КУЛТУРЕН КОНТИНУИТЕТ СО КОРЕНИ ОД ПРАИСТОРИЈАТА И ОСТАТОЦИ ОД ЖИВЕАЛИШТА И КУЛТНИ ОБЈЕКТИ НА „КАБАЊА“, „КУКУДЕЛИЦА“, „ВРШНИК“ И „СЛИЗГАЈЦА“ ВО ВАРОШ КАЈ ПРИЛЕП – Дел од просторот на стариот град Прилеп –

Трагите на материјалната и духовната култура се присутни на секој чекор на митскиот рид Маркови Кули кај Прилеп, како и во неговата блиска околина. Тоа упатува на долг континуитет на населување, односно, на длабоките корени на населбата, која била расположена на тој простор. Просторот, буквално, мириса на древно минато, на живот и присуство на стара култура. Самото сознание дека се работи за населување со континуитет од илјадници години континуирано до денес претпоставува неисцрпно богатство од материјални податоци и духовни пораки кои се кријат во просторот и во духовното творештво на народот кој го населува и опкружува денес. Комплексноста од времиња и културни материјални остатоци, кои потекнуваат од овој локалитет, како да ги плаши археолозите да се зафатат со создавање сеопфатна археолошка, културна и временска слика на човечкото присуство на неговиот простор. Тој со комплексните содржини, кои се резултат на умствена креација и мајсторство, сепак, претставува вистинска возбуда, која го поттикнува умот и го поткрева духот на секој посетител.

„КАБАЊА“ – ДЕЛ ОД СТАРИОТ ПРИЛЕП СО ПРИСУСТВО НА КУЛТУРА, КОЈА УПАТУВА НА МИЛЕНИУМСКИ КОНТИНУИТЕТ

„Кабања“ - најголемата карпа
„Кабања“ – најголемата карпа

          Еден од помалите локалитети од комплексот Маркови Кули, кој со своите карпести форми и со цивилизациските траги зрачи со мистична привлечност е и делот со големи и искуклени гранитни монолити веднаш над основ­ното училиште во Варош, кој со посебни имиња е поделен на неколку микропростори од гранитни комплекси. Најпрво започнува со т.н. „Кабања“, која ја сочинуваат неколку огромни монолити на кои, исто така, се забележуваат интервенции на човечка рака. Археолошките траги започ­ну­ваат уште во земниот дел под карпите каде што покрај самата училишна ограда се забележуваат траги од ѕидови и мермерни елементи од археолошки потврдената црква Св. Јованкоја егзис­тирала уште во почетокот на 14 век, а на истото место биле пронајдени и ѕидови од постара црква.1 Погоре од неа се издигаат кар­пи­те на кои се среќаваат голем број делкани и длабени форми – остатоци од старите градби, кои биле расположени крај самите карпи или поставувани на камените површини. Во некое поново време карпите над училиштето се кршени за градежен материјал и веројатно дел од археолошките остатоци се уништени. Одземените делови камен му припаѓале на грамадните монолити кои го сочинуваат овој комплекс од карпи наречен „Кабања“. Меѓу жителите на Варош успеавме да дознаеме дека името е поврзано со експлоатацијата на камен, односно, цепење делови од овие грамадни карпи и обработка на камен за градба. „Кабања“ крие голем број тајни поврзани со древното живеење на просторот на древниот Прилеп, кој се наоѓал токму на Маркови Кули и околу него. Трагите на „Кабања“ од древната населба се забележуваат во форма на разновидни фрагменти керамика од повеќе времиња, траги на приспособувани површини по карпите за живеалишта – зарамнети површини, скалести форми, разновидни правоаголни или кружни јами по хоризонталните и вертикалните површини, како и долги канали, кои се елементи од некогашните архитектонски конструкции.

Предниот дел од големата карпа „Кабања“
Предниот дел од големата карпа „Кабања“

          Ваквите културни траги, особено се присутни на горната површина на големите камени монолити на „Кабања“ каде се забележуваат голем број помали длабени форми, за поставување столбови и греди кои, веројатно, биле дел од некогашните конструкции на градбите, кои се прилагодувале според специфичните форми и површини на карпите. Меѓу нив се и поголем број длабнатини во форма на триаголници со полукружно оформени агли на јужниот дел од највисоката површина на Кабања, која била исполнета со извесни конструктивни форми и прилагодена за престој. Тука се и длабнатините во кружна форма кои биле основи за столбови, а една карпа во центарлниот дел на платото на Кабања, од едната страна оформена во вертикален ѕид на североисточниот дел на Кабања очигледно била дел од градба бидејќи, освен формата на рамна вертикална површина, таа има и неколку други делкани форми на највисокиот дел, по работ, на кои стоеле некогашните греди. На малата површина од земја  пред неа се забележуваат и голем број фрагменти керамика – од садови, тегули, имбрекси, како и фрагменти од метални предмети и издробен градежен материјал. На северозападниот дел од платото, една од карпите била оформена да служи како ѕид, а на еден од нејзините агли убаво се забележуваат неколку скалести форми при врвот.

Горната површина на „Кабања“ со карпи прилагодени на архитектонските конструкции

          Освен конструктивните форми по површините на карпите се забележуваат и врежани симболи, меѓу кои и неколку писмени знаци (тешко е да се направи датирање, но веројатно е дека се со постаро потекло, најмалку од средниот век) по површината на големата карпа, која почнува од училишниот двор и стрмно, но со големи мазни површини продолжува нагоре. Вниманието ни го привлече и еден своевиден симбол со кружна форма со пречник од 0,60 м направен со мали кружни и плитки јамички издлабени на кратко растојание една до друга. Овој симбол се наоѓа на југоисточниот дел на највисоката карпа на Кабања, на нејзината горна површина, која зафаќа неколку стотици метри квадратни, од кои дел е земна површина, а поголемиот дел е карпеста површина на повеќе места зарамнета.

Карпа - ѕид на горната површина на „Кабања“
Карпа – ѕид на горната површина на „Кабања“

            Околу карпестата тумба „Кабања“ археолозите констатирале бројни траги од различни периоди. Меѓу другото, во сондите кои биле отворани при ископувањето биле констатиранио наоди од праисторијата и антиката. Според извештаите на археолозите во сондата со бр. 6, која била направена северозападно од периферијата на Варош, непосредно до остатоците од градбата на црквата „Св. Јован“ со димензии: 1,80х4 м биле пронајдени „многу фрагменти од керамички садови од праисторискиот и античкиот период. Покрај овие фрагменти, пронајдени се и три халштатски фибули и четири доцноримски монети.“2

Остатоци од црквата „Св. Јован“
Остатоци од црквата „Св. Јован“

            Во сондата бр. 22, која била направена над училиштето, бил пронајден „глинен под со вкопан питос од раноримскиот период. На длабочина од 1 – 1,30 м наоѓаме поголеми парчиња кршени камења, фрагменти од питос и фрагменти од праисториски, хеленистички и раноримски керамички садови. Во овој слој е пронајдена и една раноримска монета од I век на н.е. со претстава на богот Јанус. Во долните слоеви земјата е интензивно темна и пронајдени се помал број фрагменти од параисториски керамички садови.“

Карпата - ѕид на „Кабања“ со поглед на „Кукуделица“
Карпата – ѕид на „Кабања“ со поглед на „Кукуделица“

            Слични археолошки остатоци се констатирани на повеќе сонди на овој простор и во неговата поблиска околина. Тоа упатува на фактот дека овој дел од Варош бил населен уште во подлабоката праисторија, најмалку во бронзениот период, кој е застапен на повеќе делови на Варош, на повеќе места, како на локалитетот Маркови Кули, така и на други места во неговата блиска околина. Според археолошките сознанија, особено од наодите на фрагменти од керамички садови, на делот на „Кабања“ е констатирано присуство на култура од бронзениот период.

„СЛИЗГАЈЦА“ – ЦЕЛОСНО ОБРАБОТЕНА КАРПА И ВКЛОПЕНА ВО АРХИТЕКТОНСКА КОНСТУРКЦИЈА НА СТАР ГРАДБА

Карпата „Слизгајца“
Карпата „Слизгајца“

          Западно од Основното училиште во Варош, југозападно од локалитетот „Кабања“, десно од асфалтниот пат кој води кон манастирот „Св. Архангел Михаил“ и лево од камената патека, која води кон истиот манастир, теренот располага со земни површини со поблага косина. Во близина на асфалтниот пат, овој дел од Варош располага со еден низок и рамен дел, со извесно блага длабнатина на која се наоѓа и еден стар бунар, Во близина на бунарот има неколку поголеми камени блокови, меѓу кои и еден обработен мермерен блок, со видливи профилирани форми, дел од извесен столб со правоаголен илим квадратен пресек. На западниот дел, во близина на кучите од таа страна, веднаш до асфалтниот пат се наоѓа стар чешма со неколкумкамени корита, од кои едно пголемо и малку настрана од чешмата. Во подѕидоците на чешмата се употребени и неколку мермерни блокови од античка градба, како и еден мермерен споменик со квадратен пресек и со глава во форма на шишарка, карактеристичен за римскиот период.

Врежана основа за ѕид со дел од карпата од јужната страна
Врежана основа за ѕид со дел од карпата од јужната страна

          Во централниот дел на овој простор – меѓу училиштето и куќите од селото, се наоѓа поголема ниска и издолжена карпа, позната како „Слизгајца“ на која, исто така, има бројни траги од минатото време. На неа од долната страна се гледа полукружно измазнет дел долг 2–3 m, пред кого има неколку квадратни метри рамна, малку закосена површина, која на долниот дел, близу до работ на карпата, има подолг канал кој служел како основа за извесен ѕид, како и неколку јами за столбови. Највисокиот дел од карпата претставува широка хоризонтална површина со неколку пониски нивелирани површини. Таа е, речиси, целата обработена, со хоризонтални површини на различни нивоа, со кружни јами, скали за доаѓање до определено ниво, како и неколку правоаголни форми изработени на косиот дел од југоисточната страна.

Форма на карпата од јужната страна
Форма на карпата од јужната страна

          Според раскажувањето на жителите на Варош, во близина на „Слизгајца“, во земниот дел пониско од неа, порано се наоѓал извесен повисок мермерен столб, но пред извесно време тој исчезнал од тоа место.

КАРПАТА ВРШНИК СО УБАВО ОБРАБОТЕН ГРОБ – САМЕЦ НА НЕЈЗИНИОТ НАЈВИСОК ДЕЛ

„Кукуделица“ со дел од карпата „Вршник“ во преден план
„Кукуделица“ со дел од карпата „Вршник“ во преден план

          Само на неколку десетици метри погоре, односно, североисточно од претходната карпа „Слизгајца“ се наоѓа уште еден голем гранитен монолит на кого, при самиот источен раб, се среќава еден гроб со трапезоидна форма.  Крапата носи интересно име, „Вршник“, а гробот е осамен (гроб – самец), многу убаво оформен, со профилирани рабови за поставување извесна надградба или покривање со плоча. Со оглед на позицијата која ја зафаќа, како и квалитетната обработка, може да се претпостави дека тој бил гроб на некој привилегиран предок, жител на стариот град Прилеп. Југозападно од овде, на педесетина метри, се наоѓа црквата Св. Богородица Пречиста, која потекнува од XV век, а погоре од неа покрај стариот пат кој води кон манастирот Св. Архангел Михаил се забележуваат остатоци од античка градба, можеби антички храм кој бил изграден некаде во близина. Еден архитектонски елемент од мермер е вграден на самата ограда од патот и на него се забележуваат профилирани форми. Интересно е дека во помали карпи од десната страна на камената патека, која води кон манастирот „Св. Архангел Михаил“ има делкани форми кои личат на некој вид камари, или седишта, но јасно е дека се остатоци од основи врз кои се надградувале извесни ѕидови од некоја стара градба.

„КУКУДЕЛИЦА“ – ФАСЦИНАНТНА КАРПА СО ГОЛЕМ БРОЈ АРХЕОЛОШКИ И МИСТИЧНИ СОДРЖИНИ

„Кукуделица“ од југ

Над целиот досега опишан дел од Маркови Кули се наоѓа еден карпест комплекс, кој грамадно се извишува со својата искуклена форма, а при врвот, ГЛЕДАНО ОД ЈУГ, има изглед на птица со клунот свртен кон небото. Овој грамаден карпест комплекс, особено се истакнува со содр­жи­ните со кои располага како и со мистиката која зрачи од него. Тој мо­же­би носи и едно од најспецифичните имиња на поширокиот локалитет, кое крие нагласена патетика. Тоа е името „Кукуделица“, кое асоцира на искуклената фрома, но и на своевидна патетичност и мистичност. Започнува со една голема карпа на почетокот, која има специфична форма, особено, гледана од јужната страна. Од нејзината северна страна води пат, токму крај неа, кон просторот над неа, кој е преполн со културни траги од раз­лични времиња. Според забележливите траги од делканици по карпестата патека, може да се заклучи дека таа е приспособувана за приод кон пови­со­ките делови на овој микропростор, уште во некое далечно време. Трагите од различни обработувања на карпите се присутни и по карпите од десната страна на патеката. Всушност, почнувајќи оттука, карпите кои се расположени на угорнината располагаат со поголем број гро­бови издлабени во карпа, траги од некогашните столбови и греди на градбите, кои на местото на гробовите биле во некое поранешно или подоцнежно време и сл.

„Кукуделица“ од југоисток
„Кукуделица“ од југоисток

          На самата карпа, според која целиот комплекс го добил патетичното име „Кукуделица“, има неколку форми на задлабени корита, кои веројатно биле почивалишта на стари жители на Прилеп, а одејќи нагоре трагите се сè почести. Веднаш после оваа карпа се наоѓа една поголема пештера, која се наоѓа на пониско ниво на теренот лево од патчето што води кон погорните површини, закрилена со карпи. На горната површина на карпите кои ја градат пештерата се наоѓаат неколку помали јами, очигледно работени од човек, а малку понатаму се среќава и еден гроб издлабен во карпа, кој се одликува од поголемиот број слични гробови на Маркови Кули со уште едно придружно корито кое, веројатно, служело за принесување дарови на погребаниот. Слични наоди можат да се сретнат и по другите карпи на „Кукуделица“. Уште погоре, на една помала зарамнета површина се наоѓаат повеќе карпи со дамнешни траги од човечка интервенција. Овде, се чини, посебно внимание заслужуваат остатоците од непознат живопис на влезот од еден поголем простор меѓу карпи, кој има бројни културни траги, кои упатуваат на дамнешна експлоатација, односно, на остатоци од стара култура. На повисокиот дел, меѓу карпите, на стотина метри северозападно од „Кукуделица“, на местото познато како „Варосан Камен“, се наоѓа еден интересен цртеж во ниша за кого пишувавме порано.

1 Б.Бабиќ, Материјалната култура на Македонските Словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп, Институт за истражување на старословенската култура, Прилеп 1981, 133. “На источната страна ѕидот (на црквата Св.Јован, з.м.) е прилепен до западната фасада на постарата црква”.

2 Исто, 87. 3

Исто, 91.