РЕДОК РАНОХРИСТИЈАНСКИ ОБЈЕКТ – МАРТИРИУМ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЧЕБРЕН“, КАЈ СЕЛОТО ЗОВИЌ, ОПШТИНА НОВАЦИ

Мариово – жариште на раното христијанство

 При ископувањето кое го вршеле археолозите од Битола на тумбата на локалитетот „Чебрен“ во атарот на селото Зовиќ, општина Новаци (тогаш Битолско), се откриени значајни недвижни наоди, главно од доцната антика. Посебно внимание привлекува една градба која се наоѓа на источниот раб на тумбата која се наоѓа на највисокиот дел од нејзиното плато. Градбата е идентификувана како ранохристијанска црква на што упатува еден посебен објект вдлабен во карпа. Тој претставува платформа со површина од околу 0,8 м2 во чија средина е вдлабен помал објект во форма на крст, како и 4 кружни јами во аглите на правоаголната платформа. Овој објект, веројатно, претставувал т.н. мартириум во кој се чувале мошти на некој христијански маченик1 од првите векови на христијанството кога христијаните биле прогонувани од тогашната римска власт. Вакви објекти, мартириуми, се граделе во првите христијански цркви кои се среќаваат на просторот опфатен со христијанската вера. Во близина на опишаниот објект се среќава и една голема гранитна плоча на чија површина е изработена голема детелина со четири листа во релјеф, како и повеќе помали форми на детелинки со четири листа на нејзините профили. Голема е веројатноста дека оваа плоча на столбови стоела над платформата со вдлабен крст. Интересно е дека форма на слично вдлабен крст се среќава и на еден обработен камен блок вграден во ѕидот, во близина на апсидата, на трикорабната црква Св. Никола во с. Манастир, Прилепско,2 кое се наоѓа исто така на десниот брег на Црна Река околу 10 км северно од Чебрен. При ископувањето археолозите откриле и еден голем резервоар во градба делумно издлабен во карпа.

Делот од ранохристијанската црклва со мартитиумот

Димензии на камениот објект од локалитетот Чебрен,

– основата со правоаголна форма:

должина:           1 м

ширина:   0,80 м

– плоча:

должина:           1,20 м

ширина:   0,80 м

дебелина: 0,15 м

Датирање: Рано христијанство, 4 – 6 век.

Камена плоча со детелина со четири листа издлабена на правоаголната површина

Пишаните извори потврдуваат дека култот на мартирите (мачениците) се раѓал на местото на нивното страдање и местото на смртта. Околу нивните гробови се собирале верниците за да им укажат чест со одбележување на годишнините од нивната смрт.3 Над коските на мартирите се граделе и првите христијански објекти во вид на капели или слично.4 Периодот на мартирите завршува со времето на царот Константин, кој со специјален едикт издаден во Милано во 313 година ја прогласува христијанската вера за рамноправна со другите вери во империјата, а посебно со едиктот издаден од царот Теодосие кој во 380 година ја прогласува за државна вера.5 Фактот што во Мариово има голем број ранохристијански цркви и остатоци од периодот пред нивното градење, покажува нагласена христијанска активност која, веројатно била придружена и со гонење на христијаните. Тоа значи дека и во овој крај имало лица кои по смртта биле третирани како христијански сподвижници и маченици и над нивните гробови биле градени специјални објекти на чие место подоцна се граделе и поголеми христијански градби.

Детелина со четири листа на тесниот дел на плочата

Појавата на христијанството е поврзана со римскиот период на светот кога како резултатат на појавата на вистинскиот месија испратен од бог, Исус Христос, божјиот син, доаѓа и најновата вера со сопствени религиски содржини и идеологија. Познато е дека Македонија е една од првите земји во која допрела христи­јанската религија, уште во првите векови на новата ера, речиси изворно, преку еден од првите ученици на Исус, апостол Павле. Историски е потврдено дека тој во Македонија дошол дури четири пати, според делови од библијата, повикан од народот на кој му требало спас. „… на Павлe му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: ‚Дојди во Македонија – помогни ни!‘ И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието.“6 Дали неговото доаѓање значело дека овој народ бил на такво ниво што веќе ги изживеал сите дотогашни религиски идеологии и му требала религија која е посовршена и посодветна на неговото ниво на свест? Како што е познато и потврдено со научни докази првата црква во Македонија и во Европа е направена по доаѓањето на апостол Павле во градот Филипи, а последниве години е афирмирано и името на првата покрстена Македонка Лидија. Нејзиното име буди асоцијација на една од македонските реки која се вика Лидија, како и на една од малоазиските држави која постоела во антиката и нејзиното име е исто така Лидија. Во неа (античката држава Лидија) се наоѓал и легендарниот град Сарди во кој извесно време владеел и еден од најпознатите цареви од тоа време Крез или Кројс. Дека Македонија е вистинска библиска земја од која се раширило христијанството во Европа потврда се и големиот број на ранохристијански цркви на целиот нејзин простор.

Други обработени делови во карпа во близина на мартириумот

По изградбата на првата црква во Македонија по доаѓањето на апостол Павле во градот Филипи, веројатно, проследиле и голем број слични градби на поширокиот простор. Тоа посебно се случило по специјалниот едикт издаден од императорот Константин I во 313 г. со кој се официјализира толерантен однос кон христи­јанството. Според, археолозите и историчарите христијанството и христијан­ските градби во Македонија доживуваат посебен процут со формирањето на Првата македонска архиепископија за време на императорот Јустинијан I во 535 година во градот кој, исто така, е изграден за време на овој император познат како Јустинијана Прима,7 а чие седиште се смета дека било во древниот град Скопје, познат како Скупи. Според историските податоци и самиот Јустинијан потекнувал од населба блиска на Скопје – Таурисјан, која се наоѓала на просторот на денешното село Таор. Под јурисдикција на оваа архиепископија во Македонија биле изградени повеќе цркви со пораскошни градби и украсување. Веројатно таа ренесанса на ранохристијански градби допрела и во областа Мариово, каде денес се соочуваме со голем број места со остатоци од ранохристијански цркви. На некои локалитети во Мариово среќаваме дури и по два ранохристијански објекти.8 Има индиции дека такви две ранохристијански цркви имало и во стариот град Чебрен, на истоимениот локалитет кај селото Зовиќ во чии рамки се наоѓал и објектот опишан во овој текст. Имено, елементи од ранохристијанска градба се забележани и во ниските делови на локалитетот, на просторот на кој денес се наоѓа манастирската црква „Св. Димитрија“. Токму таквата основа од ранохристијански базилики можела да биде основа за изградба на голем број подоцнежни цркви на овој простор. Дел од тие цркви и денес се во рамките на својата стара конструкција од првите векови на првиот милениум. 

[1] Александар Миткоски, Депоа за реликвии издлабени во карпа, Македонско

наследство, бр. 5, Скопје 1997, 7.

2 Александар Миткоски, Депоа за реликвии … . Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 101, 102.

3 Блага Алексова, Култот на Мартирите во Македонија од IV до IX век, Книгоиздателство Матица македонска, Скопје 1995, 9.

4 Исто.

5 Исто, 5.

6 Македонска библија, (Дела, 16,9 – 17, 14)

7 Блага Алексова, Виктор Лилчиќ, Ранохристијански цркви во Македонија, Македонско наслед­ство, бр. 5, 1997 г. Според каталогот на регистрираните места на кои се среќаваат остатоци од ранохристијански базилики во Македонија постоеле 235, но истражувачите истакнуваат дека оваа бројка не е конечна.

8 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II –…, 94 – 98.