ПРЕД 112 ГОДИНИ – КАКО ЗАГИНА ВОЈВОДАТА ЃОРЕ СПИРКОВ ОД СЕЛОТО ЛЕНИШТА, ПРИЛЕПСКО

Ѓоре Спирков Леништанецот во 1903 година влегол во четата на Петар Ацев од Ореовец, а подоцна станал војвода. Учествувал во повеќе битки од кои и во битката над селото Селце на 28 јули 1904 година кога загинале Никола Каранџулов и Најдо Пешталевецот. Учествувал во снабдувањето на Организацијата со оружје и по една таква акција на 12 август 1907 година* бил нападнат со четата кај селото Топлица, Прекурид, каде бил ранет и за да не падне во рацете на Турците самиот си го одзел животот.

Еден од најистакнатите војводи кои се бореле против четите на пропагандите во Прилепско бил братот на војводата Петар Ацев од селото Ореовец, Ѓорѓи Ацев со својата чета. Зимата 1905 година Петар Ацев оди во Бугарија да се одмори и да обезбеди оружје за својата чета и на неговото место како заменик останува неговиот брат Ѓорѓи. Во тоа време Ѓорѓи Ацев е многу млад и има само 20 години, но е многу популарен и омилен кај народот и кај неговите другари комити. Неговите планови се сврзани најмногу со очистувањето на теренот од четите на странските пропаганди, зацврстување на Организацијата по селата и вооружувањето.1 Тој со својата чета повеќе пати се судира со четите на грчката и српската пропаганда и им нанесува големи порази. Посебно е позната битката со четата на грчкиот пропагатор и агент на грчката пропаганда Панајотис која се случила во август 1905 година на завојот на Црна Река кај селата Чегел и Гнилеж, Битолско. Четата на Ѓорѓи Ацев броела 19 души и извојувала голема победа над грчката чета, која броела дури 70 души. Во жестоката битка меѓу двете чети биле убиени дури 13 андарти меѓу кои и самиот грчки војвода Панајотис, а двајца од андартите биле фатени живи. Многу од андартите во обидот да се спасат се удавиле во Црна Река. Од борците на четата на Ѓорѓи Ацев бил ранет само еден четник, а загинати немало.2 Оваа битка била голем удар за грчката пропаганда, која била посебно засилена во Мариово и во Тиквешко. Во овие краишта таа е една од пропагандите која внесувала раздор меѓу населението кое често влегувало во братоубиствени пресметки.

Ѓорѓи Ацев (прв десно) со својата чета
Ѓорѓи Ацев (прв десно) со својата чета

Во 1906 година е изработен план од околискиот комитет во согласност со реонскиот војвода за дејство против четите на српската пропаганда, која посебно била засилена во Поречието, како и во Скопско и Велешко. Било договорено сите соседни околии на Прилеп да ги засилат четите и во определен ден да тргнат кон србоманските села и да го стеснат обрачот околу нив.3 Велешката чета на Панче Константинов во своите редови собрала и 120 души селска милиција. Ним им се придружила и четата на прилепскиот војвода Ѓорѓи Ацев. Двете чети, заедно со милицијата броеле 180 души добро вооружени и подготвени за борба.4 Оваа голема акција не била изведена поради смртта на реонскиот војвода Ѓорѓи Ацев кај селото Крапа кое било вистинско гнездо на српската пропаганда. Војводите Ѓорѓи Ацев, Панче Константинов од Велес и Дочо Јотов со четите тргнале за Крапа каде требало да го запленат оружјето кое се наоѓало таму. Вака формираната единица од споменатите чети, помогнати од Арсо Локвички со неговата чета, стигнала до Крапа на 22 јуни 1906 година и го опсадила селото.5 Според Стефан Аврамов, во селото Крапа најпрво влегла групата во која биле Дачо Јотов, Секула Ореовдолски, Милан Србинот, Велко Апостолов Попадиски, Спиро Тошев и Никола Николов, кои ја запалиле куќата на селскиот свештеник, а притоа, само по неколку минути се запалил складот со оружје и експлозивни материјали на српската пропаганда. Кога почнале да експлодираат бомбите во овој склад, во селото се слушнала страшна експлозија која внесла страв меѓу селаните и српските четници. Според Трајчев организираните чети го запалиле и училиштето во селото.6 Српските агенти, и сите поврзани со нив, го напуштиле селото од страв, но при извлекувањето многумина од нив загинале.7 За да им вратат за нанесениот пораз, српските чети се собрале на советување и решиле да им подготвуваат заседи на македонските чети. Една таква заседа била поставена уште на 23 јуни 1906 година во местото „Куртов Камен“, а српските чети ги воделе познатите српски војводи во Македонија Јован Бабунски и Глигор Соколов.8 На 25 јуни 1906 година кај месноста „Куртов Камен“целиот одред од организираните македонски чети, на пат за селото Папрадиште, паднал во заседа на српските чети и притоа загинале војводите Панче Константинов и Ѓорѓи Ацев, кои оделе на чело на комитите.9 Ѓорѓи Ацев најпрво бил тешко ранет, по што раководството на четата го презема неговиот помошник Мирче Најденов. Се разврзала голема битка која продолжила до доцна во ноќта. Српските чети отстапиле во правец на Богомила, а утрото на 26 јуни на местото на битката пристигнал аскер и македонскиот одред морал да се повлече на планината Јакупица, над селото Нежилово. На 27 јуни селаните од селата Ореше и Папрадиште отишле во местото „Куртов Камен“, ги собрале телата на 10 убиени српски четници, на Панче Константинов и неговите другари и ги погребале. Телото на Ѓорѓи Ацев е пронајдено дури на 28 јуни 1906 година и притоа селаните констатирале дека Ацев бил доубиен од српските четници.10

ЃОРЕ СПИРКОВ ЛЕНИШТАНЕЦОТ

Ѓоре Спирков - Леништанецот
Ѓоре Спирков – Леништанецот

По смртта на Ѓорѓи Ацев Прилепско останало без реонски војвода. Комитетот го назначил за нов реонски војвода Мирче Најденов по потекло од селото Мало Коњари, Прилепско. Прилепскиот комитет барал за реонски војвода да се врати од Бугарија Петар Ацев.11 Во август 1906 година Петар Ацев се вратил во Прилеп со својата чета, а од таму со чета како придружба на купеното оружје доашол и Ѓоре Спирков, познат како Леништанецот или Леништанчето. Четата на Ѓоре Леништанецот била ангажирана при спроведувањето на пратките со оружје за Организацијата во Прилепско.12 Во почетокот на 1907 година оваа чета повторно ја среќаваме со таква задача. Тогаш околискиот комитет испратил свој човек во Софија да купи оружје и да ја вооружи четата чиј војвода требало да биде Александар Бујнов. Тој за војвода е избран од самите Прилепчани. Оружјето било купено и четата вооружена уште во јануари 1907 година, но нејзиното доаѓање во Прилепско било спречено од задграничното претставништво на Револуционерната организација. Според Георги Трајчев тоа е направено поради фактот што Александар Бујнов бил убеден санданист, а неговото избирање за војвода како такви ги „обележало“ и Прилепчани.13 Со тоа не се сложува Ангел Динев за кого причините за блокирањето на четата на Александар Бујнов се со поинакви мотиви на задграничното претставништво нагласувајќи дека во 1907 година во Западна Македонија „царуваше полн хаос во редовите на Организацијата“.14 Подоцна се случува извесен договор и оружјето наменето за четата на Бујнов е ослободено и предадено на Ѓоре Спирков Леништанецот за да го спроведе до назначеното место.15

Петре Ацев
Петре Ацев

Освен ваквата активност, Ѓоре Леништанецот учествувал и во други акции, посебно во битките кои се случувале во Прилепско. Тој се среќава во четата на Петре Ацев уште во 1903 година, а го среќаваме и за време на битката над селото Селце кај Прилеп кога загинал војводата Никола Каранџулов.16 Пред заминувањето за Селце на Никола Кранџулов и Петре Ацев со останатите комити, Ѓоре Спирков останал со тврдење дека сака да влезе во Прилеп. Кога ги слушнал пукотниците откај Селце тој посакал веднаш да им појде напомош на своите другари со селската милиција, но началникот на милицијата му рекол: Погледни какви орди доаѓаат откај Прилеп.“ Ѓоре зел пушка и се упатил кон селата Лениште и Плетвар каде се сретнал со комитата Симеон од селото Присад, Прилепско. Наоѓајќи се пред останатите комити, кои биле нападнати од турскиот аскер кај Селце, Симеон се измолкнал пред потерите и стигнал кај својата сестра во Плетвар каде го дочекал Ѓоре Леништанецот.17

БИТКАТА КАЈ СЕЛОТО ТОПЛИЦА И ЗАГИНУВАЊЕТО НА ЛЕНИШТАНЕЦОТ

Ѓоре Спирков Леништанецот е еден од организираните борци под влијание на револуционерното семејство на Ацевци од селото Ореовец, Прилепско. Тоа го покажува и неговото започнување како нелегален борец во четата на Петре Ацев во 1903 година уште пред Илинденското востание. Такви луѓе имало и од другите околни села како што биле Присад, Степанци, Селце, Мажучиште и др. При крајот на летото 1904 година Ѓоре Леништанецот го среќаваме на една средба на Петар Ацев со српскиот војвода од селото Небрегово, Прилепско, Глигор Соколов Ламе. Таа година Глигор Соколов со чета е испратен од Србија, од градот Ниш, по канал на ВМРО, преку Скопско во Македонија.18 Ова, според Ѓорче Петров, му е овозможено со залагање на Борис Сарафов, како и со помош на врховистичкиот војвода од Прилеп Јордан Тренков, кој му е голем противник на Петар Ацев и го дочекал Глигор Соколов од Србија како прилепски вовјода.19 Средбата меѓу Ацев и Соколов се случила во месноста „Небрешка Липа“, на врвот Мукос, близу селото Небрегово. На оваа средба војводата Ацев бил придружуван од Трајко Кралот од селото Брник, Мариово, Ѓоре Спирков Леништанецот и Крсте Гермов Шакир. При средбата Трајко Кралот и Ѓоре Леништанецот настојувале да го разоружаат Глигор Соколов, со договор Трајко Кралот да му ја земе пушката на Глигор со изговор дека сака да ја разгледа, а Ѓоре Спирков да го застрела. Тоа го спречил Петар Ацев бидејќи сметал дека со тоа ќе се компромитира пред Организацијата, како да го прави „од лични амбици и стари сметки“.20 Многу брзо потоа Глигор Соколов веќе отворено настапил како агент на српската пропаганда и неколку седмици по средбата во „Небрешка Липа“ тој во селото Никодин, Прекурид, јавно застанува во заштита на луѓето на српската пропаганда и се пројавува како србоман.21 Поради тоа се организира уште една средба меѓу него и Петар Ацев, која е договорена во селото Маргари, Прилепско. На оваа средба Глигор Соколов доаѓа подготвен, со тоа што во една куќа во Маргари, пред средбата, собира свои вооружени луѓе и организира заседа. Ацев, не знаејќи за заседата, ја оставил својата чета во една куќа во Маргари и на средбата со Соколов дошол само со Ѓоре Леништанецот, Јордан Тренков и Тодор Оклев од Прилеп. Средбата се случила во куќата на Цветан Чавлев, кој му бил братучед на Јордан Тренков.22 На оваа средба Глигор Соколов јавно се открива како српски вовјода. Налутен, тој пред Ацев изјавил: Е, добро, јас сум србоман, појунак сум од тебе, ќе бидам поголем војвода од тебе и вие ќе ми се потчинувате.“23 На ваквите навредливи зборови за Организацијата и околискиот војвода Петар Ацев, не издржал Ѓоре Леништанецот и ја дигнал пушката да стрела во Глигор Соколов.24 Ацев сфатил дека ова е стапица и го спречил Леништанецот во намерата да стрела во Глигор Ламе.

Мирче Најденов, тане Николов и Ѓоре Леништанецот
Мирче Најденов, тане Николов и Ѓоре Леништанецот

Со Ѓоре Спирков Леништанецот има средба и самиот автор на книгата „Револуционите борби во Азот и Поречието“, Стефан Аврамов. Тој во крајот на октомври 1906 година бил заробен од српските чети во селото Локвица.25 По долго и мачно патешествие Стефан Аврамов успеал да избега, а потоа по случајна средба со четата на крушевскиот војвода Блаже Крстев Биринчето и десетдневен престој во Крушевско, тој бил одведен кај мариовскиот војвода Крсте Гермов Шакир, со кого се сретнал во селото Пештани, Мариово. Преку канал, Крсте Гермов го предал на војводата Ѓоре Спирков Леништанецот во селото Тројаци, Прекурид, а овој го препратил во селото Попадија, Велешко.26 Ова значи дека во 1906 година Ѓоре Спирков Леништанецот веќе бил војвода на самостојна чета во Прилепско.

Четата на Тане Николов - во средината, седнат, лево Жоре Леништанецот, десно Мирче Најденов
Четата на Тане Николов – во средината, седнат, лево Ѓоре Леништанецот, десно Мирче Најденов

Имајќи предвид дека за време на битката на „Ножот“тој водел сопствена чета може да се претпостави дека покрај останатите војводи и чети тој бил еден од учесниците во оваа голема битка, во која ги дале животите 57 македонски борци за слобода. Кај некои од членовите на неговото семејство се смета дека тој загинал токму во оваа битка. Од друга страна, во книгата „Никола Каранџулов“ од двајцата автори Коста Црнушанов и Ради Каранџулов (внук на војводата Никола Каранџулов од брат му Ѓорѓи) во делот на Ради Каранџулов се наведува дека Ѓоре Спирков Леништанецот загинал на враќање од Бугарија со завршена задача за пренесување на оружје кај селото Топлица во областа Прекурид. Имено, во една од белешките таму се наведува дека војводата Ѓоре Спирков Леништанец во јануари 1907 година заминал во Бугарија за доставување на оружје. Откако ја исполнил задачата во септември истата година тој со својата чета бил пресретнат од Турците кај селото Топлица, Прилепско, при што е тешко ранет. За да не им падне жив во рацете на Турците тој решил самиот да си го одземе животот.27 Според Георги Трајчев, на 12 август 1907 година во селото Топлица, Прилепско од турска потера се опсадени четите на Тане Николов, Ѓоре Леништанчето и велешката чета на Тодор Цветинов. Четите успеале да го пробијат обрачот без да имаат загуби, но откако го напуштиле селото, биле пресретнати од друг аскер и во битката што се разврзала загинале 7 комити. Меѓу загинатите биле и двајцата војводи Ѓоре Спирков Леништанецот и Тодор Цветинов од Велес.28 Така завршил борбениот пат на овој истакнат прилепски војвода од селото Лениште, кое се наоѓа на околу 4 км североисточно од Прилеп, во близина на патот за Скопје. Што се однесува до пратката за оружје, таа е веројатно онаа, која требало да биде наменета за четата на војводата Александар Бујнов, кој бил спречен да дојде за војвода во Прилепско од задграничното претставништво на Организацијата во Софија. Според раскажувањето на жителите, убиените комити се погребани во еден гроб во селските гробништа во селото Топлица. Пред неколку години гробот е обновен со посебно обележје.

Војводата Тане Николов
Војводата Тане Николов

Ѓоре Леништанецот, како војвода на самостојна чета, го среќаваме и во други битки. Една од нив е и битката кај селото Ореовец, Прилепско, која се случила на 13 септември 1906 година. Во оваа битка загинале дури 6 комити од четата**, а меѓу нив и комитата Димко Грдан од Прилеп.29 Леништанецот е еден од војводите, кој со својата чета учествувал и во битката на „Ножот меѓу селата Ракле и Никодин, која се случила на 14 јули 1907 година, а во која учествуваат и другите прилепски војводи со своите чети, како Петре Ацев, Мирче Најденов, Секула Христов Ореовдолски и др.30

* Датумот на битката и загинувањето на леништанецот, кај различни автори е различен, 12 август, 15 август (стар стил), а каи некои автори битката се случила во септември.

** Пред црквата во селото Ореовец, во денешната трпезарија, можат да се забележат посебни камари кои, според раскажувањето на жителите, се обележје на гробот на убиените комити во 1906 година.

1 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 246.

2 Исто, 324.

3 Исто, 246, 247. Стефан Аврамов, Револуционите борби во Азот (Велешко) и Поречието, Македонски Научен Инститиут, книга X, Софија 1929, 139, 140.

4 С. Аврамов, Револуционерните борби…, 140.

5 Исто. Г. Трајчев, Град Прилеп, 247. Ангел Динев, Илинденска епопеја, книга II, Мисла, Скопје 1997, 111, 112.

Според Трајчев, опсадата и влегувањето на четите во селото Крапа се случило на 24 јуни 1906 година. Сепак датумот кај Стефан Аврамов, веројатно е поверодостоен зашто тој го следи движењето на здружените чети неколку дена пред овој датум и по него, наведувајќи ги датумите на престој на повеќе места. Според Динев, настанот се случил на 23 јуни.

6 Г. Трајчев, Град Прилеп, 247.

7 С. Аврамов, Револуционерните борби…, 140, 141. А.

Динев, Илинденска епопеја, 111, 112.

8 С. Аврамов, Револуционите борби…, 141.

9 Исто, 141, 142. Г. Трајчев, Град Прилеп, 247. Ангел Динев, Илинденска епопеја, 112.

Прв бил погоден Панче Константинов, кој бил на чело на одредот заедно со војводите Ѓорѓи Ацев, Мирче Најденов (кој му бил помошник на Ацев), Арсо Јовев Локвички и комитите Цветан Стровјанчето и Цоно Андрејчев. По Константинов паднал Цветан Стровјанчето, а биле ранети и неколку други комити. С. Аврамов, Револуционите борби…, 142.

10 С. Аврамов, Револуционите борби…, 143.

Според Г. Трајчев, Ѓорѓи Ацев, за да не падне во рацете на непријателот самиот си го одзел животот. Г. Трајчев, Град Прилеп, 247.

11 Г. Трајчев, Град Прилеп, 247.

12 Исто.

13 Исто, 247, 248.

14 А. Динев, Илинденска епопеја, 135, 136.

15 Г. Трајчев, Град Прилеп, 248.

16 Коста ЦÍрнушанов – Ради Каранджулов, Никола Каранджулов, ЗлатоврÍх, Софи® 1993, 56.

17 Исто.

18 С. Аврамов, Револуционите …, 44, 45.

19 Ѓорче Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950, 127, 128, 129.

На Рилскиот конгрес Јане Сандански го обвинил Борис Сарафов за повеќе работи, а меѓу нив и дека примил пари од српската влада. Сарафов на обвинувањата одговорил: Ме обвинувате, но јас го направив тоа без каков да е ангажимент; мислев дека ќе влезат и Србите во правиот пат и дека ќе допуштат наши чети да одат, но штом тие сега праќаат српски чети, јас сум против нив и им отворив војна.“ Ѓ. П., Спомени, 128.

20 С. Аврамов, Револуционите борби…, 46.

21 Исто, 47.

22 Исто.

23 Исто, 49.

24 Исто.

25 Исто, 122.

26 Исто, 126, 127.

27 К. Ц. – Р. К. Никола Каранджулов, белешка 31, 100.

28 Г. Трајчев, Град Прилеп, 268.

29 Исто, 267.

30 С. Аврамов, Револуционите борби…, 145 – 165.