КАРПА „ПИСАНА“ – МЕГАЛИТ СО КРСТОВИ И ЖИВОПИС КАЈ СЕЛОТО ЖИВОВО, ПРИЛЕПСКО

Карпата „Писана“ се наоѓа на околу 1000 м северозападно од селото Живово, на околу 60 км источно од Прилеп, од десната страна на патот кој води за селото Врпско. Таа е своевиден менхир со височина од околу 2 м, широчина од околу 1,8 м и дебелина од околу 0,80 м од травертин, вертикално исправена. Свртена со двете големи површини во правецот север – југ таа на нејзината површина од јужната страна има неколку издлабени крстови со краци кои завршуваат со по три помали кракчиња. Некои од крстовите се и обоени со керамидеста боја. На средината на јужната површина има и две елипсовидно издлабени јами, од кои горната е поголема, а долната помала. Крстовите се со различна големина, а најголемите имаат кракови со должина и до 0,30 м. За неа се раскажува предание поврзано со некоја стара жителка на Живово, која несреќно завршила кај карпата „Писана“.

Мегалитот „Писана“
Мегалитот „Писана“

Во старо време, кога селото Живово било полно со луѓе, една вечер некаде во еден од селските дворови седеле група жени и предејќи на фурки и вретена разговарале за разни работи. Од муабет на муабет ја споменале и карпата Писана. Една од жените, која се викала Писана, сакајќи да искаже голема храброст и да покаже дека не се плаши од темницата, ниту од карпата над селото, која се сметала за света се обложила дека сама ќе појде до неа во темницата и ќе се врати оттаму. Другите жени се мајтапеле со неа подбуцнувајќи дека се плаши и дека само се фали дека ќе појде до карпата. Писана цврсто решила и со фурката тргнала по патот кон карпата. Било договорено како доказ дека пошла до карпата крај неа да ја остави забодена во земјата својата фурка. Писана навистина дошла до карпата и зела да ја закачува фурката во земјата крај неа. Наведната при закачувањето на фурката таа во темницата не забележала дека со фурката го закачила едната пола од својата гуна (или фустанот), та кога се обидела да се исправи за да тргне назад не можела тоа да го направи. Ја фатил силен страв бидејќи помислила дека ја држи некоја непозната и опасна сила. Од силен страв Писана умрела на самото место, та кога другите долго чекајќи ја да се врати, дошле да ја побараат и ја нашле умрена крај карпата со закачена една пола од нејзината гуна со фурката, која била забодена во земјата. Поради трагичниот настан со жената (или девојката) Писана карпата била наречена според нејзиното име, а така се вика до ден денес.[1]

Мегалитот „Писана“ од поблиску
Мегалитот „Писана“ од поблиску

Датирање: Овој мегалит е тешко да се датира. Сепак може да се претпостави дека корените на неговото култно третирање и обликување во денешната форма треба да се бараат во праисториските периоди, а во христијанскиот период е извршено негово „присвојување“.

Јужниот профил на карпата „Писана“
Јужниот профил на карпата „Писана“

Белешка: Кај дел од жителите на Живово (денес во селото е сосема напуштено) и Витолиште владее мислење дека на карпата има изгравирана форма на жена со фурка, поради што местото го викаат и „Фурката“. Локалитети со слично име (Писана, Писаник и сл.) има уште на неколку места во Мариово и, речиси, сите се поврзани со некаков мегалит или карпа со култни белези. – По 2000-тата година, некои трагачи по скриени богатства мегалитот го оштетиле со чукање со тврд предмет, сакајќи да скријат некои „траги“ кои им се познати само ним. Притоа оставиле видливи трага на профилот на карпата, а особена штета му нанеле на живописот, чии траги и денес се забележливи. Имено, на централниот дел од јужниот профил на карпата, во полето кое е опкружено со крстови имало извесен живопис со извесна претстава за која се вели дека претставувала жена која преде со фурка и вретено. За жал, денес, не може да се евидентира ваква претстава.



[1] Т. Димитриоски, Древна цивилизација II …, 63 и 64.