ВПЕЧАТЛИВИ ОСТАТОЦИ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКА БАЗИЛИКА ОД ВРЕМЕТО НА ЈУСТИНИЈАН I НА МЕСТОТО НА ДЕНЕШНИОТ МАНАСТИР „СВ. ИЛИЈА“ КАЈ СЕЛОТО БРАИЛОВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Раното христијанство е значаен период од културата на човештвото воопшто, а особено од културата на Македонија и Македонците. На територијата на Македонија се среќаваат голем број остатоци од ранохристијански цркви, особено од типот ранохристијански базилики, кои се посебно карактеристични за тој период. Меѓу остатоците од овие објекти на раното христијанство се среќаваат елементи од градбите, кои привлекуваат посебно внимание со нивните карактеристични украсувања и специфични форми, особено со разновидната христијанска симболика. Од друга страна, не може да се каже дека овој период е доволно проучен во Македонија. До определена мерка тоа може да се каже за познатите археолошки локалитети на кои се идентификувани поголеми антички градови – Стоби, Хераклеја, Скупи во чии рамки се идентификувани и позначајни ранохристијански цркви и објекти. Се знае дека од овие градови потекнуваат и христијански старешини – епископи, кои учествувале и на првиот вселенски црковен собор,1 на кои се претставувале како учесници од Македонија. Нивно присуство е засведочено и при осветувањето на базиликалната црква подигната на гробот на Исус Христос во Ерусалим.2 На овој собир, според податоците, веројатно е дека присуствувал поглаварот на црквата со седиште во градот Солун,  епископот, Александар. 3

Ридот со манастирот

Се разбира, овој црковен развој е со длабок и трауматичен континуитет уште од појавата на христијанството во Македонија, односно од доаѓањето на првиот мисионер на оваа вера, апостол Павле. Тоа се случува кон половината на првиот век на првиот милениум и набрзо потоа се создаваат силни христијански заедници во Македонија во градовите Филипи, Солун, Бероја, каде што престојувал Апостол Павле4 во првите години од втората половина на првиот век, а се раширило и во другите делови на Македонија. Според историските и археолошките извори такви заедници имало и во Стоби, Хераклеја Линкестидска, Скупи (Скопје), Лихнидос (Охрид), Амфипол, Баргала и други градови, кои во следниот период, односно по признавањето на христијанската вера како легална вера, со едиктот од 313 година издаден од царот Константин во Милано, станале силни епископски седишта. Всушност, Македонија се развила во центар на христијанството на Балканот,5 од кој оваа вера се проширила и во другите делови на Европа.

Патоказ

Појавата на христијански центри и епископски седишта во повеќе градови во Македонија условила развој на христијанството на целата територија на Македонија и развој на христијанските градби и христијанската уметност во целиот простор. Показател за тоа, освен историските податоци се и остатоците на материјална култура со симболика и елементи од тој период на христијанството на голем број места на просторот на Македонија. Овој развој на христијанската вера, христијаското градителство и христијанската уметност во Македонија, особено, е нагласен во времето на императорот Јустунијан I. Според многумина од научниците тој потекнувал од Македонија – од Тау(в)ресион. Името на оваа населба се поврзува со името на денешното село Таор во околината на Скопје.6

Кај европските Дарданци кои живеат после границите на Епидамнус, во близина на утврдувањето по име Бедеријана, се наоѓа местото Тавресиј, каде е роден обновителот на светот царот Јустинијан. За кратко време тој го опкружи ова место со четириаголни бедеми и на секој одделен агол постави висока кула, така што правилно се нарече Тетрапиргиа, односно четирикулно. Крај тоа место го оснива оној прочуен град, кого на латински го нарече Јустинијана прима, оддолжувајќи ѝ се така на хранителката која го одгледа. Потоа, на истото место изгради аквадукт и така овозможи овој град обилно да се снабдува со благотворната вода, а направи овој оснивач на градот и уште многу други славни и прекрасни дела. Не е лесно да се набројат храмовите посветени на Бога, ниту нашата умешност може да ги опише куќите на магистратите, широките портици, убавината на улиците, чешмите, плоштадите, бањите, пазарите.7

Импост капител – основа на дрвен столб 4

Токму од времето на Јустинијан I потекнуваат и остатоците од ранохристијанска базилика која се наоѓала на местото на денешната црква во манастирот „Св. Илија“ кај селото Браилово во општина Долнени. При обновата на цркавата во  1962 година и раскопувањето на теренот за подготовка на градбата на површина излегле голем број елементи од старата градба, особено елементи од мермер. Денешните скромни градби, како на црквата, така и на помошните згради во манастирот не оддаваат впечаток на тоа дека светилиштето потекнува од дамнешни времиња, но со самото влегување во кругот на манастирот и погледот кон чешмата се соочувате со пријатно изненадување. На лицето на чешмата, која е интересна и издржана градба, се поставени два елементи – столбови од мермер со ранохристијански импост јонски капители. Намерно или ненамерно, капителите се поставени наопаку, но ефектот на украсување, сепак, бил постигнат. Се добива впечаток дека чешмата била градена со посебно внимание и денес таа, со својата естетика, се одликува од другите градби во манастирот. На левата страна се наоѓа јонски импост капител, кој во правоаголното поле на предната страна има крст со расчленети краеви, а во аглите по една розета со осум краци „заробена“ во кружен прстен. Обработката на релјефот и целиот објект е со среден квалитет, но со нагласена естетска функционалност. Со сличен квалитет на изработка е и вториот капител вграден во чешмата, но со поинакво украсување. Во средината на полето, кои претставува лице на капителот е изработек крст во релјеф со проширени краеви на краците, а другиот дел од површината е украсен со стилизирани листови од акантус. Во основата на капителот, меѓу двете волути се изработени три форми на ехинус, јајцевидни форми често употребувани во античкиот период. На третиот капител, кој е поставен како основа на еден дрвен столб од тремот на нискиот конак, во основата се среќава една форма на ехинус, а овој капител, на лицето содржи два крста и розета во кружен прстен во средината.8

Чешмата со опаку поставените импост капители 2

Во кругот на манастирот има уште неколку фрагментирани елементи од мермер – дел од ранохристијанската базилика. Меѓу нив се фрагменти од столбови, еден постамент од прозорско мено, постамент од пиластер, дел од прозорско мено и сл. Сите овие елементи упатуваат на изгледот, архитектурата, па и значењето на ранохристијанската црква во форма на базилика. Според она што денес може да се види на лице место, се чини дека од старата градба е сочуван и дел од апсидата, која е со нагласени димензии. Овој дел би бил од централниот кораб на базиликата, која била трикорабна.9   

Капителот со 4 розети

На ридот на кој е поставен манастирот се среќаваат и други видови археолошки остатоци, особено фрагменти од керамички садови, тегули и сл. Во близина на манастирот, од неговата источна страна, се наоѓа повисок рид со плато на кој се среќаваат фрагменти од керамика од праисторијата – бронзениот и железниот период. Постојат индиции дека платото на овој рид, позната како „Имеличе“ било утврдено со ѕид. Во кругот на црквата во селото Браилово се среќаваат цел куп остатоци од мермерни споменици, меѓу кои и од раното христијанство. Зе некои од нив, археологот Виктор Лилчиќ смета дека потекнуваат, токму, од ранохристијанската базилика, која се наоѓала на местото на денешниот манастир „Св. Илија“.10 Остатоците на споменатата базилика, како и оние кои се регистрирани во поблиската и подалечната околина се датираат во крајот на V и VI век од нашата ера.11 Тоа е периодот во кој живеел познатиот император Јустинијан I (483 – 565).

Капителот со акантус откосо

Интересно е дека на поширокиот простор во атарот на селото Браилово, како и во атарот на соседното село Слепче се среќаваат остатоци и од дргуи ранохристијански цркви,12 кои упатуваат на развиена христијанска архитектура и уметност во раното христијанство на овој простор.

 

1 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година: векови на консолидација, етаблирање и дефинирање, Второт дополнето издание (Електронски извор), 44 – 68.

2 Исто, 31.

3 Исто, 59.

4 Исто, 11.

5 Исто, 12.

6 Томо Томоски, Таорско Градиште, Жива антика, бр. 17, Скопје 1969, 233 – 239. Иван Микулчиќ, Јустинијана Прима и Скопје, зборник на трудови од научниот симпозиум „Македонија помеѓу Византискиот Комонвелт и Европската Унија“, Скопје 2007, 9 – 20.

7 Прокопиј од Кајсареа, За градбите на царот наш, Јустинијан,  превод: Миле Богески, Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Прилеп 2016.

8 Опис на остатоците од мермерната пластика во манастирот направил д-р Виктор Лилчиќ (Види: Нови ранохристијански наоди околу Прилеп, Годишен зборник на Филозофскиот факултет во Скопје 11/37, Скопје 1984.

9 д-р Виктор Лилчиќ (Види: Нови ранохристијански наоди околу Прилеп,…, 90.

10 Исто, 92.

11 Исто, 103.

12 Исто 87 – 109..

ГАЛЕРИЈА