ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ХРАМ НА ВРВОТ ОД РИДОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГЛУВА“, КАЈ СЕЛОТО ЧУМОВО, ПРИЛЕПСКО

Од северната страна на селото Чумово, кое се наоѓа на десетина километри источно од Прилеп, се наоѓаат два локалитети  со интересни културни содржини. Тоа се локалитетите „Глува“ и „Табачица“, и двата на мало растојание од селото. Локалитетот „Глува“ се наоѓа од северозападната страна на селото Чумо­во. Тој претставува повисок рид во форма на купола со помало платó на врвот, со бла­ги земни падини и многу малку карпи, од југоисточната страна на големиот лока­литет „Долиште“, познат по големиот број наоди од голема населба од архајскиот и античкиот период. На самиот врв на ридот, на западната страна на малото платó, ди­во е раскопана поголема површина при што од земјата се извадени големо коли­чес­тво градежен камен, малтер, градежна керамика, ретки фрагменти од керамички са­до­ви, бигорен камен, како и убаво обработени камени плочки.1

Археолошки материјал изваден при раскопувањето на јамата на ридот
Археолошки материјал изваден при раскопувањето на јамата на ридот

Самиот рид има изразита форма, забележлива од поголемо растојание и доми­нира над тој дел од Пелагонија, на крајот од еден истурен крак од Дренска Планина. Веројатно, неговата позиција е еден од главните причини за градењето на античкиот храм на неговиот врв. Иако меѓу градежниот материјал, раскопан од градбата со диво копање, не се забележуваат поголеми и поквалитетно обработени камени блокови, некои остатоци од градбата укажуваат дека таа, сепак, на површина од дваесетина и повеќе квадратни метри, била ква­литетна градба од камен, бигорен камен, цигли и малтер. Сосема е веројатно и дека имала убаво поплочен под, а тоа го покажуваат остатоците од квали­тетно обработени мермерни плочи. Иако не констатиравме остатоци од боја на малтерот во купот градежен материјал, присуството на живопис на древната градба не треба да биде исклучено.

Фрагмент од поголем керамички сад од врвот
Фрагмент од поголем керамички сад од врвот

Ако констатираме дека остатоците од градбата на врвот на локалитетот „Глува“, кој е во близина на локалитетот „Таба­чи­ца“, се остатоци на антички храм, во тој случај е неопходно да се споменат наодите од овој лока­литет, познати на археолошката наука. Имено, меѓу наодите на „Табачица“, се споменува и една статуетка на античкиот бог Хермес (Меркур), а на источните падини на ридот, северно од селото Чумово, пронајдени се и остатоци од други градби, македонски и римски монети, фрагменти од керамички садови и имбрекси. Архео­лошките наоди се датирани во раноантичкиот и римскиот период.2

Раскопаната јама на врвот на „Глува“
Раскопаната јама на врвот на „Глува“

Имајќи го предвид релативно малото растојание на локалитетите „Глува“ и „Табачица“ од големиот локалитет „Долиште“, меѓу селата Приле­пец и Волково, сосе­ма е логично да се поврзат културните содржини од овие локалитети со големата населба од градски тип, чии остатоци се евидентни, во долината меѓу споменатите села. Дали и содржините од „Табачица“ и „Глува“ не се дел од периферијата на античката населба со центар на локалитетот „Долиште“? Всушност, со остато­ците на материјална култура од овие локалитети се дополнува култур­на­та слика на целиот овој простор, особено за двата споменати периода, раноантичкиот и римскиот период. Тоа се периоди во кои егзистирал и градот под селото Прилепец, во неговата полна сила. Заедно со тврдините повисоките делови на Дренска Планина, големата тврдина од „Марков Ѕид“ и малата, но цврста тврдина од високиот врв „Коњар­ник“.3 Според старото преда­ние и на овој висок врв (1538 m) се наоѓало место познато како Црквиште што укажува на стара култна градба, можеби храм.4

Локалитетот „Глува“, снимен од југозападната страна со помала тумба во преден план
Локалитетот „Глува“, снимен од југозападната страна со помала тумба во преден план
Симболика на карпа од локалитетот „Глува“
Симболика на карпа од локалитетот „Глува“

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 101 – 103.

2 Археолошка карта на Република Македонија, 318.

3 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 80 – 84.4 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 83, 84.