ТВРДИНАТА „МАРКОВИ КУЛИ“ КАЈ СЕЛОТО КАЛЕН, ПРИЛЕПСКО И ТРАКИСКИОТ КОЊАНИК

Селото Кален се наоѓа на околу 20 km источно од Прилеп, на околу 1 km лево од патот за селото Витолиште. Највпечатливиот локалитет во атарот на селото Кален се наоѓа од неговата североисточна страна, на растојание од околу 500 м. Тоа е локалитетот „Маркови Кули“, кој претставува голема карпеста тумба со рамнина на горниот дел, на која има остатоци од стара тврдина. На делови од тумбата јасно се забалежуваат грамади од камен и остатоци од ѕидот на тврдината. Ве средишниот дел се среќава и една помала исправена карпа со мал издлабен сад на горната површина. Овој објект, веројатно имал извесно култно значење, лоциран приблишно во средината на утврдениот дел, како своевиден центар. Во укрепувањето на тумбата биле искористени и карпите кои го заштитуваат нејзиниот горен дел од јужната страна, а од северозападната страна биле изградени дебели ѕидови со широчина од 1,5 м. Освен ваквите наоди, на површината на тумбата, како и на нејзините падини, се наоѓаат значителни количества керамика, и тоа фрагменти од керамички садови, питоси, градежна керамика и сл. според која археолозите ја датираат оваа населба со тврдина во рановизантискиот период, односно доцната антика (IV–VI век), а која продолжила да егзистира и во средниот век, кога била обновена1.

Локалитетот Маркови Кули (Градиштето) од југ со „Градиште“ кај селото Кокре
Локалитетот Маркови Кули (Градиштето) од југ со „Градиште“ кај селото Кокре

Според извесни археолошки наоди, односно, фрагменти од керамички садови, има индиции дека тумбата крие култура уште од железното време кога е веројатно дека, исто така, била утврдена.

Локалитетот Маркови Кули (Градиштето) од страната на селото 2
Локалитетот Маркови Кули (Градиштето) од страната на селото 2

Дека во доцната антика на овој простор егзистирала населба, потврда можат да дадат и остатоците од ранохристијанска црква на локалитетот „Црквиште2, кој се наоѓа на околу 1 км од „Маркови Кули“, односно на 600 м северно од селото. На површината на овој локалитет се наоѓаат остатоци од стара градба, која била градена со камен и малтер од вар и од која остатоците од источниот ѕид се забележуваат во должина од 4,6 м, а од јужниот 5,5 м. Во околината на оваа градба има грамади од камења, некои делумно обработени камени блокови, дел од мермерна плоча и сл.

Висока грамада од камен - дел од ѕидот на тврдината
Висока грамада од камен – дел од ѕидот на тврдината

На површината на карпите на локалитетот „Маркови Кули“ кај Кален, се наоѓаат и разни издлабени форми по карпите, работени со одредена намена, главно за столбови и греди за некогашните конструкции на градбите на населбата. Имајќи предвид дека керамиката се наоѓа и на поширокиот простор околу тумба, посебно од нејзината јужна и од западната страна, дел од населбата, веројатно бил и надвор од тврдината, по падините на тумбата.

Фрагмент од мермерен споменик - тракиски коњаник
Фрагмент од мермерен споменик – тракиски коњаник

Во околината на селото Кален се среќаваат и бројни културни остатоци од римскиот период, посебно во форма на мермерни споменици со релјефи, како и со натписи. Дел од ваквите споменици се пронајдени на локалитетот „Грамаѓе“, кој се наоѓа на 500 м северно од селото, лево од патот за селото Кокре. На овој локалитет се пронајдени делови од мермерни плочи со релјефни претстави и натписи, а освен тоа се регистрирани и траги од некропола од која потекнувале и мермерните споменици, но и грамади камења од стари градби, како и керамички фрагменти со потекло од римско време.

Култната карпа во средината на утврдениот дел 2
Култната карпа во средината на утврдениот дел 2

Мермерни споменици од римското време се наоѓаат и во црквата „Св. Спас“, во која како сполии се вградени 4 мермерни блокови од надворешната страна на западниот ѕид и 3 во источниот. Една мермерна плоча е искористена за правење на Чесната трпеза во олтарот.

Локалитетот Маркови Кули (Градиштето) од страната на селото 3
Локалитетот Маркови Кули (Градиштето) од страната на селото 3

Во атарот на селото Кален се пронајдени и други мермерни споменици кои денес се наоѓаат во Музејот на Македонија во Скопје. Таму се наоѓа и еден пронајдок на т.н. „тракиски коњаник“, но во оштетена форма. На мермерна плоча со димензии 0,38 м висина, 0,27 м ширина и 0,04 м дебелина, се гледа предниот дел од коњот и јавачот без главата, бидејќи тој дел од плочата е откршен3. Дека се работи за „тракиски коњаник“ нè упатува присуството на куче и вепар на плочата, кои се редовно присутни на сличните култни претстави. „Тракискиот коњаник“ е многу раширен култ на просторот на Прилеп и пошироката околина, што упатува на извесно култно третирање на оваа претстава на коњаник. Не е познато на кој бог му припаѓа ваквата претстава, но едно е сигурно. За Тракијците од Илијадата на Хомер се знае дека биле многу добри коњаници и имале убави и расни коњи како ретко кое друго племе на Балканот и пошироко. Така познат е делот од Илијадата во кој јунаците Одисеј и Диомед му ги одземаат најубавите коњи на водачот на Тракијците под Троја, Рес и убиваат 12 тракиски војници. А за коњите на Тракијците, еден од Ахајците, Долон, вели:

Ако милувате веќе да зајдете в тројанска војна,

в крај се Трајкиците онде, што последни дошле од сите,

Сред нив и царот Рес, законитиот син Ејонејев.

Тој има прекрасни коњи, најголеми, колку сум видел,

бели ко снег, кога трчаат пак, на ветар прилегаат.4

Споменик од мермер со релјеф - мошне оштетен
Споменик од мермер со релјеф – мошне оштетен

Дали култната слика на „тракискиот коњаник“ е следствена на убавите коњи кои ги негувале Тракијците, тешко е да се каже. Зашто очигледни се и другите претстави на неа, како коњаник кој веројатно претставува извесен бог заштитник или хероизиран јавач, како и кучето и вепарот кои потсетуваат на лов. Можеби токму високото достигнување во одгледувањето коњи, како и врвната умешност во нивното користење во лов и други активности во кои коњот заземал значајно место, се во директна врска со култот на „тракискиот коњаник“, кој го среќаваме, меѓу другото, и во селото Кален. Се разбира, ваквата претстава може да значи и извесно персонифицирање и претстава на некој од древните богови поврзани со митологијата на овој дел од Балканот. Толкувања дека се работи за посебен бог постојат од страна на научниците. Така, на една претстава на „тракискиот коњаник“ пронајдена на една мермерна плоча во околината на Врање, има и натпис на кој се споменува извесно име ТАТОНИПАЛ5, кое би можело да е името на „тракискиот коњаник“, односно на богот претставен со него. До денес не постои релевантно поврзување на оваа култна слика со некој од познатите древни богови на просторот на Балканот. Научниците, дури сметаат дека оваа слика на свој начин била користена како дар за боговите6, кои треба да се смилуваат за постигнување одредени цели на луѓето, но тоа, сепак е на ниво на претпоставка. Едно е сигурно: „тракискиот коњаник“ е многу честа појава на просторот на Македонија и неговата култност на овој простор во древните времиња не треба да се спори. Фактот дека Тракијците и Македонците биле во непосреден допир и дека имаат голем број блискости во културата, исто така треба да се има предвид. Посебно што и двете племиња се со стари корени на овој дел од Балканот.

Фрагмент од надгробен споменик со релјеф
Фрагмент од надгробен споменик со релјеф

Од селото Кален потекнуваат уште две мермерни плочи кои претставуваат делови од надгробни споменици. На едната од нив се претставени дури 14–15 лица во два реда во анфас, а другата содржи калкан со орнамент и едикула (врамен дел) во кој се претставени еден коњаник пред кој се наоѓаат една жена и еден човек7.

ФРАГМЕНТИ ОД КЕРАМИЧКИ САДОВИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „МАРКОВИ КУЛИ“

[1] Археолошка карта на Република Македонија..., Лилјана Кепеска, Задна Река Грмајте, Завод за заштита на спомениците на културата , природните реткости и Музеј – Прилеп, Прилеп 1995, 12.

2 Археолошка карта…, (Б.К., Л.К., К.К.)

3 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, 1391, 156, слика бр.397.

4 Хомер, Илијада, 186, X песна, стих 433–437.

5 Ѓурѓе Бошковиќ, Прилог проучавању „трачког коњаника“, СТАРИНАР VII–VIII, 1957, 160.

6 Исто, 161, 162. Бошковиќ претпоставува дека ликот на коњаникот го симболизира самиот молител кој им се обраќа на боговите за милост. 7 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, 1931, 156, слика бр.398 и 399.