ВОЛШЕБНАТА МАКЕДОНИЈА И ВОЛШЕБНИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД

Македонија е волшебна земја. Македонците се волшебен народ. Јас живеам во таа волшебна земја и му припаѓам на тој волшебен народ. Вие не го признавате тој волшебен народ, значи не ме признавате ниту мене. Кој сте Вие и од каде е Вашето право да не ме признавате? Вие, секако, не сте дел од некоја волшебна земја, ниту од волшебен народ, штом така постапувате!!! Простете, тоа за мене значи дека немате корен, а ако немате корен, немате стебло, ако немате стебло немате гранки, ако немате гранки немате лисја и цветови, ако немате лисја и цветови …!!??? Зашто коренот на се постоечко на овој свет е волшепство. Се што постои на земјата има волшебно потекло, потекло од непознатото, во сказните, легендите и преданијата! Ако не верувате во ова, тогаш, повторно Ви велам: Вие не верувате во потекло, не верувате во идентитет, не верувате во љубов (односно, ја немате???), не вераувате во човечност, не верувате во милост, не верувате, не верувате…! Сè си знаете, онака, сами од себе, всушност, се си сакате само за себе, убедени во тоа дека сè си знаете, па дури и мене можете да ми кажете од каде потекнувам, од што потекнувам, што сум, каков сум, значи Вашите амбиции се да владеете со мене, да владеете со цел народ, со цела туѓа земја, која, Вие, ете, си сметате дека Ви припаѓа!!! Е, тоа не може! Знаете ли зошто? Па, вие не сте волшебна земја, ниту волшебен народ, не за друго, ами затоа што самите не се сметате за такви. Вие сте дел од еден практичен, сувопарен, материјалистички, технолошки, приграбувачки, бескрупулозен свет, кој е далеку од волшепството. Волшепството е надвор од тој свет, живее во волшебно време и е недофатливо за „сувопарните“ суштества на планетата. Вие волшепството не можете да го разберете. Всушност, тоа и не е нешто кое може да се разбере. Тоа се чувствува, се носи во себе, односно, треба да го имате во себе. Не велам дека не сте го имале некогаш, но сте го потиснале, сте го потцениле и сте ги исфрлиле од себе. Можеби сте го уништиле сосема, којзнае. Сепак, верувам дека постои надеж. Затоа ќе се обидам да Ви објаснам.

Еве зошто Македонија е волшебна земја и македонскиот народ е волшебен:

1.

Потеклото на Македонија и потеклото на Македонците започнало во легендите, преданијата и сказните. Тоа е дел од митолошкото време, времето до кое не допира нашиот „поглед“, туку само го носиме во себе, го чувствуваме и го живееме на волшебен начин. Не го знаеме, но го живееме. Тоа е времето на голем број божества и божествени суштества, на голем број волшебни собитија, на митолошки настани поврзани со човекот и сите други суштества на земјата и во вселената и на геолошките превривања, кои го менувале ликот на земјата создавајќи волшебен амбиент од волшебен релјеф. Ете тогаш, кога Ѕевс се борел со Титаните и со своите соперници меѓу боговите, кога ги имал пријателите македонски џинови, Бријареј, Кот и Гиг, кои го спасиле еднаш кога бил заробен од неколкумина богови-одметници, кога се појавиле Херакле, Темен, Каран и други македонски јунаци и кралеви на волшебното време, како и Пелоп Бригиецот и неговиот сонародник Мида – Македонецот. Во тоа волшебно време се испреплетува и приказната за, тогаш, големиот бог Дионис – Бромиј – Загреј, кој бил бог на животот, смртта и повторното раѓање, особено на виновата лоза и виното и на безрезервното славење на раѓањето и животот меѓу Македонците од што бил инспириран надалеку познатиот трагичар Еврипид да напише една од најпознатите драми, „Бакхи“, токму на македонскиот двор, во времето на кралот Архелај. Од волшебното (митолошкото) време потекнуваат и легендите за епонимниот јунак на Македонците, Македон, кого за свој прататко го сметале многу племиња, како од Долна, така и од Горна Македонија, а негов брат бил Магнет, па така приказната се поврзува и со Египет. Кога сме тука, интересна е и приказната за најстарото пророчиште на Ѕевс во Додона, односно, пророчиштето на Ѕевс Пелазгиски. И ете, дојдовме до настарото племе на Балканот, Пелазги, со кои е поврзано, исто така, старото племе Пелагонци или Пелагони, па нивниот епоним Пелагон. Пелагонците се сметале за Македонци, исто како и Линкестите (ако не верувате читајте кај Тукидит или кај Ксенофонт, или кај Страбон!). И што уште? Па, ете, легендите за создавање на македонското кралство со седиште во Ајга, односно, легендите за првите кралеви, односно, за Каран и Пердика. Или треба да спориме околу идетитетот на ова кралство???!!

Токму во тоа митолошко време се крие приказната за потеклото на Македонија и Македонците, во времето на волшебното создавање и пресоздавање и затоа Македонија е волшебна земја, а Македонците се волшебен народ. Сакале Вие или не, токму тука се крие потеклото на денешната Македонија и денешните Македонци, па ако зборувате за нив, ќе морате да го имате тоа, предвид, па дури потоа да продолжите со времето на историјата на документите и на спомениците, кои го потврдуваат нивниот идентитет и постоење.

2.

На волшебното време, во континуитет, се надоврзало историското време, но без да се прекине врската, зашто потомците ги почитувале своите претци, па се повикувале на нив, ги славеле и споменувале, им раскажувале приказни за нив на своите деца, но правеле и дела по примерот на своите претци. Тука, на прекршување меѓу митолошкото и историското време се легендите за Каран и Пердика, кои ги споменавме во претходната точка. Потоа следи континуирана историја со голем број кралеви Македонци, неколку со име Пердика, Европ, Аминта, Александар, Филип и други, се до времето на Филип II – Македонски и неговиот син Александар III – Македонски. Пак името и само името, зашто Александар III, синот на Филип II, го носи епитетот Македонски, како и епитетот Велики. Ако сакаме да го трошиме времето залудно можеме и да спориме околу тоа, но со тоа расчистиле автори далеку пред нас. Токму Филип II и Алкесандар III – Македонски направиле историски подвизи според приказните од волшебното време. Особено Александар, кој ги оживеал приказните за подвизите на богот Дионис и митолошкиот јунак Херакле (кој, меѓу другото, Македонците го сметале за еден од своите први претци и кралеви), па следејќи ги нивните траги, стигнал до Индија, Вавилон, Египет. Ете ја македонската империја од која, подоцна, настанале неколку империи со македонски кралеви на чело (повторно: да спориме ако сакаме залудно да губиме време).

Следи времето на римското владеење со Македонија. Етничката територија на Македонија прва паднала под римска власт. По, само 20 години селедело востание на чело со лажниот Филип и етничката територија на Македонците била поделена на четири дела со строги закони за немешање на жителите од едниот со другит дел. Им била забранета секаква комуникација и соработка. Ете едно директо раскинување на единственото ткиво кое, веројатно, има последици до денес. Особено за единството – неединството на Македонците. Лежи ли толку длабоко причината за денешното неединство?

3.

Дојде новата ера, се појави нова религиска мисла, која брзо се прошири низ големата римска империја. Повторно се случи чудо – видение во кое на апостол Павле му дојде Македонец и побара тој да дојде во Македонија за да им ја пренесе Христовата реч на Македонците за да им помогне. Така е запишано: Македонец!!! Така дојде христијанството во Европа, преку тој, денес, непризнат и проблематизиран идентитет: Македонец!!! Потоа следи континуирано потврдување на таквиот идентитет на разни начини и од разни автори. Македонци во Солун, Македонци во Софија (Сердика), Македонци во Константинопол, македонска лоза цареви на Источното римско царство, македонски епископи и сл. Колку за епископите од македонските градови, особено, е значајно нивното учество во изградбата, односно, во заштитата на основната Христова идеја и Христовата религија. Голем број од нив учествуваат во најзначајните вселенски собори на кои се водат жестоки расправи за Христовата идеја. Зарем е можно тоа? Македонци биле во основата на оформувањето и развојот на една од најважните идеологии во развојот на човештвото!!!

4.

И… . Дојдоа Словените!!!? Токму во времето кога целиот овој простор се рехабилитираше културно, инфраструктурно, политички, општсествено, особено во времето на Јустинијан, чие потекло, исто така, се поврзува со Македонија, од Таурисјан во околината на Скопје. Името Македонија, идентитетот Македонец не исчезна, иако науката видно го испроблематизира!!! Кој го зачува тоа име и тој идинетитет? Кој може да го зачува, освен оној кој навистина бил тоа? Чудни некои теории, но овде не се предмет на анализа. Факт е дека идентитетот Македонец, како и територијата, која Македонците ја знаат и ја почитуваат како своја татковина остана сè до денес, кога најсурово е нападнат нивниот идентитет со бескрупулозно непризнавање, негирање, омаловажување, инсинуирање, всушност, бескрупулозен напад и обид за асимилирање со одземање на основното право на слободно изразување и самопоределување!!! Зарем денес, при ваков напредок на човештвото? Напредок ли е?

Ете, сепак, и во вакви услови, македонскиот идентитет опстанува, се бори на разни начини, кои не се агресивни, од кои никој не трпи последици, освен самиот тој, иако околу има големо „пиштење“ за кражба на историја, кражба на култура, кражба на историски личности, аман!!! И, повторно, аман!!! Има ли некој разумен во нашава околина?

Како и да е, ние, Македонците опстануваме и, верувам, дека некој ќе се срами во иднина поради невидениот и нечовечен обид да нè отргне, да нè откости, да нè искорне од сопствената татковина и од сопствената духовна и идентитетска суштина и поределба. Затоа Македонија продолжува да биде волшебна земја, а Македонците волшебен народ. Зашто освен потеклото, идентитетот, културата и човечноста, успеале да го зачуваат најдлабокото во себе – волшепството од кое произлегле и се оформиле во народ, во култура, кралство, империја и цивилизација и се вградиле во општиот развој на човештвото со голем придонес во културните и цивилизациските вредности.

Кралска гробница – Бонче – Подмол