СКАМЕНЕТИОТ УБИЕЦ CO ПУШКА ОД ЦРКВАТА „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ – „ТРЕСКАВЕЦ“ КАЈ ПРИЛЕП

Едно предание, кое и денеска живо се раскажува за манастирот „Трескавец“, меѓу прилепчани и околината на Прилеп, особено, меѓу жителите на Варош, во себе содржи сценски конструкции, како од извесна театарска претстава. Тоа е преданието за извесен неуспешен убиец на свештеник во црквата „Св. Успение на Богородица“ кое се случило во некое древно време. Убиецот се обидел да го убие извесниот свештеник за време на неговата служба што ја извршувал качен на малиот внатрешен чардак на северниот дел на црквата. Тој се обидел, со пушката, да пука преку некаков отвор над вратата за влез во главната просторија на црквата од надворешната страна, но во тоа замешал прсти самиот Господ и на самото место го скаменил убиецот.

Цевка од пушка од внатрешната страна на западниот ѕид на црквата
Цевка од пушка од внатрешната страна на западниот ѕид на црквата

Скаменетата фигура на убиецот и денес може да се види од надворешната страна на вратата за влез во главната просторија на црквата која претставува горен дел на некоја мермерна скулптура, од која, од другата страна, внатре во самата црковна просторија, вперена во малото чардаче, стои цевка од стара пушка. На тој начин, целата композиција изгледа како цевката да е во рацете на скулптурата од мермер на која, од надворешниот дел на ѕидот, ѝ се гледа рамото и грбот во положба за пукање. Колку преданијата и да изгледаат неверојатни, зад нивното перде од мистика, сепак, се кријат некои автентични настани кои предизвикале создавање такви духовни содржини кои се дел од живеењето со древни традиции и култура каква што е македонската. Во нивната основа, сепак, се забележуваат и материјални основи какви што се предметите и местата на кои се однесуваат тие. Се разбира, слепото верување нема да не одведе никаде и најчесто преданијата треба да се сфатат како дел од големото богатство на народниот творечки дух. Во нив во најмала рака можат да се забележат извесни предупредувања и упатства поврзани со живеењето во минатото, но и за идното живеење. Некои од нив со сценските прикази кои имаат автентична материјална подлога се и поттик за научни и воопшто творечки активности кои од своја страна можат да доведат до нови моменти и збогатување на содржините. Во најмала рака, преданието за скаменетиот убиец со својата приказна упатува на скулптурата чиј дел е вграден во црквата во манастирот во Трескавец, која, очигледно е дело на некој стар антички мајстор што од своја страна наведува на размислување дека на овој простор кој има прастари корени на култност во древните времиња се создавани голем број на слични дела кои можеби и денес, сè уште, лежат под земјата.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“