СТАР ВИНАРНИК ВО КАМЕН ВО БЛИЗИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ, „БАБА – КУКУЛ“

Иако самата форма не е никаков аргумент за каква било констатација, за еден од камените винарници на локалитетот „Баба“ кај Прилеп не смееме, а да не забележиме дека се одликува за особени карактеристики. Тој бил изработен на една помала карпа со неправилна правоаголна форма, на една помала чистина на околу 500 м јужно од локацијата на тврдината „Баба“, кој располага со импозантната исправена карпа со антропоморфна форма. Малата карпа со винарникот преживеала разновидни интервенции, како при изработката на двете корита поврзани со посебен отворен излез, така и при интервенциите за изработка на помошните елементи, кои претставувале делови од конструкцијата, која била надградба на самата карпа – покрив, ограда и сл. На тој начин самата карпа била културно дооформена, зарежана во повисокиот дел под самиот раб или биле врежани правоаголни и кружни јами за конструктивните елементи.

Винарникот во амбиент

            Нашата забелешка, особено, се однесува на денешниот изглед на објектот, кој има релативно помали димензии од повеќето слични објекти во областа, двете корита се со приближна димензија од околу 1 m должина, 0,90 m ширина и од 0,20 до 0,40 m длабочина  а нивните рабови се со нарушена форма од долгото еродивно дејство. Веројатно е дека и самиот отвор кој ги поврзувал доживеал оштетување и денес е само влез од едното во другото корито од отворен тип.

Винарникот од југозапад

            Со оглед на ваквата форма и еродивното дообликување на профилите, како и релатвната просторна блискост со локалитетот „Баба“ на кој се наоѓаат остатоци од населба со тврдина од праисторијата и раната антика, можеме да претпоставиме можна подлабока старост на овој винарник и покрај тоа што до денес археолозите ваквите археолошки експонати, речиси, редовно ги датираат во римскиот период.

Двата дела на винарникот

            Особено е интересен самиот амбиент во кој се наоѓа овој камен винарник, опкружен со околина богата со исклучителен релјеф, односно, карпи во разновидни форми, кои на своевиден начин потсетуваат на раскалашното, весело и живописно друштво на богот на виното, Дионис, при славењето на празникот кој му бил посветен нему. На тој начин, овој камен винарник претставува исклучителен културен споменик.

 

            Ако внимателно се разгледа непосредната околина на споменатиот винарник, може да се констатира извесно присуство на други археолошки остатоци, односно, ретки фрагменти од керамички садови, извесни камени блокови,

Карпата со винарникот со поглед кон Прилеп

кои индицираат постоење на камени форми од минатото и сл. Имајќи го фактот што во негова близина се наоѓа споменатиот локалитет, „Баба – Кукул“, може да се претпостави дека овој винарник им служел на жителите на старата населба од овој локалитет, заедно со голем број други слични објекти од пошироката околина. Според нашите сознанија, во околината на локалитетот со оваа стара населба можат да се избројат десетина и повеќе слични објекти, кои упатуваат на тоа дека жителите на ова населба се занимавале со одгледување винова лоза и производство на вино.

Карпата со винарникот со поглед на Златоврв

            Од археолозите, овој објект за гмечење грозје, го посетил, измерил и опишал Александар Миткоски, вработен во Завод и Музеј Прилеп.