ГРОЗНОТО ЗЛОСТОРСТВО НА ЗЛОСТОРНИКОТ БУЛИМАН АГА КАЈ СЕЛОТО ЦАРЕВИЌ, ПРИЛЕПСКО
– Булиман ага бил еден од најголемите злосторници во Прилепско. При едно злосторство во селото Царевиќ, Прекурид уништил цело семејство, а правел и голем број други злосторства врз христијанското население. Комитските чети повеќепати му поставувале заседи, но и покрај тоа тој бил само ранет од што останал сакат, а од овој крај го снемало дури по заминувањето на Турците од Македонија.
По ликвидирањето на силниците какви што биле Чучук Силејман, Јашар бег, Суљо Пушка, Топузо, Порезо и други, со своите ѕверства во Прилепско се истакнал Булиман-ага. Булиман бил поставен од турската власт за башполјак во прекуридскиот реон каде за свое седиште го избрал селото Царевиќ. Тој имал задача да ги гони и да ги фаќа лицата кои се занимавале со антидржавна дејност во овој крај и за таа цел уште со самото доаѓање почнал да разместува свои луѓе по селата. Познато е дека во селото Тројаци го сменил дотогашниот селски полјак и на негово место го поставил својот братучед Мустафа.1 Неговите луѓе требало да му доставуваат информации за антидржавна дејност на жителите на овој крај. Со благослов од Уќуматот тој станал „газда“ на неколку села, меѓу кои Царевиќ, Тројаци, Беловодица и др. Иако од Уќуматот било одредено колкава сума на пари треба да се зема како данок од населението, Булиман си имал свој аршин за данокот и набрзо многу се збогатил купувајќи нивје, ливади и лозја во Прекурид и, градејќи своја кула во селото Царевиќ, станал бег.2 За лична безбедност и за гонење на немирната раја тој собрал десетина гавази кои добро ги вооружил. Тие му служеле како лична заштита, но и за потери против комитите. Меѓу најдоверливите гавази му биле Мефаил и Камбер, а со неговиот имот раководел Осман Ќаја. Овие податоци историчарите ги запишале од еден сведок и комита на тоа време, Милан Јоскоски од селото Тројаци, кој е роден на 15 јули 1885 година, а починал од природна смрт на 20 февруари 1973 година.3

ПРВАТА БИТКА ЗА ЛИКВИДИРАЊЕ НА БУЛИМАН АГА
Булиман со своите гавази го обиколувал целиот прекуридски реон и фрлал различни вергии по селата не водејќи сметка за пропишаниот данок од власта. Освен тоа тој се однесувал како своевиден газда, како на просторот, така и на луѓето и воопшто не се воздржувал тоа да го покаже со своите нечовечни постапки. При едно доаѓање со своите гавази Мефаил и Камбер во селото Тројаци во 1900 година, за време на бербата на грозјето, тој ги натерал сите селани да поминуваат пред неговиот шатор, кој го распнал во гумното на семејството на Милан Јоскоски и при тоа на секој товар грозје земал по осум гроша. Таа година имало богата берба и Булиман собрал големи приходи.
Собирајќи го данокот Булиман договорил со своите гавази да изведат еден трик. Тие организирале гаѓање со пушки, при што мета било едно дрво на кое му била излупена кората. Гаѓале Булиман, Мефаил и Камбер, но никој не го погодил дрвото. Тие намерно не погодиле иако не биле лоши стрелци. Во тоа време со последниот товар грозје пристигнал Темелко Цуцулов кој бил одговорен за вооружување на Организацијата и непромислено побарал да пуштат еднаш да пукне рисјанин. Турците му дале една мартинка. Пукнал Темелко со мартинката, а Јован Тушев од истото село (Тројаци), кој бил скриен со задача да го следи гаѓањето, ја дигнал шамијата покажувајќи дека има погодок. Стрелецот Темелко бил пофален, но и одбележан дека се разбира од оружје и еден ден пред празникот Петковден (27 октомври), дознавајќи дека Темелко Цуцулов ќе оди на пазар во Прилеп, Булиман ги испратил своите гавази Мефаил и Камбер и тие го убиле од заседа во местото Дујгас под Плетвар.4 Пазарџиите кои го виделе убиениот Темелко информирале во жандармериската станица во Плетвар, но командирот им рекол: „Еден пес помалку! “, а истрагата за убиството изостанала.5

Ова злосторство не е единствено што го направил Булиман ага со неговите гавази. Поради бескрупулозноста и ѕверствата кои ги вршел над македонското население тој брзо им паднал во очите на луѓето од Македонската револуционерна организација и се правеле обиди за негово ликвидирање. Меѓу првите се обидел да го убие војводата Мирче Ацев со својата чета на 8 октомври 1900 година.6 Според раскажувањето на Милан Јоскоски, овој напад бил планиран за празникот Митровден кога била слава во селото Царевиќ. Тогаш двајца селани од Царевиќ, Ивче Бекче и Гиче Варџијата, биле испратени во Прилеп да го поканат Булиман на гости. Булиман се нафатил да дојде на гости. Четата на Мирче Ацев поставила заседа во местото „Скршена Глава“ во близина на жандармериската станица кај селото Тројаци. Во четата бил присутен и Глигур Ламе Соколов и како најстар и најискусен комита бил одреден тој да пука во Булиман-ага. Кога наближал Булиман-ага со гавазите на нишан го зел еден млад комита со име Ставре од Демирхисарско, кој не можел да се воздржи, и пукнал. Ставре не бил доволно прецизен и успеал да го убие само коњот на Булиман, а на Булиман му ја скршил ногата. Бидејќи заседата била поставена близу до жандармериската станица, по куса престрелка со гавазите на Булиман ага четата се повлекла. Гавазите го однесле Булиман во Царевиќ, а другиот ден дошол пајтон во селото и го однесол ранетиот силник на лекување во Прилеп.7 Од оваа повреда Булиман останал сакат до крајот на животот.8

По настанот со ранувањето Булиман му го зел целото стадо на семејството на Милан Јоскоски, чиј татко Никола Бошков бил излезен комита. По направената жалба кај мудурот Рустем-бег во Прилеп тој им рекол дека може да го земе стадото, но Булиман се заканувал дека ќе го убие Јоска, вујкото на Милан Јоскоски (по кого од благодарност Милан го зел презимето) кој го чувал стадото. Така пропаднал целиот имот на ова семејство.9
БОРБАТА НА НИКОЛА ПЕТРОВ РУСИНСКИ ПРОТИВ БУЛИМАН АГА
Дека Булиман ага бил голем насилник кој го тероризирал населението од Прилепско, посебно во областа Прекурид, потврдуваат и историските информации за него од првите години на дваесеттиот век. Една од главните преокупации на МРО во Прилепско било токму неговото ликвидирање. На 15 август 1901 година војвода на прилепската чета е поставен Никола Петров Русински и уште со доаѓањето во Прилеп од прилепскиот комитет на организацијата му е наложено како прва задача на четата да биде ликвидирањето на Булиман ага.10 Еве што пишува за тоа Никола Петров Русински во своите спомени: „Булиман беше спахија на осум села во прилепско во 1901 год. По потреба го придружуваше една башибозучка стража со осум и повеќе луѓе, најдобри стрелци и големи катили. Неговите придружници често водеа со себе и две–три кучиња, одеа разделени како претходница, потоа тројца со него во средината и другите во заштитница.“11

Четата на Никола Петров Русински била составена од пет четници, а нејзин курир бил Арсо од селото Беловодица. Овие четници се оние кои останале од првата чета на Мирче Ацев формирана 1900 година. Извесно време пред доаѓањето на Русински, нејзин војвода бил Дедо Андреја од селото Мало Црско, Демирхисарско.
Помошник на војводата Русински му бил Даме Попов12 од селото Долнени, Прилепско, кој учествувал во ликвидирањето на долненскиот полјак и силник Асан Суљо Пушка, заедно со Мирче Ацев во 1900 година.
Другите членови на четата биле Григор Цветков од Селце, Прилепско, Ѓорѓи Сенокозлиев од Прилеп, Никола Бошков од Тројаци, веќе споменатиот Андреја Димитров (Дедо Андреја), седумнаесетгодишниот Коста Брезнишки од селото Брезово и Ванчо Мутавчиев Николов.13
Војводата Никола Петров утврдил дека најдобро место за заседа е бостанот на Булиман ага, кој се наоѓал над селото Царевиќ, крај рекичката што доаѓа откај селото Дрен. За таа цел војводата Русински се пресоблекол во облека на турски војник за да може слободно да се шета и да го следи движењето на Булиман со неговите гавази кои требало да поминат тука. Во исто време војводата требало да им биде и стража на своите другари кои биле распоредени во заседа. Русински направил добра стратегија распоредувајќи ги своите четници на погодни места за напад на побројната дружина на Булиман, но Булиман со дружината не се движел по очекуваниот пат, а двајца од дружината на Русински кои требало да стрелаат од една воденица на реката не успеале навреме да ја забележат дружината на Булиман. На тој начин нападот планиран тој ден пропаднал. Гавазите го забележале преоблечениот Русински во турски војник и никако не реагирале продолжувајќи кон кулата во Царевиќ.14

Прилепската чета на чело со војводата Русински продолжила да го следи движењето на Булиман ага со неговите гавази со цел да собере информации за нивното движење и да подготви заседа за ликвидирање на големиот злосторник. Неколку дена по опишаното поставување на заседа кај селото Царевиќ, Русински разбрал дека Булиман со гавазите отишол во селото Радобил да собира данок од тамошните жители. Во тоа време тој се наоѓал во Прилеп каде што се состанал со тамошните активисти на Организацијата. Го напуштил градот и тргнал во правец на местото на кое се наоѓала неговата чета. Заседата била поставена кај жандармериската станица која се наоѓала на преминот кај селото Плетвар, односно, меѓу селата Плетвар и Беловодица. Денот бил маглив и видливоста била слаба. Седејќи на заземената позиција Русински зел да ја преврзе едната нога која му била заболена, а Дедо Андреја седнат на пет чекори од него со пушката во скутот се нишал како „дервиш во теќе“.15 Тој прв го забележал аскерот кој се појавил на 15 чекори од позициите на заседата. Тивко им прошепотил на останатите од четата дека доаѓа аскер и Русински брзо искомандувал повлекување. Први грмнале пушките од групата на Дедо Андреја и тој со четниците веќе бил на растојание кое му гарантирало безбедност од стрелбата на Турците, а двајца кои биле со Русински без пукање се оддалечиле од местото на заседата нагоре и јужно. Самиот Русински останал последен и бил забележан од аскерот кој припукал на него. „Војската и башибозукот со честа стрелба ме нишанеа и викаа, ’Предај се! ‘ , ’Држете ги! ‘ и др.“16 При пукањето на аскерот Русински бил повеќе пати изложен на смртна опасност, но со вешти маневри, убивајќи и ранувајќи, притоа, неколкумина од турската потера, тој успеал да се извлече без повреди. Од четата никој не бил убиен, ниту повреден.
Од ликвидирањето на Булиман и вториот пат не станало ништо. Место да го дочекаат крвникот со неговата дружина и да го нападнат, четниците биле нападнати од силна турска потера од аскер и башибозук и морале да се повлечат за да си ги спасат главите. Бегајќи од потерата и вешто криејќи ги трагите, четата се повлекла во селото Ореовец кадешто, како што истакнува Русински во своите спомени, организацијата ги имала „најздравите организациони членови во лицето на браќата на П. Ацев.“17 Четниците ги исушиле изводенетите алишта и со движење во цик–цак продолжиле кон селото Крстец, а оттаму кон селото Степанци, Велешко. Таму останале два дена кај тамошниот жител Темелко, кој бил еден од членовите на Револуционерната организација. Како последица од битката кај Беловодица, Булиман се исплашил и неколку дена не се движел во околината, а од селото Беловодица биле затворени седум–осум лица.18
Набрзо по овие настани, истата есен во Прилепско доаѓа Гоце Делчев, кој е во обиколка на теренот и, по престојот во неколку села и во градот Прилеп, со него во Битола заминува и Никола Петров Русински. Русински за себе вели дека не успеал многу да направи за Организацијата во Прилепско, бидејќи тешко се разбирал со Револуционерниот комитет од градот. Според него, во комитетот постоеле разногласија кои придонесле за неколку убиства кои се случиле во тој период.19 Меѓу нив и убиството на учителот Милан Чорбев20 кој бил учител во селото Мажучиште, а за кого Русински нема негативно мислење.

Следниот обид за ликвидирање на Булиман ага го прави војводата Христо Оклев – Попето од Прилеп со неговата чета. Според историските пишувања, Христо Оклев – Попето, веројатно, по налог на прилепскиот околиски војвода Петре Ацев, кој присуствувал на Смилевскиот конгрес, со својата чета оди во близина на селото Никодин, Прилепско и таму подготвува заседа за Булиман и неговата злосторничка дружина.21 Според информациите со кои располагала четата Булиман со дружината требало да помине токму тука, а како што вообичаено јавал на својот коњ пред својата вооружена гарда, четниците и овојпат сметале на тој факт и кога турската група гонители се појавила на местото пред заседата тие припукале и веднаш го убиле првиот во колоната. Среќата повторно му била наклонета на Булиман ага. При овој напад на чело на неговата дружина јавал извесен гаваз кој бил највисок од сите нив и се викал Долг Шериф. Токму тој и бил убиен кога припукале четниците од заседата. Булиман ага јавал на крајот на колоната и тоа на магаре. Кога ги слушнал пукотниците тој веднаш возвратил со пукање од неговата пушка и го убил прилепчанецот Бојан Милчин кој дошол во четата на Христо Оклев – Попето со намера да помогне во ликвидирањето на крвникот Булиман22 од кого на многумина во Прилепско им здодеало. За овој прилепски борец против турските насилници Киро Пунтески, меѓу другото, вели: „… Бојан Милчин беше еден од преданите работници на делото и чесно ѝ служеше на татковината… Тој се здружи со четата на Христо Окле, кој имаше задача да ја ликвидира бандата на Булиман, што долги години палеше и жареше низ Прилепско. Бојан Милчин падна убиен во месец мај 1903 година крај с. Никодин, Прилепско.“23 Убиениот прилепч анец Бојан Милчин е предок на семејството Милчиновци од Прилеп. Од членовите на ова семејство може да се слушне малку поинаква приказна за загинувањето на нивниот предок Бојан Милчин. Според нивното раскажување на денот на нападот на четата на Христо Оклев врз дружината на Булиман ага, Бојан Милчин истапил од своето засолниште и го предизвикал Булиман ага на двобој, но Булиман не се одзвал на ваквиот смел повик, туку пукнал од својата пушка и го убил предизвикувачот на бескрупулозен начин. По убиството Бојан Милчин бил закопан на местото каде што загинал, а подоцна неговата роднина Зака, која исто така, била прилепчанка, исклучително смела жена која шетала вооружена со револвери, ги извадила неговите коски од првобитното место на неговото погребување и ги пренесла во гробиштата во Прилеп каде и денес почива храбриот комита Бојан Милчин.24 Битката се случила на 10 мај 1903 година и во неа учествувале 33 комити, а на страната на Булиман имало 13 Турци.25 Според пишувањето на Георги Трајчев, во споменатата битка со Булиман ага и неговите гавази, лесно бил ранет и војводата Христо Оклев, кој во јуни истата година загинал во борбата во Алинската Корија, кај селото Алинци, Прилепско.26


ГРОЗНОТО ЗЛОСТОРСТВО НА БУЛИМАН АГА
Булиман ага постојано правел злосторства во селата кои му биле дадени како спахилак. Посебно во селата Царевиќ, Дрен, Смолани, Тројаци и Беловодица. Тој собирал данок без да ги почитува пропишаните норми од турската власт и постојано го зголемувал својот имот во селото Царевиќ каде што се наоѓала и неговата кула. Тој се покажал како вистински крвник уништувајќи дури и цели семејства. Како неповторлив пример за злосторство, кое при споменувањето и денес ужаснува и внесува немир во душата, е масакрирањето на семејството Мицковци во селото Царевиќ. Мицковци во селото Царевиќ, според раскажувањето на потомците, на случајно спасените брат и сестра од масакрот, било едно од најбогатите семејства во селото. Тие поседувале ковачница и два дуќани во самото село. Злосторството над Мицковци било направено по поднесувањето на извесна жалба до некоја европска комисија против зулумите кои ги правел Булиман. Масакрот на семејството Мицковци се случил на празникот Св. Илија 1904 година, во местото „Царев Даб“ кога 23 членови на ова семејство биле на жетва.27 Булиман со своите гавази ги масакрирал сите 23 члена на семејството Мицковци само поради тоа што тие работеле на земјата на која Булиман и фрлил око и сакал да ја присвои.28 Иако во Прилепско има голем број примери на грозни убиства од овој период, сличен пример на овој од Царевиќ, речиси, не постои. Според раскажувањето на Радмила Везенковска од Прилеп, ќерка на Марија, која со својот брат се спасила од масакрот, при масакрирањето на семејството Мицковци, злосторниците убиле и една жена, роднина на Марија, заедно со нејзиното мало дете во рацете. Според потомците на Марија, при масакрот биле убиени 9 членови на директното семејство на Марија, а вкупно убиени биле 17. Осум души од убиените биле чичковци, стрини или братучеди на Марија, односно од поширокото семејство. Имајќи предвид дека се работи за голем масакр, со кој е уништено, речиси, цело едно големо семејство, овој настан заслужува многу поголемо внимание. За жал, сознанијата за него се навистина мали. Не се доволно познати ниту мотивите, ниту начинот на кој е уништено ова семејство. Овој настан, сам по себе, сосема го разоткрива крвникот Булиман ага, како личност со монструозен карактер. Неговата крволочност немала граници. По извршувањето на овој грозоморен чин чашата била преполнета и прилепските војводи се решиле со најрадикален чекор да го ослободат народот од Прилепско од ѕверствата на Булиман.

ПОСЛЕДНАТА БИТКА ПРОТИВ ЗЛОСТОРНИКОТ
По масакрот во Царевиќ, прилепскиот војвода Петре Ацев и Шаќир Војвода, кој бил војвода во Мариово, решиле да извршат напад на кулата на Булиман ага во селото Царевиќ, да го ликвидираат крвникот и да го уништат неговиот имот.29 Како што раскажува еден жив сведок на времето и настанот, стариот комита Милан Јоскоски од Тројаци, за напад на кулата во Царевиќ бил избран празникот Св. Мала Богородица, 21 септември 1904 година. Нападот однапред бил добро испланиран и подготвен и во него биле организирани и околните села со селската милиција. Еве како го запишал овој дел од раскажувањето на Милан Јоскоски, Киро Пунтески: – На 21 септември 1904 година (Мала Богородица), Петар Ацев и Шаќир Војвода со поголемиот дел од четите беа кај месноста „Бунарот“ , а татко ми Николе (Никола Бошков, з.м .) со Димо Мрзенец и четири– пет четници отишле кон Царевиќ – да го убијат Булиман. Јас и поголем број селска милиција со околу 200 товарни грла добиток чекавме кај месноста „Ѓурово“ , меѓу Тројаци и Царевиќ. По ликвидирањето на Булиман од неговата кула требаше да го дигнеме целото жито: јачменот и ’ржта да му се разделат на народот, а пченицата и брашното да се чува за четниците по селата.30

Булиман и овојпат имал среќа. Тој не бил затекнат во кулата, бидејќи се наоѓал во Прилеп. На тој начин и овојпат ја избегнал одамна заслужената казна, која му ја одредиле прилепските војводи. Во продолжението од раскажувањето на Милан Јоскоски се вели: „Татко ми со другарите отишле во Царевиќ, но дознале дека Булиман бил во Прилеп, а Осман–ќаја зел ангарија неколкумина селани и три– четири коли, да ја пренесе царевката од нивјето во кулата. Поставиле заседа и го чекале главатарот на булимановиот чифлик, а кога наишол без тешкотии го совладале. Потоа нѐ повикаа нас со добитокот и дигнавме сѐ што најдовме. Не само житото, туку и сета жива стока: над сто овци молзници, 60 товени брави кои ќе ги продавал Булиман за Бајрам, 6 крави, 3 јуници и 4 кобили. (Тие беа протерани и продадени преку Мариово во Мегленско, а со парите требаше да се купат пушки за четите). Ја дигнавме и целата стока од бакалницата на Булиман, освен една канта газија со која ја попрскавме кулата и чекавме додека изгоре целата и сѐ што беше Булиманово околу нејзе. Со тоа засекогаш го снема Булимановиот имот од Царевиќ.“ 31

А Булиман? Дали Булиман исчезнал од прилепската сцена на тиранијата?
НЕИЗМЕРНАТА СРЕЌА НА БУЛИМАН
Иако нема историски податоци за тоа, односно, ние не сме допреле до такви во литературата која ни беше во допир, според она што може да се сретне во историските трудови во кои се споменува крвникот Булиман ага, се добива впечаток дека тој и натаму е дел од тиранијата во Прилепско, зашто уништувањето на неговиот чифлиг и палењето на кулата во Царевиќ во областа Прекурид не значело и крај на неговото присуство во Прилепско. Иако тој имал кула и чифлик во Царевиќ голем дел од времето го минувал во Прилеп. Според едно пишување на Георги Трајчев, „разбојникот“ Булиман во Прилеп поседувал и ан во кој, летото 1912 година, Панче и Дончо од Варош клаваат бомба. Во анот, кој бил наречен „Стариот вински ан“, имало кафеана во која навраќале големите „турски катили“. Бомбата била поставена под столбот до кафеаната за да ги уништи сите Турци зулумџии, но бил забележан запалениот фитил и експлозијата била спречена.32 Кај Трајчев нема потврда дека во ова време Булиман живеел во Прилеп, но тоа е извесно имајќи предвид дека Булиман во Прилеп имал свој ан. Во Прилеп Булиман добивал задолженија од власта, кои се однесувале на потрагата по комитите и комитските чети и нивните врски во прекуридските села.33 Токму со ваквите задолженија Булиман ага им нанел непоправлива штета на голем број семејства од овој крај. Тој во селата од овој крај поставувал свои луѓе кои ги шпионирале активностите на луѓето организирани во Револуционерната организација и со нивна помош им поставувал различни стапици, слично на случајот со Темелко Цуцулов од селото Тројаци, кој бил ликвидиран од гавазите на Булиман.34

Задолженијата поврзани со собирањето на данокот се, исто така, основа за материјално поткраднување на даночните обврзници во овој крај. Неговото самоволие во собирањето на даноците немало крај. Всушност и неговото најголемо злосторство, уништувањето на 23 членото семејство Мицковци кај Царевиќ е поврзано со амбициите за завладување на незаслужен имот, односно, на земјата која ја обработувале Мицковци.

Интересна е реакцијата на Никола Петров Русински во врска со наложувањето од страна на прилепскиот револуционерен комитет да организира ликвидирање на Булиман ага. Имено, тој имал амбиции да ја стабилизира Револуционерната организација и да ги зацврсти нејзините позиции во овој крај со заздравувањето на месните комитети и формирањето нови онаму каде што ги немало. На наредбата за гонење и ликвидирање на Булиман, Русински реагира со предлог тоа да се направи со ангажирање на терористите на Организацијата во Прилеп.35 Одговорено му е дека не постојат услови за тоа и тој е приморан да ја прифати наложената задача. На тој начин тој целата своја активност и енергија ја насочил во правец на извршувањето на наредбата на комитетот за гонење на Булиман и за организациска работа му останало многу малку време.36 Русински се жали на подвоеноста меѓу членовите на Револуционерниот Комитет во Прилеп кај кои владееле различни ставови по прашањата за револуционерната борба и организирање што предизвикало и конкретни чекори, кои штетно се одразиле на Организацијата. Во тој контекст интересни за анализа се убиствата, кои се случиле во текот на 1901 г., на учителите Јован Гагалев и Милан Чорбев, со кои се поврзува и Кадиноселската афера, во која на 7-ми април 1902 г. со самоубиство го завршуваат животот војводата Методија Патчев и седумте членови на неговата чета.
1 Киро Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид (крај на XIX – почеток на XX век), Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), Друштво за наука и уметност, Прилеп 1991, 81.
2 Исто.
3 Исто, 80 – 94.
4 Исто, 83. Киро Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид …, 83.
5 Исто.
6 Исто. Г. Трајчев, Град Прилеп – историско-географски и стопански преглед,Македонска библиотека, Софија 1925, 230.
7 К. Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид …, 85, 86.
8 Г. Трајчев, Град Прилеп, 230.
9 К. Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид …, 86.
10 Никола Петров Русински, Спомени, Институт за национална историја, Скопје 1997, 182, 183.
11 Исто, 184.
12 Исто, 186 и 190.
13 Исто, 190.
14 Настанот го опишува самиот војвода во своите спомени: Н. П. Русински, Спомени, 184, 185.
15 Исто, Спомени, 186.
16 Исто, 187. Според Георги Трајчев, оваа битка се случила во местото „Ќосевите Трла“, Плетварско, кога четата била предадена од извесен Никола кој служел при Булиман, поради што наместо со Булиман и неговата дружина четата се судрила со потерата која била испратена по неа: Г. Трајчев, Град Прилеп, 231.
17 Исто, 188.
18 Исто.
19 Исто, 191.
20 Русински во своите спомени погрешно го пишува името на Милан Чорбев, Атанас.
21 К. Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид …, 89.
22 Исто.
23 Исто.
24 Раскажано од Владимир Милчин. Во семејството Милчиновци се задаржала традицијата на името на загинатиот комита и денес има потомок на Бојан Милчин, кој го носи неговото име. Современиот Бојан Милчин живее во Скопје.
25 Г. Трајчев, Град Прилеп, табела на битки до востанието, 236.
26 Исто, 237.
27 К. Пунтески, Револуционерната дејност …, 91. Г. Трајчев, Град Прилеп, 267.
28 Исто. Кај Георги Трајчев е запишано дека се убиени 16 души од семејството Мицковци.
По малото истражување направено од авторот, во врска со масакрот во селото Царевиќ, беше констатирано дека семејството Мицковци сепак не било целосно уништено. Според раскажувањето на потомци на ова семејство, од масакрот се спасиле девојчето Марија, кое имало 9 години и нејзиниот брат Ристо, кој тогаш бил бебе на околу 2 години и кого го спасила неговата сестра. Марија го зела својот брат Ристо и се скрила некаде во шумата и така двајцата останале да го продолжат потомството на масакрираното семејство. Марија починала 1986 година, на 95 години. Во длабока старост починал и нејзиниот брат Ристо.
29 Киро Пунтески, Револуционерната дејност…, 80, 91.
30 Исто.
31 Исто, 91, 92.
Според извештајот на австрискиот конзул во Битола, од 6 септември 1903 година, нападот на кулата на Булиман-ага (во извештајот Белиман-ага) во селото Царевиќ бил извршен на 13 август 1903 година. (Види: Данчо Зографски, Извештаите од 1903 – 1904 год на австриските претставници во Македонија, Скопје 1955, 124.)
32 Г. Трајчев, Град Прилеп, 284.
33 Киро Пунтески, Револуционерната дејност…, 80, 81.
34 Киро Пунтески, Револуционерната дејност…, 83.
35 Н. П. Русински, Спомени, 183.
„К. Иванов беше неумолив. Ми дојде на помош фактот со убиството на учителот кој падна среде Прилеп од луѓе на Организацијата и му го поставив следното прашање: Зошто прилепската организација не го изврш и убиството на Булиман со терористи од градот пред да се создадат организации во селата, а сега кога повикавте организатор за селата му наредувате прва работа да му бидат убиствата? Ако сум само организатор тогаш ќе си најдете човек од терористите, кој ќе го убие Булиман на излегување од градот (во градот Булиман оди сам), така нема да се засегне селскиот живот.“
36 Исто, 184.