УБАВО ИЗРАБОТЕН ВИНАРНИК ВО КАРПА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „НОВИ ДВОР“ – СЕЛЦЕ, ПРИЛЕПСКО

Објекти за гмечење грозје изработени во карпа, во областите Пелагонија и Мариово се среќаваат, речиси, на секој чекор. Некои од нив лежат скриени со нанос на земја, која ги покрила во долгите векови на нивното излегување од употреба, а други зјаат со своите големи садови кон небото. Едни се скриени со разновидни ниски растенија, трње, капини и слично, а други се појавуваат пред очите на намерните или случајните минувачи, раскопани од трагачи по скриено богатство.

Винарникот од „Нови Двор“ од запад

Еден таков убаво изработен винарник се „појави“ и на периферијата на локалитетот „Нови Двор“ меѓу селата Селце и Волкосело, Прилепско, во атарот на селото Селце. Некој внимателно ја испразнил поголемата правоаголна јама, која е целосно зачувана и ги покажува своите убаво оформени профили. Се работи за вообичаена правоаголна форма со должина од околу 2,5 m, ширина околу 0,90 m и длабочина од околу 0,40 m. Другиот сад од винарникот не бил испразнет, но јасно се забележува на долниот дел на косината на која се наоѓа карпата со објектот. Тој е долг околу 1 m.

Винарникот од „Нови Двор“ од југозапад 2

Во блиската околина на винарникот се забележуваат бројни, главно, ситни фрагменти од керамички садови со различна дебелина, што упатува на садови со различни димензии. Освен од садови, се забележуваат и фрагменти од тегули и други предмети од керамика. Винарникот бил изработен со насока североисток – југозапад, со тоа што поголемото корито е на североисточната, а помалото на југозападната страна, соодветно на правецот на закосената површина, која благо се спушта кон југозапад. Насоката на објектот ја диктирала и формата на природната карпа, која е ниска, односно, околу 0,20 до 0,30 m над земната површина, има издолжена форма и слична насока. Од северната страна на објектот, на околу 200 m, се наоѓа остаток од помала населба од македонскоримскиот период, расположена на една помала тумба и на нејзините јужни падини, а малку подалеку на исток се среќаваат остатоци од друга населба, која била расположена во убава и зелена долина, која располага со неколку извори. За овој локалитет се вели дека тука било расположено старото Волкосело.1 На јужната страна е ридот „Каракамен“, кој располага со остатоци од населба од праисторијата и средниот век.2 Во пошироката околина се расположени уште неколку локалитети со интересни остатоци од материјална култура, како од праисторијата, така и од подоцнежните периоди.3

Винарникот од „Нови Двор“ од запад 2

Објектот за кој станува збор овде упатува на старата традиција на одгледување винова лоза и производство на производи од грозје. Слични објекти има поголем број, како во атарот на селото Селце, така и во атарите на селата Волкосело, Прилепец и Чумово каде бил расположен значаен антички град со непознато име.4

Фрагменти од разновидни керамички предмети од непосредната околина
Фрагменти од тегули

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 89 – 91.

2 Исто, 95 – 96.

3 Исто, Тренчо Димитриоски, Древна Цивилизација I – археологија, митологија, преданија – Прилепско,  ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 176 – 180.

4 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I,  69 – 84.