„ТАШОВА ЛИВАДА“ И „ГЛАВИЦАТА“ КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО – ЛОКАЛИТЕТИ СО НАСЕЛБИ ОД ПРАИСТОРИЈАТА И АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

На околу 1 km југоисточно од селото, од левата страна на Крушевичка Река, која го дели селото на два дела, на една помала карпеста тумба над реката, на локалитетот познат како „Ташова Ливада“,1 се наоѓаат траги од населба, која во горниот дел над карпите има и остатоци од ѕидови од камен. На самиот дел со карпите може да се видат бројни траги од интервенции на човечка рака, при што се добива впечаток дека некои од карпите се сосема изменети по форма и „култивирани“ со вклопување во извесни стари градби, со надградби за своевидна намена. Не треба да се исклучува ниту претпоставката дека некои од вака обработените карпи биле користени за извесни култни намени. Една од највисоките карпи, високо на речниот брег, била целосно обработена на горната површина, со целосно и убаво обработени рабови, хоризонтално оформени, во вид на основа за надградба со ѕидови или слична намена. По површината на некои од карпите се издлабени цели патеки, тераси и канали, како и разни други правоаголни и кружни форми, од кои очигледно и такви кои служеле како основа на извесни столбови, веројатно, од дрво. На површината на теренот на овој локалитет се наоѓаат фрагменти од керамика од раната антика, но исто така и фрагменти од керамика од бронзеното време2 што излегуваат во подолните слоеви, кои на извесни места се откриени со диви раскопувања.

Остатоци од градби на повисоките делови на локалитетот „Ташова Ливада“

          Ваквите наоди упатуваат на интересни заклучоци дека оваа стара населба имала подолг континуитет на активно постоење и тоа од бронзеното време до раната антика, или на старото место на населба од бронзениот период, се формирала населба и во раната антика, која е периодот на силниот подем на Македонија како империја во светски размери за времето на Филип II Македонски (359–336 п.н.е.) и неговиот син Александар III Македонски (336–323 п.н.е.). Горната површина на тумбата со природни форми карпи е поделена на два дела со различна провршина. Првиот дел се наоѓа на југозападната страна, зафаќа помала површина и е поблиску до реката. Во тој дел спаѓаат и споменатите карпи, кои се полни со разновидни обработени форми.

Остатоци од градби во североисточниот дел на локалитетот „Ташова Ливада“

          Вториот дел од локалитетот продолжува по рамниот дел од ридот, североисточно и зафаќа многу поголема површина. Остатоци од градби се среќаваат и малку подалеку, одејќи североисточно по ридот. Може да се каже дека целата населба, од она што сега може да се забележи на теренот, зафаќала површина од околу 1 ха. На тој дел од локалитетот, кој располага со поголема земна површина, се наоѓаат повеќе остатоци од стари градби за кои претпоставуваме дека потекнуваат од раната антика. Градбите од бронзеното време, веројатно се градени со дрвени конструкции облепени со печена земја од која траги можат да се најдат и на површината на локалитетот.

Скали врежани на коса површина од карпа

            Со населбата од бронзено време на локалитетот „Ташова Ливада“, кој иако доста мал по површина, се чини дека е интересен за археолошката наука, треба неминовно да се поврзе еден тумул што се наоѓа на ридот од североисточната страна на локалитетот наречен „Тапанот – Острилата3 и не е оддалечен повеќе од 300 метри од локалитетот „Ташова Ливада“. Значи, може да се констатира дека погребувањето во овој тумул е вршено од страна на жителите на бронзеновременската населба, која била лоцирана на тумбата, односно, локалитетот „Ташова Ливада“. Секако, не треба да се исклучи ниту можноста дека тумулот бил користен за погребување и во следните периоди, најмалку во македонскиот период, особено, ценејќи го фактот дка на истиот локалитет се среќаваат остатоци од култура и од тој период. Дека тумулите од праисторискиот период биле користени и во следните периоди, сѐ до средниот век имаме потврда на најмалку два локалитети. Еден од нив е локалитетот „Страгата“ кај селото Крушевица,4 додека вториот е тумулот на локалитетот, „Сламите“ кај селото Вепрчани.5 Просторот кој се наоѓа од источната страна на „Ташова Ливада“ е полн со интересни форми карпи кои, веројатно, го привлекле вниманието на старите жители. Во блиската околина на локалитетот, освен реката, можат да се забележат и помали извори, кои биле еден од условите за формирање на старата населба.

ГЛАВИЦАТА“ – ЛОКАЛИТЕТ СО МАЛА УТВРДЕНА ТУМБА СО КУЛТУРНИ ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИЈАТА

            На истата страна на брегот на Крушевичка Река, на само, околу, 300 m од „Ташова Ливада“, поблиску до селото Чаниште, среќаваме уште еден локалитет со остатоци од култура од праисторијата, познат како „Главицата“.6 Се работи за впечатлива карпеста тумба со зарамнет дел на врвот, кој бил обѕидан со ѕид, односно, поседувал заштитен ѕид за мала група жители, кои веројатно, имале населба на локалитетот. Културни остатоци се среќаваат и на падините на тумбата, особено, од јужната страна, како и во малата долина од таа страна. Еден стар пат, подѕидан со поголеми камени блокови и наместа поплочен, ја заобиколува тумбата од јужната страна и слегува до најнискиот  дел од брегот на реката.

Локалитетот „Главицата“

            На тој начин, на многу мало растојание, на истата страна на Крушевичка Река среќаваме два локалитети со интересна културна содржина од праисториските и поновите периоди. Уште повеќе, по брегот на Крушевичка Река, недалеку од споменатите два локалитети има уште неколку локалитети со остатоци од населби. Еден таков локалитет е сосема близу до „Ташова Ливада“, на спротивната страна на брегот. Тоа е лкалитетот „Пуров Дол“,7 кој претставува помала тумба на чија површина се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули и слични археолошки остатоци, кои упатуваат на помала населба од раната антика, односно, македонскиот период. Малку подолу, од истата страна, односно на десниот брег, се среќаваме со еден поголем локалитет со населба, познат како „Голиот Рид“,8 каде на поголема површина се наоѓаат остатоци од темели од градби, како и фрагменти од керамички садови и градежна керамика, од римскиот период, доцната антика и средниот век. Во блиска околина, од десната страна на Крушевичка Река се наоѓа и локалитетот „Старо Село“,9 кој располага со разновидни археолошки остатоци на теренот и кој, според преданието, е старата локација на денешното село Чаниште.10

Подѕидан пат од јужната страна

            Во малку подалечната околина, подалеку од брегот на Крушевичка Река, има уште голем број локалитети со културни остатоци од разни временски периоди. Од левата страна на реката, малку подалеку од брегот, ќе ги споменеме локалитетите, „Чардакот“ и „Белата Земја“ – со траги од македонскиот период и други периоди – гробови издлабени во карпа, винарници во камен, симболика со врежување во карпа и слично,11 потоа тумулот „Тапанот“, како и импресивниот локалитет „Кукулати Камен“ со праисториска култура.

Група фрагменти од керамички садови од л. „Главицата“

            За крај, неминовно е да се наведе, дека сите ови набројани локалитети и културните остатоци со кои располагаат, се само мал процент од вкупното културно наследство, односно, материјалната култура со која располага атарот на селото Чаниште. Всушност, на овој простор се среќаваат десетици локалитети со остатоци од материјалната култура, а некои од нив располагаат со завидни остатоци и се вистински репрезенти на некои од културните периоди.12

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР – КОМ, Прилеп 2002, 116, 117. Александар Митковски, Мариово во праисторијата, (УДК 904:622.474 (497.715)), 2.

2 Александар Митковски, Мариово во праисторијата, 2.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II, 116.

4 А. Миткоски, Примарниот тумул од локалитетот Страгата кај селото Крушевица, Мариово, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, УДК 903.5(497.775)”637/353”. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …,   133 – 136.

5 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II, 201 – 204. Александар Митковски, Тумулите во Мариово, Зборник на трудови бр. 23, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, Битола 2020, 1 и 5 – 7.

6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 122 – 123.

7 Исто.

8 Исто.

9 Исто, 126, 127.

10 Исто, 127.

11 Исто, 125, 126.

12 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II … .

ОД АРХЕОЛОШКИТЕ ОСТАТОЦИ НА Л. „ГЛАВИЦАТА“