ПРАИСТОРИСКИ ЦЕНТАР ОД БРОНЗЕНОТО И ЖЕЛЕЗНОТО ВРЕМЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО ВЕПРЧАНИ, ПРИЛЕПСКО

Селото Вепрчани
Селото Вепрчани

На некои места во Мариово постојат и значајни локалитети кои археологијата не ги регистрирала како такви. Локалитетот „Градиште“ што се наоѓа на еден долг рид кој се протега во правец североисток-југозапад меѓу селата Дуње и Вепрчани, наречен Вепрчки Рид, е еден од таквите. Тој во археолошката карта е регистриран само како локалитет со наоди на неколку гроба, датирани во железно време (Археолошка карта на Република Македонија, том 1, МАНУ, Музеј на Македонија – археолошки оддел, Скопје 1994). Се наоѓа на крајниот дел на ридот од југозападната страна каде се гледа вештачки создадена тумба на која има и остатоци од широк ограден ѕид од стара тврдина, како и остатоци од градби во рамките на оградениот простор. Всушност, целиот Вепрчки Рид на кој се наоѓа локалитетот „Градиште“ е преполн со археолошки остатоци од древните времиња.

           Остатоците од тврдината покажуваат дека таа била градена со ѕид широк околу 1,7 м од кршен камен и камени блокови, меѓу кои и обработувани, без малтер. Долниот слој, односно темелот на ѕидот е граден од големи камени блокови и поширок од надѕидокот. Тврдината зафаќала простор од неколку хектари и според она што може да се забележи од остатоците, имала влез, веројатно голема порта од југозападната страна, каде ридот се спушта доста стрмно надолу кон една од реките, која тече во длабокото корито со стрмни брегови. Дека на тоа место имало извесен влез во древната тврдина, покажува и денешниот излез од просторот на кој била расположена, кој продолжува искривено по стрмнината, а од двете страни има растурени камења и некои поголеми камени блокови, кои евентуално биле основа на столбовите на портата. Ѕидот од тврдината продолжува и од јужната и југоисточната страна, каде на места се зачувани делови од неговата основа, а по стрмнината се гледаат растурени камења, меѓу кои и обработени парчиња со правоаголни форми, но и елементи од архитектонски конструкции од домороден камен, како што се некои парчиња со полукружни рабови и сл. Ѕидот најдобро е сочуван од североисточната страна, каде што очигледно е создадена вештачка тумба од камења и земја, а јасно се гледаат и остатоци од ѕидовите од тврдината. На тој дел, кој е највисок на целиот локалитет „Градиште“, има и други остатоци од ѕидови од извесни градби кои егзистирале во тврдината.

По должината на Вепрчки Рид
По должината на Вепрчки Рид
Остатоци од градежен камен во тврдината
Остатоци од градежен камен во тврдината
Остатоци од ѕидот на тврдината
Остатоци од ѕидот на тврдината
Праисториска некропола
Праисториска некропола
Гроб од архајскиот период
Гроб од архајскиот период

ГОЛЕМА НАСЕЛБА СО ТВРДИНА ОД БРОНЗЕНОТО И ЖЕЛЕЗНОТО ВРЕМЕ

          Според наодите на фрагменти од керамички садови и друга керамика на овој локалитет егзистирала населба во бронзеното и железното време. За добивање поконкретни сознанија и изведување посигурни заклучоци, неопходни се опстојни археолошки истражувања, но сепак, може да се претпостави дека тврдината води потекло од истите периоди, бидејќи подоцнежната керамика е многу ретка или сосема ја нема. На ваков заклучок нe наведуваат и археолошките содржини кои можат да се видат по должината на Вепрчки Рид од североисточната страна на „Градиште“, како и на соседниот рид „Радорид“, кој се наоѓа северозападно од тврдината, разделен со еден голем и длабок поток (Ореовдолска Река) со стрмни брегови. На Вепрчки Рид на неколку места се забележуваат некрополи со гробови градени од големи камени плочи, на неколку места по должината на ридот. Една од некрополите, која се наоѓа на околу 500 м од „Градиште“, зафаќа површина од околу 200 м2, на која се видливи поголем број гробови-цисти (со конструкции од камени плочи), а слични гробови има и на повеќе други места, одејќи од тврдината  по ридот кон североисток. Некои од гробовите се отворени од дивите трагачи по скриени богатства и јасно се гледа дека се работи за гробови-цисти со поголеми димензии (околу 2 м должина и 0,9-1 м ширина), што потсетува на архајскиот период, односно 7-6 век пред н.е. Некаде на средината од долгиот рид, се наоѓа и едно место со десетина такви гробови поставени во круг, што исто така е обичај кој потекнува од праисторијата, односно архајскиот период. Иако без археолошки материјал од гробовите е тешко да се каже нешто поконкретно, може да се претпостави дека некои од некрополите со гробови-цисти потекнуваат и од подлабоката праисторија, можеби дури и од бронзеното време од кое се среќава керамика и на стрмните падини на локалитетот „Градиште“.

Тумул од локалитетот „Сламите“
Тумул од локалитетот „Сламите“
Дел од кружниот ѕид на тумулот
Дел од кружниот ѕид на тумулот
Стела од архајскиот праисторијата
Стела од архајскиот праисторијата
Неотворен тумул од сламите
Неотворен тумул од сламите
Тумул на соседниот Радов Рид
Тумул на соседниот Радов Рид

ЗНАЧАЕН ОПШТЕСТВЕН И КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ВО ДОЦНОТО БРОНЗЕНО И РАНОТО ЖЕЛЕЗНО ВРЕМЕ

Дека нашите заклучоци се поткрепени со аргументи од блиската околина на локалитетот, потврдува и присуството на тумули на блискиот рид и локалитет „Радорид“. Имено, се чини дека најблизок локалитет со остатоци од праисториска населба е токму „Градиште“, од која веројатно биле погребувани покојници и во овие тумули во периодот на железното време, за кој е карактеристичен ваквиот вид на погребување. Тумули има и на самиот почеток на Вепрчки Рид од североисточната страна, од десната страна на патот за селото Вепрчани. Тука, на локалитетот познат како „Сламите“, се наоѓа еден тумул во релативно зачувана форма, веднаш до патот, а уште еден со растурен дел од југоисточната страна, се наоѓа на неколку десетици метри јужно од него. На овој дел од ридот се забележуваат и други траги од минатото, посебно растурени камења од стари конструкции.

Во 2010 и 2012 година, екипа на Завод и Музеј од Прилеп под раководство на археологот Александар Миткоски истражуваше еден од тумулите на локалитетот „Сламите“ и притоа беше констатирано погребување во различни периоди, почнувајќи од бронзеното време, се до доцната антика. При истражувањето беа пронајдени разновидни предмети, керамички садови, накит, камени орудија и сл. Беа пронајдени предмети со посебни форми и украсување, што укажува на тоа дека биле употребувани за култно-религиски активности. Освен тумулот во кој се вршело погребување во железното време и подоцнежните периоди, се до доцната антика, неколку поголеми конструкции, градени од камени плочи, беа пронајдени надвор од вообичаениот кружен ѕид на тумулот и во нив беа констатирани најстарите погребувања, датирани во 11 век п.н.е. Некои од предметите беа со нагласена естетика, што укажува на богат живот, од повисоко ниво. Тоа, на своевиден начин, упатува на констатација дека населбата, која се наоѓала на крајниот југозападен дел на ридот, на локалитетот „Градиште“, која имала и заштита од голем ограде ѕид, имала посебно значење во праисторискиот период, односно претставувала своевиден општествен и културен центар на поширока област, па дури и извесно, помало кралство. На ваква претпоставка не наведуваат и преданијата, кои се раскажуваат од страна на жителите на околните села, во кои се споменуваат личности со повисок статус, како кралици, кралеви, принцези и принцови. Особено е интересно преданието за извесна кралица Денка, со чие име се поврзува и еден локалитет во атарот на селото Дуње.

Споменик со натпис од Вепрчани – фрагмент
Споменик со натпис од Вепрчани – фрагмент

„ЛАТВИЦИ“ (ПИТОСИ) И ДРУГ АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ПРИ ОБРАБОТКАТА НА ЗЕМЈАТА

          На локалитетот „Градиште“ вниманието, посебно, го привлекуваат разни траги оставени по површината на карпите. Меѓу нив, на една мала закосена површина на карпа на околу 100 м североисточно од утврдениот дел, се наоѓаат голем број кружни длабнатини, како и на извесни издолжени форми, а уште педесетина метри подалеку, се среќаваат кружни форми длабени по карпите, како и еден поголем крст издлабен на помала карпа. Слични наоди има на повеќе места. На овој дел од локалитетот, од јужната страна се наоѓа и една специфична форма на карпа која е посебно обележје на овој локалитет, како природна форма, а можеби и праисториски значаен објект.

Фасцинантна карпа од Градиште
Фасцинантна карпа од Градиште

Според кажувањето на жителите на селото Вепрчани од локалитетот „Градиште“ се носеле големи количества керамика во минатото за градење на фурните во селото. Исто така, некои од жителите тврдат дека во делот на локалитетот „Градиште“ од неговата јужна страна, во пониските делови од стрмните падини покрај Вепрчка Река наоѓале и цели „латвици“ (питоси), кои се наоѓале во остатоци од „палатки“ и земјанки.

На делот од Вепрчки Рид, кој се наоѓа лево од патот за селото Вепрчани, се наоѓа уште еден локалитет со остатоци од населба која потекнува од римскиот период и доцната антика. На падините на овој локалитет познат како „Селиште“, се наоѓаат остатоци од градби, како и фрагменти од керамички садови, питоси, градежна керамика и сл. Трагите од древните градби се присутни на повеќе места од локалитетот.