ВО МОЈАТА МАКЕДОНИЈА

(Од необјавената збирка „КУЧЕШКО ВРЕМЕ“ – осми дел: „Ние во вселената“)

Откако знам за себе

во оваа земја, Македонија,

туѓи сили

крилјата ми ги скратуваат,

чекорите ми ги забавуваат,

иднината ми ја замаглуваат,

животот ми го загорчуваат,

сонцето ми го забрануваат,

во сенка ме фрлаат

и ме омаловажуваат.

Ме прекоруваат,

ме учат и превоспитуваат,

од мајчинска љубов

ме одвикнуваат,

од прадедовска крв ме одделуваат,

ме мелат на ситно

и, додека молчам,

покорно совети слушам

и притеснет се гушам.

Фрлаат на мене клетви,

невин ме обвинуваат,

зашто ронка од себе чувам,

парче сино небо

во себе негувам,

на моите потомци

синевината на нашето небо

да им ја доловам.

Од светски злобници нападнато,

раскинато и окрвавено,

моќни сили,

здружени во мисла и на дело,

со векови и милениуми

злото за добрина го прикажуваат

и, како добротвори, ме накажуваат.

И пак сум тука,

во мојата Македонија,

која е со корен од митологија,

со стебло од историја,

од крв и слава,

мајка на светоста,

на раѓањето и хармонијата,

лулка на тагата човечка,

осведочена во библијата,

Голгота и достоинство е мојата Македонија.