ОЧАЈНАТА И ОПАСНА СОСТОЈБА НА СПОМЕНИКОТ НА КУЛТУРА, ЧИФТЕ-АМАМ ВО ПРИЛЕП

Состојбите најдобро ја отсликуваат нашата способност, нашата грижа, како и нашата ажурност во заштитата на културно-историското наследство. Тие можат да се следат подалеку од градот, во неговата блиска околина, но и во самиот центар. Старата бања, односно, амамат во Прилеп, кој претставувал чифте-амам, односно имал дел во кој се бањале жените и дел за мажите, се наоѓа токму во централниот дел на градот. Состојбата на овој споменик е очајна, иако опстанува до денес. Се распаѓа, речиси, целата конструкција, особено покривот со кубињата. Освен грдата слика за градот, овој објект претставува и закана по здравјето и животот на граѓаните кои секојдневно минуваат крај неа и се изложени на повреди од паѓање на делови од покривот врз нивните глави.

Пред нерколку години, при еден обид за изградба на објект залепен за бањата 2
Пред нерколку години, при еден обид за изградба на објект залепен за бањата 2

Според нашите скромни сознанија оваа Чифте-бања им припаѓала на семејството Бањаровци, на кои им била одземена во време на социјализмот, но им е вратена со денационализацијата. Сега, право на сопственост полагаат поголем број лица од ова семејство и не ни е познато што се случува во врска со тоа, но очигледно е дека нашите институции тешко се снаоѓаат со заштитата на овој споменик од трускиот период, иако е предвидена за ревитализирање како простор за галериски изложби, што би било особено интересно за уметниците, за културата и за градот, воопшто.

Двете кубиња од покривот обраснати со трева и цели дрвја
Двете кубиња од покривот обраснати со трева и цели дрвја

Според некои штури сознанија, бањата била подигната во 19 век, но се смета дека таа има и постаро потекло. До пред неколку децении, овој објект, ја играше својата основна функција, односно, дел од граѓаните ја користеа за бањање, но денес таа е во положба во која се гледа на фотографиите што ќе ги пренесеме.