СВЕТИТЕ МЕТОДИЈ И КИРИЛ, СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ ОД СОЛУН, БИЛЕ ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ АРХЕОЛОЗИ
Според нас, најприродно е, македонската археологија и македонските археолози да ги земе за свои заштитници, двајцата македонски светители и сесловенски просветители, рамноапостолите, св. Методиј и св. Кирил. Ако прашаме зошто, одговорот е сосема едноставен. Овие икслучителни христијански учители, кои успеале божјото слово да им го пренесат на голем број народи од Европа, просветувајќи ги и просветлувајќи ги на оригинален, односно, автентичен јазик и соодветно писмо, покрај огромната христијанска и просветителска дејност, реализирале успешен истражувачки, археолошки проект уште на почетокот на нивната мисија. Имено, во својата мисија кај Хазарите, односно, во хазарскиот каганат, тие успеале да ги лоцираат моштите на еден ран христијански маченик и светител и успешно да ги пронајдат и приберат неговите мошти од водите на Каспиското Море кај градот Херсон. Имено, за време на мисијата кај Хазарите, започнала во 860 година,1 Константин Филозоф и неговиот брат, Методиј, заедно со своите ученици, застанале во градот, Херсон, на полуостровот, Крим. Таму, Константин, за кратко време, го изучил еврејскиот јазик и превел 8 книги на еврејската граматика.2 Таму, исто така, се сретнал со евангелие и псалтир, кои биле пишувани на руски јазик и многу брзо почнал да го разбира и тој јазик. Во меѓуврме, се сретнал и со еден Самарјанин, кој многу спорел со него, но Константин успеал да го убеди во вистинитоста на христовата вера и Самарјанинот брзо се покрстил, заедно со неговиот син, примајќи го божјото слово.3

Таму, во Херсон, Константин, разбрал за тоа дека моштите на свети Климент I, познат како папа Римски, кој бил еден од првите старешини на Римската црква, односно, го заменил светиот Апостол Петар, уште се наоѓаат во морето во близина на Херсон, па силно се заинтересирал и се заложил за нивно пронаоѓање,4 покажувајќи ја својата способност како, своевиден, археолог. Свети Климент живеел во првиот век на новиот милениум и бил четвртиот старешина, по ред, на Римската црква, поставен, лично, од св. Апостол Петар, кому му бил соработник.5 Настрадал маченички во времето на императорот, Трајан, кој го прогонил во Херсон и, според некои списи, во 101 година на нашата ера бил фрлен од брод во морето. Токму за овој светец знаеле двајцата браќа, св. Методиј и св. Кирил и решиле да ги пронајдат неговите мошти во Морето кај градот, Херсон, за време на нивниот престој во него. Тие, особено, помладиот брат, св. Кирил тогаш, сè уште, со своето световно име, Константин, познат како Константин Филозоф, успеале да го убедат тамошниот архиепископ да го прифати таквиот потфат и, како што стои во житието, самиот св. Кирил, рекол:
„Верувам во Господа и се надевам на свети Климента, дека ќе го најдам и ќе го извадам од морето.“6 Преземените активности вродиле со плод и Константин Филозоф успеал да се докаже како археолог, пронаоѓајќи ги моштите на споменатиот римски папа, кој бил прогласен за светец и маченик.
Во житието, стои:
„Тој го убеди архиепископот и, откако се качија на коработ заедно со целиот клир и со честољубивите граѓани, отидоа на местото. Штом стигнаа, морето, сосема, стивна и тие започнаа да копаат, пеејќи. Веднаш се разнесе силен пријатен мирис (благоухание), како од многу кандила, а потоа се појавија светите мошти.“7
Така оформената археолошка екипа, успеала да ги пронајде остатоците од телото на светецот, целиот настан бил проследен со голема радост и општо славење. Моштите биле прибрани на соодветен начин – хги однесле во градот, Херсон и ги положиле со сите црковни почести, во црквата, „Св. Димитрија“, во градот.8 Создавачот на житието не информира дека Константин Филозоф, самиот, го опишал изнаоѓањето на моштите на светецот во морето кај Херсон. Тоа го направил во еден текст напишан во проза, а создал и уште две други творби, во стих, посветени на св. Климент Римски.9

Во периодот по мисијата кај Хазарите и пронаоѓањето на моштите на св. Климент I, поточно, додека светите браќа со нивните придружници, ученици, престојувале во Венеција биле поканети од римскиот папа, Никола I, за да појдат во Рим и да го претстават, односно, да го објаснат и оправдаат своето учење за верата, а нивните ученици да ги добијат своите свештенички звања.10 Додека да пристигнат во Рим папата, Никола I, се упокоил, а на неговото место бил избран Адријан II. Носењето на моштите на папата, Климент I Маченик, на Константин Филозоф со неговата придружба било главна причина за да им биде приреден велелепен пречек во Рим, а големата свеченост ја предводел самиот папа, Адријан, со мноштво негови подредени ватикански достоинственици, кардинали и бискупи во Рим, кои со запалени свеќи во рацете ги пречекале гостите. „И кога дојде во Рим, самиот апостолски намесник Хадријан му излезе во пресрет со сите граѓани носејќи свеќи, зашто беше се дознало оти он ги носи моштите на светиот Климент, маченикот и папата римски“ – пишува биографот на Константин Филозоф за овој настан. Интересно е тоа дека еден од значајните личности во Ватикан, учесник во богослужбите правени во чест на словенската мисија на чело со св. Кирил и св. Методиј, библиотекарот Анастасиј, веќе, знаел за Константин Филозоф од неговите творби посветени пронаоѓањето на моштите на св. Климент Римски. Токму тој, Анастасиј, најпофално се искажал за Константин Филозоф пред римскиот папа, Адријан.11 По пречекот, папата ги примил словенските книги и ги осветил во една од најзначајните цркви, односно, во црквата, Света Марија – Маџоре.12 Веднаш потоа, учениците на Константин Филозоф и на неговиот брат, Методија биле удостоени со свештенички чинови од страна на епископите, Формиз и Гондрих. Ова посветување било направено со пеење света литургија во црквата на светиот апостол Петар, а притоа, свештенички чин добил и Методиј, како и нивните ученици, Климент и Наум.13 Во Рим, Константин Филозоф, тешко се разболел и по педесетдневно боледување се упокоил. По расправата што била започната околу неговото погребување, на крајот, било решено неговото тело да биде погребано во Рим, во црквата, Св. Климент, која била изградена во чест на христијанскиот маченик, римскиот папа, Климент I,14 чии мошти ги донесол во Рим, самиот, Константин. Непосредно, пред упокојувањето, тој се замонашил и добил монашко име, Кирил.15

Познато е од бигорафот на нашите првоучители дека во Рим се одржале богослужби на словенски јазик во повеќе значајни цркви, меѓу кои и во црквата, Св. Павле. Што се однесува до богослужбата посветена на упокоениот, св. Кирил, таа се одржала во црквата Св. Петар. Богослужба се одржала и на гробот на светецот, во старата базилика – црква на св. Климент Римски, каде се пеело на македонски јазик, односно, на јазикот кој го говореле светите браќа од Солун и на кој ја создале словенската писменост.

„Ваква служба (на словенски) е одржана на 14 февруари 1969 година во црквата Св. Петар, каде што неколку часови се пееше пофалба на Господа на сите словенски јазици, споменувајќи се на творецот на словенската писменост. И на гробот на Кирил Филозофот, во старата базилика Сан Клементе, недалеку од стариот Колосеум и Нероновите градини, и на други места, се отпеа заупокоена молитва и на македонски јазик, на оној јазик со кој во тогашната негова развојна форма – се создаде словенската писменост и со која се служеше пред 1.100 години по главните римски цркви, објавувајќи му на целиот свет дека се признал како богослужбен јазик и јазикот на „словенското племе“, словенскиот јазик.“16

Пронаоѓањето на моштите на св. Климент, папа Римски, не бил единствена потврда за однесувањето и делувањето на св. Кирил како археолог. Во неговото житие е забележан уште еден настан, кој ја потврдува таквата способност на нашиот првоучител. Имено, во црквата, Св. Софија, во Константинопол, се наоѓала една чаша за која се сметало дека му припаѓала на царот, Соломон, а на неа се наоѓал натпис, кој никој не можел да го прочита, бидејќи бил напишан на еврејски и смарјански јазик. Константин Филозоф, во мисијата кај Хазарите ги совладал, односно, ги изучил и двата јазика, ја зел чашата на Соломон и го прочитал, односно, направил превод на натписот и пресметал кога, точно, била направена чашата по наредба на царот, Соломон. На чашата биле испишани три стиха кои, Константин Филозоф ги превел и еве што значат: Прв стих: „Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека ѕвездата [изгрее]; биди за пиење на Господа првородениот, кој бдее во ноќта“
Втор стих: „Направена од друго дрво за вкусување на Господа; пиј и опивај се со радост и воскликни ,Алелујаʻ “
Трет стих:. „Ете, кнезот [иде] и целиот собор ќе ја види неговата слава и меѓу нив и цар Давид“. На крајот бил напишан бројот, 909. Филозофот пресметал дека од дванаесеттата година на царувањето на Соломон до раѓањето Христово има 909 години, укажувајќи дека тоа е пророштво за појавувањето на Исус Христос.17

Настанот и подвигот со пронаоѓањето на моштите на свети Климент, папа Римски, односно, носењето на моштите во Рим, е застапен и во житието на постариот свет брат, Методиј. Тоа го среќаваме во писмото од папата, Адријан кое, тој, му го испраќа на словенските кнезови, Ростислав и Коцељ, кои барале од него да му го испрати Методија за учител во нивниот крај.
Житие на Методи:
„… А тие, откако дознаа дека вашите краеви му припаѓаат на апостолскиот престол, не направија ништо спротивно на каноните, туку дојдоа кај нас, носејќи ги моштите на свети Климента. Ние добивме двојна радост…“18
На тој начин, светите солунски браќа, св. Методиј и св. Кирил, покрај нивната главна задача, просветување, описменување и верско учење на словенските народи, постигнале дела и во областа на археологијата. Тоа упатува на фактот дека се работело за исклучително образовани личности, со исклучителна интелектуална и човечка моќ, кои внимавале на севкупните вредности со кои се соочувале на патот на својата мисија и не оставале нерешени просветно-културни проблеми. Со тоа, нвините ликови и дела се вградени во општиот развој на човештвото, односно, во општиот културен и цивилизациски развој. И не само тоа туку, двајцата првоучители, просветители и рамноапиостоли, подготвиле и оставиле зад себе стотици свои ученици, кои ја продолжиле нивната мисија и во следните децении, па и векови, меѓу кои се и уште двајца македонски просветители, св. Климент и св. Наум. Тоа уште повеќе, ни ја покажува нивната неизмерна просветителска моќ и грижа за општото човештво и неговиот културен развој. Својата општочовечка, благородна и хумана димензија, св. Кирил, ја потврдил и во последните моменти од својот живот, упокојувајќи се со следната молитва, која ја упатил до Севишнииот:
„Послушај ја мојата молитва
И запази го твоето верно стадо
За кое ме постави мене,
Невредниот и недостојниот раб твој…“19
Се разбира, во овој скромен материјал, неизоставно, треба да се нагласи фактот дека светите браќа, Методиј и Кирил потекнувале од градот Солун, кој во тоа време се сметал за македонски, а целото граѓанство го користело македонскиот јазик. Тоа го потврдуваат и значајни современици на браќата и на нивната мисија. Еве како му се обраќа Михаил III на Константин Филозоф, пред да го испрати во Моравската мисија, кај кнезот Ростислав, каде треба да изврши просвета на Моравците на словенски јазик: „Филозофу, ги слушна ли овие зборови? Освен тебе, друг не ќе може да го сврши ова. Еве ти многу подароци и оди, откако ќе го земеш со себе брата си Методија, игуменот. Вие сте Солунчани, а сите Солунчани чисто словенски зборуваат.“20
1 Според некои извори, оваа мисија започнала во 859 година.
2 „Панонски легенди“ – житие св. Кирил
3 Исто.
4 Исто.
5 Исто.
6 Исто.
7 Исто.
8 Исто.
9 Исто.
10 Исто.
11 Харалампие Поленаковиќ, Творецот на словенската просвета – Кирил Солунски „Современост“, 8-9, Скопје 1969, 987 – 1026.
12 „Панонски легенди“ – житие св. Кирил. Харалампие Поленаковиќ, Творецот …
13 Исто.
14 Исто.
15 Исто.
16 „Панонски легенди“ – житие св. Кирил.
17 Исто. Житие на св. Кирил и Житие на св. Методиј.
18 Исто.
19Поленаковиќ, Творецот.
20 „Панонски легенди“ – житие св. Кирил.

