ЛИХНИД (ОХРИД)

Овде времето нема почеток,

Вечноста му е корен.

Пламти силен оган

Од древните ѕидишта

И од душите на горди жители,

Полни со благост во срцата.

Пламенот се воздига

И се стопува во отсјај

На прозрачните води

На Лихнидското Езеро.

Столб од светлина и топлина

Се воздига до небото

Како божја порака.

Да се чува ова место на божилакот

Од натрапници, хулигани и

Разулавени вандалски орди.

Заветот е прадедовски монолит,

Од прозрачно време.

Светлината се удвојува и утројува

Низ велелепни зданија,

Музеи и прастари храмови,

цркви за 365 светци,

Театри на играта со силно ехо.

Овде светлината се родила

И летнала кон север

Со вселенска брзина

Со проблесок на експлозија,

Со светиот дух и светите Климент и Наум

Од светото училиште

На 3500 просветлени души

Во времето на мракот.

Грми езерската бистрина,

Домот на пастрамката и јагулата,

Змиулестата риба, која

ги поврзува хоризонтите

тргнувајќи од изворите

на животот под дното,

кои течат од вечност, до вечност,

па до Саргаското Море.

Стамена вистина

Утврдена во цврсти ѕидишта

На Кадмо, на Хармонија, на Ероп,

Претци на денешните горди семејства,

Извор на непресушна светлина и

Темел на вечниот град.

Денес, кога мачно се изнедрува

Нова идеја во овој простор,

Како нова рожба,

Која ќе го облагороди светот,

Кој станува мрачен, загаден

И во лудост, згазен

на опашката на мракот,

ја толчи светлината

како глава на отровница.

Исплашен, возбуден и во паника,

згромен пред проблесокот

на благородието стекнато од век,

низ погром.

Ечи крик од центарот на сцената

На древниот театар,

Се одѕива од ѕидот на тврдината

И летнува во бистрината на езерото.

Нема збор, не е потребен,

Излишен е зборот во ваков миг.

Во крикот е вистината,

На смртта и раѓањето

Во градот езерски,

Кој ме враќа во митски времиња,

Времиња на светлината.

Ја слушате ли божјата порака,

О, суштества земни и ситни

И неблагородни и неблагодарни?

Не предизвикувајте го громот

Да трешти, да секне молња,

Да распори и небо и земја,

И празнината небесна,

Да го разбуди денот

во мрачните души

На насилници, непоканети гости,

Бесрамни дојденци.