ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛОТО ВРАНЧЕ И НЕКОЛКУ НЕГОВИ СОСЕДНИ СЕЛА ВО ЗАПАДНА ПЕЛАГОНИЈА, КОИ СЕ ВО РАМКИТЕ НА ОПШТИНИТЕ ДОЛНЕНИ И КРИВОГАШТАНИ „ИСФРЛЕНИ“ ОД СИСТЕМОТ

Ако се обидете да се информирате за културата и историјата на еден дел од Пелагонија, односно, делот меѓу четирите општини, општина Прилеп, општина Долнени, општина Кривогаштани и општина Крушево, можете да сретнете безброј значајни културни и историски вредности поврзани со населбите во овој простор. Меѓу нив и современи личности, кои постигнуваат разновидни успеси и резултати во Македонија и во светот. Таквите вредности ќе ве наведат на помисла дека областа од која потекнуваат би морала да се наоѓа во завидна стопанска и културна положба. За жал, впечатокот е дека овде владее, сосема, разочарувачка стопанска, инфраструктурна и културна состојба.

Во близина на центарот на селото Вранче

            Гледајќи ги условите за живот во овој дел од житницата Пелагонија денес, во 2022 година или на почетокот на третиот миелниум, ќе доживеете ментален шок. Особено ако не сте оттаму или ако малку сте го посетувале тој крај. Особено, ако имате претстава дека Пелагонија, како житница, како област со ретко плодна почва и други природни погодности има и добри услови за живот, односно, жителите во областа живеат во добри услови. За жал, не е така. Напротив, кога ќе се најдете во некои делови од Пелагонија и ќе се соочите со состојбите и со проблемите на жителите од селата, ќе се најдете во недоумица, која може да се спореди со недоумица и ментален неред.

Уништен дел на патот за селото Вранче 3

            Жителите на поголем број села во западниот дел на Пелагонија, денес живеат во исклучително тешки услови, особено, од аспект на крајно запоставената патна инфраструктура. Голем број села од овој дел на Пелагонија, кои припаѓаат на три општини – општина Долнени и општина Кривогаштани, иако се наоѓаат на многу блиски растојанија едни од други, како и на блиски раастојанија од околните центри – Крушево, Демир Хисар, Битола, Прилеп, Кривогаштани, често мораат да патуваат и по неколку пати подолги релации за да стигнат на целта. Можеме само да претпоставуваме со какви проблеми се соочуваат овие жители на Пелагонија при пренесувањето на земјодлските производи до откупните центри или до пазарите во околните општински центри. Некои од патиштата што ги поврзуваат со општинските центри се, не само лоши, туку и небезбедни и опасни.

На руинираниот пат за селото Вранче

            Може да се каже дека во центарот на овој дел од Пелагонија, кој изгледа е отфрлен од системот на државата, се наоѓа селото Вранче, кое во извесни периоди од историјата имало и над 700 жители, а денес тој број е симнат на стотина, со 11 деца во големата училишна зграда, од кои едно е од соседното село Средорек. Околу селото Вранче, на само по неколку километри се распоредени селата Заполжани, Кутлешево, Славеј, Кривогаштани, Кореница, Годивје, Подвис, Локвени и Средорек. Селото е поврзано само со градот Прилеп откај соседното Бело Поле, но делот од патот меѓу Бело Поле и Вранче, кој е со стар асфалт, преполн е со оштетувања од различни големини кои се вистинска опасност за возилата и патниците во нив. Со години, никој од одговорните институции не извршил никаква поправка, а за комплетна реконструкција и да не зборуваме. Може да се каже дека возењето по овој дел од патот е опасно, дури и за теренски возила и трактори, бидејќи наместа има цели јами, кои се закана за возилата и патниците.

Мостот на патот кај селото Вранче кон селата Подвис и Средорек

            Речиси е несфатливо како големите стратези во државата, тргнувајќи од општинските власти до повисоките инстанци во македонската влада, не посветилие ни елементарно внимание на овој простор од аспект на патната структура и меѓусебното поврзување на населбите, што е основен услов за развој на пошироката област. Иронија е малото, но недостапно растојание на селото Вранче, како и на селото Средорек со некои од соседните села крај кои минуваат асфалтни патишта, кои ги поврзуваат околните центри, како Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод, општина Долнени, па и Прилеп и Битола. Неколку патни врски, до нивните соседни села крај кои минуваат регионални патишта се многу кратки, но непроодни.

Патот за од селото Вранче за селото Подвис на почетокот е прооден

            – Од селото Вранче до селото Подвис има само 2,8 километри, но патот е непрооден. Тоа околните градови, како Крушево, Демир Хисар, Битола, како и општина Кривогаштани ги прави далечни за Вранче и другите околни села. Неповрзаноста на големиот број села, дури 28, ја прави состојбата со меѓусебната комуникација многу тешка и жителите се наоѓаат во исклучително тешка положба – вели Димче Ковилоски, кој е повратник од странство во родното село Вранче каде располага со имот со значителна површина со голем број објекти во него за разновидна намена. Неговиот двор и просторите во неговите градби се вистински музеј од разновидни експонати – алати за работа, ранзовидни експонати од светот низ кој работел и поминал, предмети поврзани со неговата лична и семејна историја и сл.

Почетокот на патот од селото Вранче кон селото Подвис

            Слична е оддалеченоста, од само неколку километри, и од селото Вранче до селото Славеј, каде што поминува патот за Крушево, но тој е, речиси, непрооден и за трактори и други теренски возила.  

            – Селото Средорек е оддалечено само неколку километри од селото Ропотово, таму го носиме тутунот за продажба по пат, кој е опасен за возење. Од страната на Ропотово патот е подобар, но околу еден километар од него, од нашето село кон Ропотово, е опасен за возење. Значи, се работи за само некој километар пат, но никој до денес не направил ништо во врска со него. Земниот пат од мостот кај селото Вранче до Средорек го поправивме со наши средства, од малиот број жители во селово, а во селово немаме ниту една улица по која може да се вози нормално. Како да се живее и работи во вакви услови? – прашува Стојан Петрески, кој и во повозрасни години, се уште работи значителни површини земја, а во неговиот двор можат да се забележат неколку земјоделски машини, трактори, комбајн и сл.

Дел од селото Средорек

            Борче Гулески се вратил од Прилеп за да живее во Средорек, но вели дека условите се многу лоши и тешко се опстанува. Особено поради лошите патни врски.

            – Ете каде е Крушево, не е далеку Македонски Брод, Демир Хисар, па ни Битола, доколку се направи патот до Подвис, но во оваа состојба треба да се вози многу подолг пат за да се стигне до нив. Пример, ако сакаме Битола, Кривогаштани, Демир Хисар, или Крушево, ние треба да се вратиме до Прилеп, па потоа назад кон споменатите градови – вели Борче Гулески.

Димче Ковилоски од селото Вранче и Борче Гулески во црквата во Средорек

            Поминувајќи по патот до споменатите села, како и другите околни села, се добива впечаток на крајна запоставеност од институциите на власта и се добива впечаток како да се отфрлени и заборавени, како да не се предмет на нивното внимание, а со тоа и впечаток дека надлежните институции не ги исполнуваат своите законски обврски кон овој дел од Пелагонија. Ова, особено, се однесува на патната инфраструктура, која не потсетува на времињата од минатите векови, ако не е и полоша. Сосема оштетени или речиси, никакви патишта, улици полни со кал и големи јами исполнети со вода и сл. Сето тоа во срцето на плодната Пелагонија, која во себе крие остатоци од материјална култура, која ни дава информаци за голем културен развој уште од праисторијата.

Уништен дел на патот за селото Вранче 2

            Според информации од жителите на овие села, постоеле иницијативи, па дури и проекти, за изградба на некои од патиштата и обезбедување соодветни патни врски, но се останало на хартија од вакви или онакви причини. Не слушнавме информација дека некој денес се обидел да изврши каков било увид на состојбите, а уште омалку да реализира некаков вид реконструкција на уништените делови од патиштата или да изгради пат што ќе ги поврзе разделените населби и региони во овој простор. Особено, некој разумен и надлежен да ја погледа катастрофално лошата поврзаност меѓу населбите и значајните центри од околината и да направи напор за нејзино поправање и за олеснување на животот на жителите во овој дел од Пелагонија и Македонија. Просто, човек да се запраша дали некој во оваа држава сериозно размислува за создавање услови за некаков развој или, едноставно, се инсталираат определени лица во системот, независно од нивната кадарност. На крај, треба да се запрашаме колку способен кадар се прифаќа во општините, во повисоките тела на власта и јавните инаституции, претпријатија, агенции, фондови и слични системски субјекти, кои треба да се занимаваат со основните проблеми на општиот развој, односно, дали постои соодветен кадар за сериозен пристап и сериозно решавање на елементарните услови за живот.

Уништен дел на патот за селото Вранче

            Од една краткотрајна посета на спомената област и неколку села во неа и од разговорите со неколку нејзини жители добивме впечаток дека овде владее тешка разочараност, депресивност, недоверба и летаргичност. Сето тоа создава дополнителна ментална состојба, која е дополнителна пречка за поттикнување позитивни иницијативи и иницијативи за развој.

Особено, звучи како тешка иронија информацијата дека областа за која овде станува збор е категоризирана и внесена во областите од развиен карактер, односно внесена е во категоријата развиено подрачје и, со тоа, исфрлена од системот за подршка според рограмата з неразвиени подрачја. Кој е големиот стратег што го уредил тоа и го ставил овој дел од Пелагонија во развиените?

            На крај, во прилог, доставуваме неколку члена од Законот за јавни патишта на Македонија, кои ги регулираат правата и обврските на одговорните институции за општинските патишта:

 Член 25

(1) Јавните патишта се проектираат, градат и реконструираат согласно со својата намена,

овозможувајќи безбеден и непречен сообраќај и заштита на животната средина, а во согласност со овој закон и прописите за проектирање и градење.

  1. ОДРЖУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ПАТИШТА

Член 34

(1) Работи на одржување на јавни патишта, во смисла на овој закон, се работите на редовно,

зимско периодично и интервентно одржување.

(3) Работите на одржување на општинските патишта и улици oпштината, односно градот Скопје може со договор да ги отстапи на извршување на правни лица регистрирани за вршење на овие работи согласно со закон.

Член 35

(1) Јавните патишта се одржуваат на начин со кој се обезбедува зачувување на употребната

вредност на патот за траен, безбеден и непречен сообраќај, под услови определени со овој

закон, техничките нормативи и стандарди и прописите за безбедноста на сообраќајот на

патиштата.