ЧЕТИТЕ НА ГРЧКАТА ПРОПАГАНДА НА ПРАГОТ НА ЦРКВАТА СО СЕКИРИ ЗАКЛАЛЕ 16 ЖИТЕЛИ НА СЕЛОТО КАЛЕН, МАРИОВО,ПРИЛЕПСКО

Грчката пропаганда во Македонија има свои длабоки корени. Таа е дел од грчката идеја за формирање голема Грција, а во која требало да влезе и Македонија. За таа цел биле формирани чети за дејство на територијата на Македонија, односно, за погрчување и подведување на населението од Македонија под Грчката патријаршија, бидејќи во најголем дел тоа преминало под црковната власт на бугарската егзархија. За таа цел, во убедувањето и присилувањето на Македонците да преминат под црковната власт на Патријаршијата, освен грчката власт, голема улога играла и самата Патријаршија преку своите старешини, односно, епископите на нејзините епархии. Во таа соработка меѓу четите и Патријаршијата се одело дотаму што секоја грчка чета имала по еден свој владика, а секој владика имал една само своја чета за дејство на определената територија во остварувањето на пропагандните цели. За активностите на четите владиката имал обврска да ги информира повисокото раководство на пропагандата и конзулите, како и да предлага решенија за успешноста во остварувањето на зацртаните цели.1 Преку црковните старешини биле испраќани и распределувани и средства до четите и учесниците и подржувачите на грчката пропаганда. Освен напорите за воведување на грчкиот јазик во црковната служба, пропагандата вложувала напори и средства и во отворањето на грчки училишта каде ќе се учи на грчки јазик. Во Пелагонискиот дел на Македонија, центарот на пропагандата бил во Битола, каде голема улога играл грчкиот владика на Пелагониската епархија, како и грчкото конзулство.2 Голема била улогата и на владиката во Костур, познатиот грчки пропагандист Германос Каравангелис, кој постојано организирал грчки чети и врбувал и потплаќал лица од населението за ширење на грчката пропаганда.3

Германос Каравангелис заедно со туркса војска и андарти

            Во Солунско, голема улога во грчката пропаганда играл и конзулатот во градот Солун, кој служел, дури, и како „магацин“ за чување оружје за грчките чети.4

            Во областа Мариово грчката пропаганда успеала да се наметне во неколку села од десната страна на Црна Река, Градешница, Старавина, Будимирци, Груништа и Зовиќ, а притисоците за освојување на другите села биле постојани.5 Таквите притисоци биле безмилосни и притоа најмногу страдало мирното население и не биле поштедени ниту жените, старците и децата. Четите на грчката пропаганда во селата во Мариово и Пелагонија правеле вистински масакри, со масовно убивање на нивните жители, палење на нивните куќи, ограбување, силување и разновидно малтретирање. Голем е бројот на селата чии жители настрадале при ваквите напади од страна на грчките андарти, кои имале и свои соработници меѓу домашното население.

            Овде ќе го истакнеме немилосрдниот напад од страна на грчка чета на малото село Кален, кое денес се наоѓа во општина Прилеп, на дваесетина километри од градот. Селото било нападнато во месец август 1906 година и притоа биле заклани 16 жители на селото и изгорени поголем број куќи. Според некои автори, биле запалени 8 куќи6 а според други 16,7 а во околните села се раскажува дека било изгорено целото село, освен една од куќите, која му припаѓала на семејство од кое бил женет еден од членовите на четата со потекло од селото Чаниште, исто така, во Мариово, Прилепско. За настанот бил информиран и војводата Васил Балевски, кој бил назначен за војвода на Мариово во 1908 година. Еве што пишува тој: Тука андартите во изминатите години беа го нападанале с. Кален, озгореле 16 куќи и исклале со секири 20 селани. Тој злосторнички напад бил извршен по предавство на еден изрод од с. Кален, кој за шест лири поткуп беше ги довел андартите во селто. Изродот го уловивме и тој призна се и на крај го егзекутиравме јавно во селото.“8

Селото Кален

                Според информациите, убивањето на споменатите жители на селото Кален се случило на прагот на селската црква „Св. Спас“, каде тие биле заклани со секири. Настанот, според раскажувања, е запишан и во книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) од авторот Томе Велјаноски, а во подготовка на Тренчо Димитриоски.9

            Во продолжение раскажувањето за масакрот во селото Кален од книгата „Жива историја“:               

МАСАКРОТ НА ГРЧКИТЕ АНДАРТИ ВО СЕЛОТО КАЛЕН, МАРИОВО

             Неколку организирани грчки чети пред празникот Спасовден 1904 година го нападнале селото Кален во утринските часови за време иа молитвената богослужба во црквата „Св. Слас“ и при тоа масакрирале 40 каленчани[1]. Со ова грозно дело грчките чети сакале да ги заплашат и другите мариовски села и кокречани, чие село Кокре е соседно на Кален, на кои им наближувал празникот Дуовден, кој им бил селска слава, за да не се собираат масовно и да им внесат страв во коските.

            На богослужбата во црквата „Св. Спас“ во селото Кален грчките чети заробиле 40 каленчани, верници, меѓу кои стари мажи и жени, моми, ергенчиња и деца. Меѓу заробените се наоѓал и кметот на селото Кален Ангеле Сиракот. Грчките андарти му понудиле бајонет (или сабја) на Ангеле Сиракот за да ги масакрира своите соселани, Каленчани, за самиот да си ја спаси главата, со што грчките андарти имале намера да направат и омраза меѓу самите каленчани и пошироко за да предизвикаат братоубиство. Каленскиот коџобашија (кмет) ја одбил понудата на андартите и тие самите го извршиле масакрирањето. Кметот Ангеле Сиракот бил прв на кого андартите му ја отсекле главата, а телото му го фрлиле да гори во претходно запалениот оган за да ги гледаат другите заробеници нивните ѕверства. По Ангеле Сиракот биле масакрирани сите заробеници од селската црква во Кален и фрлани да горат во огнот.

Пред црквата во селото Кален

            По убиството на Ангеле Сиракот жена му Доста останала вдовица со малата ќеркичка Кала. Доста, од страв по масакрот, си ја зела ќеркичката Кала и се иселила во Прилеп.

            Ангеле бил женет за Доста Стојчева Дојкоска од Прилепец; таа ѝ била тетка на мајка ми Неда, сестра на нејзината мајка Менка.

            Во масакрот биле убиени сите заробеници од црквата „Св. Спас“ и никој од нив не преживеал[2]. Додека една од четите ги убивала заробените каленчани, кои се нашле на молитвената богослужба во црквата, друга чета шетала низ селото Кален и ги палела куќите. Во времето додека се правеле овие грозни дела од страна на грчките андарти, помогнати од некои македонски изроди, во Кален се згодил и еден кокречанец кој ја видел стравотната глетка. Успеал да се спаси и да избега и да им јави на селаните во Кокре што се случува во Кален. Кокречани се собрале со оружје во рацете и тргнале да им помогнат на своите соседи каленчани. Не знаејќи дека кокречани разбрале за нивните недела во Кален грчките андарти тргнале да направат сличен масакр и во селото Кокре. Кокречани биле подготвени, ги пречекале грчките напаѓачи на патот, ги одбиле и разбиле, а потоа со нивна помош грчките чети биле протерани и од селото Кален. Каленчани и кокречани отишле во селото Дуње, му јавиле на турските џандари за направените дела на андартите, тие ветиле, но ништо не направиле зашто биле на страната на грчките чети. Веста за ова гнасно и крваво дело била пренесена до сите странски конзулати во Битола. Турскиот валија во Битола бил остро нападнат од италијанскиот конзул со закана ако турската власт не ги фати и казни виновниците италијанска воена чизма ќе промаршира низ Битола. Таа година на празникот Спасовден, кој бил слава и во други села немало свирка и оро, бил прогласен за ден на жалост за масакрот во Кален. Каленчани, во знак на жалост по своите масакрирани соселани нивната слава за денот Спасовден ја поместиле за еден ден.

Црквата „Св. Спас“ во селото Кален

            Откако се случил масакрот во селото Кален, жителите на соседното село Писокал ги фатило страв да не бидат и самите масакрирани од грчките разбојници и почнале да се иселуваат. Семејството Бошевци се иселило во Чумово и таму се познати како Писокалците. Браќата Бабјаковци се поделиле. Едниот брат Торне Ѕуберот се иселил во Подмол, а Петре Бабјак се иселил да момокува во Мусинци.

            Како што кажуваа нашите постари луѓе, грчките чети освен во селото Кален ги запалиле и селата Брник, Црничани, Путурус, Билјаник и многу други села. Во Путурус останала незапалена само куќата на Ѓековци, покриена со плочи. Куќата ја бранел учителот Атанас Ѓеко и во неа нашле спас сите путурувчани[3]. Штом ќе се стемнело во тоа време некаде ќе се појавеле пламени јазици од некое село запалено од грчките андарти. Луѓето од запалените села бегале кај роднини и пријатели во соседните села, а оние што ќе ги фателе грчките андарти ги фрлале живи во огнот од запалените куќи. „Ако ветерот го донесеше чадот накај нашите села во него се чувствуваше мирисот на човечките тела кои гореле во пламенот“, – кажуваа нашите баби и дедовци. Преживеаните од запалените села се собирале и оделе на поплака кај валијата во Битола. Турските власти не реагирале навреме. Ќе испрателе воена потера по неколку дена од нападот, ради–реда, за да се оправдаат пред меѓународните претставници.

Селото Загоричани уништено од грчките чети

            Очигледно дека турската власт ја помагала грчката пропаганда за да го намалат угледот на Македонското револуционерно движење, со изговор дека Македонците сами си прават штета и на тој начин ја зацврстувале власта. Турската власт често ги обвинувала Македонците дека се помагани од Русија, а не споменувале ниту Срби, ниту Бугари, ниту Грци. Сите грчки чети биле поддржани директно од Грчката црква и затоа секоја нивна чета била предводена од грчки поп. Верува во севишниот бог Исус Христос, а пиштолот и бајонетот закачени на појасот (за грчките попови кои оделе со четите на андартите), убива народ. Старите велеа дека трагедијата што им се случувала во тоа време не може никој да ја опише.

Знамето на „Мегали идејата“ на Грција

            По масакрот во селото Кален преостанатите комитски чети повторно се организирале како зимата во Лопатица, Прилепско и се дале во потера по грчките андартски чети за чистење на теренот. Летото 1904 година четите на Милан Ѓурлукот, Крсте Шакир, Толе Паша, Трајко Кралот, Катиљ Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугаре, Дедо Кољо Добренски го зафатиле целиот терен преку Црна Река кон планината Ниџе и притоа биле палени сите летни планински бачила каде грчките чети имале свои јатаци. За чистење на теренот покрај четите се пријавиле и доброволци од селата и градовите Прилеп и Битола. Од нашето село Марул биле пријавени браќата Кочо и Тале Дуцаноски. При чистењето биле фатени и убиени многу четници од грчките чети. Оние што се спасиле пребегале на грчка територија.

 

Кажувано од:

  1. Митре Бошески
  2. Неда Бошеска
  3. Ристе Бошески
  4. Павле Бошески – Писокалецот од Чумово,
  5. Ристе Јовчески
  6. Вангел Јовчески

 

1 Вестителев, Белешки за интригите и инспирациите на елинизмот, Современи раскритиа, Софија 1904, 26, 27.

2 Исто, 27 – 36.

3 Германос Каравангелис, Мојата грчка борба за Македонија. Димитрис Литоксоу, Грчката анти-Македонска борба, Аз-буки, Скопје 1998.

4 Вестителев, Белешки, 28.

5 Ризо Трајковски, Грчката пропаганда во Прилепскиот реон (до 1912 г.), Прилеп и Прилепско во националноослободителните борби на Македонија 1893 – 1918, Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 261 – 273.     

6 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 324.

7 Васил Балевски, Спомени.

8 Исто.

9 Томе Велјаноски, Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1956 – 1950, КИДЦМ „Калеш Анѓа“, с. Крушевица, Крушевица 1904, 132 – 136.

[1] Според пишаните извори, при нападот на селото Кален од страна на грчките чети, на прагопт на селската црква биле заклани 16 каленчани.

[2] Според пишаните документи биле убиени 16 души.

 

[3] Според пишаните документи селото Путурус од грчките чети било нападнато на 28 септемви (стар стил) 1905 година и притоа биле запалени 14 куќи и убиени 4 лица.