МЕГАЛИТОТ „СТАМАТОВА СТЕНА“ И ЛОКАЛИТЕТОТ „ЃЕНЕВ АРГАЧ„ ВО БЛИЗИНА НА „БОГДАНОВА НИВА“, СЕЛО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

На околу 4 km источно од селото Чаниште, Прилепско, на левиот брег на Црна Река, покрај стара козја патека која слегува кон долината на реката и на околу 300–400 m северозападно од локалитетот „Богданова Нива“ се издига една голема карпа, вистински праисториски мегалит. Таа, оддалеку го привлекува вниманието, ја обележува околината и нè потсетува на прастариот почеток на човечката култура настаната како резултат на непосредниот контакт на човекот со суровата природа. Карпата е висока околу 10 m и има форма на огромен столб со речиси мазни површини, сместен меѓу други карпи околу кои се насетува древно присуство на човекот. Имајќи ја предвид близината на Црна Река, која морала да биде привлечна и за најстарите жители на земјата како извор на обилна храна, не треба да нè изненадува присуството на човекот на овој простор уште во палеолитот. Посебно кога се смета дека на просторот на Мариово има индиции за палеолитска култура (Паско Кузман, Податоци за палеолитските култури во Македонија, МАНУ, Скопје), а во прилог на тоа се и евидентните остатоци од праисториска населба на „Богданова Нива“.1

Стаматова Стена со окоината

Големата карпа-столб претставува вистински праисториски споменик, можеби со праисториска култна традиција, а денес е исправена како вечен стражар над околината и над Црна Река. Слични мегалити, најчесто со помали димензии во областа Мариово има на многу места, а во близина се наоѓа и карпата која личи на голема човечка глава на локалитетот „Богданова Нива“, кој се наоѓа во близина. Ваквите природни споменици, со индиции дека на нив се вршени и интервенции од човечка рака во прастарите времиња од постоењето на човекот, заслужуваат поголемо внимание на археолошката наука за проучување на најстариот период од човечката културна историја на нашиот простор, кој е сосема малку проучен.

Стаматова Стена со окоината 2

Жителите на селото Чаниште карпата, за која овде станува збор, ја нарекле „Стаматова Стена“, а локалитетот на кој се наоѓа, „Ѓенев Аргач“. Додека за првото име не се знае од каде доаѓа, за второто е поврзано едно предание кое ни го раскажа Ристиде Тодески од Чаниште.

Тоа гласи:

Во старо време на местото Ѓенев Аргач чувал добиток, овци и говеда, некој мијак. Велат се викал Мио. Бил многу силен. Имал многу кучиња и добитокот никако не го затворал. Никој не смеел да се прибере на ова место, ниту да ја допре неговата сермија. Ниту Турците не смееле да дојдат кај него. Дел од добитокот го чувал и на спротивниот рид. И таму има место што се вика Ѓенев Аргач. Од него потекнуваат Мијаците во Чаниште (семејство познато под тој прекар, з.м.).2

Мегалитот Стаматова Стена

 1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизција II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 106 – 110.

2 Исто, 110, 111.