НЕКРОПОЛАТА ОД АНТИЧКАТА НАСЕЛБА КОЛОБАИСА ПОД ЗЛАТОВРВ КАЈ ПРИЛЕП ИМАЛА ЦЕНТРАЛЕН КУЛТЕН ОБЈЕКТ И БИЛА КОРИСТЕНА КОНТИНУИРАНО ОКОЛУ 8 ВЕКА

Еден од главните показатели за големината, значењето, времетраењето и културниот континуитет на една населба се местата и објектите во кои се погребувале покојниците. Токму, погребните објекти им даваат можност на археолозите да „ѕирнат“ во душите на луѓето од изминатите векови и периоди, односно да согледаат голем број карактеристики на нивното живеење, култура, културно достигнување, економското ниво, религиската определба и култовите кои ги почитувале, како и биолошкиот и интелектуалниот развој.

Просторот на некрополата со централната култна карпа од северозапад
Просторот на некрополата со централната култна карпа од северозапад

Местото на кое се наоѓала главната некропола на древната населба Колобаиса под Златоврв кај Прилеп, која била и своевиден култен центар на населбите и жителите од пошироката област, е познато како Гумење и се наоѓа на околу 400 m јужно од манастирот, на една широка рамнина од околу 1 ha, опкружена со исклучително фасцинантно офоремни и грамадни карпи. Целата површина, на која се наоѓала некрополата била заградена со ѕид од камен од кој, денес можат да се забележат само мали партии од западната страна и неколку грамади од камен по површината.  

Просторот на некрополата со централната култна карпа од северозапад 2
Просторот на некрополата со централната култна карпа од северозапад 2

Култно-религискиот центар под светиот врв Златоврв, кој располагал со најмалку еден храм со цврсти и дебели ѕидови и со голем број архитектонски елементи со култно-религиска орнаментика, како и скулптури и споменици со натписи посветени на божествата, во антиката функционирал како своевидна градска населба расположена на десетина ha површина и заштитена со дебели и цврсти ѕидишта. Во него доаѓале да се поклонат цареви, кралеви и други великодостојници,1 кои издвојувале дел од своето богатство за дарување на божествата и изградба на храмовите и нивното религиско и уметничко украсување. Токму поради ваквата положба и значење, сосема е веројатно дека во него живееле и личности од посебно значење за тогашното општество и култура, личности со посебен општествен статус и културно достигнување. Затоа не треба да зачудува фактот што во рамките на некрополата на Гумење пред манастирот Трескавец се среќаваат и гробови, кои соодветствуваат на таквото општествено ниво, кое го имале покојниците за време на нивниот живот.

Централната култна карпа на Гумење од североисток
Централната култна карпа на Гумење од североисток

Затоа во оваа некропола, освен гробовите од типот циста, археолозите при истражувањето пронашле, дури, 16 гробници со „аристократски“ димензии, познати како гробници од македонски тип,2 градени со ѕид од камен. Една од нив била  издлабена во карпа, но не била довршена, а ја среќаваме на јужната периферија на некрополата.3

Централната култна карпа на Гумење од југоисток 2
Централната култна карпа на Гумење од југоисток 2

Главно обележје на целиотј погребен простор, односно, на некрополата, била една карпа на западната страна, со разиграна форма, која во периодот на активното користење на некрополата играла посебна улога. Тоа го покажуваат бројните правоаголни, помали и поголеми форми, издлабени на помали терасести делови, како и на нејзиниот највисок дел. Сосема е сигурно, дека таа била дополнително надградена со конструкција од камен и дрво и прилагодена за обредни активности поврзани со култот кон мртвите. Всушност, таа била своевиден култен објект, централен жртвеник, посветен на покојниците од целата некропола и служела за религиска намена и изведба на ритуали, кои биле посветени на сите покојници.

Надгробен споменик од мермер со човечки фигури и натпис со латински и антички македонски имиња

Надгробен споменик од мермер, кој долго време стоеше во рамките на некрополата на Гумење
Надгробен споменик од мермер, кој долго време стоеше во рамките на некрополата на Гумење

          Некрополата од Гумно е еден од најсилните аргументи за значаењето на античката населба, која претставувала култно-религиски центар за пошироката област и која егзистирала уште во 4 век пр. н.е.. Некрополата, според опстојните арехеолошки истражу­вања, била активна, речиси, цели 8 века и тоа од IV – III век пр. н.е., па сѐ до IV–V век на нашата ера4. Тоа значи дека во неа се вршело активно погребување во текот на цели 8 векови. Посебно се интересни големиот број гробници од македонски тип, кои овде се градени од камен, но го имаат истиот распоред како и познатите гробници делкани во карпа, со дромос, преткомора и комора. Такви гробници овде, според археолозите, се откопани дури 165, но денес на овој простор има само растурени камења и една зачувана мермерна стела со натпис која, денес, се наоѓа во кругот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“. На овој надгробен споменик, во натписот во добро оформено поле во рамка во долниот дел, се среќаваат неколку интересни имиња, како со латинско, така и со античко македонско потекло. Имено, на натписот ги читаме имињата Јулиј Северотос, Нике, Хераклеона, како и Антиох(он). Значи, првите имиња се со латинско потекло (Јулиј Северотос), а следните три (Нике, Ераклеона и Антиох) имаат постаро, односно, предримско потекло и се карактеристичи за македонскиот период. Забележливо е дека дури две од постарите имиња се со божествено потекло – Нике од божицата на победата Ника, а Хераклеона од името на митскиот јунак Херакле, кого Македонците го обожавале како бог и како свој предок, односно, родоначалник на македонската кралска куќа Хераклиди од која потекнуваат и најистакнатите кралеви, Филип II и Александар III Македонски. Третото – во натписот последно име – било често употребувано име во македонскиот период, а го носел и еден од блиските другари на Александар Македонски, кој по неговата смрт завладеал со дел од империјата и, според него, е наречена Антиохија. Горниот дел од споменикот е дијагонално откршен и делумно се зачувале само четири исправени човечки фигури во долга облека. На ниту една од нив не е зачувана глава.6

Централната култна карпа на Гумење од сверозапад
Централната култна карпа на Гумење од сверозапад со култна карпа во близина на гробницата

          Постојано диво раскопуван, просторот на некрополата Гумно, често го менува својот лик, а од гробниците од македонски тип, кои ги споменуваат археолозите, денес не може да се види ништо на теренот. Од овој тип, веќе го споменавме единствениот пример таква гробница, кој се наоѓа на јужниот дел на некрополата. Фактот што се работи за гробница издлабена во карпа без довршена комора, упатува на тоа дека таа не била ниту употребена. Извесни други содржини, пак, во нејзина близина упатуваат на потребата од дополнителна размисла и анализа, токму на овој објект од периферијата на споменатата некропола. Една искуклена карпа во близина на гробницата, со зарамнет дел на врвот и други обработени форми, претставувала своевиден култен објект, кој ја обележувал јужната периферија на некрополата. Него, сепак, ќе го оставиме како тема за посебен текст посветен на овој интересен културен споменик, сосема малку познат во научната и пошироката јавност.

Гумно од плочите од гробовите на некрополата
Гумно од плочите од гробовите на некрополата

          Поголемиот брј од гробовите во некрополата биле од типот циста со големи камени плочи од кои, како што може да се види на теренот, подоцна било изградено и едно гумно на самиот простор на некрополата кое, веројатно, се користело во средновековниот и подоцнежниот период.

Фасцинантен карпест врв и врежана култна симболика на карпа, северно од Гумење

Карпестиот врв северно од некрополата со површината на која се наоѓале гробовите
Карпестиот врв северно од некрополата со површината на која се наоѓале гробовите

Десно од патот, кој води кон манастирот, наспроти некрополата на Гумење, се извишува висок карпест врв со куполеста форма, кој завршува со една карпа на врвот, со форма на пресечена пирамида и е вистински „чувар“ на некрополата. По површината на пониските карпи од овој врв се среќаваат голем број обработени делови и форми, како за конструктивна намена, така и голем број со форми, кои упатуваат на извесна култна симболика. На еден дел од карпите, близу до подножјето на овој карпест рид, од страната на некрополата, се наоѓаат интересни траги по закосените и хоризонталните површини. Една поголема карпа во овој дел, на самиот врв завршува со купола со кружна хоризонтална површина, со пречник од околу 0,6 м и мала јама во средината на кругот. Вниманието особено го привлекуваат големиот број правоаголни јами, некој вид основи за дрвени или друг вид столбови, односно траги од стар објект. Близината до некрополата, како и специфичниот распоред на обработените делови упатува на градба од култно–религиски карактер, можеби храм со дрвена конструкција.

1 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1984, 38. Блаже Конески, Јордан Хаџиконстантинов–Џинот. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000.

2 Прилеп и Прилепско низ историјата, книга 1, ИНИ, Прилеп 1997, 49.

3 Александар Миткоски, Објекти издлабени во карпа од Прилепско, МАА, бр. 14, Скопје 1996, 138 и 141. Т. Димитриоски, Древна цивилизација … .

4 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец…, 37.

5 Прилеп и Прилепско низ историјата, книга 1, Прилеп 1997.

6 Маријана Рицл, Inscriptiones graecae, macedoniae …, Gaulterus de Gruyter, Berolini – Novi Eboraci MIM, 111 и 112..