УМЕТНОСТ ОД НЕПОЗНАТ УМЕТНИК ВО ЦРКВАТА „СВ. АРХАНГЕЛ МИХАИЛ“ ВО ИСПУСТЕНОТО СЕЛО ВРПСКО, ПРИЛЕПСКО

Далеку од цивилизацијата, речиси, во дивината, среде бујна природа, во разигран простор со ридови и долови кои се сливаат во поголемото течение на Црна Река, високо на десниот брег денес има само видливи остатоци од селото Врпско во областа Мариово. Може да се каже дека ова село се наоѓа на најголема оддалеченост од градот Прилеп во чиј атар припаѓа. За да стигнете до него од Прилеп треба да поминете 56 км до селото Витолиште, потоа уште 4 км до селото Живово, па следат уште 8-9 км за да се најдете во Врпско, кое е расположено на падините на ридот Становица, од неговата северна страна, односно на високиот брег на Црна Река. Тука ќе се најдете меѓу разурнати куќи и ѕидови обраснати во трева, како и високи дрвја од различен вид – тиса, црница, посебен вид црница, позната како карадутка, сливи, разновидни трње, капини и сл. Сепак, во селото се зачувале и неколку здрави градби, благодарение на поранешните жители, кои и денес навраќаат овде, па дури и се занимаваат со извесни активности, особено одгледување пчели. Особено е зачувана селската црква „Св. Архангел Михаил“ чиј покрив е обновен, како и покривот на убавиот трем, во кој секоја година, барем еднаш, се собираат попголем број поранешни жители на селото Врпско, како и други гости и се прави голем црковно-народен собир.

Црквата „Св. Архангел Михаил“ од југоисточната страна
Црквата „Св. Архангел Михаил“ од југоисточната страна

Иако потекнува од 19 век, црквата „Св. Архангел Михаил“ во Врпско, има длабоки корени на светост.  Имено, констатирано е дека на нејзиното место имало, дури, две постари еднокорабни цркви, градени една врз друга. Постарата црква се датира во 14 век, додека поновата во 17 век.1 Токму врз темелите на овие постари цркви, во 1868 година е изградена денешната црква,2 исто така, еднокорабна градба. Веќе во 1881 година црквата била комплетно живописана од непознат црковен уметник кој, веројатно, од скромност не оставил свој потпис на некој дел од шивописаната црква.

Фактот што живописот од 19 век е многу слабо обработен е нашироко познат. За црквата „Св. Архангел Михаил“ во селото Врпско важи уште повеќе. Оставена најмалку 80 км од најблискиот град во кој има соодветна институција, без жителство во селото, таа е оставена само на агилните поранешни жители, кои за среќа, од поодамна сфатиле дека се работи за вредност која не смее да се остави на ништавилото и рано почнале да преземаат активности за заштита на градбата и вредностите кои ги носи таа. Се, разбира, таквите вредности не се за незначајни и не се малку за да бидат незабележани. Особено кога се работи за фрескосликарството, со кое е опфатена целата внатрешност на градбата, а ако се земат предвид и двете фрески над влезните врати, тогаш нешто од таквите вредности има и на надворешната страна на ѕидовите.

Црквата „Св. Архангел Михаил“ од јужната страна
Црквата „Св. Архангел Михаил“ од јужната страна

И покрај нашата желба и обидите да дознаеме кој е авторот на фрескосликарството, не успеавме во тоа и можеме само да претпоставуваме, користејќи ги нашите скромни информации за авторите и нивните стилови застапени во областа Мариово. Затоа овде само ќе се обидеме да претставиме дел од живописот застапен во оваа црква. Се разбира, тоа не значи дека при проследувањето на ова фрескосликарство, не множе да се забележат и одредени тематски и ликовни особености кај непознатиот автор.

КОМПЛЕТНО УКАРСЕНА ЦРКВА

Може да се каже дека е тешко да се најде ненасликана површина во вантрешниот дел на градбата. Насликано е секое делче површина – во апсидата, таванот, вертикалните ѕидови, површините лево и десно од прозорците и вратите, како и дрвенаријата. Во сводестиот дел од апсидата ја среќаваме св. Богородица Ширшаја или Небесна, со која започнува с#. Нејзиниот лик е едноставен, со вообичаено заштитнички раширени раце, без посебно украсување на облеката. Се забележува дека малтерот од површината на овој лик почнал да распукува и да го оштетува портретот на мајката божја. Во нискиот дел на апсидата, од левата страна се претставени св. Никола и св. Исаја, а од десната св. Василиј и св. Григориј. Четирите лика се насликани во свечена и убаво украсена облека со складни и впечатливи бои, а забележлива е благоста комбинирана со авторитетниот израз на нивните лица. Во нишата на северниот ѕид од олтарот е насликан св. Роман, а на површината на ѕидот над него го среќаваме светиот цар Соломон, во царска облека, со складно украсување, со круна на главата и голема еднобојна наметка, со нагласено младешки лик.

Иконостасот
Иконостасот

Во проскомидијата од левата страна е насликан Исус Христос агнец (жртва), а на површината на ѕидот над него е насликан голем ангел со свечено украсен горен дел од облеката и поставен на облак. Облеката на ангелот е многу слична со онаа на царот Соломон, особено туниката, која е идентична на двата лика.

На спротивниот – јужен ѕид во просторот на олтарот ги среќаваме св. Роман во долниот дел, а над него цар Давид, кој за разлика од цар Соломон е облечен во послабо украсена облека, но со богато украсена наметка, која од внатрешната страна има крзно. На главата има круна, а неговиот лик, за жал, е многу оштетен. Во проскомидијата од десната страна на апсидата е претставен св. Стефан, а на површината на ѕидот над него Пресвета Богородица.

Натпис со годината на живописувањето и имињата на членовите црковниот одбор
Натпис со годината на живописувањето и имињата на членовите црковниот одбор

Особено интересна е претставата на св. Архангел Михаил на влезната врата во олтарот од левата страна. Имено, тој е поставен во борбена положба, како со меч во десната рака, високо издигната и свиткана во лактот, се токми да го прободи непријателот под неговите нозе. На неговите рамена, панцирниот елек завршува со претстава на човечки лик (сличен детал се среќава и на претстави од други автори), а од неговата лева страна се забележува детал на кој е претставена рака, спуштена надолу, која држи за косата мала форма на човечки лик без облека, чија лева нога е врзана со јаже кое крај нозете на архангелот го држи лик на ѓавол. Деталот се однесува на една од особините на Архангел Михаил да ги зема душите на оние на кои им дошол судниот ден, а притоа да ги спаси да не паднат во рацете на ѓаволот. Иако не се работи за врвна ликовна претстава, може да се каже дека ваквата претстава на овој архангел е една од особеностите на авторот кој го изработил живописот во оваа црква, не само со споменатиот детал, туку и со облеката во која е претставен. Имено, горниот дел од неговата облека – панцирот и туниката се со отворена жолта боја, какви што се и неговите обувки и дел од украсените површини на иконата во делот кај стапалата. Слична е претставата на патронот на оваа црква, која ја среќаваме над влезната врата на северниот ѕид каде е претставен во ан-фас, со мечот во десната рака свиткана во лактот, а притоа мечот му е потпрен на рамото, додека во десната рака држи топка, која ја претставува Земјата.

ЖИВОПИСОТ НА СЕВЕРНИОТ ЅИД

На северниот ѕид, тргнувајќи од олтарот кон западниот ѕид, во долниот ред е претставен св. Великомаченик Георгије, како ја убива ламјата пред ѕидините на дворецот од кој се појавуваат три ликови со круни на главите, а во вториот ред, над него, на страничните ѕидови на прозорецот се претставени два апостоли, св. Апостол Симон – десно и св. Апостол Вартоломеј – лево, па следи композицијата „Вознесение Христово“, која е рамкирана со два столбови со основа и капител, а надвор од рамката, од левата страна, во раскошна царска облека имаме, повторно, претстава на светиот цар Давид, кој со левата рака покажува со прст кон сцената на вознесението.

Св. великомаченик Георгије
Св. великомаченик Георгије

После св. Георгије, во долниот ред на северниот ѕид, во правецот на запад се поставени пет ликови на светци, во особено нагласена ликовност, секој од ликовите поставени меѓу два столбови украсени со капители. Веднаш до св. Георгије е св. Меркуриј, претставен со едно кратко копје, кое го држи во рацете со остриот дел надолу и едно долго копје, со остриот дел нагоре, потпрено на неговото десно рамо. Следат, св. великомаченик Јаков Персијанецот со копје во левата и крст во десната рака, потоа слично претставениот св. Мина, па св. маченик Теодор и до самиот западен ѕид е поставен св. Маченик Прокопиј. Во вториот ред, над овој ред од свети војници, по малиот прозорец, чии странични ѕидови се украсени со цветни форми, слично како и неговиот тавански дел, следи композицијата „Цветоносие “ чии бои се мошне обледени и композицијата добива помалку јасна претстава.

СТРАШНИОТ СУД

На западниот ѕид се соочуваме со импресивна претстава на повторното доаѓање на Исус Христос, композиција позната како „Страшниот суд“. Тука имаме бројни претстави повцрзани со човечките гревови и казните кои следат при повторното доаѓање на Исус. Во централниот дел на ѕидот, највисоко е поставен Исус Христос – цар на небото, придружен од св. Јован и Мјаката Божја, сите поставени на засебни облаци, а од облакот на кој е поставен ликот на Исус, на долниот дел, се појавува рака, која држи кантар за мерење на гревовите. Лево од централната претстава се насликани ликовите на апостолите, иерарсите и на преподобните, а десно од неа, повторно ликови на апостолите и ликови на маченици. Сите овие ликови се поставени на небото, претставено преку облаците, како нивна подлога.

Западниот ѕид со „Страшниот суд“
Западниот ѕид со „Страшниот суд“

Во вториот ред на западниот ѕид, во композицијата насловена како „Страшное второе пришествие Христово“, веднаш под ликот на Исус Христос е композицијата, која го претставува мерењето на гревовите на душите – во долниот дел се претставени мртвите, како излегуваат оф гробовите, десно е еден ангел кој на кантарот ги става нивните доброчинства, а лево двајца ѓаволи нивните гревови. Десно од претходната претстава,  следи претставата со Тартар и Велзевул, односно пеколот во кој се упатени грешните души, а лево од неа е рајот, претставен како голем замок со зеленило во неговата внатрешност, каде пред портите се упатени безгрешниците, а внатре, во седечка положба се претставени ликовите од стариот завет, Аврам, Исак и Јаков со големи садови во скутот полни со храна. Над композицијата со Тартар среќаваме претстава на Мојсеј со група од неколку ликови зад него. Најдолу на оваа композиција, во долга лента, преку целиот зид, во помали форми се пртставени разновидни грешници и нивните казни.

ЈУЖНИОТ ЅИД

На јужниот ѕид, почнувајќи од иконостасот кон западниот ѕид, на повисокиот ред, после прозорецот на чии странични ѕидови се претставени двајца апостоли, од кои едниот е св. Апостол Тома, следи композицијата „Раѓањето Христово“ во која јасно се претставени ликовите на Јосиф и Мајката Божја (Марија), кои седат од двете страни на малиот Исус, зад грбот на Јосиф, во помали форми, односно во перспектива, се претставени ликовите на трите персиски цареви, зад грбот на Марија е пастир со крлук и стадо во повисокиот дел од композицијата, а еден пастир со крлук и стадо е поставен над главата на Јосиф. Во целата композиција, централно место зазема ѕвездата која го најавила Исусовото раѓање и силни зраци или молња од голем и темен облак на небото.

Св. великомаченик Димитрија
Св. великомаченик Димитрија

Во продолжение, во истиот ред следи лик на уште еден светец, односно пророкот Михеј, па прозорецот украсен со цветни форми и на крај композицијата „Крштение Христово“ .

Во долниот ред на истиот ѕид, веднаш до иконостасот е насликан св. Димитрија на коњ, како со копје прободува непријател, потоа следи светиот престол со иконата на Исус Христос цар, па композицијата со св. Игнатиј Богоносец со двата лава издигнати кон него од двете страни и, на крај, св. Онуфриј во вообичаена претстава, со долга исучена брада, која стигнува до неговите стапала, облечен само во сукна од растително потекло. Во овој дел од живописот, во очи ни падна еден детал на композицијата со св. Димитрија. Тоа е мала фигура на свештеник, кој јава зад светецот и во левата рака држи извесна реликвија со кружна форма.

Св. Игнатие Богоносец
Св. Игнатие Богоносец

На таванот на црквата, кој е изработен од дрвен материјал, ламперија обоена во сино, има само една претстава на Исус Христос Седржител.

Иконостасот, кој зависно од релативно малата градба на црквата, исто така, е комплетно изработен, нареден со икони и украсен. Паѓаат во очи иконите на кои се претставени св. Богородица со Исус, Исус Христос Седител и Исус Христос.

ЖИВОПИСЕЦОТ ИМАЛ ЧУВСТВО ЗА ХАРМОНИЈА И РАЈСКИ АМБИЕНТ

Целиот труд, кој го вложиле непознатите автори на фрескоживописниот зафат во црквата „Св. Архангел Михаил“ заслужува многу поголемо внимание од ова скромно претставување, но ова нека биде поттик за посериозен и стручен ангажман, како околу историските, ликовните и верските вредности што ги крие оваа црква, така и за нивната заштита. Имајќи предвид дека во Мариово изработувале живописи и икони по црквите голем број познати македонски мајстори, можеме само да претпоставуваме, врз основа на стилот и познавањето на верската идеологија, кој е мајсторот на горепретставениот живопис. Нам ни е познато дека во црквата од манастирот „Св. Илија“ кај селото Мелница работел Аврам Дичов, синот на познатиот македонски зограф, познат како Дичо Зограф од селото Тресонче, Дебарско, но не смееме да правиме било каква претпоставка поврзана со него. Познато ни е дека во црквата „Св. Спас“ во селото Кален работеле браќата Димитар и Георги Андонови од селото Гари, но овие информации само упатуваат на тоа дека во областа Мариово се движеле и создавале познати црковни уметници. Ценејќи дека тие, најчесто, оделе во поголеми тајфи, па мајсторот од црквата во селото Врпско би можел да биде некој, за нас, непознат член од некоја од тајфите.

Дел од селото Врпско со црквата „Св. Архангел Михаил“ и долината на Црна Река
Дел од селото Врпско со црквата „Св. Архангел Михаил“ и долината на Црна Река

На крај, не може да не се забележи дека непознатиот живописец во Врпско имал чувство за размер, хармонија и рамнотежа во претставите на сцените и ликовите. Особено, забележливо е залагањето да се претстави свечен, рајски и царски амбиент, кој е иманентен на божественото поимање и претставување.