КАРПА СО КРСТОВИДНИ ФОРМИ СО БОЈА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПАПРИШТЕ“ ВО ЗАГРАД КАЈ ПРИЛЕП
Во една длабока долина на Заград, на околу 5 км западно од Варош кај Прилеп, која влегува во полите на планината Бабуна, под Црвени Стени, на повисокиот дел, со зелени падини, на профилот на една поголема карпа, во ниша со неправилна елипсовидна форма се среќаваат три симболи со различни крстовидни форми. Освен крстовите, во долниот десен агол на нишата, се среќава и мал обработен дел, со мала платформа. Карпата се наоѓа на локалитет со археолошки остатоци од помала населба од римскиот период и доцната антика. На падините на Паприште, кое еден помал дол го дели на два дела, се среќаваат делови со остатоци од ѕидови, подѕидани тераси и сл., како и фрагменти од градежна керамика и од керамички садови.

Очигледно е дека на овој локалитет се среќаваме со остатоци од завидна материјална култура – од архитектонски конструкции, оградни ѕидови, подѕидани тераси на теренот, фрагменти од керамички садови и сличен археолошки материјал. Во подолниот дел од долината има најмалку два винарници во камен, како и слични обработени делови по карпите. Долината влегува длабоко во планината, под грамадните карпи од локалитетот „Црвени Стени“ заокружена со краци од планината, на кои се издигаат бројни искуклени форми од карпи, кои на целиот простор му даваат специфична мистика. Самата диолина, скриена во полите на планината создава простор со интимна атмосфера и привлечност, а поголемиот број извори, меѓу кои и такви со поголема издашност на вода уште повеќе го збогатуваат и така содржајниот простор.

Токму во ваков простор, на една природно мистична карпа, со природна ниша со неколку делови од нејзината југоисточна страна, се соочуваме со трите погореспоменати симболи. Симболите се крстовидни со различни форми, а во една од нишите се забележува и интервенција со извесен алат, која упатува на дополнителна конструктивна содржина.

Според она што може да се забележи од положбата на овој култен објект, односно од позицијата која ја зазема на просторот во кој се среќаваат другите споменати остатоци на материјална култура, неминовно е да се констатира дека се работи за извесна културна целина. Во неа објектот, односно карпата со симболите, играл улога на своевидно светилиште за луѓето кој го користеле ова исклучително место. Во контекст на погореизнесеното, мораме да истакнеме дека локалитетот со споменатите содржини се наоѓа во близина на локалитет со исклучително богата материјална култура – населба со некропола и други археолошки остатоци во исклушителен природен амбиент, која во извесен период играла особено значење за градот Прилеп.
Трите крстови се наоѓаат на десната половина на крајната ниша од десната страна на карпата Најголемата ниша со симболи од десната страна на југоисточниот профил на карпата Најголемиот крст зазема позиција кон средината на нишата