ПОВИК ДО ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА, ИНСТИТУТОТ ЗА СТАРОСЛОВЕНСКА КУЛТУРА, ЗАВОДОТ ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО, КОМУНАЛЕЦ И ГРАЃАНИТЕ НА ГРАД ПРИЛЕП, КАКО И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Вие живеете ли во овој град? Гледате ли што се случува? Ги знаете ли вашите должности и одговорности? Имате ли совест кога примате плата? Имате ли совест кога убаво се чувствувате во фотелјите и ги јадете народните пари?

Колку грубо да звучат овие прашања, сепак се недоволни. Уште повеќе, сметам дека му се обраќам на „глуви“. Зашто состојбата се повторува и се влошува!!! Се трошат народни пари, од народниот буџет, се пуштаат реклами за некакви успеси, се труби на голема труба за постигнати резултати?! Какви резултати се тие кога ѓубрето ги покрива на секој чекор. Виновни ли се само несовесните граѓани? Јас сметам дека одоговроноста и вината е кај несовесните институции, кои прифаќаат должности, се повикуваат на стручност, способност и функционалност, а паѓаат сопнувајќи се на мали камчиња. Го следат ли својот ресор, вршат ли увид на својот ревир?

На ова ме поттикна една мала прошетка по мојот омилен Споменик на природата (така милуваат да го именуваат некои стручни и надлежни институции иако тој е комплексен и многу значаен Споменик на културата) Маркови Кули, веднаш тука над Прилеп, на „метро“ до Варош, кој всушност е стариот град Прилеп и коренот на се што е денес Прилеп, заедно со Варош. Некој навистина се прави на „глув и слеп“, а всушност, не прави глуви и слепи сите нас.

Овој Споменик е заштитен со закон и е на листа за заштита на УНЕСКО!!!???

Овде ќе приложиме само два експонати „заштитени“ во најново време: Камениот Слон – општо познат и Светецот во близина на манастирот „Св. Архангел Михаил“.

Првиот, светски познат природен експонат, „чудо на природата“ и културен споменик со многуилјаден континуитет на таков третман, забележан од светски енциклопедисти (Роберт Рипли, „Верувале или не“).1 Претходната власт започна со поплочување (гледајќи еден „амбициозен“ проект за разубавување на Споменикот Маркови Кули во тоа време се исплашив дека имаат амбиции да го поплочат целиот локалитет, за среќа, завршија со изградба на само еден „амфитеатар“ околу „Слонот“), втората власт започна со „уредување“ и „превреднување“ (го нападна со булдожери и од отпадот направи платформи, па дрвени бараки и сл., а оживееја и нови купишта ѓубре). Сето ова за УНЕСКО!!!

Фото за УНЕСКО – 1
Фото за УНЕСКО – 3
Фото за УНЕСКО – 2

Вториот споменик е една голема карпа со комплексна култура на неа и околу неа, а на фотографијата што ја приложуваме Ви го претставуваме живописот, кој е можеби единствен во Македонија по својата форма, но нема жив човек, уште помалку институција која се смета за одговрна за него иако е стар околу 6 века. На него е претставен св. Ѓорѓија и денес е во една „скриена“ состојба, зад гранките на едно развиено дрво – смоква, изложен на доуништување.

Фото за УНЕСКО – 4

Ги повикувам институциите наведени во насловот да преземат нешто, а доколку тоа не го направат тоа во рок од неколку дена, се обврзувам самиот да преземам нешто под закана дека ќе се „судрам“ со законот, бидејќи не сум надлежен. Треба само една помала пила, па внимателно да се отсечат гранките кои го покриваат и уништуваат потсилени од ветерот.

Во името на УНЕСКО и неговите стандарди заштита на спомениците на природата, како општочовечка вредност!

1 Тренчо Димитриоски, Камениот слон кај Прилеп – споменик од праисторијата, https://www.pelagon.mk/2018/06/18/

2 Тренчо Димитриоски, Најновиот проект на Маркови Кули кај Прилеп, напредно уредување на локалитетот, декаденција или како да се потрошат 100.000 евра (Ех, Маркукуле, Маркукуле!!!), https://www.pelagon.mk/2019/11/08/

3 Тренчо Димитриоски, „Светецот“ – култен објект во карпи со традиција од праисторијата до денес кај манастирот „Св. Архангел Михаил“ во близина на Варош, кај Прилеп, https://www.pelagon.mk/2019/11/28/