ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“ ВО ВАРОШ, ПРИЛЕП СО НАЈСТАРА КУПОЛА ОД МАКЕДОНСКИ ТИП И СО ОСТАТОЦИ ОД КВАЛИТЕТЕН ЖИВОПИС ОД ПОЗНАТА ЗОГРАФСКА ШКОЛА ОД 13 ВЕК
Црквата Св. Димитрија во Варош кај Прилеп е една од, особено, впечатливите градби, која се одликува со завидни архитектонски, културни и историски вредности. Гледано од аспект на спомениците на културата, кои се среќаваат во нејзината градба, во нејзиниот двор и во внатрешниот простор, нејзината историја е долга, најмалку 2000 години, а во нејзина близина се констатирани и остатоци од многу постара култура. Особено се бројни спомениците од мермер, кои биле делови од „храмови, надгробни споменици, доцноантички базилики“.1 Според археолозите, овие архитектонски елементи потекнуваат од раноцарскиот римски период, од градот кој се развил на југозападното подножје на Маркови Кули и на просторот на денешниот Варош.2

Црквата „Св. Димитрија“ е една од варошките цркви, која располага со најмногу мермерни споменици – елементи од престижните градби на античкиот град на овој простор. Сосема е веројатно дека најголемиот број од нив потекнуваат од местото на кое денес се наоѓа црквата и од нејзината блиска околина. Голем дел од нив нашле место во ѕидовите на денешната црковна градба и претставуваат посебен украс, но и сведоштво за историјата и културата на ова место. И самата денешна црква има своја историја на изградба, која започнала во првите векови на вториот милениум и завршила во 13 век во формата, која останала до днес. Освен архитектурата, од тој период потекнува и дел од живописот кој, за жал, бил уништен во пожар или сличен настан. Сепак, и од она што успеало да се сочува, денес, имаме информации, како за вредноста на архитектурата и фрескоживописот, така и за мајсторите и зографите, кои работеле на оваа градба.

На почетокот, црквата, била помала еднокорабна градба, но до крајот на 13 век, со голем број градежни интервенции и доградби, добила завидна архитектонска димензија, односно, „прераснала во значајна градба, забележана како соборна црква на средновековниот град.“3 Всушност, таа е одраз на големиот развој на Прилеп во 13 век кој, во тоа време, станал „еден од најзначајните градови на Македонија“.4 Во рамките на црквата се развил и голем пазар, со кој раководела таа, односно, црквата била сопственик на пазарот, кој се наоѓал во нејзиниот двор, како и организатор на голем панаѓур, кој имал подолга традиција.5 Поради тоа се појавила потреба од дополнителни простории за водење и организирање на трговската дејност, а за таков простор, веројатно бил користен широкиот трем пред црквата, кој служел и за трпезарија за време на разновидните црковни собири, празниците или службите поврзани со погребните активности и слични црковни активности.

Од архитектурата на црквата „Св. Димитрија“ во Варош – Прилеп, ја издвојуваме куполата, која во науката за архитектура се смета за најстара од типот „македонски куполи“, наречени така поради тоа што оваа форма куполи, во 14 век, најчесто се среќава во Македонија. Имајќи предвид дека куполата од црквата „Св. Димитрија“, односно, завршувањето на оваа црква се датира во крајот на 13 век, тогаш, оваа купола се зема за најстар пример од типот „македонски куполи“.6

Ктитор на црквата бил, повеќепати споменуваниот, Мисинополит, еден од најугледните граѓани на стариот град Прилеп, по чие име е наречен и споменатиот панаѓур, односно, „Мисинополитов панаѓур“.7 Димитрија Мисинополит е насликан на внатрешните ѕидови на црквата заедно со главниот светител – патронот, св. Димитрија. Веруваме дека една од главните причини и мотиви да се појави како ктитор на оваа црква бил фактот што Мисинополит го носел името на главниот светец, односно, патронот на црквата, св. Димитрија. Секако, фактот што се работело за една од главните цркви во градот, како и тоа што споменатиот светец играл улога на светец – заштитник на Прилеп имале влијание на ваквата одлука на ктиторот. Интересно е дека, освен името на главниот светец на оваа црква и на Мисинополит, Димитрија било и името на познатиот крал, Волкашин, чија престолнина била во Прилеп.8 Ктиторот е насликан заедно со св. Димитрија и со натпис со нивните имиња. Ликот на Димитрија Мисинополит е од левата, а од св. Димитрија, од десната страна. Мисинополит е претставен за глава понизок од светецот, со тело наполу завртено кон лево и со раце испружени кон светецот. Главата му е поднаведена во израз на почит, а ликот му е предаден со нагласена психолошка димензија и со поглед втренчен во патронот. Претставата на ликот е со долга коса и средно долга брада, а облеката благородничка. Светецот е прикажан во вообичаена, богато украсена, облека на воин и со меч, кој виси на неговиот десен колк. Неговата фигура е доминантна, а неговиот тркалообразен лик оддава чувство на чистина, невиност, но и сигурност и решителност.

Освен ктиторската слика, во црквата се зачувале и други делови од фрескоживописот. За жал, голем дел од него е сосема или делумно уништен. Дел од зачуваниот фрескоживопис упатува на специфичен уметнички израз со нагласен ликовен квалитет. Според стилските карактеристики, овој живопис им се припишува на зографи од познатата школа на секретарот на Охридската архиепископија, ѓаконот и референдар Јован,9 кој бил личност со впечатливо образование, ликовна вештина и надареност, а живеел и работел во втората половина на 13 и првата половина на 14 век. Овој живопис се датира во втората половина на 13 век, односно, 1290 година.10

Ликот на главниот светец го среќаваме уште на едно место на ѕидовите на црквата „Св. Димитрија“, каде е претставен во слична облека, но со различни украсувања, а над неговата глава, во посебна рамка е насликана светица, веројатно, св. Петка. Ликот на светецот и овде е препознатлив, но се работи за малку поинаква претстава со малку потемен лик и повеќе нагласен дел од косата. Повторно се среќаваме со чисто изразено лице, со втренчен и родлабочен поглед. Десната рака на светецот се наоѓа некаде на појасот, а во левата, испружена надолу, држи меч, кој со врвот допира на подот.
Комплетно била насликана и куполата на црквата, но живописот е во голема мерка оштетен. Оштетена е и централната фигура, бог Саваот, како и ликовите на светци од кругот по периферијата на куполата. Во тој круг се претставени ликови на светци во медалјони, допојасно, а во следниот круг голем број светци во стоечка положба. Малку позачувана е претставата на св. Богородица со Христос, но и на двата лика очите им се оштетени. Го среќаваме и ликот на старозаветниот светец, св. Илија, интересна претстава со долга бела коса и брада и со продлабочен поглед во кој се насетува благотворност и блаженство. Малку оштетен, сепак впечатлив, е ликот на св. Никола, кој е претставен во стоечка положба, ан-фас, со сериозен лик и вообичаена облека на висок свештенослужител.
Интересни се, најмалку две претстави на архангели, кои се претставени во нагласена динамика, речиси, драматично раскрилени крилја и напрегнато тело, како и втренчен и продорен поглед во кој се забележува напрегнатоста од динамиката на која е изложено телото. Едниот од ваквите ликови е во голема мерка оштетен и тешко се идентификуваат посебните белези на ликовниот израз. Впечатливи и со правилна анатомија се претставени и ликовите на главните свештенослужители од делот на олтарната ниша, под ликот на св. Богородица Небесна. Со вообичаена и колоритна облека на високи свештенослужители, како и со израз на нагласена психолошка сосредоточеност и сериозност во богослужењето, овие претстави привлекуваат посебно внимание.
Впечатлива е и претставата на св. Богородица Ширшаја (Небесна) со малиот Христос во олтарната ниша, која е предадена импозантно, со ненаметливи, но естетски ускладени бои. Во очите на Мајката божја и на малиот Христос зрачи чист поглед со благост и балженство. Се среќаваат и голем број други претстави на ликови на светци и композиции, но повеќето значително оштетени. Психолошката димензија со поглед од кој извира посветеност, благотворност, богоугодност и искреност е забележлива, речиси, на сите претставени ликови на живописот на црквата „Св. Димитрија“ во населбата Варош во Прилеп.
1 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, Том I, Македонска цивилизација, Скопје 2002, 383.
2 Исто.
3 Елизабета Димитрова – Сашо Коруновски – Софија Грандаковска, Средновековна Македонија – култура и уметност, https://www.researchgate.net/publication/349303003_Elizabeta_Dimitrova_Saso_Korunovski_Sofija_Grandakovska_SREDNOVEKOVNA_MAKEDONIJA_Kultura_i_umetnost, 102.
4 Исто.
5 Исто.
6 Исто, 104.
7 Исто. Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, Том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 118.
8 Коста Аџиевски, Пелагонија.
9 Елизабета Димитрова -…, 151 – 153.
10 Исто, 151.


























