ЧУДОТО НА СЕЛОТО ДРЕНОВЦИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ И „СЛЕПИОТ И ГЛУВ“ СИСТЕМ

Ќе се прашате зошто ваков наслов, за една обична и скромна репортажа, на едно, навидум, обично и сосема зпоставено село во Македонија, во општината Долнени, порано во општина Прилеп. Иако не сме без искуство, ниту без познавање на состојбите (барем донекаде) во областа Пелагонија и пошироко, посетата на убавото, но запоставено од власта, село Дреновци, сепак, и за нас беше необично – ем пријатно, ем непријатно изненадување. Пријатно од аспект на природната околина, која е навистина необична и живописна, како и од фактот што ова село, и покрај тоа што се наоѓа на работ на Пелагонија, во подножјето на планината Мукос, и покрај тоа што е сосема запоставено од сите стратегии за развој, како на државните, така и на општинските стратези, тоа е живо село, полно со живот, со млади жители – деца и ученици во скромното училиште, кое може да се нарече и колиба. Непријатно поради катастрофално лошиот пат по кој отидовме до селото, несредениот простор на селото, со раскопани и калливи улици и, особено, изгубената верба кај жителите, пред се младите, во системот, во државата, во општината, во соодветниот однос, кој им е неопходен од нив.

Патот за селото Дреновци 2

            Расположено на самиот раб на Пелагонија, на падините на планината Мукос, која е само дел од поголемата планина Бабуна, може да се смета за планинско село. Според историските податоци, селото опстојува неколку века со завиден број жители. Денес, како што велат жителите на ова село, тоа има околу 250 жители, од кои 60 до 80 млади до 18 години. Порано ова село броело 130 куќи, што значи имало 130 семејства. За 1900 година, во ова село се запишани 760, максимумот го постигнало во1948, кога селото броело 833 жители. Од 1953 година бројот на жители во Дреновци се намалува, за да во 2002 година се избројат 231 жители. Секако дека Дреновци е село старо повеќе од неколку векови, а најмалку 5-6 века. Некои преданија, кои ги раскажуваат жителите, упатуваат на континуитет на културно живеење и повеќе од 1000 години. Од нашите сознанија, сигурни сме дека селото опстојувало и во 16 век, но не е исклучено дека тоа е уште постаро. Во Кодикот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, во кого има имиња на верници од 16 до 18 век, селото Дреновци и имиња на негови жители се среќаваат на десетина места. (Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, том IV, Скопје 1981, 215 – 370)

Манастирот „Св. Атанас“ над село

            Позицијата на еден интересен локалитет на еден помал врв со плато, познат како Градиште, од севрозападната страна на селото, кој располага со остатоци од стара тврдина, (Археолошка карта на Република Македонија) не  наведува на похрабро размислување. Ваквата релација на денешното село со споменатото утврдување дава можност селото да води многу старо потекло, односно, уште од антиката. Тогаш тврдината на Градиште им служела на жителите

Кон горниот дел од селото

за заштита и одбрана од нападите на северните племиња, кои често преземале ограбувачки походи во Македонија, особено во областа Пелагонија, која им била најблиску.   

            Според жителите, селото неколку пати се поместувало за да „дојде“ на денешното место. Во неговата околина има бројни локалитети со остатоци од населби од различни периоди, сѐ до праисторијата. Тоа значи дека ова село и неговите жители ги преживеале милениумите и вековите и стигнале до 21 век, кога се соочуваат со тешки егзистенционални пробелми. Не, не се работи за сиромаштија или каква било немаштија, туку за загрижувачкиот однос на пошироката заедница, односно, на институциите во државата и општината.     

КАТАКЛИЗМИЧЕН ПАТ

            За да се стигне до селото, треба да се сврти од селото Дупјачани кон север, преку реката и нагоре кон Мукос и врвот Лута, под кој е сместено Дреновци. За жал, иако ова село е оддалечено само дваесетина километри од градот Прилеп, до него се стигнува само со теренско возило, со трактор или слично превозно средство, па и на тој начин демнат опасности на секој чекор. Стариот асфалт е раскопан на безброј места, сосема уништен или преполн раскопани делови од асфалтот, па опасноста демне на секој чекор. Ваму, постои закон за јавни патишта, кој ги обврзува надлежните институции да ги одржуваат комуникациите во состојба безбедна за возење и транспорт. (Од законот за јавни патишта на Република Македонија:

Член 35

(1) Јавните патишта се одржуваат на начин со кој се обезбедува зачувување на употребната вредност на патот за траен, безбеден и непречен сообраќај, под услови определени со овој закон, техничките нормативи и стандарди и прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Член 38

(1) За штетата што ќе им биде причинета на корисниците на јавните патишта и улици поради пропуштање на навремено извршување на потребните работи и преземање на соодветни мерки за одржување на јавните патишта и улици одговара правното лице на кое врз основа на договор му се отстапени работите за одржување на јавните патишта и улици.)

Патот за селото Дреновци

            На овој начин, не само што се оштетуваат возилата, ами се изложува на опасност и здравјето и животот на возачите и патниците. Како наближувате кон селото, се соочувате со сѐ поголеми катаклизмични делови од патот, а во самото село, кое е расположено нагоре по падините во правецот на планината, катаклизмата е сѐ поизразена. Најопасна е главната улица, која го сече селото на два дела и води сѐ до излезот од селото на горниот крај, кон манастирот „Св. Атанас“. Асфалтот, кој некогаш бил тука, ретко ќе го забележите зашто големите води кои дотекуваат при дождовите го однесле надолу во неповрат, па останале нерамни делови со калдрма, со разновидни јами, кал и сл. Во такви услови денес живеат жителите на Дреновци, кои можат да се прогласат за херои на денешното време, особено, со оглед на фактот што последниве децении селото се намножи со десетици млади жители, односно подмладок до 18 години, кои денес во селото се повеќе од 60. За жал, долгогодишната, всушност, повеќедецениската сосотојба на игнорирање на иснтитуциите на проблемите на жителите на селото го прават непожелното. Денес ретко ќе сретнете расположение кај жителите, особено кај помладите, за да планираат живот во вакви услови и многумина истакнуваат дека за десетина години состојбата со жителството ќе биде сосема поинаква, односно, младите ќе заминат по градовите или во странство и така ќе заврши чудото, кое го постигнале овие смели дреновчани и успеале да создадат основа за неговиот развој, односно, да придонесат за зчудувачко зголемување на жителството, кое не можете да го сретнете и во голем број села од околината, кои имаат многу подобри услови за живеење.

АМБИЕНТ ОД ДАМНЕШНО ВРЕМЕ

Низ селото, денес, ќе сретнете голем број нови или обновени градби, но во несредена околина, односно, лош пристап до нив поради лошата состојба на улиците, на раскопаните делови и калта. Ќе сретнете и голем број големи стари градби, во руинирана или полуруинирана состојба, со криви, тесни и калливи улички во планински амбиент, со црвеникави фасади на градбите изградени од плитар или печена тула, како и стар тип ѓерамиди по покривите, па средината потсетува на едно дамнешно време и на патилата, собитијата и премрежијата, кои ги преживувале жителите во овој простор низ историјата. Покрај главната улица ќе сретнете две помали продавници каде можете да влезете и да набавите некои од основните артикли.

Една од продавниците во селото

            Училиштето во селото, нова мала градба во близина на старата училишна зграда, со несредена околина располага со една тесна просторија за наставниците и просторија за учениците, толку. Во такви услови учат дваесетина деца до петто одделение. Наставниците доаѓаат од Прилеп, по лошиот пат и се соочуваат со бројни проблеми.

            – Селово располага со поголем број млади семејства и има од 60 до 80 деца и млади до 18 години, но условите се многу тешки. Патот, како што гледате, е никаков, вода нема, здравство нема и тешко се живее. Ние сами се снаоѓаме за превоз, како знаеме и умееме по овој пат, како во лето, така во зима, патарина никој не ни надоместува, а гледате какви се условите овде. Преку зимата е многу потешко, често наидуваме и на волци, некогаш навева и снег, па се соочуваме со навистина тешки услови по ваков пат – велат наставничките во училиштето.

Старата училишна градба со новата во позадина

            – Не, јас не очекувам ништо повеќе во моето село. Еве, видете какви се условите, патот е катастрофа, тешко да излезеш од дома, тешко да се вратиш, дури и со теренско возило. Да видите само како е кога ќе заврне, цели реки течат по главната улица, длабоки и до појас – вели младиот Миле Стојчески, кој тука живее со своето семејство. Од младите многумина размислуваат слично како него. Разочарувањето е големо. Властите и институциите кренале рака од ова село, така е размислувањето на многумина од жителите, а нема расположение ниту за некоја посериозна реакција зашто повеќето од жителите се целосно разочарани и со изгубена верба дека некој ќе обрне внимание на нивните проблеми. Дека нема решение, дека им сугерирале на властите, на општината, но тие не дошле ниту да ги посетат, да извозат по никаквиот пат и да ги согледаат нивните проблеми. Да се дојде до селото е вистинска авантура, а животот не е тоа, туку секојдневна активност и решавање проблеми. До некои од куќите во селото не можете да дојдете ниту со теренско возило, а таму живеат семејства, со стари и возрасни, но и со деца. Главната улица во селото, која е продолжение на катаклизмичниот пат, кој доаѓа од соседното село Дупјачани, речиси целата е руинирана, со раскопана и нерамна калдрма или со раскопан и однесен асфалт.

Кирил Димески на главната улица, пред училиштето

            – Лошо е, еве и сами гледате, не можеш дома да си појдеш со возило по ваков пат, ама тоа е, никој не обрнува внимание, патот е ваков со години, со години така живееме – вели осумдесетгодишниот Кирил Димески.

             Што да констатираме на крајот? Дреновчани го исполниле својот долг, односно, направиле се што е во нивна моќ и создале основа за развој на своето село. Создале семејства, обезбедиле подмладок, го заживеале селото и се вистински пример и за пошироката заедница. Државата, општината, надлежните институции, односно, системот, се однесуваат како слепи и глуви. Ниту виделе, ниту слушнале, се зачауриле во својата себичност и во својата некадарност, па место подршка, станале кочница на еден силен порив за опстанок и за развој. Заборавиле на должностите, на обврските, на одговорноста, на законот.

ДА НАПРАВЕА НЕШТО, БАРЕМ, МИСЛЕЈЌИ НА ДЕЦАТА

            Последиците од тој однос ги трпат дреновчани, нивните семејства и децата, сите кои се поврзани со ова село, како и сите ние, воопшто. А буџетот, оној од кој тие, луѓето во системот, обезбедуваат живот, лагодитет за своите семејства, го создаваат, токму луѓе и семејства како оние во селото Дреновци. Замислете: за возврат не фрлиле ниту една лопата тампон, една лопата асфалт или друг соодветен материјал на патот за селото Дреновци или на некоја од поважните улици во селото. Забораваат дека тоа е нивната основна обврска, за која им го отстапивме народниот буџет. Да направеа нешто, барем, мислејќи на децата во ова село, кои му носат радост и свежина на ова место, кои се исти како и сите други деца од овој простор и од овој свет и заслужуваат соодветен третман, па дури и повеќе, со оглед на условите во кои опстануваат. Да се надоврзеа, барем малку, на силниот елан и порив на дреновчани за излез од зачмаеноста, која не опкружува, од некадарноста, која не гуши, која го убива тој порив во нас, особено во младите генерации, кои се приморани, да израснат во својата земја, а да бараат излез, живот и опстанок во некоја друга земја, некаде низ светот.

Децата за игра се снаоѓаат како што знаат и умеат

            Да направеа, барем, едно внимание, па да фрлеа еден поглед на проблемите на овие луѓе, на овие вредни семејства, кои создаваат богатство со многу труд, но и со елан, кој дава надеж за сите нас.  Зашто, ете, и овде младите не можат да го издржат притисокот на индолентноста на системот кон нивните проблеми и потреби па, разочарани од таквиот однос и соочени со потребата за опстанок и иднина за своите семејства, веќе се подготвуваат да го фатат патот, кој им дава подобра надеж.

Планината Мукос