ИНТЕРЕСЕН ОБЈЕКТ ОД КАМЕН КАЈ СЕЛСКАТА ЦРКВА ВО СЕЛОТО ЧУМОВО, ПРИЛЕПСКО

Во дворот на селската црква, „Св. Никола“ во селто Чумово, Прилепско се наоѓа еден обработен објект од гра­ни­тен камен, кружна форма со конусоиден отвор во средината и држачи од двете страни. Објектот е убаво обработен и, веројатно, е само дел од поголема направа која служела за цедење на некаков сок или мелење на зрнести производи. Со држа­чите, од кој едниот е двокрак, а другиот еднокрак објектот, веројатно, бил поставуван на некоја конструирана направа. Отвороте во средината на објектот е со проширен дел при работ, а во длабочина конусоидно се стеснува, при што најтесене е кон централниот дел, а потоа, слично, повторно проширува. Должината на објектот, заедно со рачките е околу 1 m, a висок е околу 0,50 m. Телото на објектот е со кружна форма, со пречник од околу 0.40 m, со отвор при врвот од околу 0,25 m, во централниот дел околу 0,10 m, а на долниот дел со слична димензија како при врвот.

Објекото од камен кај селската црква во Чумово 2

По квалитетот на обработката и естетскиот изглед привлекува посебно внимание. Целата негова површина е добро измазнета како на неговото тело, така и на држачите. Во литературата и на теренот кој сме го поминале не сме сретнале објект со лична форма на овој споменик од Чумово. Во обидот да добиеме поконкретни информации за намената на овој објект со привлечна форма и естетика не успеавме, ниту од разговорот со постари жители во селото, ниту од разговорите со археолози. Затоа останува неговата вистинска намена да се утврди во иднина.

Објекотот од камен кај селската црква во Чумово

            Освен конкретизирањето на намената на објектот, тешко е да се утврди, па ниту да се претпостави и времето од кое потекнува тој. Дали се работи за направа која се користела уште во постарите периоди или нејзиното датирање е од понов период, исто така, тешко е што било да се каже. За нас, познато е дека во триаголникот меѓу трите соседни села, Волково, Чумово и Прилепец егзистирала поголема античка населба со градски карактеристики, особено во римскиот период, но дали споменатиот објект од камен од Чумово има некаква врска со тоа време, повторно е неблагодарно да се зборува.

Црквата „Св. Никола“, село Чумово, Прилепско

            Во извесна врска со неговата намена би можеле да бидат еден поинаков вид објекти во камен за кои знаеме. Во поблиската и подалечната околина на црквата во Чумово, можеме да го потенцираме присуството на поголем број објекти во камен од типот винарници, со кои е можно да бил во извесна врска и овој објект од камен. Може да се претпостави дека тој имал намена при гмечењето на грозјето во винарниците и цедењето на гроздовиот сок, но тоа со голема резерва, бидејќи немаме поконкретни сознанија за таква поврзаност. Инаку, само на неколу десетици метри од црквата, од нејзината јужна страна, се среќаваат неколку такви винарници, делумно нападнати од ерозија.

Селото Чумово, денес
Винарник во карпа од околината на селото Чумово