КУЛТУРНО-ИСТОРИСКИ И МИТОЛОШКИ ВРСКИ НА ДРЕВНИОТ ГРАД ТРОЈА И МАЛА АЗИЈА СО ПРОСТОРОТ НА ДЕНЕШНА МАКЕДОНИЈА (3)

ИМИЊА НА ЛИЧНОСТИ ЗАЕДНИЧКИ ВО ОНОМАСТИКАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПРОСТОР И ТРОЈА, ОДНОСНО, МАЛА АЗИЈА

            Ономастиката во делата на Хомер е еден од аспектите, кои се нтересни за анализа и истражување, особено со компарирање на нејзините сличности со некои од поблиските и подалечните простори како и со подоцнежните времиња. На пример, интересно е паралелното постоење на исти географски имиња на островот Крит и во Мала Азија, што се поврзува со преселувањето на извесни етнички групи од Крит во Мала Азија, кои како пандан на планината Ида на островот именувале планина со исто име во Мала Азија во чест на критскиот дом на врховниот бог Ѕевс.1 Токму на падините на оваа планина бил основан и легендарниот град Троја.2 Тоа што во делата на Хомер се среќаваат имиња, кои се карактеристични за македонскиот простор, пак, привлекува посебно внимание. Тоа, особено, се однесува на повеќе лични имиња, кои се карактеристични за ономастиката на македонскиот простор. Еден од главните ликови во Илијада, грабнувачот на Елена од Спарта, кој е познат како Парис, всушност, се вика и Александар.3 Хомер во голем број стихови ги користи и двете имиња за овој лик, но под името Александар (Александро) се среќава на многу повеќе места во стиховите од Илијада на Хомер. Имено, Александар (Александро) е именуван на дури 48 места, а со името Парис на 27.4

Александар – Парис

            Фактот дека ова име е најраспространето меѓу Македонците уште од најстари времиња не може да се порекне. Исто така, тешко е да се порекне и тоа дека ова име е многу ретко или, воопшто, не е присутно на некои простори кои граничат со етничкиот простор на Македонците. Што значи ваквата појава, односно, совпаѓањето на едно име Александар, какво што е второто име на грабнувачот на Елена Тројанска, Парис, кој се лоцира на почетокот на 12 век пред нашата ера, со големиот број Македонци, кои го носат тоа име во антиката, тешко е да се извлече соодветен заклучок. Сепак, самата појава упатува на извесни ономастички, јазични, но и културни врски. Дека во македонскиот простор, односно, меѓу Македонците во антиката имало голем број личности што го носеле името Алаксандар, па и неговата женска форма Александра, може да се потврди, дури, и со површно прелистување на делата од повеќе антички автори, како Херодот, Плутарх, Аријан, Диодор, Павсанија, Страбон и многу други, кај кои ќе се сретнат голем број личности што го носеле името, Александар.5 Доколку се направи анализа, од кој географски простор потекнувале тие, ќе се добие информација дека најмногу такви имиња имало меѓу Македонците, а многу поретко кај некои од народите, кои живееле во нивната околина. Еве, на пример, кај Павсанија среќаваме едно име на поет со име Александар, кој потекнувал од градот Плеурон6 во Етолија, како и еден тиранин од градот Фере7 во Тесалија. И двете овие области се од поблискиот простор на Македонците, што упатува на извесно влијание. Што се однесува до споменатиот поет Александар од Плеурон, тој бил роден 315 година пред нашата ера и бил еден од филолозите, трагичарите и поетите запишан кај македонскиот крал (фараон) во Египет, Птолемеј Филаделф. Интересно е и тоа што, според антички автори, Ајтолците и Акарнанците имале сличен јазик со Македонците,8 што упатува на блискоста на споменатиот поет Александар по јазикот, кој бил од Ајтолија, со Македонците. Што се однесува до имињата Александар кај македонските кралски лози во античкиот период, тие се навистина голем број, а по доаѓањето на Александар Трети Македонски ова име станало уште попопуларно и многу повеќе се применувало. Всушност, со освојувањето на јужниот дел од Балканот, односно на градовите држави, Атина, Спарта, Коринт и другите од тој простор, од страна на Филип Македонски и неговиот син Александар Македонски, македонската ономастика се раширила и на тој простор,9 а по раселувањето на голем број Македонци од страна на Римјаните по битката кај Пидна, македонските имиња се прошириле на многу поширок простор. Се разбира дека македонската ономастика, со освојувањата што ги направил Александар Македонски, како и со владеењето на македонските кралства и империи, кои продолжиле по неговата смрт се проширила на многу поголем дел од светот, сѐ до Индија и Египет.

Реконструкција на градба од градот Троја

            За големото практикување на името Александар потврда имаме и од подоцнежниот римски период, од големиот број епиграфски споменици на кои се среќаваат голем број имиња Александар, како и женската форма од ова име, Александра. Такви имиња се среќаваат на епиграфски споменици од Хераклеја кај Битола,10 од Стибера кај Чепигово, Прилепско,11 Лихнид, Охрид,12 Керамие, Варош, кај Прилеп,13 Достонеј кај селото Пештани, Прилепско,14 споменици од разни места во областа Пелагонија, како и во Мариово,15 но и другите македонски простори. На некои од спомениците со натписи, можат да се сретнат и по неколку имиња Александар, како лично име или како патроним.16

            Да заклучиме: практиката на примена на името Александар има традиција на примена од неколку илјади години пред нашата ера и сѐ до денес тоа е едно од најчестите имиња, кое се практикува во Македонија, но и во поширокиот свет, во Европа, Америка, Азија и во други делови на светот. Како име, може да се земе дека е со потекло од Македонија и Македонците и дека откај нив се раширило, речиси, во целиот свет.  

Дрвениот коњ

            Кај Хомер се среќаваат и други имиња, кои се карактеристични, пред сѐ, за македонскиот простор. Меѓу нив е и името Пелагон, Мигдон, Аписаон, Орест, Менелај, како и женското име Касандра и неговата машка форма, Касандар или Касандро.

            Пелагон е едно од најстарите имиња, кое се среќава во делата на Хомер. Во Илијадата го среќаваме на две места, а притоа едното од нив се однесува на Пелагон (Пелегон), епонимниот јунак на Пелагонците, но и предок на Астеропај, еден од главните водачи на Пајонците во војната за одбрана на градот Троја. Него, во форма Пелегон, го среќаваме на двапати во еден стих во Илијадата.17  Другото име Пелагон, се однесува на извесен воин на страната на војската на Агамемнон против градот Троја, кое се споменува на едно место во стиховите од Илијада.18 Уште едно такво име носи Пелагон, силен воин на страната на Тројанците, кого го среќаваме при еден жесток бој меѓу Тројанците и Аргејците, во кој со копје во колкот бил ранет синот на Ѕевс, Сарпедон, а „еден од неговите мили другари, Пелагон“ го извлекол копјето од неговиот колк и јунакот бил спасен.19 Ова име е основа на прастарата област во Македонија, Пелагонија, која и денес го носи тоа име, а Пелагонците се една од најстарите етнички заедници на Балканот, кои имале свое кралство, можеби едно од најстарите во овие простори. На два споменика, посветени од Атињаните се споменуваат две имиња со презиме Пелагон, од кои едниот е крал, чие име не може да се прочита, а другиот е Менелај Пелагон, за кого има и извесни податоци за следење на дел од хронологијата на неговиот живот.20

            Други две имиња карактеристични за македонскиот и тракискиот простор се Мигдон и Аписаон. Така, во еден од стиховите, Мигдон е карактеризиран како фригијски јунак и е определен како „боголик“,21 со што се нагласува неговата слава и јунаштво. Ова име го среќаваме само на едно место во Илијада, но такво име се среќава и кај други антички автори. Кај Диодор се споменува Мигдон како Фригиец, кој Идајските Дактили (придружници на Големата мајка – Кибела), од Фригија, Мала Азија, каде според митологијата се родиле, ги донесол во Европа,22 односно, на денешниот балкански простор или уште поточно во македонско-тракискиот простор. Мигдон, најпрво, Идајските Дактили ги донесол на островот Самотрака, а бидејќи во тоа време живеел и Орфеј, тој станал нивни ученик и потоа, нивните обреди и мистерии ги раширил на поширокиот простор.23 Ова предание, всушност, говори за времето кога се случила извесна преселба од Мала Азија во Европа, односно, на просторот на денешниот Балкан и пренесувањето на религијата поврзана со споменатите Идајски дактили во новиот простор.

            Според митолошките преданија, Мигдон се викал и кралот на едно племе познато како Бебрици (Бебрики), а него го убил митолошкиот јунак Херакле, кога му помагал на кралот на Пафлагонците, Лик, протов Бебриките.24 Бебриките, пак, според античките автори, биле Фригијци.25 Според епонимот Мигдон, поетите Фригијците ги нарекувале Мигдонци, а самиот Мигдон почивал во „угледен гроб“ во областа Стекторија во Фригија.26 Во македонскот простор, односно во долниот тек на реката Аксиј (Вардар), се наоѓала и земјата на Мигдонците, Мигдонија, а реката Аксиј била граница меѓу нив и Ботиејците.27 Мигдонија достигала и до Егејското Море кај Термајскот Залив.28 Според античката генеологија, Мигдон бил син на богот Арес и нимфата Калитоја, ќерка на Нест, а Мигдон бил и брат На Едон, Бистон и Одомант,29 кои се епоними на етнички заедници со такви имиња – Едонци, Бистонци и Одоманти. Се споменува и син на Мигдон, Короиб, кој бил заповедник на пајонската стража под Троја.30

            Во Илијада од Хомер, како учесници во војната за одбрана на Троја, се споменуваат двајца јунаци со име Аписаон. Едниот од нив се споменува за време на неговото убивање со копје од страна на Еврипил, кое го погодило во желудникот, под срцето и со тоа бил погубен. Овде, Хомер, него го определува како водач, односно, „на луѓето пастир“ и син на Фаусиј.31 Тој е споменат во два стиха, првпат при неговото убивање, а вторпат, последователно, при обидот да му се симне оружјето и опремата, што го спречил Александар (Парис), грабнувачот на Елена.32

            Вториот Аписаон е споменат, исто така, во моментот на неговото загинување, кога  е погоден на исто место како и неговиот претходно споменат имењак, со копје во пределот на желудникот, „под срцето“. Тој е определен на сличен начин, „на луѓето пастир“, но како син на Хипас и со напомена  дека потекнува од „грутчестата земја, Пеонија“, дека „после Астеропај знаел да предничи во бојот“. Откако паднал во бојот, „убојниот Астеропај го пожалил тогаш него“.33

Орест и Ифигенија – мозаик – Musei_Capitolini

                Едно име, кое се споменува во Илијада од Хомер е, особено, интересно за македонскиот простор. Тоа е името на легендарниот Орест, синот на врховниот водач на Ахајците под Троја, Агамемнон кој, според генезата што може да се проследи преку преданиските содржини и текстовите на античките автори, е потомок на Пелоп, како син на Атреј кој, пак, е син на Пелоп.34 Името, Орест, се споменува во четири стиха во Илијада.

            Првиот Орест, кој е определен како „игрокоњиот“, се споменува во моментот на неговото загинување од раката на главниот тројански јунак, Хектор.35  Второто споменување на ова име се однесува на Орест, синот на Агамемнон, кого го споменува кралот и водачот на Ахајците против Троја во еден разговор со старецот Нестор за Ахил и за неговото помирување со кралот.36 Подоцна, во слична комуникација, но сега меѓу Одисеј и Ахил, повторно се споменува Орест, синот на Агамемнон. Всушност, Одисеј му ги пренесува зборовите и ветувањата на Агамемнон на Ахил, а при понудата Ахил да избере една од ќерките на Агамемнон и да му стане зет, следи стих:

„Тогаш биди му зет, како Орест тебе ќе те чести,

Ко својот доцнороденец, во изобилство кој му расте,“37

Орест го убива Егист

            Уште еден Орест се споменува во продолжение, извесен Орест, кој се бори на страната на Тројанците и кој загинал во еден силен напад на тројанските јунаци против Ахајците, кога ги потиснале до нивните шатори и бродовите. Во истата песна, прво се споменува во нападот,38 а подоцна како загинува од мечот на еден Ахајски јунак, Леонтеј.39

            Орест е на разни начини во врска со Македонија. Од митологијата, но и од античките автори е познато името на Орест, синот на Агамемнон, кој за одмазда ја убива својата мајка Клитајмнестра, поради неверството и убиството на неговиот татко, а нејзин маж, кралот Агамамнон.40 Подоцна тој прави големо патешествие за да го најде својот мир и чистење од гревот, па така, на многу места се споменува неговиот гроб или неговите коски, кои често им ги препорачуваат боговите или свештеничката, Питија, од пророчиштето во Делфи на некои од јунаците и кралевите, да ги пронајдат за да им биде пуштен патот кон нивниот успех. Тоа оособено се среќава во делата на Херодот41 и Павсаниј,42 но и кај други автори. Познато е дека, извесен Орест, дошол во околината на македонската престолнина, Ајга и формирал кралство Орестида,43 па според неговото име, постои и посебна етничка група Македонци, познати како Орести.44

Филоксен и Орест во ископините
Филоксен и Орест во ископините

            Во одоцнежните векови, односно во раноантичкиот, како и во римскиот период, практикувањето на името Орест на македонскиот етнички простор е, исклучително, често и се среќава на голем број епиграфски споменици од повеќето антички градови во Македонија, но и на сличните споменици од помалите места.45 Во областа Пелагонија, во делот, кој во римскиот период е познат како Девриоп, интересен е извесен Орест, свештеник и старешина од големиот антички град Стибера, кај селото Чепигово, чие име се среќава и во Хераклеја, кај Битола, Прилепец, кај Прилеп, Граешница, Демирихисарско и на други места, а неговата биста и бистата на неговиот син Филоксен се едни од ретко убавите бисти од првите векови на новиот милениум во овој простор.

Орест и Филоксен
Орест и Филоксен од Прилепец кај Прилеп

            Во Илијада, на многу места, всушност, на стотици места, се споменува и името Менелај,46 кралот на Спарта и братот на Агамамнон, исто така, Атреид и Пелопид, кое е, особено, карактеристично за етничкиот простор на Македонците и има голема примена и во следните векови, сѐ до римскиот период.47 За пелагонскиот големец, Менелај Пелагон, веќе се произнесовме во делот посветен на името Пелагон. Неговата голема примена во Македонија, како и во Спарта, упатува на размислување за културните, историските и етнографските врски меѓу двете етнички заедници во постарите периоди.

            Иако е потребна многу посоодветна и поиздржана стручна анализа на ономастиката, која се среќава во делата на Хомер и е карактеристична за македонскиот етнички простор, овој материјал, ќе го завршиме со едно женско име, Касандра, ќерка на кралот на Троја, Пријам и Хекаба,48 која имала пророчка моќ, но поради еден настан поврзан со богот на пророштвото, Аполон, кој се налутил поради тоа што не му вратила за дарбата, која ѝ ја дал, односно, не го исполнила ветувањето да му се подаде, ѝ плукнал во устата, па поради тоа никој не верувал во нејзините пророштва.49

            Примената на ова име, во Македонија се среќава и како географски поим, пример: полуостровот Касандра на Атос, но и како лично, во женска форма, Касандра, како и во неговата машка форма, Касандар или Касандро и е исклучително често во македонскиот етнички простор во раната антика и римскиот период.50  Името Касандар го носи и еден македонски крал, син на намесникот во Македонија за време на Александар Македонски, Антипатар, кој владее со Македонија од 316 до 297 година пред нашата ера, кој бил зет за ќерка на Филип Втори и за сестра на Александар Трети Македонски.

           

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 477.

2 Исто, 477 – 483.

3 Хомер, Илијада.

4 Исто.

5 Особено е интересен Павсаниј со неговото дело Водич по Елада, во кое се среќаваат исклучително голем број разновидни имиња, меѓу кои и името Александар во кралската лоза на Македонците, започнувајќи од Александар I (498 – 454 п.н.е.).

6 Паузанија, Водич по Хелади, Логос, Сплит 1989, 118.

7 Исто, 295, 456.

8 Наде Проева,  Студии з античките Македонци, Historia atiqua, посебни изданија, Скопје 1997, 94.

9 Исто, 99

10 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiae, Pars II, INS­KRIP­TIONES MACEDONIAE, Ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Sualterus de gryuter, Berolini.Novi Eboraci MIM, 29 – 74, посебно, 35, 49, 59 – 60, 66. Во поширокиот простор на античката облас Линкестида, се среќаваат имиња Александар и на други места кои биле дел о областа, 15 (с. Суводол), 17 (с. Трап), 23 (Беранци), 25 (с. Горно Српци), 28 (с. Долна Бела Црква). За Хераклеја Линкестидска, види и: Весна Калпакоска, Аница Ѓорѓиевска, Животот во Хераклеја Линкестис преку епиграфските споменици, Завод, Музеј и галерија – Битола, Битола 2003.

11 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae,…, 148 – 169, посебно, 154-156, 160, 165 (Александра). Весна Калпакоска, Епиграфските сведоштва за жителите на Стибера, Н. У. Завод и Музеј – Битола, Битола 2004.

12 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae,…, 175 – 203, посебно, 177 (Аминта Александру), 192 (Александру).

13 Исто, 99 – 108, посебно: 103 (Александра), 104 (Александрон),

14 Исто, 92 – 95, посебно: 94 (Александрон), 95 (Александро).

15 Исто, 75 – 137.

16 Исто, 155 – 156, 157 – 159, 160 – 161.

17 Хомер, Илијада, Ц. Ахил го убива Астеропај, стих: 141, во таа форма се појавува и во стих, 159, а во стиховите 152 и 161 се појавува во формата Пелегонов, како патроним за Астеропај, 338. 

18 Исто, А. Двете војски една против друга, стих: 296, стр. 62.стих: 695, стр. 85.

19 Исто, стих: 695, стр. 85.

20 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, Arheološko društvo Jugoslavije, Arheološki muzej–Skopje, 1966, 62, 63. Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 199, 200. Наде Проева, Студии за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5, Скопје 1997, 107. Р. Џ. Елис, Македонскиот империјализам, 356 (белешка 79). Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пела­гонија, Жива антика, IV год., 2 том, Филозофски факултет – семи­нар за класична фило­логија, Скопје 1954, 324. Иван Микулчиќ, Пелагонија …, 73. Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, 80. Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пелагонија, 324.

21 Хомер, Илијада, стих: 186, стр. 45.

22 Диодор Сицилијски, Историска библиотека, Книга V, За митолошките преданија за Сицилија …, 63 – 3.

23 Исто.

24 Роберт Гревс, Грчки митови, 378, 379.

25 Страбон, Географија, книга 7, глава 3.

26 Паузанија, Водич по Елада, 534.

27 Херодот, Историја, Матица српска, Нови Сад 1988, 171, 172.

28 Попрецизно лоцирање и определување на Мигдонците и Мигдонија, види: Елеонора Петрова, Бриги, 149 – 156. Наде Проева, Студии …, 80 – 114.

29 Исто.

30 Елеонора Петрова, Бриги, 149.

31 Хомер, Илијада, Ф. Еврипил ранет од Парис, стих: 578, стр. 181.

32 Исто, стих: 581, 582.

33 Исто, ц. Лута борба за мртвото тело, стих: 348 – 352, стр. 283.

34 Тренчо Димитриоски, Бригиецот Пелоп, Пелопидите и Македонија – митолошко-историски и културни врски (1), (https://www.pelagon.mk/2021/06/13/).

35 Хомер, Илијада, стих: 705, стр. 85.

36 Исто, стих: 142, 143, стр. 136.

37 Исто, стих: 284, 285, стр. 140.

38 Исто, стих: 140, стр. 191.

39 Исто, стих: 193, стр. 193.

40 Роберт Гревс, Грчки митови, 323 – 339.

41 Херодот, Историја, 36, 37.

42 Паузанија, Видич по Елада, 150, 162, 410 (Орест, предмети поврзани со неговото патешествие, места на неговото прочистување од гревот, топоними и слично, се среќаваат на десетици места кај Павсаниј).

43 Страбон, Географија, книга 7, глава 6 – 8 и книга 7, глава 7 – 8.

44 Исто, книга 7, глава 8 – 8, книга 7 – Фрагменти – 16, 20, книга 9, глава 5 – 11.

45 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiae,… .

46 Хомер, Илијада.

47 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiae,… .

48 Роберт Гревс, 480.

49 Исто.

50 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiae,… .