СУДБИНАТА И ПРЕДАНИЈАТА НА СЕЛОТО ПРИСАД, ПРИЛЕПСКО НЕ ВРАЌААТ НЕКОЛКУ МИЛЕНИУМИ ВО ВРЕМЕТО

На десетина километри северно од Прилеп се наоѓа селото Нов Присад, а уште неколку километри понатаму (13-14), на југозападните падини од еден крак на планината Бабуна, скриено во висока шума, се наоѓа Стар Присад. Двете локации на ова село ги поврзува стар земен пат, кој минува преку превојот Преслоп.

Селото Нов Присад „зартрупано“ од експлоатациите во рудниците

Според едно предание кое се раскажува меѓу жителите на селото Присад ова село од својот постанок до денес се селело, најмалку двапати. Селото најпрво се наоѓало во непосредна близина на стариот пат Прилеп – Велес, кој водел преку превојот Дервен на планината Бабуна, на само 2 km пред него. Во времето на турското ропство неговите жители биле изложени на постојани напади од разни разбојнички банди и зулумќари, кои се движеле по стариот пат на релацијата Прилеп – Велес и обратно. Освен ограбувањата, тие вршеле и разни силеџиства кои на жителите на ова село им го правеле животот неподнослив. Чашата се прелеала кога една таква група грабнала и однесла една многу убава девојка од селото и тие решиле да го напуштат и да се преселат од другата страна на планината. Денес, и на двете места на кои се наоѓало селото среќаваме само остатоци. Од Стар Присад, како што денес се вика селото на неговата преселба единствена зачувана градба е црквата Св. Атанас изградена во 1838 г.1

Влезната врата во тремот на црквата од јужната страна

Судбината не сакала селото да опстане и на место, скриено зад планината, и во педесетите години власта им понудила на жителите место за градба на куќи во близина на рудникот Сивец, повторно во просторот на кој се наоѓало пред првата преселба, односно во близина на неговата стара локација, која денес е позната како Старо Село. Така, и денес обиколено со силни експлоатации на мермер во делот од планината од јужната и западната страна, често во облаци од прашини и, речиси, „потиснато“ со „планини“ од мермерно брашно и грамади од поситни и појадри мермерни остатоци, се наоѓа селото Нов Присад, и тоа, од оние жители на Стар Присад кои не сакале да се преселат во градот Прилеп каде, исто така, им се нуделе плацови за куќи.2

Исправени плочи од некрополата во „Старо Село“

Во околината на селото, денес, среќаваме голем број археолошки остатоци од населбите и некрополите, кои останале на местата кадешто се наоѓале старите населби, кои говорат за историската позадина на преданието и за преселбите. За една некропола со 4 истражени гробови во рамките на денешниот рудник за мермер Сивец и да не говориме, зашто, таа е по потекло дури од 12 век пред нашата ера.3 Друга, веројатно понова од неа, се наоѓа на еден километар северно од селото обрастена во високи дабови дрвја на локалитетот „Старо Село“. Всушност, според преданието, тоа е местото на селото Присад од времето во кое жителите се соочувале со голем број напади на разбојници, грабнувања и сл. На местото денес се среќаваат гробови направени од камен и камени плочи од кои, голем број се раскопани со диво копање. Нејзин посебен белег се едно поплитко камено корито и една камена плоча кои стојат во вертикална положба со долниот дел закопани во земјата.4

Раскопани гробови од некрополата во „Старо Село“
Раскопан гроб од некрополата во „Старо Село“

 

 

 

 

 

 

 

 

 

СПОДВИЖНИШТВОТО НА ЕДЕН ГОЛЕМ КРСТ ОД КАМЕН СТАР ПОВЕЌЕ ВЕКОВИ

Најновото предание, кое го слушнавме од поранешни жители на Стар Присад, е преданието за еден голем крст од камен изработен од поголема плоча – шкрилец, која била оформена во крст, а во средината на крстот повторно била издлабена интересна крстовидна форма со правилни форми. Издлабениот крст наликува на сличните наоди поврзани со времето од почетокот на христијанството, односно со првите христијански сподвижници наречени мартири (маченици) на кои им биле посветувани посебни објекти во кои се чувале нивните мошти по упокојувањето и, токму, над овие објекти биле градени и првите христијански цркви. Тој денес се наоѓа во тремот на црквата „Св. Атанасиј“ во испустеното село Стар Присад. Таков пример, во поблиската околина, среќаваме на локалитетот „Баба“ кој се наоѓа на повисокиот дел на ридот, во рамките на утврдениот дел на старата населба.5 Преданието за сподвижништвото на камениот крст од Присад ни го раскажа Благоја Ѓорѓиоски, кој потекнува од селото и чија семејна куќа е единствена зачувана градба заедно со селската црква „Св. Атанасиј“ во Стар Присад. Еве го неговото раскажување:

„Старото село Присад се наоѓало на местото „Старо Село“, од другата страна, блиску до патот кој минува преку Дервен, но таму жителите имале многу проблеми со напади, ограбување и грабање на девојки, па решиле да го преселат на местото на денешниот Стар Присад, зад планината. Кога го преселиле селото сакале да изградат и црква, но за да ги убедат турксите власти да им дадат дозвола тие морале да се послужат со мудрост. Некој од постарите жители, во тоа време, ги поучил жителите на селото, од местото, денес познато како „Црквиште“, кое се наоѓа на едно од ритчињата над чешмата на патот под манастирот „Св. Ѓорѓија“, да го земат овој крст од камен, кој денес се наоѓа во тремот на црквата и да го закопаат на местото на кое денес се наоѓа црквата „Св. Атанас“ во Стар Присад. Така и направиле. По извесно време, неколку години потоа, отишле кај турските власти во Прилеп и му кажале дека на некој од селото му се јавил на сон светецот дека на извесно место во селото има закопано крст од камен. За да проверат, Турците им наредиле да копаат на местото и, кога навистина се појавил камениот крст од земјата, тие им дозволиле на жителите да изградат црква на тоа место. Црквата била изградена во чест на големиот светец св. Атанасие истата, 1938 година кога е изградена и првата црква во денешниот Прилеп, односно црквата ‚Свето Благовештение‘.“

Крстот од л. „Црквиште“ – денес во црквата „Св. Атанас“ – Стар Присад
Црквата „Св. Атанас“ од северната страна

ПРЕДАНИЕ – СВЕТИ АТАНАСИЕ АЛЕКСАНДРИСКИ (ВЕЛИКИ) ПОТЕКНУВА ОД ОБЛАСТА ВО КОЈА СЕ НАОЃА И СТАР ПРИСАД

За св. Атанасиј, поранешните жители на Стар Присад раскажуваат уште едно предание, односно, дека овој светец потекнува од овие краишта и затоа многу се слави токму тука. Потврда за тоа, сметаат тие, се големиот број цркви и манастири посветени на овој светец во регионот во кој се наоѓа и Стар Присад. Таква црква има во манастирот над селото Дреновци, кое се наоѓа на 7-8 км западно од Стар Присад, во селото Лениште, кое се наоѓа на околу 5 км североисточно од Прилеп, во селото Ропотово, во селото Рилево и на голем број други места од околината, па затоа и се зборувало дека тој, ваушност, потекнува од некое место во оваа област, односно, поради неговото потекло од областа тој многу се слави во неа и биле изградени многу светилишта, кои му се посветени нему.

Св. Атанасиј Александриски – Велики

Погледнувајќи ја биографијата на овој многу почитуван светец во христијанството, интересно е дека за него се знае дека бил роден во градот Александрија во Египет во 293 година, а таму и се упокоил во 373 година. За време на својот живот тој, во периодот од 328 до 373 година бил патријарх на Александрија, но и многу прогонуван, клеветен и казнуван со прогонства, па така, во времето додека бил патријарх, поминал и цели 15 години во прогонство. Како омилен црковен службеник кај епископот Александар, кому му станал ѓакон, заедно со него, св. Атанасиј бил присутен и на првиот Севселенски Собор во Никеја во 325 година на кој учествувал и  царот кој прв донесол уредба за законско прифаќање на христијанската вера, Константин Велики. Св. Атанасие го напишал и Симболот на Верата, кој на Соборот бил усвоен. Подоцна, кога бил клеветен, прогонуван и изложуван на казни,светецот лично се среќавал со Константин Велики во Константинопол.

Претстава на царот Констатнтин Велики и царицџата Елена во црквата „Св. Никола“ – с. Слепче, Прилепско

Преданието за потеклото на св. Атанасие, кое ни го пренесоа поранешните жители на Стар Присад, не наведува на размислување и не „враќа“ назад во времето и настаните од пред неколку милениуми, односно во времето на големиот поход на Александар III – Македонски. Општо е познато дека градот Александрија, родниот град на св. Атанасие, е основан за време на овој поход и освојувањето на Египет во 331 г.п.н.е., од македонскиот крал Александар Македонски, кој го планирал за центар на големата империја па, сосема е нормално во него да бидат населени и да живеат македонски и Македонци уште во тоа време. Подоцна, по смртта на Александар, господари на Египет станале кралеви од македонска лоза, односно од лозата на еден од најверните другари на Александар, Птолемеј Лагов, познат како Птолемеј Сотир (спасител) за кого многу од историчарите сметаат дека му бил и брат на Александар, односно, дека Филип II – Македонски им бил татко и на двајцата. Оваа кралска лоза владеела, речиси, 3 века (од 305 до 30 година п.н.е.), а нивно седиште, односно, престолнина бил, токму, градот Александрија. Владеењето на Птолемејците завршило во 30 година п.н.е. со смртта на кралицата – фараон на Египет Клеопатра. Значи, како кралска лоза, која потекнувла од Македонија, повторно не наведува на врските со земјата од која потекнува и со нејзините тогашни жители. Далеку од помислата да бидеме убедени во тоа, но сосема е логично да се помисли дека во Александрија, како и во други центри во Египет, во тоа време имало доселеници од просторот на Македонија, а дури и од просторот за кој станува збор во преданието од Присад. Дали преданието е засновано на некое старо сеќавање од тој тип, тешко е да се каже, но колективната меморија и народното творештво, кое е резултат на неа кријат многу тајни за кои, неретко, можат да се изнајдат и аргументирани сознанија.

Птолемеј Сотир (Лагов) од музејот Лувр, Париз, Франција
Клеопатра VII – последната кралица од Птолемеите
Александар Македонски – биста

ЖЕЛБАТА И ЕНЕРГИЈАТА ЗА ЧУВАЊЕ НА КОРЕНИТЕ КАЈ ПРИСАЃАНИ И ДЕНЕС СЕ СИЛНИ

Во Присадско има уште едно место со стари гробишта, кои се наоѓаат на самиот превој познат како Преслоп, меѓу Стар и Нов Присад. Интересно е што тие се поставени на големо растојание од двете локации на селото и, се чини, дека извесно време служеле за погребување на покојници и од Стар и од Нов Присад.  Оддалеченоста и локацијата на овие гробишта упатуваат на желбата на постарите жители на Стар Присад, преку нивните покојници, да го одржуваат „контактот“ со стариот простор на нивното живеење, односно да ја одржат нишката на континуирано културно живеење во тој простор. Нивната желба за зачувување на таа нишка и на нишката која ги поврзува со нивните корени била силно нагласена. Ако камениот крст од локалитетот „Црквиште“ е симбол на непрекинат опстој во просторот на кој се „движело“ селото Присад, поставувањето на гробиштата на доминантно место, на превојот меѓу постариот и поновиот простор, претставува јасна желба за негово поврзување и „заштита“.

Од гробиштата на Преслоп

Во кругот на движење и живот на селото Присад се наоѓа и манастирот „Св. Ѓорѓија“. Тој е поставен на самиот Дервенски пат и, со својата позиција под грамадниот карпест врв „Присадска Борула“, доминира над широката долина. Како христијанско светилиште и културно жариште, тој има своја историја на настанок и развој. Во помалите и поголемите падини под него често преку ноќ (но и преку ден) никнуваат раскопани јами од кои излегуваат некои големи камени блокови и керамика што покажува дека на овој простор се кријат бројни остатоци на стара култура во која се кријат корените на жителите и културата на овој простор. Токму на едно од ритчињата јужно од него се наоѓа споменатиот локалитет „Црквиште“ од каде се сподвижува камениот крст од црквата во Стар Присад.

Од манастирот „Св. Ѓорѓија“ – Присад

Големата желба и незгасливата енергија во потомците на селото Присад и денес е присутна, добра група од нив, со херојски напори и денес се обидуваат да ги поткрепат корените, па по лоши планински патишта, на разни начини пренесуваат материјал за градба и одржување во скриениот простор на Стар Присад, ја одржуваат старата црква, доградуваат придружни објекти и го уредуваат околниот простор. Атрактивноста на овој планински предел, снабден со убава планинска вода, богат со разновидни шумски растенија и животни, како и со сочна трева по земните падини дава надеж за неговата иднина. Славите во чест на светецот заштитник на оваа област во црквата „Св. Атанас“ во Стар Присад се одржуваат секоја година со црковна служба, богато присуство и убаво расположение.

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 160.

2 Исто.

3 Исто, 157, 158.

4 Исто, 160, 161.

5 Исто, 141.