МИСТЕРИОЗНА ПОРТА МЕЃУ ГРАМАДНИ КАРПИ СO МИСТИЧНИ ФОРМИ НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП

Најголем дел од на археолошките истражувања на локалитетот Маркови Кули кај Прилеп, речиси, до денес се насочени за разјаснување на културата и историјата на средниот век, a просторно, главно, на највисокиот врв на Маркови Кули и околу него. Веројатно, токму вака насочените истражувања доведуваат до погрешни заклучоци, односно, до погрешна карактеризација и категоризација на овој исклучителен локалитет и културен споменик од исклучително значење. Од една страна, запоставени се и несоодветно третирани остатоците на културата од постарите археолошки периоди, а од друга – значаен дел од просторот на Маркови Кули не добил соодветен истражувачки третман и сè уште чека на него. На тој начин голем дел објекти кои го привлекуваат вниманието и на обичните посетители, остануваат без соодветно стручно толкување и заштита со што се изложени на деструктивни влијанија од различна природа. За духовниот момент поврзан со нив и да не говориме.

Камената порта од запад
Камената порта од запад

ГОЛЕМАТА КАМЕНА ПОРТА

          Меѓу големите комплекси од карпи кои се најприсутен елемент во просторот на Маркови Кули посебно внимание привлекува една голема каме­на „порта“ која се наоѓа меѓу две големи карпи под вториот по голе­ми­на врв на Маркови Кули наречен „Тапанче“. Се работи за порта висока околу 2,5 метри формирана помеѓу грамадните карпи од двете страни со еден поголем монолит од гранит, кој се наоѓа на местото на покрив на пор­тата. Портата гледа во правецот североисток–југозапад и од првата страна таа гледа кон Плетвар и во дел од Прилеп, а од другата кон големата тераса на Маркови Кули наречена „Рамниште“. Самите странични карпи, кои ја градат портата, заедно со помалиот гранитен монолит, освен по својата стаменост, се одликуваат и со извесни природни мистични форми, кои на портата ѝ даваат специфичн изглед. Овде посебно е интересен природниот изглед на долната карпа од портата која во нејзиниот горен дел зафаќа впечатлива зооморфна форма, која ве наведува да се запрашате дали се работи, исклучиво, за дело на природата.

Камената порта од запад - поблиску
Камената порта од запад – поблиску

Од југоисточната страна на големата камена порта, во нејзиниот долен дел, се забележуваат јасно видливи елементи на обработка на камените површини што укажува на некакво приспособување на карпите за одредена намена. Тука, пред се, се гледаат рамнети форми и основи за некакви надградби, а под самата карпа–покрив се забележуваат некои помали кружни длабнатини во мал број. Од североисточната страна посебно на карпата од горната страна има многу повеќе траги од обработка. Тука се некои рамнети форми кои личат на основи за одредени надградби, како и скали кои веднаш крај портата водат кон повисокиот дел на кулите. Освен ваквите траги по карпите интересна е и самата положба на портата на почетокот на големата тераса Рамниште, која, исто така крие значајни археолошки траги, до денес, сериозно неистражени. Дали овој импозантен објект претставува само случајна природна градба која во различни времиња била вклопувана во секојдневниот живот на древните жители или е вистинска порта, која во дел од населувањето на Маркови Кули служела токму за таква намена, тешко е да се каже. Сепак, нејзината практична употреба во сосема обични цели или нејзиното култно третирање не треба да биде исклучено посебно ако се има предвид дека во праисториските периоди, како и во периодите на цивилизацијата блиски до праисторијата, човекот доживувал посебни фасцинации од природните форми и појави.

Камената порта од запад - целиот комплекс
Камената порта од запад – целиот комплекс

КУЛТНА КАРПА СО КУЛТНА ТЕРАСА И ВРЕЖАНА СИМБОЛИКА

          Од јужната страна на големата камена порта се наоѓа импозантна карпа со топчеста форма, како и со специфична црвенушкава боја, која на крајниот јужен дел, во нејзиното подножје, располага со пространа камена тераса со површина од околу дваесетина метри квадратни. Од југозападната страна, до неа се доаѓа по природен пат, додека нејзината јужна страна е висока 2-3 м и стрмна, па затоа пристапот до терасата бил обезбеден со врежани скали со помали димензии.1 На површината на терасата, која е релативно израмнета, се среќаваат разновидни обработени делови, кои упатуваат на конструктивна намена, но и врежани симболи, кои наведуваат на размисла дека се работи за извесна култна намена. Такви се обработените елементи на југозападниот дел на терасата, каде површината е чиста, односно, не е обрасната од мов и лишај. На овој дел се среќава една кружна форма од 8 мали кружни јами и една во центарот на кругот.2 На тој начин добиваме специфичен соларен симбол, кој остава силен впечаток на небесниот круг, на вселена со небесни тела и централно небесно тело и воопшто на кругот на сепостојниот свет во својата совршена форма. Кругот има пречник 0,20 м.3 Освен овој симбол, во негова близина среќаваме и една кружна јама во форма на обратен конус, со мазни профили, со отвор со пречник 0,19 м и длабочина 0,20 м, една помала кружна јама со послаба обработка, со пречник од 0,12 м и голем број други, помалку или повеќе артикулирани форми.4  На тој начин, целиот опишан концепт, составен од фасцинантна карпа со топчеста форма, култна тераса, скали за пристап до култниот простор, како и специфична симболика и садови за определена намена, мошне убедливо наведува на заклучок на специфичен објект за определана култно-религиска намена. Тешко е да се каже кому бил посветен овој објект и во чија чест се изведувале култно-религиските активности, но може да се претпоставува за култ поврзан со сонцето или култ на создавањето на небото и земјата, односно на севкупниот свет.

Култната карпа со топчеста форма на јужната страна
Култната карпа со топчеста форма на јужната страна

Со овој култен простор, комплексот од грамадни карпи со големата камена порта добива вистинска димензија, на своевиден грамаден објект со конструктивни делови, културна намена и длабока духовна димензија.

Освен опишаните елементи на камената порта со импозантни ди­мен­зии интересни се и големиот број цивилизациски траги од пошироката околина, исто така преполна со карпи. Така од нејзината долна страна по карпите се среќаваат голем број гробови во карпа, како и разни обработки кои укажуваат на вкло­пу­вањето на карпите во древните живеалишта како што се разни правоаголни форми за столбови и греди, кружни длабнатини и сл. Заедничкото присуство на гробови и траги од живеалишта е навистина фасцинантен момент кој укажува на специфичната ситуација на присуството на животот и смртта на заеднички прос­тор испреплетени во своето контроверзно заедништво. Дали ваквите мате­ријал­ни докази упатуваат на фактот дека просторот кој во едно време се користел за живеење, во друго се употребувал за вечно почивалиште на мртвите, или се работи за истовремено користење и за двете намени. Сето тоа на свој начин го обременува духот на овој простор кој е набиен со мистика и постојано останува привлечен за новите генерации.

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД НЕПОСРЕДНА ОКОЛИНА НА КАМЕНАТА ПОРТА

СЛИЧНИ ОБЈЕКТИ И СЛИЧНА СИМБОЛИКА ОД ПОБЛИСКАТА ОКОЛИНА

Од теренот, кој сме го проследиле, веќе располагаме со симболика и форми, слични на погореопишаните. На самиот локалитет Маркови Кули, во понискиот простор, во близина на намастирот „Св. Архангел Михаил“ постои уште еден комплекс од карпи, кој располага со многу конструктивни обработени форми, а межу нив и еден симбол, речиси, идентичен на опишаниот круг од мали кружни јами, со една централна. Се работи за симбол со ист број мали кружни јами, како и со иста димензија на пречникот на кругот.5

Објекти слични на „Големата камена порта“ од Маркови Кули се среќаваат и на други локалитети со траги од населби од постари времиња. Една камена порта со помали димензии се наоѓа и на локалитетот Ридот кај селото Мажучиште, Прилепско каде што се констатирани археолошки наоди од енеолитот, бронзеното и железното време, а особено од антиката, a ce работи за населба со тврдина.6 Овие објекти со чудни форми потсетуваат на сосема далечно време на груби почетоци на современата цивилизација и на фасцинација од природата која, веројатно, била нагласена во тоа време. Доколку нашите претпоставки дека се работи за дело на смислен творечки акт се основани, и понатаму останува мистеријата за нивната конкретна намена. Ценејќи го нивниот изглед и местоположба нивната култна употреба поврзана со разни религиозни манифестации не треба да биде исклучена. Некои елементи на овие објекти потсетуваат на старата микенска култура нашироко позната во светот. Таа својот процут го имала уште во бронзената ера (од 2600 до 1200 г. п.н.е.). За нашиот простор интересни се преселбите кои во тоа време се случувале од Мала Азија на просторот на Македонија и обратно што, од своја страна, е одразено во митолошките преданија, поврзани со двата простора. Некои од нив се и историски потврдени, а во нив се споменуваат Бригите кои под името Фриги се среќаваат во Мала Азија, а под името Бриги на просторот на Македонија и пошироко. што се однесува до врските со јужниот дел на Балканот каде што се наоѓа и Микена интересни се преселбите кои на просторот на Македонија се случиле во времето од 1400 до 1200 г. п.н.е. од Крит, веројатно по неговото освојување од страна на Ахајците кои се главните напаѓачи на Троја во десетгодишната војна опишана кај Хомер. Населението од Крит во ова време се преселило на просторот на тогашната област Ематија, во околината на денешниот град Воден. Според историчарите од антиката, првите доселеници од Крит ги предводел нивниот крал Ботон за чие име се поврзува и подоцнежното име на оваа област Ботиаја7. Дел од Критјаните заминале на островот Сицилија на чело со легендарниот крал на Крит Мин (Минос) кој настрадал во тој поход8, а неколку века по­доцна и овој дел му се приклучил на своите сонародници во Ботиаја9. Ко­га сме кај овој момент од цивилизацијата на Балканот интересно е да се споме­нат и некои наоди блиски на овие периоди во прилепскиот крај. Еден меч пронајден во околината на рудникот Сивец се вели дека датира во 12 век, a e дел од микенската култура10. Слични наоди кои се поврзу­ва­ат со критско–микенската култура на поширокиот простор има повеќе.

 

1 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница, Прилеп 2013, 117 – 121.

2 Исто, 120.

3 Исто.

4 Исто, 117 – 121.

5 Исто, 157 – 159.

6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 187 – 191.

7 Викторија Соколовска, Етничките носители на Требенишката некропола, Македонија Прима, Охрид 1997 г., стр.65.

8 Викторија Соколовска, Етничките носители …, стр.66.

9 Околината на градот Воден во Егејска Македонија.

10 Благоја Китаноски, Прилеп и Прилепско низ историјата, стр.28. Мечот е од типот Nenzingen.