ЛОКАЛИТЕТОТ „ИЗГИНАЛИЦА“ КАЈ СЕЛОТО ВРАНЧЕ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ, СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ПРАИСТОРИЈАТА, МАКЕДОНСКО-РИМСКИОТ ПЕРИОД, ДОЦНАТА АНТИКА И СРЕДНИОТ ВЕК

На околу 200 m западно од селото Вранче, на десниот брег на каналот за истекување на водата од рибникот кај селото Бело Поле, во близина на мостот се наоѓа локалитетот „Изгиналица“. Локалитетот ја зафаќа површината од триаголникот кој го оформува споменатиот канал и патот кој води во атарот на селото кон југозапад, во близина на една сточарска фарма. Тој претставува рамна површина од обработлива земја. На површината на теренот се наоѓаат бројни фрагменти од керамички садови со украсување, особено со врежување – рачки, устинки, аморфни фрагменти со разновидна боја на керамиката, од темноцрвена до нагласено црвена. Се среќаваат и фрагменти од питоси, тегули и други видови керамички предмети, како и фрагменти од стаклени садови и фрагменти од камени орудија. Добар дел од керамиката, првично, упатува на населба која на овој локалитет егзистирала во македонско-римскиот и доцноантичкиот период, како и во средниот век.

Локалитетот „Изгиналица“

На северниот дел од локалитетот се појавува нагласено присуство на керамика со праисториски белези. Пред се, се среќават рачки од керамички садови со јазичеста форма, фрагменти од керамички садови со украсување со врежување, кое упатува на бронзениот или железниот период и сл.

Поглед кон „Марков Чардак“ кај селото Бело Поле и Кале кај Кутлешево

Според наодите од керамика, се чини дека праисториската населба го зафаќала северниот дел од локалитетот „Изгиналица“, а на јужниот дел се развила населба во подоцнежните периоди, односно во македонско-римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период. На површината од локалитетот можат да се најдат и фрагменти од куќен лепеж, а наместа и поголеми камени блокови. Извесни украсувања на праисториската керамика повеќе упатуваат на бронзениот период, но за поконкретна определба потребни се посериозни информации добиени со археолошко истражување.

Поглед на култниот „Златоврв“ кај Прилеп

Во атарот на селото Вранче се регистрирани повеќе археолошки локалитети со остатоци од култура од различни периоди. Тоа се: Аджина Бара, населба од римското време и сред­ни­от век, Горна Корија, населба и некропола од доцноан­тич­кото време, Длабока Бара, населба од доцноантичкото време, Русоица, населба од доцноантичкото време, Стари Лозја, населба од енеолитското и римското време, Тумба, населба од доцноантичкото време и Црква Св. Никола, осамен наод од римското време.1

Поглед на локалитетот „Марков Чардак“ кај Бело Поле

            Според она што ни е познато во овој момент, локалитетот „Изгиналица“ изгледа дека не е регистриран во Археолошката карта на Република Македонија, освен ако не се работи за некој од погоренаведените локалитети, но со поинакво име.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ НА ЛИЦЕ МЕСТО

 

1 Археолошка карта на Република Македонија, 292.