ЕДНА ТРАГИЧНА БИТКА КАЈ СЕЛОТО БЕЛОВОДИЦА, ПРИЛЕПСКО

– На 7-ми јули 1903 година во месноста „Студеница“ кај селото Беловодица во нерамна, но и стратешки лошо водена битка загинале дури 17 млади револуционери од Прилеп, штотуку излезени во планина. Меѓу нив и членот на горското началство, учителот Тале Христов и уште неколку други учители. Оваа битка директно влијаела на подоцнежното однесување на прилепчани за време на Илинденското Востание.

По загинувањето на Методија Патчев и уништувањето на прилепската чета, во Прилепско со мала чета доаѓа војводата Ѓорѓи Сугарев, со цел да ја зацврсти мрежата на Организацијата во овој крај.1 Во мај 1902 година на чело на прилепската револуционерна чета доаѓа војводата Петар Ацев од селото Ореовец кај Прилеп. Тоа е решено на состанокот кој по инструкции на Окружниот комитет од Битола го одржале војводите Веле Марков, Славејко Арсов, Петар Ацев и Ѓорѓи Сугарев во селото Вранче, Прилепско.2 Прилепската чета на Петар Ацев била формирана од редовите на трите чети: битолската, чиј војвода бил Ѓорѓи Сугарев, Крушевската, чиј војвода бил Веле Марков и кичевската на Славејко Арсов. Во неа влегле комитите: Анте од Дуње, Толе од Крушевица, Христо Оклев – Попето, Јован Волчев од Врбјани, Милан Ѕвезда, Васил Оклев и др., а по излегувањето од битолскиот затвор во неа влегол и Атанас Иванов.3

Петре Ацев
Петре Ацев

По назначувањето на Петар Ацев за околиски војвода се забележува зацврстување на редовите на Револуционерната организација во Прилепско. Една од битките кои ги водела оваа чета се одиграла на почетокот на август 1902 година во Никодинската Планина. Во оваа битка учествувал и војводата Петар Јуруков со својата чета која тука се нашла на пат за Леринско. Вкупниот број на комитите бил 20 души наспроти 840 души турски аскер од другата страна. Битката завршила со еден ранет четник од двете македонски чети, а на страната на турскиот аскер немало повредени.4

Атанас Иванов
Атанас Иванов

Еден од поистакнатите четници во четата на Петар Ацев, која при крајот на 1902 година броела 10 души, бил подоцнежниот полски војвода Христо Оклев – Попето. Тој кај Георги Трајчев е споменат како војвода на четата која на 6-ти април 1903 година кај селото Забрчани, Прилепско водела битка со турски аскер од 2.200 војници и со своите 23 четници извојувала неверојатна победа нанесувајќи му тешки загуби од шеесетина убиени и ранети.5 За разлика од оваа славна битка и победа на прилепските борци против турската власт, во јули 1903 година се случила вистинска трагедија кога во битка кај селото Беловодица животот го загубиле дури 17, главно млади борци од Прилеп, штотуку излезени во планина.

ТРАГИЧНАТА БИТКА ОД 7 (20) ЈУЛИ 1903 ГОДИНА

Пролетта 1903 подготовките за претстојното македонско востание се одвиваат со засилено темпо. Од 2-7 мај се одржува Смилевскиот Конгрес на кој меѓу другото учествувале Петар Ацев, Тале Христов и Јордан Тренков како делегати од Прилепскиот реон.6 Од таму Тале Христов се враќа како член на горското началство заедно со Петар Ацев, Јордан Тренков и Никола Петров Русински. На 7-ми јули стар стил или 19 јули нов стил, Тале Христов заедно со 16 други млади прилепчани заминува во четата на Петар Ацев. Сите овие млади прилепчани за првпат излегле в планина како комити и немале искуство за борба со турскиот аскер.

Тале Христов
Тале Христов

На 6 јули/19 јули нов стил 1903 година четите на Петар Ацев и Никола Пешков, во кои биле и новодојдените комити прилепчани, се наоѓале на врвот Студеница“ на Селечка Планина кај селото Беловодица, Прилепско.7 Денот пред битката, односно, 6/19 јули н. стил од реонот на битолските полски села кон прилепскиот дел на Мариово дошол Никола Петров Русински со чета од 30 души за да се сретне со Петар Ацев и да ја преземе својата функција инструктор за воена борбена сила.8 Еве што вели меѓу другото Русински за младите прилепчани кои излегле комити на 6/19 јули н. стил 1903 година: Имавме известување дека кај него (кај Петар Ацев, з. м.) излегле за четници група граѓани од Прилеп, сите млади и интелигентни луѓе, кои го носеа во своите гради огнот на народното востание.“9 Големата група комити, заедно со новоизлезените млади прилепчани, на 7 јули се собрала на Селечка Планина во местото Студеница“ (месноста Студена Ливада) зафаќајќи едно возвишение на планинскиот срт. На нив ненадејно наишла група од 50 турски војници кои се движеле по сртот на Селечка Планина во правец на селото Беловодица.10 Дошло до престрелка, при која комитите се разделиле во групи напуштајќи ја височинката на која биле расположени. Турските војници ја зафатиле височинката која била погодна за стрелба врз комитите и им припукале в грб.11 Набрзо на помош на Турците им дошле и војниците од мудурлакот во селото Дуње.12 Повеќемина од комитите паднале погодени од турските куршуми.

Во битката загинале дури 17 млади момчиња,13 меѓу кои, и Тале Христов, кој бил учител и омилен меѓу граѓаните на Прилеп, како и учителите Димитар Сливјанов и Александар К. Спирков, ѓаконот Козма, Глигор Ракиџиев, Јордан Нунев и уште 11 млади прилепчани.14

Делот од Дренска Планина со врвот Студеница
Делот од Дренска Планина со врвот Студеница

Дел од нив загинале од куршумите на аскерот, а дел при бегството низ планината останувајќи без храна и вода испопаднале и изумреле под жешкото јулско сонце.15 Дел од четниците заедно со Тале Христов отстапувале во правецот на селото Пештани и на тој пат многумина останале засекогаш во планинските предели по кои преморени од тешкиот напор и жештината не успеале да се спасат. Многумина умреле од топлотен удар. Тале Христов бил меѓу последните кои подлегнале на тешкиот напор и жешкото сонце.16 Според Георги Трајчев, 15 дена по битката жителите на селото Пештани го пронашле трупот на Тале Христов на планината над селото.17 Од друга страна, некои од историчарите тврдат дека неговото тело не било пронајдено и поради тоа на овој вреден млад прилепчанец не му се знае гробнина. Неговата мајка долго тагувала по него и дури и ослепела од тага по својот син.18

Поглед на местото на битката од Плетварско
Поглед на местото на битката од Плетварско

Сите загинати во битката на Студеница“ кај Беловодица се другари на познатиот прилепски борец за слобода војводата Никола Каранџулов. Настанот со нивното загинување имал силно влијание врз него фрлајќи го во тешка тага. Во знак на голема жалост Каранџулов пуштил брада која не ја избричил до крајот на својот живот,19 кој завршил само една година подоцна со херојска смрт во местото Црвени Стени“ над селото Селце кај Прилеп.

Никола Каранџулов
Никола Каранџулов

Излегувањето на младите комити в планина и битката која се заврзала притоа биле вистинско промашување. Загинувањето на толку голем број млади прилепчани во споменатата битка непосредно пред Илинденското востание силно се одразило на подоцнежното однесување на прилепчани кон испраќањето комити и кон востанието. Големиот број загинати ги разочарало останатите млади Македонци од овој град, кои имале намера да излезат со пушка во раката за да ја ослободат својата татковина од ропството. Еве што вели за тоа современикот и директен учесник во големиот број битки пред востанието и периодот по него Никола Петров Русински: На 7. 1903 г. прилепч ани ги изгубија своите најдобри интелигентни сили под војводството на Петар Ацев во месноста Будимаж, каде што падна членот на востаничкиот штаб на својот реон Тале Христов и уште 16 четници. Како последица на оваа загуба, прилепчаните не учествуваа во вилаетското востание.“20 На друго место во своите спомени Русински пишува: На 7 јули ст. стил 1903 год. Прилеп го изгуби без борба челниот одред на револуционерната организација – елитата и гордоста на својата многубројна интелигенција, 17 лица само за четврт час. Како резултат на тој пораз, Прилеп и околијата не објави востание на 20 јули.“21

Никола Петров - Русински
Никола Петров – Русински

УЧИТЕЛОТ И РЕВОЛУЦИОНЕР ТАЛЕ ХРИСТОВ

Можеби највпечатлива загуба од катастрофалната битка во месноста Студеница“ кај селото Беловодица е смртта на учителот Тале Христов кој смртта го затекнала како член на горското началство за прилепскиот реон. Тале Христов е роден 1880 година во Прилеп во семејството на Ристе и Ицана кое било сиромашно, но исклучително по своето чесно и достоинствено опстојување. Основно училиште и трети клас гимназија завршил во Прилеп, по што заминал во Битола каде со школувањето продолжил во тамошната гимназија. Уште за време на школските денови Тале Христов активно се вклучува во активноста на револуционерната младина22 успешно совладувајќ и го и училиштето при што во 1900 година завршува со одличен успех.23 Првата работа ја добил во Цер, Демирхисарско, но уште на пат за Цер бил пресретнат од турската полиција и меѓу книгите кои му ги пронашле откриле и револуционерна литература.24 Бил уапсен и изведен пред Битолскиот суд при што добил казна затвор која ја издржувал во битолскиот затвор. Во тоа време по една афера позната како Поп Ставрева“ во Битолскиот затвор се наоѓал и Даме Груев па така тука се сретнале двајцата револуционери.25 Средбата со Даме Груев имала посебно значење за младиот Тале Христов кој станал поискусен во натамошната активност за револуционерното дело.

По излегувањето од затворот во Битола во 1901/1902 година Тале Христов бил примен за учител во гимназијата во неговиот роден град Прилеп и истовремено станува член на Прилепскиот револуционерен комитет чиј претседател бил директорот на прилепските училишта Димитар Поп Пандов, а покрај другите, во комитетот влегле Тале Христов и Кирил Прличев.26 Есента 1901 година во Прилепско извесно време престојувал и Гоце Делчев и на некои од сорганизираните средби со прилепските учители и жителите на околните села учествувал и Тале Христов. Тале Христов му организирал посебна средба на Гоце Делчев со прилепските учители собирајќи ги во најголема тајност во форма на училишен совет.27 По излегувањето од затворот во Битола, во 1901/2 година, Тале Христов станал учител во Прилеп и сподвижник на револуционерното движење во Прилепско.28 Според раскажувањата на некои прилепчани современици на Тале Христов, во куќата на Христови, Тале организирал и тајна оружарница, која била сместена во скриена соба во која се влегувало низ ѕидни долапи (мусандри), од просторијата во која ткаеле неговата мајка и сестра.29 До 25 март ст. стил, кога се случила Кадиноселската афера, Тале Христов бил легален, а потоа станал нелегален.30 Трагедијата која се случила во Кадино Село, Прилепско, Тале Христов многу го погодила и разочарала.

Јордан Тренков
Јордан Тренков

Заедно со Петар Ацев и Јордан Тренков, Тале е делегат на Смилевскиот конгрес.31 Тој е еден од двајцата избрани секретари на конгресот, заедно со Ѓорѓи Поп Христов.32 По враќањето од Смилевскиот конгрес, кој се оддржал од 2 – 7 мај 1903 година, Тале Христов веќе станал вистински нелегален активист на Организацијата, постојано движејќи се во четите, но и во градот33 бидејќи, заедно со Јордан Тренков и Петре Ацев, тој е член на Горското началство избрано на конгресот.34

ПРЕДАВСТВО

Загинувањето на учителот и револуционер Тале Христов и неговите 16 другари во битката кај Беловодица се поврзува со предавство. Дека се работи за предавство истакнува и Георги Трајчев во неговата книга „Град Прилеп“35, а во некои од историските трудови има поцелосно објаснување за настаните кои се одвивале непосредно пред заминувањето на Тале Христов и неговите другари во планината. Кај Владимир Караџоски се наведува дека Тале Христов по враќањето од Смилевскиот конгрес „трескавично работел на планот на вооружувањето на населението од Прилеп и околните села“, бидејќи прилепскиот реон бил еден од најслабо снабдените со оружје. За таа цел тој настојувал сите парични средства со кои располагал прилепскиот комитет да бидат употребени за оружје и ги оставил на чување кај неколку граѓани на Прилеп. По ваквата засилена активност Тале Христов бил провален кај турската власт. Според Караџоски, постојат претпоставки дека тоа е направено од лицата кај кои Тале ги депонирал парите. Токму заради провалувањето кај турските власти Тале Христов морал да замине во четата на Петар Ацев за да избегне апсење и други реперкусии поврзани со тоа.36 Во овој контекст интересно е пишувањето на Петар Ацев во неговите спомени, во кое ги објаснува односите меѓу Тале Христов и Јордан Тренков, кои заедно со Ацев и Н. П. Русински се членови на Горското началство за Прилепско. Двајцата, различно сфаќајќи го движењето, како и положбата на Организацијата, приличеа на луѓе, кои се предодредени да противдејствуваат и пак си прават лице дека се другари. Факт е дека таму каде едниот (Т. Христов) се грижеше да гради, другиот (Ј. Тренков) рушеше, тој беше од средината на врховистите, кои се слеале во ВМРО.“37

Селото Беловодица
Селото Беловодица

На 19 јули само по доаѓањето во четите на Петар Ацев и Никола Пешков, Тале Христов се соочил со голема битка која за него, како и за неговите 16 другари, трагично завршува. Токму околу оваа битка војводите Петар Ацев и Никола Петров Русински водат своевидна полемика. Имено, како што пишува Русински во своите спомени, Петар Ацев оваа битка ја споменува само како судир со турскиот аскер без да ги спомене жртвите и притоа вината ја префрлува на Русински.38 Русински, посебно, нагласува: Петар Ацев беше одличен како легална организациона раководна сила, но во него недостасуваше секаква воинственост, Окр. р. комитет направи голема грешка кога му довери чета.“39 По завршувањето на битката на Студеница“, Беловодичко и загинувањето на младите прилепски комити, двајца преживеани комити дошле во четата на Н. П. Русински и притоа тие раскажуваат: Четата се состоеше од 52 луѓе под команда на Петар Ацев. Излеговме од Беловодичко и се запревме за да денуваме на Будимаж (Лисичка Река). Местото наликува на кале. Ние се растуривме по сенките околу камењата. Сонцето изгреа и не тераше да ги држиме сенките. Ние забележавме 45-50 во правец накај нас од с. Плетвар. По нивното слободно одење накај нас, не се сомневавме дека нѐ виделе. Почнавме високо да разговараме. Некои настојуваа да ги удриме. Ацев велеше да отстапиме. Мнозинството сакаа да им отвориме оган додека беа уште на 150 чекори. Ацев се противеш е. Некој пукна, војската претрча и залегна под нашата височина. Некој командуваше: „Стани, бегај! “ Ние се надигнавме како орли и побегнавме право на југ по голиот срт. Војската како да го слушна нашето бегање, дотрча на нашите први позиции и нѝ отвори оган в грб, непријателот пукаше без да дадеме отпор. Многу четници паднаа, не знам колку точно.“40 Утредента по битката Русински испратил човек од селото Дуње да оди да дознае што се случило во битката на Будимаж“, односно Студеница“ и по неговото враќање тој им соопштиле дека во оваа битка загинале 17 комити, а колку имало ранети не успеал да дознае.41 Во секој случај останува трагедијата на 17 млади прилепчани кои не успеале да ја преживеат својата прва битка со турскиот аскер во планините меѓу селата Беловодица, Пештани и Дуње. Тоа имало силно негативно влијание на натамошниот развој на подготовките за востанието во Прилепско.

Планината во која се водела битката во која настрадале младите прилепчании
Планината во која се водела битката во која настрадале младите прилепчании

1 Ѓорѓи Димовски – Цолев, Ѓорѓи Сугарев, „Мисирков“, Битола 1988, 36. Димитар Димески, Македонското национално ослободително движење во Битолскиот вилает (1893 – 1903), НИО „Студентски збор“, Скопје 1982, 428.

2 Д. Димески, Македонското …, 428.

3 Георги Трајчев, Град Прилеп – историско‡географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 237.

4 Исто, 236. Д. Димески, Македонското, 428, 429.

5 Повеќе за оваа битка во насловот „Големата битка на четата на Христо Оклев Попето кај селото Забрчани“.

6 Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, книга I и II, Култура, Скопје 2003, 281.

7 Г. Трајчев, Град Прилеп, 236, 237 и 299.

Кај Трајчев како датум на битката во табелата на битки до востанието на страна 236, како и на страна 237 е наведен 6 јули ст. стил, додека на стр. 299 7 јули 1903 година. Според Н. П. Русински, се работи за 7/20 јули. (Н. П. Русински, Спомени, 331)

8 Никола Петров Русински, Спомени, Институт за национална историја, Скопје 1997, 331, 332.

9 Исто, 332.

Според Ѓорче Петров, кон четата на Петар Ацев се присоединиле 20‡30 души прилепчани, кои излегле со чета. Ѓ. Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950, 145.

10 Исто.

Според Христо Силјанов четите на Петар Ацев и Никола Пешков биле нападнати од група турски жандари: „Две недели пред Илинден, во еден многу жежок ден, четите на П. Ацев и Ник. Пешков кои вкупно броеја 80 души, од кои 30 беа од градот, неочекувано беа нападнати кај с. Беловодица од 20‡30 џандари.“ Христо Силјанов, Ослободителните борби …, 364.

Ѓорче Петров во своите спомени истакнува дека четата на чело со Петар Ацев броела 87 души. Аскерот кој ја нападнал бил „само патрола од 35-36 души“. Ѓ. Петров, Спомени, 145.

Според Г. Трајчев, комитите вкупно биле 50, а против нив во битката учествувале 130 души турски аскер. Г. Трајчев, Град Прилеп, табела на битки од востанието, 236.

11 Н. П. Русински, Спомени, 332.

12 Исто. Х. Силјанов, Ослободителните …, 364.

13 Според Х. Силјанов во битката на Студеница“ загинале 18 души. Х. Силјанов, Ослободителните …, 364.

14 Г. Трајчев, Град Прилеп, 236, 237. Х. Силјанов, Ослободителните …, 364, 365.

15 Г. Трајчев, Град Прилеп, 237 и 299.

16 Исто, 299.

Според Албум‡алманахот „Македонија“ Тале Христов по битката успева да се скрие во една пештера, но гладен, жеден, болен и преморен умрел на 23 јули 1903 година. (Види: Албум‡алманах „Македонија“, објаснителен текст, оддел IX, 72.)

17 Исто.

Петнаесет дена по таа несреќна битка селаните го најдоа над с. Пештани црвосаниот труп на Тале. Орли и разни ѕверови веќе го беа завршиле својот мрсен пир над трупот, кој некогаш беше сместувалиште на душа украсена со највозвишени добродетелства: бескористие, чесност и безусловна карактерна чистина.“ Г. Трајчев, Град Прилеп, 299, 300.

18 Владимир Караџоски, Активноста на Тале Христов во револуционерното движење, Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 164, 165.

19 К. Црнушанов – Р. Каранджулов, Никола Каранджулов, Златоврх, Софија 1993, 22.

20 Н. П. Русински, Спомени, 310.

21 Исто, 331.

22 Д. Димески, Македонското …, 297.

Димески наведува еден цитат со имиња меѓу кои се наоѓа и името на Тале Христов: Еве и неколку имиња: … Ал. Станоев, Трпен Марков, Манол Ризов, Ѓорѓи Баждаров, Пандо Кљашев, Ѓорѓи Динев, Андреј Казепов, Ѓорѓи Христов, Тале Христов, Ив. Бинев, Христо Силјанов и други.“

23 Владимир Караџоски, Активноста на Тале Христов …, 158.

24 Исто. Г. Трајчев, Град Прилеп, 298.

25 Исто.

26 Г. Трајчев, Град Прилеп, 231. Д. Димески, Македонското …, 378.

27 В. Караџоски, Активноста на Тале Христов …, 161.

Забележано е присуството на Тале Христов и на состанокот во селото Селце, Прилепско, на кој Гоце Делчев имал средба со селските раководители каде било поставено и прашањето за менувањето на дотогашниот војвода во Прилепско Н. П. Русински, при што по препорака на Тале Христов се донесла одлука нов војвода да биде Методија Патчев. В. Караџоски, Активноста …, 161.

28 Г. Трајчев, Град Прилеп, 298.

29 В. Караџоски, Активноста на Тале Христов …, 162.

30 Г. Трајчев, Град Прилеп, 298.

Според В. Караџоски Тале Христов и Јордан Тренков заминале како легални делегати на Смилевскиот конгрес. (В. Караџоски, Активноста на Тале Христов …, 163.)

31 Христо Силјанов, Ослободителните …, 281. Прилеп и Прилепско низ историјата, 256.

32 Н. П. Русински, Спомени, 266.

Русински пишува дека најпрво за секретари биле предложени тој и Параскев Цветков, но Русински не прифатил бидејќи имал намера да создаде опозиција против „силната струја за востание“.

33 Г. Трајчев, Град Прилеп, 298, 299.

34 Прилеп и Прилепско низ историјата, 257.

35 Г. Трајчев, Град Прилеп, 299.

36 В. Караџоски, Активноста на Тале Христов …, 164.

Тале Христов имал депонирано 300 турски лири кај Ѓорче Браилов и Милан Биолчев, кои по неговата смрт изјавиле дека пред да замине во четата Тале ги зел парите од нив. В. Караџоски, Активноста на Тале Христов …, 164.

37 Исто.

38 Н. П. Русински, Спомени, 331.

Во кн. 3/93 на Илустрација Илинден, среќавам долга статија од Петар Ацев, војводата – виновникот за тој пораз, кое го нарекува битка и ништо не споменува за жртвите. Но не треба да се лаже историјата, дури и срамни и понижувачки да се нашите дела од нашето револуционерно минато, ние бевме ученици во таа борба, иако и водачи на својот народ.

Ние бевме рамноправни со П. Ацев. Борбата која јас ја отворив истиот ден под с. Дуње, за спасување на неговата чета, и ја припишува на неговата чета, срамно е и престапно соодветни луѓе да се китат со туѓи дела.“ (Русински)

39 Исто, 188.

40 Исто, 290.

Еве што пишува за тоа Ѓ. Петров: Четата била на еден врв ’Студенец‘. Место да бијат од врвот, Петре Ацев предлага да отстапат, војската ја зема нивната позиција, тие остануваат на пониско, ги изубиваат, новите триесетина души загинуваат, се растурваат, изумруваат, мнозина од жега и глад. Тоа ги потресе граѓаните и никој не се осуди да востанува“. (Ѓ. Петров Спомени, 145.)

41 Исто.