СТАРЕШИНИТЕ НА ПЕЛАГОНИЈА, ОРЕСТ И ФИЛОКСЕН, ОД АНТИЧКИОТ ГРАД СТИБЕРА КАЈ СЕЛОТО ЧЕПИГОВО, ПРИЛЕПСКО

Имињата на таткото и синот Орест и Филоксен – Тит Флавиј Орест и Тит Флавиј Филоксен, станаа познати по ископувањето на првите градби од уништениот антички град Стибера кај селото Чепигово, Прилепско.  При ископувањето на градскиот храм посветен на божицата на судбината, Тихе, во 1953 година, меѓу големиот број други мермерни споменици се пронајдени и бистите на овие двајца угледни граѓани на Стибера. Тие потекнуваат од угледно старешинско семејство од овој голем антички град и биле старешини и свештеници на поширока област во првите векови на новиот милениум во рамките на римската империја. Нивните имиња се среќаваат на повеќе места, особено, во поголемите антички градови, и тоа, освен во Стибера, во Хераклеја,1 како и во античкиот град со непознато име кај селата Прилепец, Волкосело и Чумово, Прилепско.2

Филоксен и Орест во ископините
Филоксен и Орест во ископините

            Споменувањето на имињата на овие двајца граѓани на античкиот град Стибера на повеќе натписи и на повеќе места упатува на нивното значење и улога во поширокиот регион, особено, во областа Пелагонија. Во нивниот роден град, тие се споменуваат како наследници на главниот лик од храмот на Тихе во Стибера, кај селото Чепигово, П. Антестија Фуска, која меѓу наследниците го споменува и Филоксен како син на Орест.  Имено, натписот на главната ниша во храмот, во која стоела и биста на Антестија Фуска е своевиден тестамент во кој се споменуваат нејзините наследници. Еве го тестаментот:

„(Статуа на) божицата Тихе на градот (му подарија), храмот и статуите во него ги обновија и 5000 денари на Советот му изброија според тестаментот на Антестија Фуска, наследниците Т(ит) Флавиј Филоксен, син на Орест, М(арк) Ветиј Нејкарх, Г(ај) Јулиј Капитон, П(ублиј) Антестиј Трофим и Хрест, во 274 (127 г. по Хр.) година.“3

Антестија Фуска
Антестија Фуска

            Од истиот храм потекнуваат и по една биста на таткото и синот, кои се идентификуваат со соодветните натписи со имињата, Орест и Филоксен.4 Тоа упатува на нивното значење за овој храм, кој е подигнат, токму од наследниците на Антестија Фуска, како и на значењето на ова семејство од Стибера, како за самиот град, така и за пошироката област. Всушност, членовите на ова угледно семејство подолго време биле поставувани на значајни функции, а сигурно се знае дека некои од нив биле и угледни свештеници во областа, односно, првосвештеници, како што пишува на натписот од постаментот со скулптурата на Тит Флавиј Орест од античкиот град Хераклеја кај Битола.5 Овој споменик, кој потекнува од вториот век на нашата ера, упатува на големото значење и угледот што го имал овој граѓанин на Стибера за пошироката област, како и за градот Хераклеја. Во негова чест го подигнале граѓаните на Хераклеја од благодарност за заслугите и добротворноста на овој стиберанец. Имено, на овој натпис стои:

„Градот

(му подигна споменик на)

Тит Флавиј Орест

двапати првосвештеник

и доброчинител

заради љубов

кон овој град.

На предлог на Гај Мариј Блосијан Трасон

доидека беше политарх Мариј Клавдиј Пулхер.“6

Немеза и Тит Флавиј Орест од Хераклеја кај Битоа

На тој начин, споменикот од Хераклеја посветен на стиберанецот, Тит Флавиј Орест се вклопува во едно позамашно „друштво“ од споменици на градот Хераклеја од античкиот период, на кои се претставени и личности од најстарите периоди во Медитеранот, како што се Хесиод, Хомер?, Ајсхин, Менандар,7 како и неколку епископи од првите векови на христијанството, како што се Евагриј, Бенигнус  и други.8

            Имињата на познатото семејство од Стибера се среќаваат на разни споменици на повеќе други места. Името, односно, презимето на споменатата Антестија Фуска го среќаваме на споменик со потекло од градот Алкомена, кој се наоѓал кај селото Бучин,  од кој споменици се среќаваат и во селото Бела Црква. На еден од спомениците, кои се наоѓаат во кругот на црквата „Св. Богородица“ во Бела Црква се среќава формата Фускон.9

            Особено е ентересно среќавањето на името на Орест и во рамкте на локалитетот на кој се наоѓал град со непознато име, во атарот на селото Прилепец, Прилепско. На споменик, кој претставува поголем блок од мермер се среќаваат имињата на двајцата стиберанци, таткото и синот, Орест и Филоксен (ΟΡΕΣΤΗ ΙΝ ΦΙΛΟΚΣΕΝΟΣ)10 и, според, текстот од натписот, споменикот им е посветен на двајцата, односно, тој бил поставен во нивни спомен од граѓаните на овој град. Тоа упатува на фактот дека Орест, како и неговиот син Филоксен имале извесна значајна улога и за оваа античка населба од градски карактер, односно, биле старешини, веројатно, и свештеници. На друг споменик од истото село, пак, се среќава определба ΣΤΥΒΕΡΑΙΟΝ,11 која на своевиден начин повторно ги поврзува двата античка града, кои се наоѓале на петнаесетина километри растојание еден од друг.

Личности од Стибера на натпис во Прилепец
Личности од Стибера на натпис во Прилепец

            Освен големиот број споменици на кои се среќаваат имињата на стиберанците Орест и Филоксен, не може да не се забележи дека овие двајца угледни граѓани од римскиот период во Македонија носеле име од домородно потекло, со постари корени во времето, односно, имиња со многу старо потекло, со митски корени. Познато е дека името Орест го носел синот на легендарниот војсководец од градот Микена, Агамемнон, кој ја водел војската против градот Троја во Мала Азија опишана во познатиот еп на легендарниот поет, Хомер, Илијада. Од историјата се познати и други личности со такви имиња, особено, во македонската култура и историја, па се знае дека еден од кралевите на област во Македонија се викал Орест, а така се викало и едно од македонските племиња, Орести, кои имале свое кралство Орестида.

Орест и Филоксен
Орест и Филоксен – споменик во селото Прилепец, Прилепско

            Филоксен е, исто така, име со старо потекло и познати се повеќе личности од античкиот период со такво име. Двете имиња упатуваат на тоа дека таткото и синот, Орест и Филоксен, биле граѓани од домородно потекло, па затоа, покрај вообичаените имиња од римско, односно, латинско потекло, го зачувале и своето домородно име. Тоа значи дека тие, всушност, биле потомци на старо македонско или пелагонско семејство и успеале да се истакнат во рамките на тогашната Римска империја и да заземат значајни функции во нејзиниот систем.

Тит Флавиј Орест – Археолошки Музеј на Македонија – Скопје 2

            Бистите на двајцата угледни граѓани на Стибера, Орест и Филоксен, кои потекнуваат од првата половина на вториот век на нашата ера, се сметаат за особено, мајсторски изработени портрети со нагласена естетика. Всушност, овие антички споменици од градот Стибера претставуваат ретко убави портрети на граѓани на Македонија од првата половина на вториот век, со нагласени антрополошки особини и често се земаат како врвни експонати од тој период во Македонија. Заедно со големиот број други скулптури и друг вид споменици од Стибера, го претставуваат богатството и естетското и културно ниво на овој град во Пелагонија, кој бил центар на областа Девриоп, во која припаѓале и градовите, Алкомена кај Бучин и Бријанион, кај селото Граиште. Сите три града биле расположени по течението на Црна Река, античкиот Еригон. Бријанион е расположен во делот на денешно Демирхисарско, Алкомена на самиот раб на Пелагонија, при излезот за Демирхисарско, а Стибера се наоѓала подлабоко во рамнината Пелагонија.

 

1 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis преку епиграфските споменици Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија – Битола, Битола 2003, 38.

2 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 86, 87.

3 Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, НУ, Завод и Музеј – Битола, Битола 2004, 25.

4 Inscriptiones Graecae, pars II, Inscriptiones Macedoniae, Ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Gualterus de Gruyter, Berolini . Novi Eboraci, MIM, 168.

5 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 39.

6 Исто.

7 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија – Битола, Битола 1998, 27.

8 Исто, 41. Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 102.

9 Inscriptiones Graecae, pars II, Inscriptiones Macedoniae, Ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Gualterus de Gruyter, Berolini . Novi Eboraci, MIM, 173.

10 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 86, 87.

11 Исто.