ПОНИЖУВАЊЕТО Е НОВА ИДЕЈА ВО ЕВРОПА

Според најстарото предание од Медитеранот Европа е жртва на заведување. Вљубен во неа ја завел врховниот бог Ѕевс претворајќи се во многу убав и мил бик и така ја убедил убавата Европа да му се качи на грбот, а тој за миг летнал со неа на Крит, ја обљубил и од таа врска се родиле тројца браќа, митолошки кралеви, Радамант, Сарпедон и Минос. Од нив се развиле и други кралства во Медитеранот, а и во Мала Азија. Историското време доаѓа во периодот што следел, а името Европа се наметнало како име за просторот од оваа страна на Хелеспонт, па секое минување од Мала Азија на оваа страна од морето значело и влегување во Европа. Во тој круг е и Македонија, а многу кралеви и градови го носат тоа име, Европ или Европа. Дури и еден од легендарните тројца браќа, кои се поврзуваат со почетокот на македонското кралство, се вика Европ. (Тоа е легендата за првиот македонски крал Пердика и неговите браќа Гаван и Европ запишана кај Херодот).

            Денес најмалиот континент на земјата го носи тоа име, Европа. Стариот простор на Европа во голема мерка е во определена подредена положба во однос на Западот на овој континент. Тоа е резултат на денешниот висок развој на овој дел од континентот и западнатата положба на стариот дел од него. Надменоста на европската политика во однос на таканаречениот Западен Балкан зрачи на сите страни, нагласено потценувачки и без ограничување, ниту од основните морални норми на однесување, со силен презир и без пардон! Барем од благодарност поради славното име, кое потекнува од просторот на кој му припаѓа и Западен Балкан. Можеби, место Западен Балкан, надмените денешни европејци требаше овој простор да го именуваат како Стара Европа. Тоа ќе беше сосема објективно и соодветно на потеклото на тоа име кое, всушност, е феникиско, но го „покрива“, речиси, целиот простор на Стара Европа.

            Следејќи ги митолошките корени и денешната состојба на континетот Европа, македонскиот писател, Јордан Плевнеш, уште 1997 година објави драма под наслов „Среќата е нова идеја во Европа“, но ако се следи примерот на однесувањето и ставовите на Европа и европските раководни тела во врска со наметнатите начини на воспоставување билатерални односи со соседите на Македонија, особено со Грциј и Бугарија, се добива впечаток дека не среќата и достоинството, ами понижувањето е новата идеја на оваа заедница. Последниве неколку години, секако ќе бидат одбележани како години на понижување на Македонците и македонскиот народ во поширока смисла (се мисли на народот кој живее во државата Македонија). Главните протагонисти на овој недостоен однос, се разбира, беа двајцата „блиски“ соседи на Македонија, Грција и Бугарија, но нивните напори беа на разни начини подржани од видни светски лидери, особено, европски. Под мотото да се извршат потребните реформи во македонското општество, европската елита постојано ги храбреше Македонците да се понижат пред „светлата“ иднина во Европа и, мора да се признае“ проектот „Понижување“, додје до самиот свој крај, односно, до целосна реализација. Се разбира, за тоа да биде поуспешно и „побезболно“, во тоа се вклучи и еден дл од македонската политика, занемарувајќи секаква друга вредност, освен, влезот во Европа и европските структури.

            Сѐ започна со една сиптоматична кампања (калкулирање со македонскиот идентитет, со името на државата, со идентитетот на македонската култура и јазик, како и со идентитетот на македонската историја)  за уривање на режим и ослободување на „заробената држава“, како и ветувања за отворање на европскиот и евроатланскиот пат на земјата, кога тогашната опозиција во Македонија, во 2016 година, иако не беше победник на изборите, со подолги преговори со албанските партии, успеа да дојде ва власт. Понижувањето започна уште во самата кампања со заривање бодежи длабоко во „македонските рани“, но многу позасилено почна да се развива по чопоративното формирање на влада, гласање за претседател на парламент како во селска кооперација, немирните настани од  27 април, па судењето и затворањето на „терористи“, кои не фрлиле ниту петарда и сл. Особено манипулативен беше неуспешниот референдум, кој власта со подршка на меѓународни моќници успеа да го наметне како успешен, па понижувачките преговори за Преспанскиот договор, со кој се наметнуваат забрани за право на самоопределба и самоидентификување на Македонците, забрана на користење симболи, забрана на идентификување со определена историја и култура, забрана на слободно произнесување за определени историски и културни периоди и сл. Се промени името на државата, се промени Уставот на Република Македонија, постојано ги слушавме и слушаме негирачките ставови на нашиот јужен, како и нашиот источен сосед за името, за историјата, за јазикот и културата, за идентитетот и сл. Најболно во сето тоа е што македонскиот народ мораше такви ставови да трпи и од сопствените избраници, „европски“ настроените политичари, надмени премиери, претседатели, пратеници и министри и, сето тоа го проголта, надевајќи се дека и на тоа ќе му дојде крајот. И, секако дека ќе му дојде, но што ќе ни остане за влез во Европа? Или основна вредност за влез во оваа заедница за нас е понижувањето без граници и нејзиното прифаќање како таква, како и прифаќањето на фактот дека европска вредност е и да се биде безличен?

            По грчкиот следеше уште еден, уште попонижувачки и дотолчувачки договор за „добрососедство, пријателство и соработка“. Па манипулацијата за некаква фамозна „омраза“ кон Бугарите, за јазикот, за црквата, за идентитетот – нема крај на безобразието на нашите „пријатели“. Па, толку ли сме недоветни, та ги мразиме и сопствените браќа? И петлите пеат дека голем број Македонци од Македонија имаат свои роднини и цели семејства, речиси, низ цела Бугарија, а голем број од нив се и на високи функции во оваа наша соседска земја. Тоа како се декларираат, Македонци или Бугари, сосема е небитно за нас, тое е нивно лично право на самоидентификување и толку. Проблемот е што од оваа земја не го признаваат тоа наше право, па чепкаат и во најдлабокото на нашата интима. Во името на пријателството, соработката, разбирањето!?? Кој кого замајува? За домашните протагонисти на овие „идеи“ не сакам ниту да трошам простор и да ја „вознемирувам“ белината.

            Понижувањето беше комплетно и подржано од европски и белосветски фактори, преќутно или директно, со сугестија за успешно спроведување на реформи и воведување европски стандарди, за „светла“ иднина, напредок, демократизација и сл. Никој не се осврна на кршењето на правото на слободна мисла, на правото на самопределување и самоидентификување, на основното право на личните права и слободи, а понижувачкиот однос, со комплетно негирање од соседите, како и со охрабрувачки сугестии од Европа никако да заврши. Некои коментираат дека тоа е напор за доближување и усогласување на ставовите, за „пеглање“ на ставовите и одблокирање на процесите, но јасно е дека се работи за бескрупулозно непризнавање на македоснкиот идентитет и македонските вредности и обиди за блокирање, замислете, дури и на македонската мисла, која „не смее“ да комуницира со една или друга вредност, да „избрише“ моменти од својата меморија, да ја „закочи“ и „огради“ меморијата, да се воздржи од коментирање и именување на вредности од сопственото културноисториско наследство, да го преформулира својот единствен идентитет, просто, понижувачко е и самото наведување таквите барања и сугестии од кои произлегува блокирањето на европските процеси. Срамно и понижувачки е избегнувањето и до страна на домашни политичари, политички аналитичари, активисти и демагози, кои избегнуваат, дури, да го изговорат и името на соспствената татковина. Се разбира, срамно и безобразно беше и прашањето за понижувачкиот референдум за да на прашаат дали сме за влез во Европа на кој, и покрај силната кампања за излегување и убедување, не излегоа ниту една цела третина од граѓаните на Македонија. Јасно е дека тоа имаше за цел манипулирање на обичниот народ со понижувачко условување за влез во Европа. Јасно е дека народот не излезе на референдум поради понижувањето, а не поради одбивањето за влез во Европа. Токму тука беше и безобразната манипулација дека не сме ја сакале Европа и слично, а од така формулираното прашање излезе и манипулацијата која имаше тешки последици за идентитетот на државата, за идентитетот на Македонците, за нивната култура, нивниот јазик, нивната историја, нивното достоинство, нивната интима и најдлабокот чувство. Европските ментори на еден или друг начин, сето тоа го подржуваат и не храбрат да издржиме, но и да најдеме сила да прифатиме. Тоа ли е „новата идеја“ на денешната Европа, понижувањето ли? Понижувањето ли е виза за иднината и напредокот во Европа? Можеби е комплекс кој влече корени од прастарото легендарно случување, којзнае! На вакви прашања може да одговори само психоанализата.