ЃАВОЛО ЕДНОНОГЕН

(Од книгата, „Народни умотворби од Пелагонија и Мариово“, Автор: Томе Велјаноски, Подготвил: Тренчо Димитриоски)

            Седнал Госпо и почнал од кал да работи, а до него седи ѓаволо, гле­­да. Госпот го изградил телото на фигурата, му го дал името Адам. ѓаволот рекол:

            – И јас нешто ќе направам од калта до твојата фигура!

            Направи си! – му рекол Господ.

            Ѓаволо се запнал, ѕидај од калта, дотерувај, сечи таму, ваму, го на­пра­­вил волко и двете фигури ги оставиле да се сушат на сонцето.

            Откако се исушила фигурата на Господ, доваѓа еден ден да ‘е види фи­­гу­рата но, во исто време, дошол и ѓаволо да ‘е види неговата фигура. Господ ‘е разгледал фигурата неколку пати, дувнал во незе и фигурата ожи­вела и на фигурата и го дал името Адам, а дувањето го нарекол душа.

            Кога видел ѓаволо да фигурата, играчката на Господ, оживела, ста­на­­ла живо тело, почнал и тој да дува во неговата играчка, фигура наре­че­на волк, да дува за да ‘е оживи, ама фигурата на ѓаволо не оживува. ѓаволо му рекол на Госпо:

             – Ајде поможи ми мојата играчка, фугура, нека оживи!

            Госпо на ѓаволо му рекол:

            – Вака ќе речиш: – Стани волку, фати врага за нога!

            ѓаволо рекол:

            – Стани волку, фати Госпо за нога!

            Фигурата на ѓаволо, волко, не станва, ни мрда, стој обична фигура од кал. Господ, па, му рекол:

            – Не така, него набрзина ќе викаш: – Стани волку, фати врага за нога!

            Ѓаволо почнал, набрзина, да вика:

            – Стани волку, фати Госпо за нога! – и како што викал “Стани вол­ку, фати Госпо за нога!”, грешил и рекол: “– Стани волку, фати вра­га за нога!”, волко оживел и чап, волко за нога, и му ‘е откинал ногата на ѓаволо’. ѓаво­ло од болештината рипнал в море. Едно време излегол, го помолил Госпо да му поможи, за нога да му направи.

            Госпо му поможил на ѓаволо, му дал една нога магарешка, му ре­кол:

            – Освен ова немам друга.

            – Таква, таква, арна е. Нека ме служи да не куцам!

            Од тој случај, што се догодил меѓу ѓаволо и волко, затова старите ѓаволо го вик’т тој едноногио или натемаго – натема, со ногата мага­решка.

Раскажале дедо ми Ристе и татко ми Вангел Јовчески