СЕЛОТО ТУМИНЕЦ ВО МАЛА ПРЕСПА, РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА И ЧИСТИОТ МАКЕДОНСКИ ДУХ

Со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година областа позната како Мала Преспа, која е населена исклучиво со Македонци ѝ била доделена на Албанија. Така заклучиле големите сили кои, раководејќи се од своите интереси и политички претензии, застанале на страната на неколку соседни држави на Македонија и им доделиле делови од неа, нанесувајќи му, на тој начин, ненадминлива штета на македонскиот народ, разделувајќи го единственото македонско ткиво на повеќе делови и принудувајќи делови од него да живеат под туѓа власт, изложени на асимилација, губење на сопствениот јазик, култура и традиција.  Во такви услови, добар дел од македонското население било приморано да прифати образование на туѓ јазик, да се прилагоди на туѓа култура и обичаи, а особено да се прилагоди на туѓата политика за да се вклопи во туѓиот систем. Тоа се случува во Грција, во Бугарија, во Србија, па и во Албанија, која е формирана како независна дежава дури во 1912 година со помош на Австроунгарија и Италија, кои имале политички претензии на таа територија.1  Можеби најдобра илустрација за животот на Македонците во туѓа држава е една изјава на македонскиот писател од мала Преспа, Стерјо Спасе: „Значи, јас и моето семејство само по крв сме Македонци, но душата – ако постои таа и ако можеме така да се изразиме – значи, душата и интелектот ни се албански. Првин јас, а потоа и другите членови на семејството сме негувани и сме израснале среде албанска култура, со албанскиот јазик, во албански амбиент, исто како и вистинските и најдобри Албанци, но без да го заборавиме мајчиниот јазик – македонскиот.“2

Грбот на општина Пустец

Судбината на областа Мала Преспа, сепак има посебни моменти. Таа за кратко време доживеала повеќе различни власти. Додека, по турското владеење, во 1913 година заедно со Голо Брдо припаднала во Албанија, по завршувањето на Првата светска војна се нашла во рамките на грчката држава, која воспоставила контрола со караули во неколку села во областа, како во Саботина, Туминец, Глобочани, Пустец и на други места. Тоа траело кратко врме, па жителите на областа повторно се нашле во рамките на Албанија.3 Сите овие кратки периоди на сменување на властите се преполни со разновидни приказни полни со трауми, кои и денес можат да се почувствуваат преку раскажувањето на жителите на селата од Мала Преспа.

ТУМИНЕЦ – СЕЛО НА ЧИСТИОТ МАКЕДОНСКИ ДУХ

Во Мала Преспа во која се наоѓаат 9 села населени со Македонци се влегува на граничниот премин Стење – Горица, а во близина на преминот се расположени неколку села – Долна и Горна Горица и новоформираното село Нова Горица западно од езерото и селото Туминец, лево од патот за Корча, на падините на Пречна Планина, близу до брегот на езерото. Туминец е второ село по големина во областа и располага со околу 1000 жители. Зафаќа простор со „скржава“ природа, главно карпеста површина, карстен простор, со многу малку земна површина. Може да се каже дека единствено богатство со кое располага селото за опстанок на жителите е делот од Преспанското Езеро, кој спаѓа во неговиот атар. Покрај езерото жителите одгледуваат зеленчук и малку овошје, а во последно време нагласена култура е и планинскиот чај.

Мотив од с. Туминец

Западно од селото, во подножјето на планината се гледаат поголеми површини засадени со винова лоза. Денес, во атарот на селото, во единствениот рамен дел од западната страна, пасат поголем број грла крупен добиток, а неколку жители од селото и денес чуваат стада овци или кози. Всушност, главен извор за опстанокот на жителите на селото во минатото, покрај риболовот, бил одгледувањето крупен и ситен добиток, односно, сточарството. Слабо дарежливиот простор и долговековното робување на жителите од овој дел на Македонија под разновидни завладувачи, го држеле населението во лоша економска состојба, но нивната жилава природа им овозможила да опстанат како Македонц низ долгите векови, сè до денес, зачувувајќи ги своите културни вредности, националната свест и традицијата. Може да се каже дека во овој простор, Македонците успеале да го зачуваат македонскиот дух и идентитет на еден несекојдневен начин, со особена чистина и автентичност. Денес, древниот симбол на Македонците, шеснаесткракото сонце со препознатливата македонска естетика се среќава, речиси, на секој чекор и во секое катче во Туминец, како и во целата област Мала Преспа. Овој симбол го краси и грбот на единствената македонска општина во Албанија со центар во селото Пустец.

Постара градба во селото украсена со симболи

Се чини дека почитувањето и негувањето на најстарата македонска култура, историја и симболи во овој простор влече длабоки корени. На ваква констатација не упатува една претстава на св. Александар од локалитетот „Црквината“, односно пештерската црква „Св. Богородица, која се наоѓа во близина на манастирот „Св. Марина“, во правец на селото Коњско и во близина на границата меѓу Албанија и Македонија, на брегот на езерото. Претставата на овој светец е необична, особено во ликот на светецот, кој е несекојдневен и претставен со своевидна перјаница и ореол, а самиот лик потсетува на претставите на кралот Александар III Македонски, кои се среќаваат во разни форми низ светот. Ваквата претстава упатува на извесна намера на фрескоживепосецот да направи лик на светец според ликот на споменатиот крал сакајќи да го овековечи споменот за големиот македонски крал и освојувач. Имајќи предвид дека живописот во оваа пештерска црква се датира во крајот на 13 или почетокот на 14 век,4 неминовно е да се заклучи дека во тоа време ликот на овој крал бил особено популарен и почитуван во оваа област. Ваквото старо почитување на овој лик потсетува на денешното нагласено почитување на симболот на шеснаесеткракото сонце, односно, на македонската претстава и стилизација на сонцето. Всушност, може да се поврзе и со чистината на македонскиот дух и идентитет кој се сочувал во овој простор.

Симболика на постара градба во селото

Во селото Туминец денес има две цркви – „Св. Димитрија“, за која велат дека е најстара црква во поширокиот простор и „Св. Никола“, која е изградена во поново време. Во околината на Туминец се среќаваат поголем број свети места, како “Св. Ана“, погореспоменатата пештерска црква „Св. Богородица“, која е особено интересен споменик на културата датиран во 13-14 век, манастирот „Св. Марина“, како и една црква во изградба крај самиот брег на езерото, на неколку стотици метри под селото.

Со големиот број нови градби, семејни куќи на жителите на селото и општиот изглед и расположение на жителите, може да се каже дека денес Туминец е далеку од некогашната економска положба и се добива впечаток дека се случува извесен економски развој и општ напредок. За тоа, веројатно, придонесуваат и големиот број активисти и борци за правата на Македонците во Албанија, кои полека стигнуваат и до повисоки државни функции. Од друга страна, заедно со целата област Мала Преспа, Туминец станува атрактивна туристичка дестинација, како за домашни, така и за странски туристи. Доколку правилно се користи ваквиот потенцијал, може да се очекува вистински напредок во оваа област.

СЕМЕЈСТВОТО МИЛЕВЦИ, СЕЛОТО ТУМИНЕЦ И „НАЈСТАРАТА“ ЦРКВА „СВ. ДИМИТРИЈА“

Нашето село Туминец е старо неколку века. Овде никогаш не се населил муслиман, сите сме православни христијани, Македонци. Местото е лошо за живеење, ние сме биле истиснувани од другите области и сме биле приморани да го населиме овој простор, кој е населен само со Македонци и други не се населувале тука. Во постаро време имало село во местото „Старо Село“ недалеку од денешното. Пред неколку века во Туминец немало поп и барајќи нашле еден по име Миле од селото Јанковец кај Ресен. Тој дошол да служи во Туминец, се населил тука и од него потекнува моето семејство Милевци. Така се викаме и денеска“ – раскажува Сотир Михал, денес на возраст над 70 години.

Св. Димитрија

Од ова семејство, односно, од Милевци денеска има други семејства кои потекнуваат од него, како Ѓорѓиовци, Поповци и други. Некогаш сме живееле дури и до 40 души во една куќа. До пред 30 години овде не можеше да видиш дотеран и убаво облечен човек, туку само во искината облека. Беше голема сиромаштија„ – продолжува Сотир, кој денес живее во градот Корча.

Свештенослужители од апсидата во црквата „Св. Димитрија“

Од семејството Милевци потекнувале повеќе свештеници, кои служеле црковна служба во Туминец и околината. Во дворот на старата црква „Св. Димитрија“ во селото биле погребани сите овие свештеници од Милевци. Тројца или четворица. Првиот Миле од Јанковец, Ресенско, потоа Ѓорѓија, кој имал завршено богословско училиште во Благоевград, во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија, а најмлад бил свештеникот Андреја. Нивните гробови денес ги среќаваме во припратата на старата црква во гробиштата. Гробовите, всушност, биле пред малата, но стара црква „Св. Димитрија“. Оваа црква има остатоци од стар живопис, можеби од 17 век. На тоа упатуваат боите со кои бил сликан живописот, како и целокупната ликовна претстава и естетика. Најзачуван е ликот на патронот на црквата, св. Димитрија, во нишата над вратата на западниот влез, од надворешната страна, а веднаш до него, од десната страна, во помала форма е преставена светица, веројатно, св. Богородица со Исус. Во внатрешноста на црквата се среќава живопис само на источниот ѕид, односно на ѕидот со апсидата (олтарот), но релативно оштетен и потемнет. На овој дел на црквата можат да се забележат претстави на повеќе светци, а меѓу нив на Св. Богородица Небесна во апсидата, двајца свештенослужители, кои вообичаено се сликаат во понискиот дел од апсидата, можеби св. Василиј и св. Атанасиј, потоа по еден лик на двете страни од апсидата во повисокиот дел, како и во проскомидијата, и нишата од десната страна на олтарот каде, веројатно, е претставен ликот на св. архиѓакон Роман.

Гроб на свештеник од Милевци 3

Од она што може да се забележи од ликовниот израз на живописот, може да се констатира дека живописецот располагал со особено ликовно знаење и вештина, односно, добро владеел со ликовната техника и изградил ликови со нагласен израз со хармонија на боите и формите.        

ПРОСЛАВА СО ЦРКОВНА СЛУЖБА ВО МАНАСТИРОТ „СВ. МАРИНА“

За време на режимот на Енвер Оџа во Албанија се запустени голем број цркви и манастири. Ова особено важи за црквите и манастирите во Мала Преспа, кои Македонците ги негувале со посебно внимание. Во ова време е запустен и манастирот „Св. Марина“ („Св. Марена“) во близина на локалитетот „Писан Камен“, во една долина на брегот на Преспанското Езеро. Според достапните податоци овој манастир, бил изграден во 18 век, обновен во 1926 година, па повторно запустен во времето на споменатиот режим на Енвер Оџа и обновен последниве децении. Празникот на овој манастир, односно, денот на светицата се слави секоја година на 30 јули со црковна богослужба и голем народен собир. На празникот во манастирот доаѓаат голем број верници од повеќе села во околината, како и од Македонија, а забележливо е нагласеното присуството на  лица млади по возраст.

Од народната веселба во „Св. Марина“

Во постариот период манастирот го одржувале семејства од Туминец и околината со чување стада овци и кози, како и крупен добиток, но денес тој живее од донации на разни верници од овој крај, како и од подалечните делови на Македонија и Албанија. Последниве години во манастирот голем придонес дадоа и верници од градот Прилеп во Македонија. Не е познато дали црквата „Св. Марина“ располагала со живопис во постариот период, но денес во неа се среќава само нов живопис.

 

1 Катерина Тодороска, Положбата на македонското население во Албанија (1912 – 1916), Зборник Букурешкиот мировен договор (1913) и неговите долгорочни последици за Македонија и Југоисточна Европа, Материјали од Македонско-рускиот научен собир одржан во Скопје на 27 и 28 јуни 2013, Македонска академија на науките и уметностите – Руаска академија на науките – Институт за славистика, Скопје 2017, 62.

2 Исто, 64.

3 Исто, 63.

4 Гоце Ангеличин – Жура, Пештерната црква „Св. Богородица“, с. Туминец –Р Албанија