МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ КАЈ ПРИЛЕП ВО СРЕДНИТЕ ВЕКОВИ ИГРАЛ УЛОГА НА ДИПЛОМАТСКО ПРЕТСТАВНИШТВО И БИЛ МЕСТО ЗА ПРЕСТОЈ НА ЦАРЕВИ, ЦАРСКИ ЛУЃЕ И ЦАРСКИ ДЕЛЕГАЦИИ

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп во царските документи поврзани со него бил споредуван со врвните свети христијански места во светот, како Синајската Гора во Египет и Атос на Халкидик.1 Тоа асоцира на значењето што му било давано низ вековите на ова свето место, кое редовно било посетувано и дарувано од цареви и кралеви, како и врвни царски достоинственици и членови на царски семејства. Според некои познати документи и записи, некои од царевите му дарувале на овој манастир богати дарови, како во форма на разни редмети со скапоцени метали и бисери така и имоти на разни места низ Македонија, се до Преспанската област. Еден таков опис на даровите кои му ги дал на манастирот „Трескавец“ се наоѓа во книгата на епископот Данило, „Животите на кралевите и Архиепископите српски“. Во неа, меѓу другото, стои: „… икони божествени со злато опковани и со бисери украсени, кадилници и свеќници златни и со нив секакви црковни потреби, некои не можам да ги искажам по име, неброено количество злато свое тука приложи и многу стада овци ……… и го исполни пресветиот дом со секакво благо.“2

Под „Трескавец“

            Овие дарови, според историчарите, кралот Милутин можел да ги достави при неговите војни со Византија, при евентуалното освојување на Прилеп, до 1298 година, кога е постигнат мир меѓу двете сили. Од друга страна, во преговорите за мир Прилеп не бил споменат, односно, овој град и натаму останал во границите на Источното ромејско царство. Прилеп можел да биде освоен од Милутин малку подоцна, при уште една војна со Источното ромејско царство, односно, во 1308 година. Тоа го потврдува Договорот за соработка на кралот Милутин со Карло Валоа склучен на 27 март 1308 година, кога меѓу градовите и тврдините кои Карло Валоа му ги подарилна Милутин се споменува и Прилеп.3 Можно е во тој временски интервал, од 1298 до 1308 година Милутин да му ги приложил на манастирот Трескавец споменатите дарови, меѓу кои и селиштетот Влчје на Бабуна, како и селото Крпено во Полог со метохот „Св. Никола“.4

            Скапоцените дарови кои кралот Милутин му ги дарувал на манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“, како и на други манастири низ Балканот, меѓу кои и на “Св. Јован Крстител“ на Маникејската Гора над градот Сер, имале посебно стратешко и политичко значење за кралот и неговото кралство.  Всушност, како ктитори на овие манастири, на Трескавец самиот крал Милутин, а на оној на Маникејската Гора кралицата Симонида, која била ќерка на царот Андроник II,5 со нив добивале своевидни дипломатски претставништва6 на територијата на Источното Ромејско Царство, зашто и двата манастири претставувале извесен вид предстражи пред значајните градови Прилеп и Сер. Слична улога играл и манастирот Хиландар на Атос, во кој членовите на царското семејство наоѓале своевидно престојувалиште и прибежиште во определени ситуации. Кралицата Симонида, која била од царско семејство во Цариград, кога патувала да го посети својот татко, отседнувала во манастирот „Св. Јован Крстител“ на Маникејската Гора, а на сличен начин бил користен и манастирот Трескавец кај Прилеп, односно, при честите патувања и посети на Солун царското семејство на Милутин отседнувало во манастирот кај Прилеп, а него го користеле и српските и цариградските пратеници при честите патувања на двете страни.7 Значи, манастирот Трескавец кај Прилеп играл и посебна улога, како претставништво и своевидна резиденција при разните патувања на царското семејство и на

Царот Стефан Душан на западниот ѕид на црквата

пратениците на власта. Ваквата практика била редовна, не само од српските, ами и од другите кралеви од Балканот, особено бугарските и цариградските, чии траги и денес ги среќаваме на разни документи поврзани со овој „великолепен“ манастир.  За ваквите посети и дарувања особени информации добиваме од четирите грамоти на царот Душан, кој Прилеп го освоил во 1334 година, кога ја издал и првата грамота посветена на овој манастир.8 Во грамотите, освен даровите кои му ги дал самиот цар Душан на манастирот, се среќаваат и информации за дарувања на неговите претци, неговиот татко и дедо, но и информации за сличната практика и на други цареви од Балканот, меѓу кои и Андроник III и Михаил IX,9 чии ликови ги среќаваме над влезот на западната порта од манастирот Трескавец.10 За натписот, кој упатува на посета на манастирот од страна на синот на цар Душан, Урош, пишувавме во еден од претходните материјали за овој манастир.11 Во една од грамотите добиваме информација дека дарови на манастирот Трескавец му давал и таткото на цар Душан, Стефан Дечански, а меѓу даровите се споменува и селото Еленешци, кое се идентификува со денешното село Лениште, расположено на 5 километри источно од Прилеп.12

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“

            Значи, манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ бил познат под името„Трескавец“ и во првите векови на вториот милениум. Под тоа име се среќава кај авторите од тоа време, особено, во Грамотите, кои ги издал за овој манастир царот Душан, како и во делото на споменатиот епископ Данило. Царот Душан му посветил дури четири грамоти на манастирот „Трескавец“ со кои ги потврдил старите имоти на манастирот, а му подарил и нови. Во овие грамоти, Прилеп како град, како и манастирот Трескавец се определени со високи епитети. За Прилеп се изразува со определебата, „град глаголемаи Прилеп“, а за манастирот Трескавец пишува: „глаголемое место Трескавец“.13 Познати се дури 4 грамоти од царот Душан посветени на манастирот. Три од нив се однесени во Србија, во градот Белград,14 а една е пронајдена во Софија, Бугарија.15 Според Јован Хаџи Василјевиќ, две од Душановите грамоти во Народната библиотека во Белград однесол познатиот македонски учител и преродбеник, Јордан Хаџи Константинов – Џинот уште во 1852 година.16 Според еден текст на А. П. Стоилов кој, исто така, го посетил манастирот и во врска со тоа изнесува дека имал можност да го разгледа манастирскиот Поменик во кој сретнал запис за грамотите. Во овој запис се споменуваат три грамоти кои, во 1860 година, при едно „испитание за старините на светата ни обител … со општо согласие испратихме три хрисовула: един на пергамент (на кожа) писан, а другите два на книга писани“.Во записот стои дека доколку грамотите станат „нужни“ да му бидат вратени на манастирот. На записот бил потпишан „Игумен папа Христо папа Трајков от село Долгавец“.17

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“

            Две од грамотите, подоцна ги издал Ѓуро Даничиќ во Гласник Друштва српске словесности, кн. XIII, Београд 1861.18 Третата грамота, која во Народната библиотека во Белград била донесена малку подоцна, ја издал Стојан Новаковиќ во Гласник Српског ученог друштва, кн. XLI, Београд 1875, 356 – 361, со констатација дека оваа грамота хронолошки ја претставува Првата грамота.19 Во сите три грамоти, како и во „условно“ наречената четврта грамота, се повторуваат истите имоти, кои ги поседувал манастирот, подарени од постарите цареви, како и од Стефан Душан, со тоа што во некои од нив се среќаваат и новоподарени имоти од поширокиот простор на Македонија. Освен имиња на села и селишта, како и манастири и метоси кои му биле дадени на располагање на манастирот „Трескавец“, во текстовите од грамотите се споменуваат и имиња на тогашни граѓани на Прилеп,како и на други градови низ Македонија. Овде ќе го наведеме само споменувањето на еден прилепски големопоседник Мисинополит, чии деца му го подариле на манастирот метохот „Свети Димитрие“ во Прилеп заедно со нивите, лозјата, водниците, со едно селиште, Кучковјане, со „панагирот“ (пазарот) и со целиот друг имот.20

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“

            Ваквите блиски контакти на голем број цареви и кралеви со манастирот Трескавец кај Прилеп јасно укажуваат и на значењето на градот Прилеп, вочија близина се наоѓа и манастирот, односно, со политичката и дипломатската важност на овој град во поширокиот регион, односно, Медитеранот, како и на неговото културно и цивилизациско ниво. Токму поради тоа, во Прилеп, подолго време, односно, голем број кралеви престојувале за разновидни дипломатски активности, некои од нив, како Самоил, цар Стефан Душан имале свои царски резиденции (дворци), а последните, Волкашин и Марко Прилеп го имале за престолнина на своето кралство.21

 

1 Лидија Славева – Владимир Мошин, Грамотите на Стефан Душан за манастирот Трескавец, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 59, 70, 77 и 78.

2 Животи кралјева и Архиепископа српских, напишал Данило и други, издал Ѓ. Даничиќ, Загреб – Београд 1886, 136-137; српски превод: Архиепископ Данило, Животи кралјева и архиепископа српских, Београд 1935, 103. Лидија Славева – Владимир Мошин, Грамотите, 55.

3 Исто, 56.

4 Исто.

5 В. Мошин, Византиско-српските односи во првата четвртина на XIV век и дипломатот хиландарецот Калиник, Споменици …, 493.

6 Исто, 56, 57.

7 Исто.

8 Исто, 58.

9 Исто, 70, 71.

10 Бошко Баббиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, …, 38. Сашо Цветкоски, Портрети византијских и српских владара у манастиру Трескавцу (UDK: 75.033.2.045.1:929.731 (497.7 Treskavac).

11 Тренчо Димитриоски, Заѕиданата врата вo црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – „Трескавец“ и царското присуство во манастирот, https://www.pelagon.mk/2018/10/20/.

12 Лидија Славева – Владимир Мошин, Грамотите …, 87, 88, 98, 145, 179.

13 Лидија Славева – Владимир Мошин, Грамотите …, 58.

14 Лидија Славева – Владимир Мошин, Грамотите …, 59, 60.

15 Исто, 167.

16 Исто, 58.

17 Исто, 58, 59.

18 Исто, 59.

19 Исто, 60.

20 Исто, 88, 97, 118.

21 Тренчо Димитриоски, Прилеп – град престолнина со царски дворци и епископија, https://www.pelagon.mk/2018/12/23/.