ЛОКАЛИТЕТОТ „ДЕЈЧИН (ДЕНКИН) ГРОБ“ КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО И ПРЕДАНИЕТО ЗА КРАЛИЦАТА ДЕНКА

           Од северната страна селото Дуње, Прилепско, се наоѓаат неколку локалитети со остатоци од стари населби. Веднаш над селото, кога се оди од црквата по патот кон север, на околу 500 м од последните куќи, на падините на ритчето се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежна керамика, како и помалку забележливи траги од стари градби. Локалитетот е познат како „Чкретови Плочи“. Поголем број остатоци од стара култура се среќаваат и во непосредна близина на црквата, од нејзината северна страна. Всушност, и самата денешна градба на црквата, веројатно е изградена на простор на кој се кријат и стари остатоци на материјална култура. За тоа дека во градбата на црквата, како и во оградниот ѕид се вграден поголем број антички споменици, меѓу кои неколку со натписи пишувавме и порано во порталот Пелагон.1

Зарежана карпа на јуѓната падина на локалитетот „Денчин Гроб“

          Според преданието кое и денес е живо меѓу жителите на селото Дуње, особено е интересен локалитетот „Дејчин (Денкин) Гроб“, кој се наоѓа на околу 100 м од последните куќи на селото од североисточната страна на еден поголем рид, кој се протега во правецот север–југ. На овој рид, како и на неговите падини се среќаваат керамички фрагменти од садови и градежна керамика, која археолозите ја датираат во доцната антика (V–VI век од н.е.).2 Поголеми количества керамика можат да се видат и на патот кој води за селото Вепрчани кој поминува крај овој рид. На падините од таа страна се среќава и еден поголем винарник во камен, а во негова близина има остатоци и до стари лозја. Тој е уште еден пример кој на многу јасен начин упатува на намената на овој објект во карпа, односно, толчењето на грозјето и собирањето на сокот во посебни садови за вино. Ридот на кој е расположен споменатиот локалитет се наоѓа од десната страна на стариот пат Витолиште – Прилеп, преку превојот Лигураса.

Винарник во карпа на јужната падина на локалитетот „Денчин Гроб“

          Меѓу населението се раскажуваат две верзии на исто предание, кое е поврзано со овој локалитет. Во пократката верзија се вели: – Некогаш во старо време во населбата на Дејчин (Денкин) Гроб живеела некоја царица која се викала Денка. Таа била многу богата и кога умрела била закопана во голема гробница со своето големо богаство. Со него била наполнета една цела бочва. Подолггата верзија содржи елементи кои упатуваат на извесни стари моќни семјства од овој простор, односно зборува за кралства и кралски семејства. Ова верзија поттикнува на размислување за многу пораните периоди, во времето кога се создавале заедници на помали региони, кои имале и свои владетели, односно кралеви или, општо, старешини. Во оваа верзија се споменуваат дури две кралства. Во него Денка не е кралица, туку принцеза:

          Во некое старо време живеела некој девојка Денка, која му била сестра на некој крал од овој крај. Денка се заскала со кралот на соседното кралство и тајно се гледала со него. Нејзиниот брат разбрал за нивната врска, ја викнал Денка и и наредил да прекине да се гледа со кралот од неговото соседство, зашто тој не сакал да ја даде за него. Денка не го послушала својот брат – кралот и продолжила да се гледа со нејзиниот љубовник. Еден ден братот на Денка ги фатил двајцата заедно, односно неговата сестра Денка и кралот од соседството и двајцата ги убил. По убивањето на Денка, нејзиниот брат, сепак, организирал велелепен погреб за својата сестра, ја погребал со свечености во голема гробница и во неа оставил многу подароци за да и се најдат во задгробниот живот. Меѓу другото, тој, во гробницата закопал и еден голем казан или ковчег полн со богатство.

Винарник во близина на црквата

          Ваквото предание и денес не ги остава мирни трагачите по скриени богаства и тие постојано трагаат по гробот на споменатата царица, односно, принцеза  Денка.

Кружен симбол на карпа над село – североисточно од црквата
Обработена карпа над село – североисточно од црквата

На околу 2,5 северно од селото, од десната страна на патот за Лигураса на едно помало ритче се наоѓаат, исто така, фрагменти од керамички садови и градежна керамика, иако не во големо количество. Локалитетот е познат под името Марчево Цуцуле, а го обележува една висока карпа која се наоѓа во долниот дел на зарамнетиот дел на ритчето.

Симбол на карпа над село – североисточно од црквата
Вертикална карпа на локалитетот „Марчево Цуцуле“

Тренчо Димитриоски, Името на божицата Семела и имиња со потекло од Хомеровото време на натписи од селото Дуње, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/01/22

2 Археолошка карта на Република Македонија.