ВОЈВОДАТА АНТЕ (АНДОН ВОЛКАНОСКИ) ВАСИЛЕВ ДУНСКИ ОД СЕЛОТО ДУЊЕ, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО И НЕГОВИОТ УНИШТЕН ГРОБ

Македонските комитски чети во својата активност во голема мерка биле поддржувани и од пошироките народни маси, кои често биле жртви на разните турски силници и разбојници. Помошта се изразувала во давање засолниште, храна, пари и сл. Освен тоа во реонот во кој дејствувале четите имало и лица кои, исто така, се одметнувале и на разни начини се приклучувале во конкретните акции на четите. Еден од јатаците и помагач на битките на четата на Мирче Ацев бил Анте Дунски1 од селото Дуње, кој потекнува од семејството познато како Миланови или уште и Јаснини, чија куќа и денес стои во селото. Овој Македонец од Мариово подолго време имал контакт со комитските чети и комитите кои често навраќале да извршат некаква акција или само да се засолнат и нахранат во Мариово, кое природно е изолиран простор од останатиот дел на Македонија и значел вистинско засолниште за голем број комити и комитски чети од цела Македонија. Анте (некаде Анде) Дунски е еден од големиот број јатаци на четата на Мирче Ацев, меѓу кои биле и Петко Кундарев, исто така, од Дуње, Толе Паша од Крушевица, кој подоцна станал војвода, Иге Стојанов од селото Царевиќ, Најдо од селото Пешталево познат како Пешталевец и др.2 Интересно е дека повеќето од споменатите јатаци се, исто така, комити, па и војводи, кои на разни начини се докажале со својата комитска активност. Ова упатува на пошироко организирана мрежа на Организацијата уште пред 1900 година. Овде треба да се навратиме на името Иге Стојанов од селото Царевиќ, кој бил син на Стојан Лажот, братот на Ѓорѓија Лажот од селото Царевиќ.3 Тоа упатува на фактот дека и Иге ја продолжува традицијата на својот татко Стојан и чичко му Ѓорѓија и ги поддржувал комитите и комитските активности во својот крај. Со својата комитска активност, подоцна, силно се докажал и споменатиот Најдо од селото Пешталево кој бил еден од првите и најомилени другари на големиот прилепски борец за слобода, војводата Никола Каранџулов, со кого и загинал во битката кај Селце, Прилепско.4 Токму од ваквите врски и помагач и на четата произлегувале и конкретни акции со сесрдна помош на јатаците.

УБИСТВОТО НА 8 ТУРСКИ КАТИЛИ ОД СЕЛОТО ЧАРЛИЈА, БИТОЛСКО

Немаме информации за тоа кога и како дошло до средба и договор меѓу војводата Мирче Ацев и Анте (Анде) Дунски, но во повеќе пишани историски текстови се среќава, помалку или повеќе, опишан настанот кој во 1900 година се случил на месноста Скала“, која се наоѓа на патот меѓу селата Кален и, денес непостоечкото село Писокал. Анте Дунски, летото 1900 година, работел на чифлик во селото Чарлија, Битолско и таму се сретнал со една група Турци од кои тамошното население многу страдало, бидејќи биле безделници и злосторници кои правеле разни злодела во Чарлија и околината. Иако во историските книги не е спомнато никакво претходно договарање меѓу четата на Мирче Ацев и Анте Дунски, сигурно е дека постоел договор за начинот како групата Турци злосторници да се намами во заседа и да се уништи. Акцијата била организирана на 17 септември 1900 година.5 Анте Дунски се запознал со разбојничката група Турци во Чарлија и стекнувајќи доверба кај нив им понудил да ги одведе во неговото родно село Дуње за да ограбат две богати семејства во ова село, семејството на Трајко Џандаров и Васил Анџијата.6 Успевајќи да ги убеди во тоа, веројатно, ги водел од Чарлија преку селото Бонче и ги довел до месноста Скала“, преку која се продолжува за селата Кален и Дуње. Претходно, на тоа место, кое е полно со разни помали и поголеми карпи со разновидни и чудни форми, била поставена заседа од страна на четата на Мирче Ацев од Прилеп. Кога Анте Дунски, кој одел пеш напред, се појавил со осумчлената разбојничка група, која се движела на коњи, на местото наречено Скала“ четата на Мирче припукала на нив и прв од нив паднал Мефаил ага, по што Турците сетиле дека се измамени од Анте Дунски и се обиделе да го убијат, но тој брзо скокнал и се скрил зад некоја од карпите каде престојал сѐ додека не паднал и последниот Турчин од групата.7 На тој начин оваа разбојничка група била сосема уништена, а не се споменува ниту еден убиен или ранет од Мирчевата чета.

Куќата од војводата и неговите потомци во с. Дуње 2

Интересно е дека четата на Мирче Ацев во 1900 година имала голем број акции, кои се случиле во релативно кратко време. Имено, по убиството на полјакот Асан Суљо – Пушка во селото Долнени кое се случило на празникот Св. Пантелејмон (08.08.1900 година) само по шест дена, на 15 август следи друга акција во местото Црници меѓу Прилеп и Велес, при што е убиен Ферат Ружди бег од Охридско со тројца негови гавази, а десет дена по акцијата на Скала“ четата, на 25 септември, презела акција за ликвидирање на еден голем турски крвник од Прилепско, Булиман ага. Ваквата активност на четата укажува на фактот дека таа била постојано ангажирана во ликвидирањето на разни силници, на кои турската власт им гледала низ прсти или дури и ги стимулирала со доделување на имоти и села под нивна управа.

ВОЈВОДАТА АНТЕ (АНДЕ) ДУНСКИ

Погоре спомнатиот јатак и учесник во акцијата на четата на Мирче Ацев за ликвидирање на осумте Турци – катили од селото Чарлија, Битолско Анте (Анде) Дунски е подоцнежен војвода и комита од селото Дуње, еден од големиот број борци против турското ропство со потекло од областа Мариово. Тој е учесник и во голем број акции и битки пред Илинденското Востание, како и за време на востанието, а со својата активност продолжил и подоцна како војвода. Во историските книги се споменува како еден од четниците на прилепската чета на Петар Ацев,8 а нешто подоцна и како војвода на чета непосредно пред Илинденското Востание заедно со Петар Ацев, Толе Паша, Никола Пешков, Мирче Најдов, Димитар Старозагорски9 и други војводи. Уште 1901 година, кога за војвода во Прилепско доаѓа Никола Петров Русински, како еден од доверливите луѓе на Организацијата на кои може да смета Русински од револуционерниот комитет во Прилеп му го препорачуваат и „Анде од с. Дуње“.10

Момирица – Скала, едно од местата на битките на Анте Дунски

По враќањето од Смилевскиот конгрес членовите на Горското началство ја поделиле прилепската околија на 7 реони. На секој реон бил поставен војвода со чета и притоа Мукоскиот реон, со дел од полските села, му бил доделен на војводата Анте Василев.11 Според војводата Петар Ацев, пред востанието на Анте Дунски му бил доделен Мукоскиот реон, а во неговата чета секретар бил Иван Смичков. – Степанечкиот центар, со Вранечкиот, Долненскиот и Варошкиот го образуваа Мукоскиот реон со војводата Анте Василев, секретар Иван Смичков.“12

Пред востанието Анте Василев Дунски (Василев е друго презиме за Анте Дунски) го среќаваме во неколку битки. Една битка војводата Анте Василев води на планината Мукос, северно од Прилеп. Битката се случила на 7 Јуни 1903 година. Четата на Анте Василев броела 19 комити, а аскерот броел 40 души. На страната на комитите нема убиен, ниту ранет, а од аскерот се убиени или ранети тројца луѓе.13 На 19 јули (6 јули стар стил) 1903 година четата на Анте Дунски води битка со аскерот кај неговото родно село Дуње, помагајќи му на Петре Ацев и Никола Пешков со четите, кои се нападнати на врвот Студеница“ на Селечка Планина.14

Никола Петров Русински, кој учествува во битката кај Дуње од 19 јули 1903 година го споменува Анте Дунски под презимето Василев, како што се среќава и во други историски текстови. Тукушто се изместивме од привремениот логор надолу, најдовме една мала чета од 12 четници со Анте Василев …“15

Градба од турскиот период во центарот на селото Дуње – мудурлакот

Четата на Анте Дунски учествува и во нападот на мудурлакот во селото Витолиште за време на востанието, кога околу 500 комити и селска милиција се собрале во селото Живово, 4 км северно од Витолиште и се договориле за напад на воениот контингент во Витолиште.16 Исто така, Анте Дунски со својата чета учествува и во една трагична битка меѓу селата Дуње и Вепрчани, која се случила по пропаѓањето на востанието на 12 август, стар стил, 1903 година. Во неа, според Никола Петров Русински загинале дури 22 комити, меѓу кои и младиот војвода Никола Пешков од Прилеп.17 Оваа битка во која учествува Анте Дунски (Анте Василев) ја споменува и Георги Трајчев, кој истакнува дека во неа загинале 11 комити: Во текот на м. август обединетите чети на Никола Пешков, Анте и др., имаа битка со аскерот кај с. Вепрчани, која заврши со тешки загуби за нас. Паднаа 11 четници, меѓу кои и војводата Н. Пешков, Гр. Ракиџиев и др.“18

За подоцнежниот живот на војводата Анте Дунски, кој бил соработник на голем број војводи, како Никола Пешков, Петар Ацев, Толе Паша, Никола Петров Русински, Петре Железарот и др., немаме многу сознанија од пишуваната литература. Кај Георги Трајчев има и една нафрлена реченица за наводно преминување на Анте во грчките чети, како војвода на чета на грчката пропаганда по Илинденското востание. На друго место слично тврдење не сме сретнале. Еве што пишува Трајчев: …, а поранешните мариовски четници, Анте и Брајан – сега веќе грчки војводи.“19 Од друга страна, според кажување на постари жители на селото Дуње, Анте Василев учествувал и во Балканските војни и Првата светска војна и станал капетан во бугарската војска. За жал, немаме писмена потврда за овој дел од неговиот живот.

Стар бунар во центарот на селото Дуње

За Анте Дунски раскажува и еден од постарите жители на селото Дуње, 82-годишниот Стојан Тодески – Чачан. Според неговото раскажување, Анте (Анде) Дунски Миланов од семејството Јаснини од Дуње подоцна, во време на српското владеење во Македонија, бил претседател на општината, чиј центар тогаш бил во селото Дуње. Кога дошле Бугарите дошло до конфликт меѓу Трајко Анџијата, еден од најбогатите жители во селото и Анте. Трајко Анџијата бил поврзан со Бугарите и имал желба да стане претседател на општината. Анте испратил писмо во Битола кај некои свои пријатели и соработници во кое од нив барал кога Трајко Анџијата ќе се појави во Битола на пазар да биде ликвидиран. Пријателите на Анте го примиле писмото сериозно и кога Трајко Анџијата еднаш дошол на пазар во Битола го фатиле. Тој ги молел за да го поштедат бидејќи имал две мали девојчиња за гледање, а таквата молба ја поткрепил со 99 турски лири, кои им ги понудил на луѓето кои требало да го убијат. Според раскажувањето на Стојан Чачан на тоа тие реагирале на следниот начин: А бе, овој не бил крив. Ти не си крив. Слободно да си одиш дома! “ Ги зеле понудените пари и го пуштиле без да му наштетат.

Маалото со куќата на војводата во с. Дуње

Подоцна Анте (Анде) Дунски Миланов, познат војвода од Мариово, според Стојан Чачан, бил убиен од Бугарите некаде под селото кај воденицата Китеска. Тоа се случило нешто по 1920 година.

Случајот со неговиот крај и конфликтот со неговиот соселанец Трајко Анџијата е типичен и, речиси, свеж пример за македонската трагедија во расколот кој му се случувал на Македонците низ вековите, посебно деветнаесеттиот век и првата половина на дваесеттиот век. Имено, во услови на силни странски пропаганди, како и на странско владеење, Македонецот често бил приморан да се приклонува на една или друга страна за да преживее, а некогаш и за подобро лично материјално опстојување и на тој начин се раздвојувало македонското ткиво, се делеле Македонците на различни страни и притоа доаѓале во трагична ситуација дури и да се убиваат меѓу себе. Затоа општествените услови, како и политичките и социјалните секогаш треба да се имаат предвид кога се суди за одредени постапки на Македонците во минатото. Престрогото судење или наклонување на една или друга страна ги оживува старите „нечисти“ духови и го продолжува лошиот пример на двоење меѓу Македонците. Од друга страна, ако се анализира борбата на Македонците за слободата на македонскиот народ и за создавање на сопствена држава, може да се забележи дека желбата за слобода на Македонија е присутна кај сите Македонци без разлика како го гледале патот за доаѓање до неа, ценејќи го нејзиното опкружување.

УНИШТЕН ГРОБОТ НА ВОЈВОДАТА И ИЗБРИШАНИ ТРАГИТЕ ЗА НЕГО

Потомци на овој војвода денес можат да се сретнат во Прилеп, Гевгелија и на други места во Македонија. Еден негов потомок го носи името на војводата, Андон. Тој, денес живее во с. Смоквица, Гевгелиско. До пред неколку години во трпезаријата на црквата во селото Дуње еден необележан гроб беше вечно почивалиште на познатиот војвода од Мариово Анте Дунски. За жал, од непознати причини и мотиви или, просто незнаење(!!?), при реконструкција на трпезаријата, гробот е уништен, а моштите на војводата, веројатно, останале под новиот под од плочки од мермер. Денес нема траги од гробот во трпезаријата и трагите од него се сосема избришани. На тој начин и овој необележан споменик исчезна од местото на неговото раѓање. Споменот за него, за среќа, се уште е жив кај дело од неговите потомци, како и кај дел од жителите на селото, па се надеваме дека ќе се изнајдат сили и можности, особено свест, за изградба на соодветно обележје зашто овој голем борец против ропството и неправдата, односно, борец за слободата на Македонија и македонскиот народ тоа го заслужува. Да се надеваме дека тоа ќе се случи во некое скоро време и некој ќе изнајде сили и желба споменот за него да го овековечи со достојно реновиран гроб со соодветен натпис за покојникот за да остане вечен сведок и опомена за идните македонски генерации дека слободата барала и зела многу жртви, чие поднесување на нејзиниот олтар не било залудно.

Уништениот гроб на војводата во трпезаријата на црквата во с. Дуње

Во селото Дуње, на селските гробишта, во еден од гробовите почива уште еден војвода, кој со чета дејствувал во Мариово. Тоа е војводата Трајко Зојката роден во селото Живово во Мариово, а за кого од историјата, исто така, не знаеме многу. За него е познато дека, исто така, се одметнал и станал комита и дека учествувал во повеќе битки, како онаа за време на Илинденското востание при нападот на Мудурлакот во селото Витолиште и др. За него постојат повеќе сведоштва, особено фотографии со четата за време на Уриетот, кога тој од Битола дошол во Прилеп, заедно со други чети и војводи.20 По Уриетот, Трајко Зојката брзо насетил дека се работи за турска „ујдурма“ и не ја растурил својата чета, туку останал со неа во планините, знаејќи дека слободата на Македонија сѐ уште е далеку. Негови потомци денес има во селото Дуње, во Прилеп, Скопје и на други места, а неговото семејство од Дуње е познато како Шоклевци, од кои најстар член, до скоро, беше Трајко Златески – Шоклев, кој го носи името на својот предок.

Велика Сребрева крај гробот од војводата

Во селските гробишта некои од постарите жители на Дуње посочуваат уште еден гроб од млад жител на селото убиен исто така како соработник на комити со име Косте. Сето тоа покажува дека ова село на олтарот на македонската слобода има поднесено повеќ е жртви.

Војводата Трајко Зојката со својата чета

1 Георги Трајчев, Град Прилеп историско–географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 230.

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто. Коста Црнушанов – Ради Каранджулов, Никола Карнджулов, Златоврх, Софија 1993, 50 – 59.

5 Г. Трајчев, Град Прилеп, 230. Димитар Димески, Македонското национално ослободително движење во битолскиот вилает (1893 1903), НИО „Студентски збор“, Скопје 1982, 377. Киро Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид (крај на XIX почеток на XX век), Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), Друштво за наука и уметност, Прилеп 1991, 85.

6 Г. Трајчев, Град Прилеп, 230.

7 Исто.

8 Исто, 237.

9 Исто, 241.

10 Никола Петров Русински, Спомени, Предговор, редакција и коментар: проф. д-р Даринка Пачемска – Петреска и проф. д-р Војо Кушевски, Институт за националан историја, Скопје 1997, 182.

11 Прилеп и Прилепско низ историјата, кн. прва, Од праисторијата до крајот на Првата светска војна, Прилеп 1971, 258.

12 Петар Ацев, Прилепската револуциона околиа пред востанието, Илустрација Илинден, книга 5, Софија 1941, 9.

13 Прилеп и Прилепско низ историјата, Табела на битки пред востанието, 236.

14 Г. Трајчев, Град Прилеп, 237.

15 Н. П. Русински, Спомени, 332, 333.

16 Г. Трајчев, Град Прилеп, 241. Прилеп и Прилепско низ историјата, 258, 259.

17 Н. П. Русински, Спомени, 299, 300.

18 Г. Трајчев, Град Прилеп, 241.

19 Исто, 321.

20 Исто, 260.