ГРАДИШТЕ – СВЕТИОТ ВРВ НА ДИОСКУРИТЕ МЕЃУ СЕЛАТА КОКРЕ И ПЕШТАНИ ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО

Врвот Градиште се наоѓа меѓу селата Кокре и Пештани во Мариово, на околу 25 км од Прилеп. Тој е висок 1316 м и претставува огромна карпа во форма на купола, која потсетува на небесната капа, симбол поврзан со Диоскурите, чии капи, пилеи (пилеус) се нивни основни атрибути. Токму на овие двајца божествени браќа–близнаци, од кои едниот е бесмртен бидејќи е син на Леда и Ѕевс, а другиот смртен, бидејќи е син на Леда и нејзиниот сопруг Тиндареј,1 се однесува и еден натпис на надгробен споменик изработен во мермер, стела псеудо–едикула на Дисокурите. Тој е пронајден на локалитетот Градиште кај селото Кокре,2 каде бил принесен во светилиштето на врвот посветено на Диоскурите, смртниот Кастор и бесмртниот Полидевк. Стелата е дар од од првенците на големата населба со градски карактеристики, Достонеј, која се наоѓал од источната страна на врвот, во близина на денешното село Пештани. Во натписот се споменуваат имиња од старешинското семејство на Достонеј, Севери, Нике Аполонија, Јулиј Север (ова име се среќава и на натписи на други споменици од Достонеј, како своевиден старешина – примипил), како и уште еден член на истото семејство, Валериј Север.3

Врвот Градиште откај селото Калена на диоскурите пронајдена на овој локлитет

Овој споменик во мермер, со посветата во натписот е своевидна потврда на светоста на овој фасцинантен планински врв. Тој е доминантен во околниот простор и го привлекува вниманието на големо растојание. На терасестите површини од југоисточната страна се среќаваат траги од населба од постари периоди, а во доцната антика тука било изградено силно утврдување.

Диоскурите - близнаци, Кастор и Полидевк (Metropolitan Museum of Art)
Диоскурите – близнаци, Кастор и Полидевк (Metropolitan Museum of Art)

Божествените близнаци, Кастор и Полидевк, се родиле во семејството на спартанскиот крал Тиндареј и неговата сопруга Леда. Според митолош ката приказна, Леда ги родила Кастор и Клитајмнестра, кои биле зачнати со нејзиниот сопруг Тиндареј, а во исто време ги носела Полидевк и Елена, кои биле зачнати со врховниот бог Ѕевс.4 Елена е познатата жена, која била причина за десетгодишната Тројанска војна, сопруга на спартанскиот крал Менелај, од кого ја грабнал тројанскиот принц Парис (Александар).

Надгробната плоча (псеудоедикула) со претстава на Диоскурите, која потекнува од Градиште
Надгробната плоча (псеудоедикула) со претстава на Диоскурите, која потекнува од Градиште

Раширениот култ на Диоскурите во просторот на Македонија е потврден на многу места, преку натписи на кои се споменуваат и преку претстави на релјефи или слики. Нивна претстава е присутна и на монетите кои ги ковал градот Пелагонија, кој бил центар на Македонија Четврта од 168 до 148 година пр. н.е.5

Врвот Градиште со култната карпа и мермерната плоча со претстава на диоскурите пронајдена на овој локлитет
Врвот Градиште со култната карпа и мермерната плоча со претстава на диоскурите пронајдена на овој локлитет

Култот на Диоскурите, на своевиден начин е потврден и на еден натпис на столб од селото Кокре, на кој се среќава име Диоскурид, чија ќерка Александра, која се наоѓала во престолнината на Македонија, Пела, овој споменик, во чест на своите родители го посветува на божицата на ловот, заштитничка на девиците и родилките, Артемида.6 Близината на овој споменик со локалитетот Градиште и култниот врв со форма на купола, упатува на фактот дека овој врв бил седиште на повеќе божества, односно претставувал вистинско светилиште со големо значење за жителите на околните населби, кои му посветувале големо внимание.

Градиште од југ
Градиште од југ

Особено била значајна врската со големата градска населба Достонеј, која била центар на областа во првите векови на римското владеење. Фактот што на просторот на кој била расположена таа денес поседува траги и од праисторијата, особено од бронзеното и железното време, не наведува на препоставката дека врвот Градиште има многу подлабоки корени на сопствената култност. Дури и денес, од локалитетот Пештера, на кој бил расположен градот Достонеј, до локалитетот Градиште, води патека, која наместа зачувала траги од стари подѕидоци и калдрма, кои упатуваат на старата врска меѓу Достонеј и Градиште.

1 Роберт Гревс, Грчки митови, 197 – 202.

2 Inscriptiones Graecae, …, 92. Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, Македонско наследство, број 28, Скопје 2006, 63 – 67.

3 Исто.

4 Роберт Гревс, Грчки митови, 197 – 202.

5 Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, 64.

6 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба …, 210.