморфни фигури, скаменети во вечна љубов.7 На горната страна на овие прегрнати “љубовници” има премин меѓу карпите, кој гледа кон уште една карпа со впечатлива форма и патетично име, Кукуделица.

Наодите на гробови од бронзеното време на просторот на денешниот Варош и Маркови Кули не завршува со веќе споменатите од гранитниот комплекс под манстирот Св. Архангел Михаил. На просторот на Варош со подготовките на терен за градба на станбени објекти се откриени и други гробови од бронзената ера. На улицата “Нил Армстронг” се пронајдени неколку гробови од преодниот период од бронзеното во железното време. Имајќи предвид дека ваквите наоди се повеќе случајни отколку резултат на систематско археолошко истражување, не може да се добие пореална слика за населувањето на овој простор во бронзената ера. Ваквите наоди само покажуваат дека под површината на земјината кора на поширокиот простор на Варош и Маркови Кули се кријат тешко предвидлив број остатоци од објекти и движни наоди од древното населување. Тоа значи дека Варош, па и Прилеп се лоцирани на прастари корени на култура, чиј континуитет се денес и самите. Од останатите слични наоди на просторот на Варош, археологот Б. Китаноски пишува за едно депо од керамички садови8 пронајдено при подготовката на терен за градба, a co потекло од бронзеното време. Всушност, остатоци од културата на бронзеното време се среќаваат на повеќе места на локалитетот, „Маркови Кули“, како и на неговите падини и на просторот на Заград и Варош, па се добива впечаток дека во тој период, на овој простор егзистирала значајна населба.

1 Благоја Китаноски, Еден прилог за бронзеното време на Пелагонија, Macedonia Acta Arheologica, Скопје 1987, 31.
2 Исто.
3 Исто.
4 Драги Митревски, Праисторијата на Македонија.
5 Благоја Китаноски, Еден прилог…,
6 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на Македонските словени …, ИСК, Прилеп 1986, 221.
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп 2000.
8 Благоја Китаноски, Праисториско керамичко депо во Варош, МАА, бр.6, 21.





