БОГАТСТВО ОД ПРАИСТОРИСКА КУЛТУРА ВО ТЕШКО ДОСТАПНИТЕ ПРОСТОРИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ГУДЈАКОВСКИ ИЗВОРИ – ПОДОТ КАЈ СЕЛОТО ГУДЈАКОВО, ПРИЛЕПСКО

На околу 40 km југоисточно од Прилеп, на југозападната периферија од атарот на селото Гудјаково, Прилепско, покрај Црна Река, на местото каде овој атар граничи со атарите на селата Полчиште, Врпско и Живово, на левиот брег на реката, се наоѓа простор, речиси, отсечен од другиот дел на општината, без соодветен пат, во дива, но богата природа. Токму во тој дел, во близина на неколку големи извори, познати како Гудјаковски, кои излегуваат од брегот на реката и по само неколку стотици метри се вливаат во Црна Река, се наоѓаат три локалитети обележани како Подот, Валавицата и Превртенец, кои во својата дива и, речиси, недопрена природа, кријат безброј природни тајни, природни реткости од растително и животинско потекло, како и реткости од геолошка природа, но и изненадувачки нагласено културно богатство од подлабоката праисторија. Гледајќи од денешен агол населбата се наоѓала во дива природа, оддалечена од поголемите населени места, а жителите живееле во сурови природни услови, но ако се познава културниот амбиент на поширокиот простор околу овој локалитет за тие времиња се добива поинаква слика. Всушност, може да се каже дека во тие периоди, Црна Река со своите особености и богатство била вистинскиот фактор за населување и организирање населби и заедници по нејзините брегови, а тоа денес го покажуваат големиот број културни остатоци, кои се среќаваат на нејзините брегови. Дури, може да се констатира дека особено голем број населби биле концентрирани по нејзиното течение во периодот на енеолитот, бронзеното и железното време од кој потекнуваат и археолошките наоди на споменатите локалитетити, Подот – Превртенец – Валавицата. Нам ни се познати голем број локалитети со остатоци од слична култура по течението нагоре од Гудјаковските Извори, во атарите на селата Манастир, Чаниште, Зовиќ, Бешиште и други.1

Подот со околината

            За да се стигне до Гудјаковските извори, како и локалитетите во нивна близина, кои ги споменавме погоре, на левиот брег на Црна Река, треба да се поминат околу 40 km со возило и уште неколку часа пеш по високиот стрмен брег на Црна Река, кој е избразден со повеќе длабоки долови. Црна Река овде, наместа со остри свиоци, минува покрај високи брегови од нејзините две страни. На десната страна се врвовите Цуцул, Становица и Рамна Нива, а на левата  Попова Тумба, Буова Тумба, Буткавец, Цуцулето и Самиот Кичер сите повисоки од 1110 метри надморска височина. Се разбира, несомнено е дека реката претставувала физичка комуникација меѓу споменатите населби расположени по нејзиното течение, а со просторот подалеку од нејзината долина, овие населби биле поврзани со патни врски кои минувале преку пониските превои на високите брегови. Во тие периоди, освен физичка, односно материјална вредност со рибниот фонд и растителниот и животиснкиот свет покрај неа, Црна Река имала и силна духовна вредност, божествена моќ со која дарува, но и казнува. Некако, токму со овој простор може да се поврзе и едно интересно, но ретко раскажувано предание за настанокот на реката Еригон, односно, Црна Река. Тоа како да говори за овој простор во кој била сместена оваа праисториска населба во атарот на денешното село Гудјаково, заедно со голем број други населби од слични периоди распоредени по бреговите на Црна Река, кој го сече старата и дива река, кој е преполн со длабоки долишта, високи врвови и долги ридишта, со многу скриени тајни простори, пештери  и неосвоиви карпи. Тоа е преданието за борбата меѓу две големи чудовишта, односно, ламји, кои во жестоката борба мавнале со опашките во некоја од планините, ја откршиле и на тоа место протекла денешната Црна Река, која дотогаш истекувала во друг правец, односно течела директно во Егејското Море.2

Подот

            За жителите на населбата од локалитетот Подот и нему блиските локалитети Превртенец и Валавицата, особена погодност биле големите извори, кои извираат од подножјето на ридот Подот, чии води протекуваат по широката рамнина покрај Црна Река и се вливаат во неа. Тука се среќаваат два големи извори, секој колку една помала река, од кои едниот кривулесто протекува по рамнината и, минувајќи неколку стотици метри, влегува во Црна Река, а другиот извира на само неколку десетици метри од реката. Рамнината со изворите располага со густа шума од брест, даб, јасика, слива, дива круша, смоква, јасен, чалија, бршлен, винова лоза и разновидни други растенија, како и голем број карпи со разновидни шуплини, но и траги од човечка интервенција. Ваквите услови во овој дел од долината привлекуваат голем број диви животни, како дива свиња, срна, зајаци, разни птици и сличен животински свет, а на теренот се забележуваат и траги од мечка. Се разбира, богатството од животински и растителен свет, веројатно, се сметало за значаен фактор за населување на овој простор.

Подот од југоисток со дел од платото

            Следејќи го теренот на споменатите локалитети, Подот, Валавицата – Превртенец, односно теренот околу изворите, може да се констатира дека праисториската населба била расположена на падините на Подот и на неговото плато, кое претставува поголема рамна површина на голем карпест рид од карстна природа. На страната на реката, платото на Подот завршува со високи вертикални карпи, со голем број искуклени форми и разновидни шуплини во нивното подножје меѓу кои голем број поткарпи, па и пештери. Старите жители на околните села споменуваат дека на овој дел имало и извесна поголема пештера. Најголем број културни остатоци се среќаваат, токму, во делот под високите карпи, односно по падините кои се спуштаат кон реката. Ова особено важи за делот од падините на југоисточната страна, каде се среќаваат голем број помали и поголеми тераси на теренот, кои биле подѕидувани со поголеми и помали, делумно обработени, камени блокови. Една поголема тераса, со површина од околу 200 м2 во повисокиот дел, до највисоките карпи под рамнината на Подот, се чини како централен дел во населбата бидејќи зазема значајна позиција на тој дел од локалитетот и на нејзината површина се среќаваат множество фрагменти од керамички садови со нагласен квалитет на украсување и изработка. Таа, од југоисточната страна е заградена со една поголем карпа чиј профил од тсраната на терасата е вертикален и има височина од 2 до 3 m, а од источната и западната страна била подѕидана со поголеми камени блокови. Северната страна е заштитена со високите карпи од работ на Подот.

Една од највпечатливите грамадни карпи на десниот брег наспроти изворите

Токму на помалите и поголемите рамни површини на стрмниот терен, оформени како тераси со подѕидување од долната страна, биле лоцирани живеалиштата на населбата и, според првичното забележување, населбата се спуштала близу до изворите и реката. Веројатно е дека живеалишта имало и околу самите извори, но поради густата шума и обраснатиот терен, тешко е да се потврди ваквата констатација. Сепак, некои делови од рамнината низ која поминува водата од изворите располагаат со извесни испупчувања кои изгледаат неприродно, односно, личат на остатоци од стари објекти. На тоа упатуваат и наоди на извесни камени форми или фрагменти од камени објекти и измазнети плочести или елипсовидни камени форми. Особено во некои од поткарпите или мали пештерски ростории, кои се среќаваат во некои делови од рамнината и во близина на брегот на Црна Река. Фактот што овој простор бил експлоатиран долго време, сѐ до пред неколку децении, го усложнува овој проблем.

Керамика од падините на Подот

Меѓу фрагментите има разновидни форми садови, како по големина, така и по украсувањето. Се среќаваат рачки со јазичеста, трапезоидна и други форми, како и рачки со лентеста форма или со кружен пресек. Покрај нив, има и поголем број фрагменти од устинки од керамички садови со украсување направено со прсти или со врежување, како и фрагменти од телото на керамичките садови, со украсување или без украсување. Дебелината на керамиката е од 2 sm до 0,3 sm, а се среќаваат и фрагменти од куќен лепеж. Наместа можат да се најдат и фрагменти од објекти од камен со измазнети профили и обликувани делови, што упатува на извесна нивна намена во минатото.

Според движниот археолошки материјал може да се извлече заклучок дека, токму, споменатите падини од југоисточната страна на Подот биле со најголема концентрација на живеалишта, кои веројатно биле изградени од камен, дрво и глина од која денес се среќаваат фрагменти од печен куќен лепеж. Населбата била „залепена“ до високите карпи на Подот и во неа влегувале и голем број поткарпи, пештери и профилите од самите карпи, кои биле прилагодувани за практична или извесна културна намена на жителите од населбата. Наодите на фрагменти од керамички садови на југозападните падини на Подот се поретки, а тој дел од локалитетот е  тешко пристапен.

Од карпестиот амбиент на Подот со долината на Црна Река

Посебно внимание заслужува и горната површина на делот кој го носи името Подот, кој од страната на реката зафаќа полукружна форма од грамадни карпи и од таа страна неговото плато е, речиси, непристапно. На неговата горна површина, која е рамнина со поголема површина и зафаќа површина од околу 1 ха, исто така, има наоди на фрагменти од керамички садови – устинки, рачки, делови од телото на садовите и сл. На некои делови од платото се забележуваат остатоци од извесни ѕидови од поголеми делумно обработени камени блокови. Ова, особено, се однесува на источниот раб на платото, но слични остатоци можат да се видат и на други делови од рамната површина на Подот. Тоа упатува на извесно обѕидување на платото на овој дел од локалитетот.

Од карпестиот амбиент на Подот

Во повисоките делови на Подот, од неговата северна страна, се среќаваат неколку неприродни тумби со пречник од 10 до 15 m, односно, на тој дел има неколку тумули, за кои се знае дека се погребни објекти од железниот период. Се разбира, без соодветно археолошко истражување, тешко е да се каже нешто повеќе за нив, но самото присуство на овој локалитет ги збогатува културните содржини со кои располага.

Иако сознанијата за оваа праисториска населба се само од обично набљудување на просторот на кој била расположена, можеме да претпоставиме дека се работи за сточарска населба, односно, главната активност и извор на живот на нејзините жители било одгледувањето на добиток, но ловот на дивеч, како и риболовит секако биле дополнителни активности за снабдување со храна. Не е исклучено дека на рамните делови покрај реката и крај изворите имало и извесна земјоделска активност.

Помала пештера со траги од култура, но и од диво животно

Имајќи ги предвид природните услови, Црна Река со своите погодности – богатството со риба, растителните богатства, како и влијанието на средоземноморската клима, која овде допира по долината не реката, а посебната погодност која ја овозможуваат издашните извори, во овој простор не е исклучена и појавата на многу постара култура, па дури и култура од најстариот културен период, палеолитот. Овој простор, со гореспоменатите природни услови, како и со својата карстна геологија, појавата на разновидни пештери и слични простори кои овозможуваат заштита давал можности за опстанок на палеолитскиот ловец.

Траги од ѕид на Подот 2

Од преданијата, како и од постарите жители со потекло од околните села, Гудјаково, Врпско, Вепрчани и Живово се знае дека делот со изворите и рамнината на која се наоѓаат тие бил експлоатиран до пред неколку децении кога била активна една воденица со два воденички камења, а извесно подѕидани простори, остатоци од камени огради и слични остатоци упатуваат и на други активности и експлоатација на овој простор од старите жители во овој крај. Токму во овој простор со изворите се споменува посебно место наречено Превртенец, каде постоел извесен камен со отвор во средината, а споре постаро предание на овој дел имало и Валавица,3 па затоа се приманува о топоним поврзан со овој објект за обработка на волнени ткаени покривачи и слични рачно изработени такенини.

Керамика од рамниот дел на Подот
Рачка од керамички сад од рамниот дел на Подот

Денес на овој простор јасно се гледаат само остатоците од старата воденица, од која останале делови од ѕидот, воденички камења, како и остатоци од буката по која се спуштала водата за да го придвижи воденичкото тркало и воденичките камења. Можат да се забележат и други остатоци, како камени огради од околината на воденицата, разни метални предмети и сл. Оваа воденица, која мелела со два воденички камења4 им служела на жителите на околните села Вепрчани, Гудјаково, Врпско и Живово, кои денес се, речиси, испустени.

Целиот простор околу изворите, како и нагоре и надолу по долината на Црна Река е особено див и тешко освоив, сепак има посебна привлечност и е, особено возбудлив со разновидните природни појави и морфолошкиот амбиент.

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР – КОМ Прилеп, Прилеп 2002.

2 Исто, 7 – 9.

2 Васил Балевски, Спомени од Македонија.

3 Исто.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ

ОД ПРИРОДНИОТ АМБИЕНТ И ОСТАТОЦИ ОД СТАРИ ОБЈЕКТИ