„ВРЛЈА ГРАМАДА“, КАЈ СЕЛОТО БЕШИШТЕ ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО – ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА И НЕКРОПОЛИ ОД ПРАИСТОРИЈАТА И КАРПА СО КУЛТНА СИМБОЛИКА

Просторот околу селото Бешиште, кое се наоѓа на околу 50 km јужно од Прилеп денес е, главно, голема и каменеста голина со широки рамнини и долини од двете страни на Бешишка Река, која го дели селото на два нееднакви дела. Сепак, на површината на теренот на кој е поставено денешното село и околината можат да се забележат голем број траги од населување во различните периоди на историјата. Во атарот на ова село има траги и од населби од најстарите периоди на човековото постоење, посебно од новото камено време. Една таква населба била лоцирана на денешниот рид јужно од селото Бешиште, кој се наоѓа на само стотина метри од куќите, преку реката. Меѓу жителите на селото, ридот е познат под името „Врлја Грамада“.

Селото Бешиште со локалитетот „Врлја Грамада“ лево

Населбата, според наодите, била расположена по должината на ридот, кој се протега во правецот исток – запад, а просторот на кој се наоѓала, денес е сосема гол терен, како и голем дел од другиот атар на Бешиште. На ридот „Врлја Грамада“ денес, по површината, можат да се најдат голем број фрагменти од керамички садови од праисторијата, како рачки, делови од дното на садовите, како и од устинките и други фрагменти со различни орнаменти, а присутни се и фрагменти од печен куќен лепеж. Според едно рекогносцирање на екипа од Завод и Музеј од Прилеп под раководство на археологот Александар Миткоски, во која учествуваше и авторот на овој текст како познавач на теренот и содржините, извршено во 2001 година, се покажа дека археолошките наоди упатуваат на постоење на остатоци од праисториското време,1 односно, остатоци од населба од новото камено време, но дел од нив потекнуваат и од поновото, бронзено време. На бронзеното време, особено укажуваат фрагментите од печен куќен лепеж, кои се присутни по целиот рид. Сето тоа укажува дека на овој рид постоело населување во праисторијата, а евентуални археолошки ископувања можат да покажат за каков тип праисториска населба се работи. Ако се земе предвид фактот дека се среќава керамика од повеќе периоди на праисторијата (најмалку два), не е исклучено дека на истото место се издигала населба на повеќе наврати во праисторијата, односно дека на овој локалитет егзистирала населба во долг временски континуитет.

Локалитетот „Врлја Грамада“ лево од север

Освен праисториските наоди во форма на фрагменти од керамички садови и остатоци од материјал за градба на куќи (куќниот лепеж), на средината на ридот е забележлив остаток од некој поголем ѕид од камен, од непозната градба.2 За него меѓу жителите на селото се говори дека претставувал некаква набљудувачница, можеби од турскиот период, но не можеме да ја исклучиме и можноста тој да бил остаток од некое друго време. Освен овој голем ѕид од камен, видливи се и други грамади и остатоци од градежен камен, како и траги од стари темели по површината на ридот. Веројатно е дека во некој од периодите на населување на највисокиот дел од ридот имало и утврдување.

ВО БЛИЗИНА НА НАСЕЛБАТА ИМА И СТАРИ ГРОБИШТА

Западно од ридот „Врлја Грамада“, на една оголема рамна тераса многу пониско од ридот се наоѓа поголема некропола од гробови од типот циста, правени со масивни плочи и со нагласени димензии. Според состојбата во која тие се наоѓаат денес, веројатно е дека во минатото гробовите биле отворани. Овој локалитет е познат како „Гробишта“3 и на него можат да се констатираат најмалку десет гробни конструкции, а веројатно е дека на целиот простор на рамнината биле огребувани некои од старите жители на овој простор. Во недостиг на соодветни археолошки сознанија, можеме само да претпоставуваме дека некрополата е поврзана со населбата од „Врлја Грамада“.

Локалитетот „Гробишта“

Освен гробовите од типот циста, на источниот раб на терасата со некрополата, во помала карпа од таа страна, на ниските падини на ридот „Врлја Грамада“ се среќава и, најмалку, една правоаголна јама издлабена во карпата, која веројатно претставувала гроб.4 На мало растојание, од неколку десетици метри североисточно од овој гроб, повторно се забележуваат гробови од типот циста, кои се со помали димензии од претходноспоменатите гробови на терасата на локалитетот „Гробишта“. Овие гробови, се чини, се дел од извесен тумул во рамките на имотот на еден од жителите во селото бидејќи се наоѓаат на една помала тумба во подножјето на ридот, чија горна површина е искористена од сопственикот на имотот за поставување стогови сено. Доколку земеме дека датирањето на тумулите од археолозите е точно, односно дека тумулите како погребни објекти се користеле во железното време, тогаш ќе мораме да констатираме и присуство на култура од овој период на споменатиот локалитет со праисториска населба, „Врлја Грамада“.

КАРПА СО СИМБОЛИКА НА РАБОТ НА НЕКРОПОЛАТА „ГРОБИШТА“

На јужниот раб на терасата со некрополата „Гробишта“ се наоѓа една пониска карпа, која од јужната страна има мала поткарпа, а на горната закосена површина располага со изввесна симболика од голем број мали кружни јами.5 Тие се распоредени на површина од околу 1,5 m2, а најголема концентрација има на највисокиот дел од карпата. Тие се со различна големина, односно, со пречник од 10 до 0,5 sm. Доколку се обидеме да направиме површна анализа на оваа симболлика се добива впечаток дека со кружните јами се претставени извесни симболи, како кругови, полукружни форми, антропоморфни форми, како и парови или тројки. Карпата е плочеста со издолжена површина во правецот север – југ, полна со кружни длабнатинки.

Култна карпа од локалитетот „Гробишта“


Во делот со поткарпата од јужната страна, која гледа кон долот кој протекува во близина, на дел од заштитената површина се среќаваат остатоци од црвена боја, а една фрома образувана со бојата има комплетен изглед на змеј, со глава во форма на стрела, врат, тело и долга опашка.6 Целата фигура е долга околу 25 sm, а само телото е долго околу 10 и широко околу 6 sm. Тешко е да се каже од кога потекнува бојата и она што било претставено со неа во поткарпата. Исто така, тешко е да се верува дека фигурата во форма на змеј е случајност. Заедно со врежаната симболика од горната површина на карпата, како и со опкружувањето со други културни остатоци во непосредна близина и во поширокиот простор, овој објект во карпа слободно може да се смета зу култен објект од некое подалечно минато.

Површината со симболика од мали кружни јами на култната карпа од локалитетот „Гробишта“

Фактот што карпата со врежана симболика со мали кружни јами и симболика насликана со боја се наоѓа во близина на старите гробишта, упатува на претпоставка дека кружните задлабувања и самата карпа се во заемна врска со погребувањата. Тоа значи дека карпата била користена за извесна култна намена, поврзана со култот кон претците. Тешко е да се каже дали кружните јами служеле за принесување на жртви во пијалоци и храна на покојниците во споменатите гробишта за кои не се знае од кој период потекнуваат бидејќи немаме материјални докази добиени со археолошки истражувања. Според големината на некои од гробовите може да се претпостави дека се работи за погребување од архајскиот период, но фактот што на околу 200-300 m источно од нив се наоѓа локалитетот со остатоци од населба од енеолитот и бронзеното време не треба да биде занемарен, зашто голема е веројатноста за блиска поврзаност меѓу двата локалитети. Населбениот и сакралниот.

Слика со црвена боја на култната карпа – змеј

Ако споменатата некропола, крај која се наоѓа овој мистичен споменик на културата, се поврзе со локалитетот „Врлја Грамада“, на кој има траги од праисториска населба, особено од бронзеното и железното време, датирањето на култноста на карпата од локалитетот „Гробишта“ може обиколно да се врами од 2500 до 700 година пр. н.е, но сметаме дека неговата активна функција продолжила и во архајскиот, како и во раноантичкиот период. Од друга страна, културата на која и припаѓа користењето на кружни задлабувања во одреден концепт не ни е позната, а тоа го отежнува датирањето на сличните споменици.
Белешка: Локалитетот „Гробишта“ кај селото Бешиште, се чини, не зазема посебно место во свеста на жителите на селото. Од разговорот со некои од нив, местото не го сметаат ниту како вакавско, иако им е познато дека на тоа место се наоѓаат стари гробишта, што е очигледно од самото набљудување на теренот.

1 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА бр. 19 2004 – 2006, Скопје 2010, 50 и 68. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I -Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 11 и 12.
2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 12.
3 Исто, 12 и 13.
4 Исто, 13.
5 Исто, 13. Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница, Прилеп 2013, 166 – 168.
6 Исто.