ВТОРАТА МАРИОВСКА БУНА – 1688/89
Според народното предание Мариово била област со посебен општествен, социјален, па и политички статус во Турската Империја. Во него се изнесува дека оваа област во турскиот период уживала т.н. „земска автономија“, со посебен старешина на областа „земски кмет“, како хас (имот) на највисоки достоинственици во империјата, како што се султанот и везирите. Повеќе автори ја објаснуваат оваа посебна општествено-социјална, па и политичка положба на Мариово во турскиот период. Многумина од нив сметаат дека посебната положба на Мариово во рамките на Империјата била реалност.1 Тие тврдат дека Мариово, уште во почетокот на турското владеење се здобило со посебна социјално-економска и политичка положба, која ја зачувало со векови. Областа станала „султанска“ и се здобила со целосна христијанска самоуправа, без мешање на турската власт во внатрешните односи на областа, како полунезависна, природна, етничка, социјална и политичка целина.
Со неа управувале земски кметови, домаш ни господари, наследени од владеачката традиција пред доаѓањето на Турците на Балканот. „Како имот на Мара-Султанката, оваа област користела извесни привилегии. Населението било ослободено од големи даноци, а на посилните (јунаци) мажи им било дозволено да носат оружје. Таа традиција продолжила до неодамна, кога ја наследиле и другите султанки, по Мара. Како дете помнам, пред 40 години, многумина мариовци идеа на пазар вооружени со пушки-кременарки.“2
Мариовците имале право да избираат свој „земски крсердар“, со титула „војвода од Мариово“, кој водел „земска чета“3 за народна самоодбрана, односно, заштита на областа и населението од турските и арнаутските зулумќари и арамии. Тоа им давало права на мариовските главешини и нивните придружници, како и сите мариовци, да носат оружје, кое се сметало како дел од машката облека. Според застапниците на ова гледиште за посебната положба на Мариово во турскиот период, жителите во селата на областа живееле целосно социјално-економски слободни од агите и беговите. Наместо тоа, земските кметови со својата вооружена придружба, секоја година на празникот Ѓурѓовден оделе на поклонение кај султанот, носејќи му неколку товари масло и исто толку товари мед, како бакшиш на царот. Според Георги Трајчев, земските кметови данокот го предавеле во Прилеп: Предавањето на даночните суми се правело со голема свеченост. Земскиот кмет, придружуван од 1-2 кмета, јавнати на добри коњи, убаво облечени, вооружени и следени од двајца земски сејмени, облечени во јаничарска носија, ги носеле парите во Прилеп.4

Некои автори додаваат дека понекогаш на султанот му давале и по едно мариовско „чупе“ за царскиот харем, како доброволен данок во крв,5 од кој, инаку, биле ослободени. Оваа земска автономија траела до 1834 година, кога титулата „земски кмет“ била укината.
Потврдено е дека Мориовската нахија навистина била имот на високи „царски“ луѓе. Како хас Мариово може да се сретне во многу турски документи, почнувајќи од 1481 година, кога оваа област му припаѓала на мирмиранот на Румелија. Во 1519 година се потврдува дека Мариово била хас на големиот везир Мехмед-паша, а при пописот од 1528/29 година, оваа област е заведена како хас на највисоката личност во империјата, султанот. Во 1544/45 година Мариово е повторно хас на везирот Мехмед-паша, а во време на Првата Мариовска буна, селата од Мариово биле хас на „почитуваниот везир Мустафа-паша“. Во 1665 година истите села биле еден од хасовите на големиот везир, кајмакам на Високата Порта, Ибрахим-паша. Единствено во најстариот познат документ за попис, од 1476/77 година, во кој Мариово е запишано како заемат на Насух Диване.6
Самиот факт дека областа низ вековите била дел од имотите на највисоки личности од империјата упатува на можност за посебниот статус на Мариово. Македонските историчари кои, патем, посветиле малку внимание на Мариово за време на турското владеење, сметаат дека нема аргументи за некоја особена положба на областа во тој период.7 Сепак, не го заобиколуваат фактот дека од споменатиот сопственички статус произлегува и посебен општествен статус на селата од областа.
„Тврдењето на некои од авторите и на народната традиција дека Мариово имало ’земска автономија‘ сигурно доаѓа и од фактот што повеќе мариовски села или целото Мариово подолго време било хас и како такво уживало извесен феудален имунитет во турските документи наречен ’serbestiyet‘, кој имал сосема ограничен обем, а се изразувал главно со тоа што во селата кои се хас не можеле да влезат државни функционери да конакуваат и да земаат храна и што во извесни случаи селаните биле ослободени од даноците наречени ’tekalifi şaka‘, т.е. тешки даноци како што бил случајот и со мариовските села. Сербестиетот се огледал и во тоа што сите даноци, такси и приходи ги земал само поседникот на феудалниот посед, наречен ’mutaserrif‘.“8
„… постои една друга, се чини многу поприфатлива можност. Познато е дека самоуправата во нашето село се изградувала низ векови со обичајното право. Таа самоуправа била сочувана сѐ до XIX век, главно поради тоа што турската државна управа не одела подалеку од нахијата, така што селото немало над себе непосредна контрола од страна на државните органи на власта. Нормално би било во мариовските села таа самоуправа да дошла до поголем израз, бидејќи природната изолираност на областа овозможувала таа да се сочува и постепено да се развие многу повеќе отколку во другите области од Македонија.“9

Токму посебната положба на селата во Мариово во Империјата се наведува како една од главните причини за отпорот на жителите на Мариово против наметнувањето на ропските услови, а особено за подигањето на вооружени акции, буни и сл. Познати се дури две мариовски буни против турските зулуми. Првата се случила во 1564/65 година, која се смета за поголема, а Втората, помала, од 1688/89 година, која ги опфатила селата Кокре, Кален, Дуње, Пештани, Гудјаково и Вепрчани.10 Земено географски, селото Дуње било во центарот на просторот во кој се случувала Втората Мариовска буна. Според турските документи од тоа време, незадоволство и немири имало уште во 1662 година, кога во споменатите села, не почитувајќи го посебниот статус познат како сербестиет, се законачиле група турски првенци, беглербегот, санџакбегот и други функционери, со многу придружници – коњаници. Тие, земале храна – овци, јагниња, мед, масло и други прехранбени производи од жителите на селата, а ги оптовариле и со земање пари за т.н. тешки даноци, познати како „tekalifi şaka“, од кои овие села биле ослободени.
Документ 1:
Селаните од Прилепскиот хас се разбегаа и се населија во другите села и градови бидејќи им се бараше многу даноци и храна.
Мухиме дефтер 95,
фотокопија 1:
Наредба до кадиите на Прилеп …
– Во шеријатскиот меџлис дојдоа жителите на селата Кокре, Годјак (ово) од Прилепската каза заедно со војводата Ибрахим – нека му се зголеми вредноста, кој е војвода на Прилепскиот хас, еден од хасовите на мојот голем везир, кајмакамот на Високата Порта Ибрахим–паша – возвишениот бог нека му го продолжи величието и соопштија дека селата на споменатиот хас се слободни и не треба никој однадвор да им се меша. Меѓутоа, господинот беглербег, санџакбегот и другите функционери, заедно со многу луѓе и коњаници таму конакуваат и освен што им земаат бесплатно храна како овци, јагниња, мед, масло и други производи, ги тормозат и со барање пари tekalifi şaka иако немаат чесна наредба. Поради тоа рајата на селата Брчани (Вепрчани), Пештани, Дуње и Кален од споменатите хасови која е од старина тука населена; во 1073 и 1074 година (помеѓу 16 август 1662 и 24 јули 1664 година) се разбега од селата, отиде и се насели во градчињата и селата на вашите кази. Кај нив отиде споменатиот војвода и бидејќи рајата која се разбега не сакаше да се врати, испрати преставка во која моли да се даде моја чесна наредба.
Поради тоа, се напиша (наредба) со услов, понатаму без чесна наредба да не се вознемирува споменатата раја со барање на tekalifi şaka ; рајата која избегала од споменатите села, а запишана е во дефтерите на хасовите да се крене, да оди во старите села и во старите места пак да се насели.
Во првата декада на шеввал 1075 година (помеѓу 17 и 28 април 1665 година).11
Во горниот документ јасно е изнесено дека „селата на споменатиот хас се слободни“. Нарушувањето на тој статус значел и повод за реакција и бунтување кај населението од споменатите мариовски села, изразено со напуш тање на своите родни села и родните огништа и населување во другите градови и села од соседните кази. Со тоа се намалила работната рака во селата од кои се иселувале жителите и дошло и до намалување на приходите на самиот сопственик на Прилепскиот хас. Војводата на овој хас, со жители од споменатите села се пожалиле до повисоките органи во државата, односно, до шеријатскиот меџлис, по што следел и горниот документ.

Ваквата состојба, на кршење на постоечките закони и нарушување на правата на жителите на Мориово од страна на турските големци, се чини, продолжила и во текот на следните децении. Состојбата ескалирала и дошло до вистинска буна на населението од споменатите села, која не завршила само со иселување на жителите во соседни градови и села, туку селаните почнале да вршат разни акции и напади со оружје, ограбување, па и убиства, што предизвикало големи реакции, не само во Прилепската каза, туку и во околните кази.
Во 1688 година до Високата Порта се жалел војводата на хасот Мариово, Мехмед дека „сета раја на споменатиот хас се бунтувала“, односно „голем дел од рајата на хасот станале ајдути кои дејствувале во околијата на хасот, а упаѓале и во самите поседи на хасот“.
Следната, 1689 година до Високата Порта стигнале жалби од кадиите или нивните заменици – наибите од градовите и областите околу Мариово, и тоа: кадијата на Велес, Билал, кадијата на Битола, Сејид Мехмед, наибот на Воден, Мехмед, наибот на Прилеп, Мустафа и наибот на Тиквеш, Сами. Во нивните писма, меѓу другото, стои: „зимиската раја од нахијата Мариово, која припаѓа на Прилепската каза, се буни, ги отворила барјаците, напаѓа на куќи во села и градови, убива луѓе, ограбува имоти и прави бунт.“12 Затоа следат наредби до кадиите, вилаетските ајани и ишерлерите на Прилеп и околните градови, од Високата Порта.
Докумнет бр. 2:
Војводата на хасот Мариово се жали дека рајата на споменатиот хас се бунтува
Мухиме дефтер 98,
фотокопија 3, док. бр. 4.
Наредба до кадијата на Прилеп
Битолскиот кадија Сејид Мехмед испратил писмо и известил дека во шеријатскиот меџлис дошол Мехмед – нека му се зголеми вредноста – кој е војвода на хасот Мариово што припаѓа на прилепската каза, соопштил дека поголем дел од рајата на споменатиот хас се ајдути и арамии и дека ајдутите и разбојниците што се појавиле во околијата, исто така, доаѓаат (во хасот), дека сета раја на споменатиот хас се бунтува и дека (од нив) не можат да се заштитат и поднесе преставка со молба, по овој случај, да се издаде моја царска наредба.
Се напиша (наредба), во кое и да е место ако се појават разбојници, кои се наречуваат ајдути, со дозвола на шеријатот и во договор со вилаетското население да се фатат и да се казнат како што е потребно според шеријатот.
Во втората декада на мухаррем 1100 година (помеѓу 5 и 14 ноември 1688 година)13
Документ бр. 3:
Зимиската раја од Мариово се буни
Мухиме дефтер 98,
фотокопија 51, док. бр. 4.
Наредба до кадиите, ајаните и ишерлерите на Прилеп и …
Кадијата на Велес, Билал, кој е пример меѓу кадиите и судиите; Сејид Мехмед, кадија на Битола; Мехмед, наиб на Воден; Мустафа, наиб на Прилеп; Сами, наиб на Тиквеш испратиле писмо до мојата царска армија и известија дека зимиската раја на нахијата Мариово, која припаѓа на Прилепската каза, се буни, ги отворила барјаците, станале ајдути – разбојници, напаѓаат на куќи во села и градови, убиваат луѓе, ограбуваат имоти и прават бунт и разбојништва.
Вие, споменатите наши господа, по овој случај, ви се напиша наредба, откако ќе се направи тефтиш (иследување) и истрага врз жителите на казите кои се во вашите околии и откако од страна на непристрасни муслимани од вашите кази ќе се испита вистинската положба на споменатите, да известите и соопштите.
Во првата декада на зелхиџе 1100 година (помеѓу 16 и 25 септември 1689 година).14

Се чини дека слободарскиот дух кај жителите на Мариово бил, особено, нагласен и тие не можеле да поднесат наметнување на услови на кои дотогаш не биле навикнати. Затоа, тие остро реагирале на кршењето на законските норми и наметнување на дополнителни давачки и оптоварувања од страна на турските големци. Бегале од селата и имотите на кои работеле, а прибегнувале и кон земање оружје и кревање вистински оружени акции, кои добивале и поголеми размери, со опфаќање делови од областа, па и целата област. Токму такви се двете погореспоменати Мариовски буни, од кои Првата била со поголеми размери, но и Втората се карактеризира со учество на повеќе села од областа од левата страна на Црна Река.
Според пишувањето на повеќемина постари автори, посебниот статус на Мариово траел сѐ до втората половина на деветнаесеттиот век, кога старешината на областа, Трајко Христов – Чакрев, кој бил по потекло од селото Полчишта, го убиле Турците во Прилеп „од завист“ поради привилегираната положба на Мариово,15 сербестиетот, која не им давала право да престојуваат во оваа област и да ги остваруваат своите цели.
Селото Дуње, во последните два века, станало центар на околните села, Гудјаково, Вепрчани, Пештани, Кален, Крушевица и Чаниште. Тоа особено се развило, со значително жителство, со неколку стотици куќи, а тука турската власт поставила и свој мудурлак, во кој често престојувала војска од 100 до 150 души. Ова оружена сила, Турците ја користеле при потерите на четите на Организацијата, особено за време на Илинденското востание и во периодот по неговото задушување, кога во областа Мариово се движеле голем број чети, повлекувајќи се пред повеќеилјадниот турски аскер, кој се движел во пошироката област, како во Битолско, Леринско, Костурско, Прилепско и другите краеви на Македонија.

Просторот околу селото Дуње бил исклучително активен, полн со оружени судири меѓу четите и аскерот. Тука паднале голем број македонски борци, четници на голем број чети на Македонската револуционерна организација, а не е мал бројот и на загинатите војници на турскиот аскер. Токму во такви услови, со голем број организациски и воени собитија се создала и познатата народна песна „По пат одам, за пат прашам“, која е поврзана со ова село:
По пат одам, леле,
за пат прашам,
кој пат оди Мариово.
кој пат оди, леле, Мариово,
Мариово, село Дуње.
Таму седи, леле, Чучук Митра,
Чучук Митра, бојаџиката.
Да ми вапца, леле, два бајрака
еден зелен, другиот црвен.
Зелениот, леле, за на свадба,
црвениот за на војна.
Интересно е дека главниот лик во оваа песна, често се именува како Чучук Митра, но неретко се пее и како Грозда мома. Според преданието, кое е живо во Дуње и денес, историскиот лик во песната е Грозда мома, која била ангажирана за да го извезе знамето за Илинденското востание, а песната настанала како лозинка која треба да ја испеат луѓето испратени од Организацијата во Дуње за да го земат изработеното знаме. Вистинскиот лик е заменет со Чучук Митра „за да се заштити“ девојката Грозда, да не биде откриена од турските власти.
Во самото село Дуње имало голем број организирани лица во Организацијата. Меѓу најспоменуваните е семејството Пашовци, но од селото имало и многу други лица карактеризирани како комити или вмровци. Во ова село живеел и војводата Трајко Волчев – Зојката, познат војвода од Мариово, кој е роден во селото Живово, од другата страна на Црна Река, но се доселил во Дуње и тука починал во триесетите години на минатиот век. Андон Волканоски, некаде Миланов, на друго место Јаснин, подоцна познат како Анте или Анде Дунски или Анте Василев, бил еден од најистакнатите борци против турското ропство, член на Организацијата.
Селото Кален Дел од селото Пештани Неколку куќи од долниот дел на селото Дуње Дел од селото Дуње Надгробен споменик на Степан Стојков во селото Полчиште од времето на убистовото на земскиот кмет во Прилеп Покриен бунар од селото Дуње од турскиот период Од денешниот амбиент на селото Гудјаково Градба од турскиот период во селото Крушевица – кула Од стариот амбиент на селото Кокре – „сокница“
2 Г. Трајчев, Мариово, 12.
3 Воислав Радовановиќ, Народна ношња у Маријову, књ. XIV, 8.
4 Георги Трајчев, Мариово, трето непроменено издание, Софија 1942, 11.
5 Воислав Радовановиќ, Народна ношња у Маријову, 8.
6 Александар Стојановски, Македонија во турското средновековие XIV – XVII век, Култура, Скопје 1989, 393.
7 Исто, 393 – 399.
8 Александар Матковски, Уште една мариовска буна 1688/89 година, Гласник ИНИ XIV, 1, Скопје 1970, 89.
9 Александар Стојановски, Македонија од XIV – XVII век, 401.
10 Александар Матковски, Уште една…, 90.
11 Александар Матковски, Уште една…, 93, 94.
12 Александар Матковски, Уште една…, 97.
13 Исто, 95, 96.
14 Исто, 96, 97.
15 Г. Трајчев, Мариово, 11. „Гледајќи со злоба на тие ѓаурски „кададалапи“, власта и беговите намислиле да стават крај на тоа. Така и станало, по убиството на последниот Земски Кмет.“
– Интересен е фактот што потомци на семејството Чакревци уште во деветнаесеттиот век живееле во Прилеп. Всушност, брат на последниот Земски кмет Трајко Чакрев, Наум Чакрев со семејството живеел и работел во Прилеп, а негови синови биле познатииот војвода Диме Чакре и Мијајле Чакре, познат како Прце. Од семејството Чакревци води потекло и семејството Кондовци, познато прилепско семејство од кое дел заминал да живее во Софија, Бугарија.(Константин Кондов, Спомени,)