БРЕСЛИНКА И ПРШЛИНКА ОД РОДОТ Prunus

Два вида растение – расте во карпести предели, особено на ридот Маркови Кули кај Прилеп.

Лисја и плодови од бреслинка 1

БРЕСЛИНКА

Едното од двете растенија, кои припаѓаат на родот на сливите, со латинско име Prunus, жителите на Варош го нарекуваат Бреслинка, расте и до десетина и повеќе метри височина, често и со широко разгранета крошна, со корен до дебелина при основата од 0,30 до 0,40 м. Цвета рано напролет и има мали топчести плодови, поголемиот дел тврда материја – коска, со тенок месест слој, кој по зреењето има кафена боја и е мошне вкусен, со сладок вкус.  Лисјата му се со елипсовидна форма, со голем број запци по рабовите и нагласено шилест врв. Бојата на лисјата им е отворено зелена, а плодовите, по зреењето имаат кафена боја. Ова дрво расте, по целата површина на Маркови Кули, особено на јужната и југоисточната страна, што укажува на фактот дека ова растение има потреба од сончева светлина и топлина. Тоа се закоренува меѓу грамадните карпи, во карпестите процепи и на слични места по ридот.

Гранка од пршлинка со зелени плодови 1

ПРШЛИНКА

Вториот вид, кој жителите на Варош го нарекуваат Пршлинка, е мошне сличен со првиот, но со голем број особености. Тој има релативно помало стебло, кое може да достигне 7–8 м височина и дебелина при основата од 0,20 до 0,30 м, има потемна боја на кората, ливчињата му се со темна зелена боја, по големина, речиси половина од неговиот, претходно опишан, сродник, со ромбоидна форма, но поблиска до кружна. Големината на плодот му е слична, со дијаметар од  околу 5 мм, но со темна, речиси, црна боја по созревањето. Вкусот на плодовите им е сладок и особено пријатен. Присутно е во сите простори, во кои расте и Бреслинката.

Двата вида се најраспространетите растенија на ридот Маркови Кули и според нашите сознанија е едно од ретките места каде тие успеваат. На Ридот Маркови Кули кај Прилеп често се напаѓани од дрвокрадци и со тоа изложени на намалување и уништување. Засега нема, речиси, никаква заштита.