ОСТАТОЦИ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА ВО КАДИНО СЕЛО, ПРИЛЕПСКО
Во кругот на селската црква, „Рождество на Пресвета Богородица“, во Кадино Село, Прилепско, сретнавме интересен споменик од мермер, импост-капител со украсување од една страна. Капителот содржи две волути, кои упатуваат на импост-капител јонски тип, но не може да се идентификува кимата, која би требало да се наоѓа меѓу двете волути. Украсувањето, од таа страна, продолжува и на површината на абакусот, односно, основата која има конструктивна намена и заштита на капителот. На овој дел, се работи за украсување со флорални мотиви – елементи од винова лоза, гроздови и лисја.

Според кажувањето на жители од селото, овој интересен споменик од мермер, потекнувал од место блиско до селото, кое имало и остатоци од ѕидови и грамади камења, како и други, слични, културни остатоци и се сметало дека тука имало стара црква. Денес, ова место, е обраснато со трње и треви и не може да се пристапи до споменатите остатоци.

Споменатиот капител упатува на факто дека во близина на Кадино село се кријат остатоци од ранохристијанска црква, а тоа упатува на стара населба во близина, чии жители ја изградиле и им служела за верските потреби.

Денешната црква во селото е изградена во 1862 година, но отсуствува живопис од тоа време. Црквата е уништена в пожар, кој се случил во 1980 година и, истата година, била обновена. Пред нејзиниот праг се среќава и еден камен блок од мермер, без украсување. Во дворот на црквата, на западната периферија, во очи паѓа и една монументална камена плоча, делумно закопана во земјата и исправена.




