ПРЕД ОЧИТЕ НА ОДГОВОРНИТЕ СЕ РАСПАЃА РЕКОНСТРУИРАНИОТ ДЕЛ ОД ПАТОТ ПРИЛЕП – ВИТОЛИШТЕ НАД СЕЛОТО ШТАВИЦА
Се менуваат партии и лица на власт, состојбата останува иста. Во екот на катастрофалните пожари, кои му се случија на Мариово и Прилеп, по којзнае којпат го забележуваме еден фрустрирачки факт на патот Прилеп – Витолиште. Замислете, незавршена реконструкција на патот во еден сегмент приодонесе за распаѓање на новопоставениот асфалт на делот над селото Штавица кон превојот Слива. Во опасност се возилата, кои сообраќаат по патот и лицата кои патуваат со нив.

Надлежните институции, Агенција за државни патишта и Македонија пат, во текот на неколку години, повеќе пати се информирани, но тие „немаат решение“. Можеби и по неколку пати во текот на годината (или барем еднаш годишно) трошат средства за транспорт на тампон и ангажираат вработени лица за да го растурат тампонот по работ на патот од неговата десна страна, а никако да преземат соодветни активности (кои се релативно незначителни во однос на штетата која, веќе, е направена) за да го заштитат патот од распаѓање. Во Македонија пат велат немале таква можност бидејќи тоа не им го дозволувале некои основни проектни и зконски услови на патот. Просто, да не може човек да разбере!!!?? Тие се одговорни за исправноста и безбедноста на патот, а немале право да го обезбедат патот од распаѓање?!!! Поради тоа, донекаде, убаво реконструираниот дел од патот, поради една „ситница“, се распаѓа на очиглед на надлежните и ненадлежните, но изложените на опасноста.

Има ли некој умен да каже како да се постапи во ваква ситуација? Само неколку години по реконструкцијата, патот се распаѓа поради неправилност, која никој не сака или „законски не смее“ да ја исправи??!!! Од друга страна, постојано се трошат средства за санација, а санацијата не е само несоодветна, туку штетна и опасна. Имено, во отворените делови од атмосферските води крај десниот раб од патот се трупа тампон, кој водите повторно го изнесуваат од местото на кое е натрупан и го носат на коловозот, каде претставува опасност за возилата и патниците. И не само тампон, ами и делови од оградата (банкините) на патот, како и вреќи полни со некаков материјал, па дури и бетонски основи од сообраќајни знаци се фрлаат во јамите и поткопаните делови на работ, направени од атмосферските води.

Така, со години, односно, од неговата реконструкција пред 4-5 години, па до денес. Што да кажеме за општинските патишта, кои ги поврзуваат селата во Мариово со главниот пат? Тие се оставени на милост и немилост на природата, а градските власти ги креваат рамениците искажувајќи немоќ за поправање на состојбите. Ете, таква е грижата за развојот на областа, а вие кои се грижите за тоа, ваша работа??!!! Тоа што Локалната самоуправа и надлежните институции се обврзани со закон за одржување на патиштата во состојба безбедна за возење и транспорт, никого не го интересира или, барем, не ги интересира службите за надзор и инспекциите. Доколку не е така, секако дека патот над селото Штавица немаше да се распаѓа како што е случајот, кој го претставуваме, а и целокупната патна мрежа ќе беше во подобра состојба. Ете, тоа ти е состојба и грижа за иднината и за развојот во нашите краишта. Во меѓувреме, се чини дека вкавата состојба не е пречка за големите фирми, односно, фирмите кои исцрпуваат минерални суровини и други природни богатства од Мариово, поради фактот што транспортот го вршат со големи и прилагодени возила за таа намена кои, патем, прават огромна штета, на главниот, а уште повеќе на локалните патишта.








